March 15, 2014

Димко Илија Сарванов - Могилчето

Димко Илија Сарванов - Могилчето

Тој се родил во 1879 година во село Могила, битолско. Неговиот татко, Илија Сарван, бил човек од средна рака, затоа го гледаме Димко, веднаш по завршувањето на основото училиште во родното село, да помага во селските работи на татка си. Како дете Димко бил доста буен. Неговиот поголем брат бил покрстен од Стојан Донски, кој што прв, на чело на една мала дружина, го обиколувал битолско и го сеел семето на бунтот. Неколку месеци пред Илинденското востание, при една организациона обиколка на сугаревата чета во село Могила, бил вовлечен во вриежот на револуцијата и самиот Димко. За време на востанието Могилчето дејствува заедно со Јон Кафеџијата. Во таа чета бил и другиот подоцнежен легендарен полски војвода - Јон Пашата. Меѓу тие знаменити синови на Битолско поле се создала една многу блиска дружба. По востанието Димко Могилчето станува околиски полски војвода. Како таков тој покажува чудеса од храброст и ладнокрвност.

Илустрација Илинден, Софија, септември 1930 година,
година 3, книга 7(27) стр.12

Тој создал тесна врска со неколку турски кехаи - особено со еден од село Чарлија, со кој што обиколувал низ селата на својот реон. При таквите обиколки тој секогаш се облекувал во беговска облека, седнат на својот коњ и неретко патувал сам по царскиот пат, небезпокоен од никого. Могилчето знаеше да зборува турски. Во градот Битола беше непознат, затоа можеше слободно да влегува. Тој води многу битки, од кои што ќе остане запаметена големата битка кај селото Ивени, мариовско. Во таа битка Димко бил тешко ранет, но за среќа турскиот аскер не можел да го открие и после, преоблечен во селски алишта, се прибрал во Битола, каде што се излекувал и одново излегол. Тој учествувал во уништувањето на прочуениот турски деребеј Шефкија.

Другарството меѓу Могилчето и Јон Пашата било големо и срдечно и ете зошто веста за раната и трагична смрт на Јон била многу мачно прифатена од Димко. „Брат ми Ристе - велеше Димко - умре, но неговата смрт јас не ја оплакував толку, но сега, кога умре Јон, мојот верен другар, само едно сакам: кога на него прават 40 дена, мене да ме погребат“.

Илустрација Илинден, Софија, септември 1930 година,
година 3, книга 7(27) стр.13

И за жал, се случи таа прокоба! Во еден тажен зимски ден во 1907 година, Димко Могилчето, облечен во беговска облека и тежок феспискулуја на главата, ја наметнал верната пушка, седнал на бујниот коњ, пленет од Шефкија при неговото убиство, се враќал од селото Карамани, каде што отишол по организациска работа. Кога наближил до селото Ношпал, застанал пред еден кладенец, околу кој што имало група Роми, кои работеле кај чифликчиите, заедно со своите деца. Го кренал Димко камшикот и со неколку лоши турски зборови им заповедал да го напојат коњот. Ромите се разбегале. Целата таа сцена не останала незабележана од беговите и кехаите, кои што од кулата виделе сè и се прашувале зачудено, каков може да биде тој бег кој што ги тепа насобраните луѓе околу кладенецот. Димко го јуриша коњот, влегува во селото и оди во една селска куќа. Во дворот на таа куќа набргу се собрале селани. Димко се симнал од коњот и започнал да се поздравува со сите селани. Турците, кога виделе дека „бегот“ се симнал од коњот и започнал да се поздравува со сите селани, разбрале дека тоа е Димко Могилчето. Се досетиле по поздравувањето, затоа што турските бегови не ги поздравувале селаните со ракување. Димко останал да преноќува во една куќа и дал наредба да дојдат по еден човек од селата Далбеговци и Дебалци. Дошле двајца раководители на тие села: Цветко и Марко. Дошле да го водат во своите села. За време на првата ноќ Турците не се осудиле да го предадат, затоа што се плашеле тој да не се спаси, а потоа тие да настрадаат. Откако дошле куририте од горните две села, Турците веќе се увериле дека Димко ќе го напушти селото и веднаш го соопштуваат тоа на гарнизонот во село Могила. Димко со двајцата селски раководители водел долг разговор и на крај им кажал да се вратат обратно, затоа што тој сакал да остане да преноќува таа ноќ во село Ношпал. Раководителите Цветко и Марко настојувале Димко веднаш да тргне со нив, но тој им откажал и на збогување им порачал пред своите села да испратат селани да го пресретнат. Раководителите си заминале. Доаѓа аскерот од село Могила и ја опколува куќата во која бил Димко Могилчето. Тука, во куќата во која бил тој, имало скривалиште и Димко успеал на време да се сокрие. Доаѓаат Турците, ја проверуваат куќата, но ништо не успеале да пронајдат и започнале да се приготвуваат за пат. Скривалиштето во кое што се наоѓал Димко била длабока и темна дупка, во која што воздухот влегувал само преку еден мал отвор. Една од домаќинките се уплашила многу, немој Турците да го забележат Димко преку дупката, зела и со еден камен го затнала единствениот отвор преку кој што влегувал воздух во скривалиштето, и на тој начин ја прекинала воздушната струја. Турците, по безуспешните пребарувања, започнале да се повлекуваат. Кога и последната група на турски војници започнала да го напушта дворот, одеднаш еден тап грмеж ги натерал Турците да се вратат обратно кон куќата. Овој пат тие го наоѓаат скривалиштето и трупот на Димко со револвер в рака. Трупот бил доста поцрнет. По сопирањето на воздушната струја, Димко сам посегнал кон револверот и на тој начин ставил крај на својот бурен живот.
Нека е вечна неговата слава!

Бојан Мирчев „Илустрација Илинден“, година 3, книга 7 (27), Софија, септември 1930 година, стр, 12-13

Превод: А.С. (извор: Македонска Ризница, број 20,
објавено и на: Македонска Нација)

No comments: