Букурешт: 100 години подоцна

Со договорот од Букурешт од 10 август 1913 година, е нанесена најголемата неправда што може да му се нанесе на еден народ, на една држава. Македонија беше поделена помеѓу балканските држави Србија, Бугарија и Грција. Интересен е фактот што овој договор беше потпишан со “амин” на големите сили, кои не гледајќи ја судбината на еден народ, исцртаа нови граници на Балканот, а македонскиот народ остана поделен и оставен на (не)милост на новите окупатори. Од големите сили најголема улога имаше Русија, која во еден миг ја имаше можноста засекогаш да го реши македонското национално прашање.

Со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, завршиле крвавите меѓусојузнички балкански војни. Воедно, со овој договор е распарчена етничка, географска и економска Македонија. Денес, 2013 година, 100 години подоцна, Македонците се сеќаваат на една од најтрагичните епизоди во поновата македонска историја.

Да направиме една кратка ретроспектива на настаните кои доведоа да се случи овој договор, кој Македонците го сметаат за најголема неправда која може да се нанесе на еден народ.

По контрареволуцијата (Младотурската револуција) во Османлиска Турција, наместо ветените слободи и еднаквости кои биле ветувани на поробените балкански народи, младо­тур­ците спроведувале националистички мерки и терор врз населението, кој не можел да не биде приметен од големите сили. Се заканувала опасност големите сили да ја поделат Европ­ска Турција на штета на балканските народи. Балканските народи својата цел можеле да ја остварат само со заеднички сили и акции. Создавањето на Балкански сојуз не било тајност кај големите сили. Секоја од балканските држави имала свој “грб” кај некоја од големите сили. Први од балканските држави кои склучиле договор за пријателство и сојуз биле Србија и Бугарија.


Грција, пак имала силна подршка од Англија и благодарејќи на оваа подршка, сметала да го оствари своето територијално проширување за сметка на Македонија. Поради тоа, била солидарна со другите балкански држави. Така се создал сојуз на балканските држа­ви, сојуз кој бил создаден не за да ги ослободи “браќата христијани”, туку сојуз создаден да ги оствари територијалните аспирации на балканските држави.

Првата балканска војна била водена помеѓу балканските сојузници Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција од една страна и Османлиска Турција од друга страна. Завршила во мај 1913 година со победа на балканските сојузници. Тогаш е потпишан Лондонскиот договор, со кој е направена првата поделба на Македонија. Од исходот од договорот Бугарија останала незадоволна. Всушност, таа била иницијатор за почеток на Втората балканска војна или позната како меѓусојузничка војна.

Со оглед на сопствените интереси кон Балканот, големите сили, по завршувањето на Првата балканска војна, развиле широка дипломатска активност. Имено, Русија настојувала да го зачува Балканскиот сојуз како брана на австро-унгарските интереси на Балканот, а Австро-Унгарија сакала да се растури сојузот и ја подржувала Бугарија да не попушта во однос на воспоставената поделба на македонската територија. За да го спречи избувнувањето на меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со Српско-Бугарскиот договор (во член 4 од Договорот е утврдено дека секој спор кој би произлегол по повод толкувањето или извршувањето на која и да било одредба од Договорот, да и се поднесе барање на Русија за конечно решение на спорот, штом едната страна ќе изјави оти смета дека е невозможно да се постигне спогодба со непосредни преговори). Оваа одреба од договорот покажува дека Русија имала неограничени можности во поглед на решавање на македонското прашање.

Бидејќи ниту Србија ниту Бугарија не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од понатамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новото распрачување на Македонија и воспоставување на нови граници по пат на сила.

Тоа била војна за територија, војна за Македонија. Била кратка, но исцрпувачка војна. Борбата за македонската територија се водела со сета своја жестина, со сите сили и во сите области. Македонското население било принудено да се прикажува како да е од иста националност со органите кои ја воспоставиле власта и да испраќа писма, анкети, апели дека наводно сака нивниот град и околија да бидат соединети кон соодветната држава.

Иако големите сили зазеле став да не се мешаат во војната помеѓу сојузниците, сепак решиле да ја прекинат војната особено поради насилните злосторства кои ги вршеле сите војски врз невиното цивилно македонско население. Русија, која на почетокот зазела став дека Европа треба да интервенира само во случај ако едната страна се обиде целосно да ја уништи другата страна, сега со подршка и од Франција, на 9 јули им се обратила на владите на балканските земји итно да ја прекинат војната и да дојдат во Петроград за да потпишат мир со руско посредство. Од друга страна, Австро-Унгарија барала од големите сили да извршат нова поделба и да ги натера балканските земји да ја прифатат истата. Англија го прифатила овој предлог под два услова и тоа, да се воспостави граница меѓу Србија и Грција и Бугарија да добие излез на Егејското море. Германија сметала дека е најдобро претставниците на завојуваните страни да се состанат и во присуство на претставници на големите сили да склучат мир. Русија ги прифатила овие предлози. Било одредено завојуваните страни да се состанат во Букурешт, а Романија да биде посредник помеѓу големите сили и балканските држави.

Воените дејствија прекинале на 31 јули 1913 година, со потпишување на прелиминарен договор. На 10 август 1913 година бил постигнат договор со кој Македонија била поделена и ги поставил границите, со мали измени, онакви какви што ги знаеме денес. Србија ги добила Вардарска Македонија, Косово, дел од Метохија и дел од Санџак, со вкупна површина од 39.00км2 и 1.290.000 жители. Грција ги добила Северен Епир, Егејска Македонија, Полуостровот Халкидик со Солун, дел од Западна Тракија и неколку острови во Егејско Море. Својата површина ја зголемила за 51.300км2 и за 1.624.000 жители. Бугарија го добила Пиринскиот дел од Македонија, Струмица со околината, дел од западна и источна Тракија. Својата територија ја зголемила за 21.000км2 и со 600.000 жители.

Сите учествувале во креирањето на Букурешкиот мировен договор, освен една страна – онаа страна која беше најзасегната од овој договор. Големите сили со цел да си ги остварат своите интереси на Балканот, останаа глуви на повиците на Македонците за решавање на македонското национално прашање. Седум месеци пред потпишувањето на договорот, на 1 март 1913 година, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков, потпишаче Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, како и на амбасадорите на големите сили. Заедно со Меморандумот Димитрија Чуповски изработил карта на Македонија во боја со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност и независност на Македонија. Меѓутоа, големите сили, иако имале можност да го решат македонското прашање, сепак, останале глуви на повиците.

Но се уште не било доцна. На 11 август 1913 година, претсавниците на Бугарија, Русија и Австро-Унгарија побарале ревизија на Договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките. Но, неколку дена подоцна, Русија се повлекла од барањето за ревизија, па Франција остро се спротивставила на ревизија.

Интересно е да се напомене дека и САД учествувале преку свој претставник на конференцијата во Букурешт. Амбасадорот Џексон, на 5 август ја прочитал Нотата на американската влада во која се истакнува: “Владата на САД става до знаење дека во секоја конвенција која би била заклучена во Букурешт, со задоволство би сакала да ја види одредбата за целосна граѓанска и верска слобода на населението на секоја област, која би потпаднала под суверенитет на која и да било од петте сили која би поминала од јурисдикција на една под јурисдикција на друга сила”. Претседавачот Мајореску ја прифатил оваа Нота и таа се спроведувала во однос на влашкото население во Вардарскиот дел на Македонија. Но, на предлог на грчкиот премиер Елефтериос Венизелос, Нотата не влегла во мировниот договор, па и на тој начин македонското население било обесправено.

Едно е сигурно. Македонија остана поделена помеѓу балканските држави благода­ре­ние на големите сили, најмногу на Велика Британија, Франција, Австро-Унгарија и Русија. Сите напори на Македонските организации, најмногу од Русија и Швајцарија, останале без никакви резултати. Големите сили, сакајќи да ги прошират своите граници на влијание, запоставиле цел еден народ, му нанеле таква неправда каква што до тогаш не била видена. Македонскиот на­род остана обесправен, негиран, омаловажуван, но Македонскиот народ преживеа, не успееја да му го скршат духот и самодовербата. Македонците засекогаш ја загубија довербата во своите соседи. Очекувајќи дека соседите ќе помогнат во ослободувањето и потоа ќе ја остават Македонија сама да си ја крои сопствената судбина, се случи она спротивното. Македонија стана предмет на војни, преговори, договори и поделби помеѓу соседите и “сојузниците”.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

No comments: