Автономна Македонија во составот на Балканскиот сојуз – тоа е гаранција на мирот

Во последниот свој текст Кире Филов анализира еден значаен текст за „Македонското прашање“, објавен во весникот „Македонски глас“ во 1913 година. Кој е ставот на авторот А. Новгородски, за судбината на Македонија во тој период, дознајте во текстот на Филов.

“Под победничката кола” е статија на А. Новгородски, објавена во првиот број на весникот “Македонски глас”, од 9 јуни 1913 година, кој излегувал во Русија. Весникот е орган на Македонското научно – литературно другарство во Санкт Петербург, основано од првиот бран емигранти од Македонија во Русија. Ова другарство било составено од македонски интелектуалци и се смета за зачеток на модерната Македонска академија на науките и уметностите.


Текстот е пишуван од аспект на руски интелектуалци и како тие ја толкуваат неправдата која е нанесена на Македонија во текот на Балканските војни. Тој Македонија ја нарекува “несреќната земја” и “земја на раздорите”, притоа наведува дека цела Европа знаела за судбината на Македонија и наместо еднаш за секогаш да го реши македонското прашање, таа го дозволила најкатастрофалното решение, односно поделба на територијата на Македонија. Ниту еден меѓународен договор, од австро – руските договори до турските реформи не успеаја на Македонскиот народ да му ја дадат долго очекуваната слобода. Тогаш на меѓународната сцена се појави Балканскиот сојуз на четирите балкански држави, и “вети” дека на Македонија ќе и ја донесе слободата. Но тоа било уште една измама од низата измами кои ги преживеа Македонија. “...убав почеток, неизмерно херојство и...измама”. Настаните што следеа понатаму ја покажале реалната намера на балканските држави. Се покажа дека паролите од типот “ослободителна улога” и “заштита на браќата” беа само изговор и лажно претставување на “словенските браќа” кон своите “браќа” во Македонија.


Новгородски смета дека Русија, имајќи ги предвид интересите на Русија, може и треба да ја подржи идејата за создавање на Македонската држава.

Со особена иронија Новгородски пишува за Србија и Бугарија. Тој вели: ”до балканските војни во 1912 година постоеја малите српска и бугарска држава, чиј глас Европа воопшто не го земаше предвид” за Имајќи ги предвид интересите на светските сили, Балканскиот сојуз добил поддршка за војната против Турција и “ослободување на браќата христијани”, со што, како што вели авторот го започнаа “последниот крстоносен поход”. Со тоа балканските држави направија одличен потег, бидејќи во очите на јавноста војната би била “ослобо­ди­тел­на”. Војната започна, “…и Македонија – „ослободената„ Македонија – падна како прва жртва на растежот на новите сили на Балканот. На нејзините полиња, завојувани од Турците, се судрија нови – и не една, туку три – непријателски сили и тие го смачкаа живото тело под своите победнички коли.” Балканските “неуранети” држави Македонија ја видоа како своја пљачка, како поле каде можат да си ги нахранат своите великодржавни претензии, спремни “да се бијат и со нови потоци крв да ја залијат многу­на­ма­че­на­та словенска земја”.

Текстот е пишуван од аспект на руски интелектуалци и како тие ја толкуваат неправдата која е нанесена на Македонија во текот на Балканските војни.

Новгородски смета дека Русија, имајќи ги предвид интересите на Русија, може и треба да ја подржи идејата за создавање на Македонската држава. Тој вели дека само автономна Македонија би придонела за мир на Балканот. Ја смета Македонија како причина за Балканските војни. Јавно го кажува фактот дека Македонците биле измамени, не само од балканските сојузници, туку и од најголемата словенска држава, Русија. Новгородски вели: “Македонија нема своја државност, но таа може да постои при услов, да се изрази силен стремеж за независност, ако во неа остро се чувствува неопходноста од автономно постоење и во колку државите, главно Русија, му излези во пресрет на тој стремеж. А Русија би требало да му излезе, имајќи ги предвид општословенските и руските интереси, со кои наполно се согласува идејата за автономна Македонија.” Како што Австро – Унгарија ја создала албанската држава од ништо, за како што вели: “...повод за продолжување на збрката на Балканот...”, така и Русија би можела да и вдахне државност на Македонија и со тоа да ја прекине петвековната голгота на Македонскиот народ.

Со оглед на тоа дека статијата е пишувана во предвечерието на Втората балканска војна, во Русија веќе се знаело дека ќе следува нова, втора војна, овој пат меѓусојузничка, која ќе се води за територијата на Македонија. Всушност, авторот знаел дека и Првата балканска војна се водела не за ослободување, туку за протерување на Турците од Балканот и окупација на Македонија. Македонците биле премногу слаби да се спротивстават на агресорската наезда која доаѓала од нивните “браќа”. На крајот авторот заклучува: “Од меѓусојузничката војна Македонците не ќе добијат многу, а без сомневање ќе настрадаат. Кој и да ја владее Македонија, за секој еден таа ќе биде средство за закрепнување на туѓата државност. Македонија нема своја државност, но таа може да постои при услов, да се изрази силен стремеж за независност, ако во неа остро се чувствува неопходноста од автономно постоење и во колку државите, главно Русија, му излезе во пресрет на тој стремеж. Автономна Македонија во составот на Балканскиот сојуз – тоа е гаранција на мирот сред Јужните Словени”.


Кире Филов (извор: Руска Реч)

2 comments:

David Edenden said...

Вашиот нов формат е одличен. Многу професионални!
Секогаш имаат интересни информации

Macedonian Documents said...

Огромна благодарност David!