March 6, 2014

Наган револверот во служба на македонските револуционери

Во последните години од борбата за слобода против Отоманската империја, едно од најомилените оружја на македонските револуционери бил револверот наган (Nagant). За популарноста на ова оружје меѓу македонските војводи сведочи американскиот новинар Алберт Сониксен (Albert Sonnichsen), автор на книгата „Исповед на еден македонски четник“ (Confessions of a Macedonian Bandit), кој што во 1906 година шест месеци престојувал со македонските комити.

Апостол Петков Терзиев, познат меѓу
народот како Ениџевардарско сонце
„Вечерта се собравме во големата колиба, каде што спиеја четниците. Во средината се разгори голем оган, чијшто чад се цедеше низ трските на покривот. Во дното послаа голема черга врз дебел пласт од шамак. Тука Лука, Тодор и јас го установивме нашиот постојан стан. Ниеден аристократски салон не бил подобро украсен со оружје. Над главата на секој заспан четник висеше манлихеров карабин, бајонет и наган“, во својата книга „Исповед на еден македонски четник“ издадена за прв пат во САД, во 1909 година, Сониксен ги пренесува своите импресии од првиот ден кога стасал во Ениџевардаското блато кај четата на војводата Апостол Петков Терзиев.[1][2][3]

Confessions of a Macedonian Bandit, стр. 25 [3]
Confessions of a Macedonian Bandit

За самиот Апостол Петков Терзиев, кого што го нарекува „видната личност на револуцијата“ и „македонски Робин Худ“, Сониксен вели дека бил „вооружен не само со манлихерка и наган, туку и со кама со сребрена дршка, провисната на неговиот колан со патрони.“[1][4][5]

Confessions of a Macedonian Bandit, стр. 26 [5]

Маршрутата на Сониксен низ Македонија

Револверот наган бил дизајниран од браќата Емил и Леон Наган (Émile & Léon Nagant) по нарачка од царска Русија. Неговото производство започнало во „Fabrique d’armes Emile et Léon Nagant“, семејната фабрика на браќата Наган основана во 1859 година во Лиеж (Liège) Белгија, а набргу потоа било пренесено во Русија.

Револверот наган (nagant)

Револверот има калибар од 7.62mm, во буренцето собира 7 куршуми и бил прочуен по својата издржливост. Тој е спомнат и во претсмртното писмо на Ѓемиџијата Јордан поп Орданов - Орцето.

„Сакана единствена Кате,
Кога ќе го читаш моето последно писмо, мене веќе нема да ме има, јас ќе бидам труп или веќе фрлен во некоја дупка како претепано куче. Но во мигов кога пред мојата смрт ми останува да живеам уште еден час или два, додека ја фрлам и последната бомба и да го тргнам чкрапецот на мојот нагант, мислам на тебе, писмото нека ти докаже колку многу те сакам“, го започнува своето последно писмо Поп Јорданов, пред да го положи својот живот пред македонскиот олтар, на 30 април 1903 година.[6]

Освен Орце, крај на својот живот со наган в рака ставил и славниот македонски војвода Ѓорѓи Сугарев. Овој настан, вклучително и револверот наган, е опеан во последната строфа од народната песна „Заплакало е Мариово“ посветена на трагичниот крај на војводата.

„Згрмеја пушки, пушки аскерски, крвави,
сета дружина му ја избија.
Тогај извади нагант леворвер, Ѓорѓи Сугарев
самиот крвта си ја пролеа,
самиот крвта си ја пролеа, Ѓорѓи Сугарев,
жив на душмани не се предаде.“[7]

Во друга верзија на оваа песна се спомнува дека и припадниците на четата на Ѓорѓи Сугарев имале наган револвери.

„Заплакало е Мариово, заплакало
за тој ми Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев.
Каде си Ѓорѓи, сега да дојдеш
од душманите да нè куртулиш.
Тогај извикна Горги Сугарев, повикна,
од демрихисарските балкани:
-Слушам ве народ, народ поробен,
слушам ви гласој, гласој жалосни.
Сега за скоро јас ќе дојдам, ќе пристигнам,
со триесет одбрани момчиња,
сите со пушки малихери,
сите со нагант револвери.“

Наган револверот е опеан од македонскиот народен гениј и во песната „Гоце е тажен зашто блиските жив го жалат“, посветена на големиот македонски идеолог Гоце Делчев.

„Зашто бре Гоце, чашка не допиваш,
дали ти е, Гоце, пушка дотегнала,
или ти е, Гоце, сабја рѓосала?
- Еј мори, моме, солунска девојко,
диљ ме питаш право ке ти кажум,
право ке ти кажум, без да те излажум.
Сношти си поминах низ Кукуша града,
низ Кукуша града, низ Ќучук махала.
Мојта стара мајка по двори си ходи,
в црно забрадена, мен ме живо жали.
Мојут стари тејко е небрснат ходи,
е небрснат ходи, и за мен жалее.
Мојте мили сестри бели китки садат,
бели китки садат ама не се кичат,
по друшки ги дават за мојата младост.
Мојте мили браќа наганти си стегат,
наганти си стегат на борба да идат
на борба да идат за свободата.
Мојте мили внуци по цел ден ме чекат,
от Солун да дојдум, бакшиш да им донцум –
пушки манлихери, нагант ливорвери.“[8]

Ова оружје на македонските револуционери се спомнува и во епската песна „Абре Каурче“.

„Абре каурче,
как ми се гледаш
кумит ќе бидеш!
-Ај ер ефенди,
јас не сум кумит,
со чета одам!
-Абре каурче,
как ми се гледаш
пушка си носиш!
-Ај ер ефенди,
јас пушка немам,
малиќер носам!
-Абре каурче,
как ми се гледаш
леворвер носиш!
-Ај ер ефенди,
леворвер немам,
нагант си носам!
-Абре каурче,
как ми се гледаш
и сабја имаш?
 - Ај ер ефенди,
јас сабја немам,
јас кама носам.“[9]

Припадниците на македонската револуционерна организација заклетва давале пред евангелие и вкрстени кама и револвер, од кои што последниот не ретко бил и наган. Но ова оружје има и темна страна. Имено во 1907 година револуционерот Борис Сарафов бил застралан од страна на Тодор Паница токму со овој револвер.

Мртвите тела на Гарванов и Сарафов

Иако неговото производство е започнато пред повеќе од еден век, во далечна 1895 година, наган револверот се користи и до ден денес.

 Александар Стеванов (објавено во Македонска Ризница, број 19)

[2] Виктор Цветаноски „Славата, митот и крвта на ВМРО“, 12 дел, Утрински весник (Macedonian Documents)
[3] Confessions of a Macedonian Bandit: A Californian in the Balkan Wars, New York, 2007 (ориг. 1909), стр. 25 (33)
[4] „Апостол Петков - македонски Робин Худ“, Македонска нација, 5 септември 2012
[5] Confessions of a Macedonian Bandit: A Californian in the Balkan Wars, New York, 2007 (ориг. 1909), стр. 26 (34)
[6] „Предсмртно писмо од саможртва за Македонија“, Macedonium (Macedonian Documents)
[7] „Заплакало е Мариово“, Pesna.org (Macedonian Documents)
[8] Марко Китевски „Песната за Гоце најголем споменик на војводата“, Македонска нација, 5 декември 2013
[9] „Абре Каурче - епска песна“ Итар Пејо, Божо Стефановски „Цут цутила черешвица, македонски народни песни од Мариово“, БИГОСС-Скопје, Скопје, 1995 година (Лицето од кое е забележана песната: Менка Марчевска, родена 1912 година во с. Будимирци, омажена во с. Петалино а премажена во с. Груниште; тогаш (1953) таа имаше 41 година).

No comments: