March 17, 2014

Рускиот печат за убиството на Борис Сарафов 1907 и Букурешкиот договор од 1913

Ситуацијата во Македонија во периодот од 1907 до 1913 година предизвика многу внимание како во европскиот печат, така и во рускиот. По завршувањето на Младотурската револуција, за прв пат македонски пратеник влезе во собранието на Турција, за да ги застапува интересите на Македонците. Сер Едвард Греј беше единствениот дипломат кој излезе се решение за проблемите во Македонија, а тоа беше автономија за Македонија, на чело со Гувернер кој би одговарал само пред Големите сили. Тоа остана само илузија, затоа што Русија не го прифати овој предлог. Овој турбулентен период на Балканот го претставуваме преку рускиот печат. 

Периодот по завршувањето на Илинденското востание е еден од најтешките за Македонија и нејзиното револуционерно движење. Како што е познато востанието завршува катастрофално, многу дејци од раководството на Македонската револуционерна организација се убиени, така што Организацијата била буквално обезглавена. Идеологот на МРО, Гоце Делчев, загинал уште пред да започне востанието, обидувајќи се да го спречи кревањето на востанието за кое сметал дека е прерано, бидејќи народот се уште не бил доволно информиран, а востаниците недоволно спремни за да се спротивстават на се уште моќната османлиска војска.


Илинденското востание наишло на огромен интерес кај медиумите ширум Европа. Цела Европа разбрала за состојбите во Македонија, за ѕверското уништување на Крушево, за протерувањето на неговите жители, за убиствата...

Во продолжение на текстот ќе презентираме некои статии од весници во Русија кои се однесуваат на Македонија и нејзината ситуација. Во Русија силно одекнала веста за убиството на лидерот на Македонската револуционерна организација, Борис Сарафов и Иван Гарванов.

Рускиот весник “Московскiя вѣсти” во 1907 година известува за убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов, задграничните претставници на Организацијата во Софија: “ Денес се одигра страшна ‘Македонска трагедија’, во која паднаа две нови жртви. Македонецот Паница (Тодор Паница, н.б.), денес со револвер ги уби Борис Сарафов, претседател на Македонската револуционерна организација заедно со професорот Гарванов (Иван Гарванов, н.б.). Постои убедување дека смртта на Гарванов ќе предизвика распад на Македонската револуционерна организација, така што судирот со врховистите ќе ескалира.” Понатаму во весникот се наведува дека извесен бугарски дипломат изјавил дека убиството на Борис Сарафов не било извршено без турско влијание. Од Високата порта била испратена награда од 2000 турски фунти за главата на Сарафов. Бугарскиот дипломат смета дека Сарафов паднал како жртва на предавство.

Друг руски весник за убиството на Сарафов пишува: ”Од Софија пристигна веста за убиството на Борис Сарафов. Поради сите случувања во Македонија, ова име предизвика европска интервенција во Турција. Сепак, движењето продолжи со несмален интензитет, а инспирација на движењето беше Сарафов, како шеф на Македонската револуционерна организација. Во 1899 година Сарафов лично беше вклучен во борбите со Турците, на чело на една македонска чета. Тогаш турската влада ја процени неговата глава на 1000 франци. Учествувал во киднапирањето на Мис Стон...Сарафов имаше многу непријатели и против него беа лансирани многу клевети и обвинувања главно за проневера на пари од Организацијата.”

Не помалку важни биле и вестите од 1913 година, односно по прекројувањето на границите на Балканскиот полуостров. Балканските војни завршуваат поразително и крајно деструктивно за Македонија и нејзиното население, а за тоа (како што пишувавме во претходните колумни) огромен придонес секако има и Русија. Весникот “Русские Ведомости” од 20 септември 1913 година излегува со статија под наслов “Нови граници на Балканот”. Во статијата се опишува прекројувањето на границата, односно распарчувањето на Македонија. Територијата на Европска Турција изгубила значаен дел од својата територија, односно изгубила скоро една десетина од територијата што ја имала пред војната. На Лондонската конференција и било наложено на Турција да се врати на линијата Енос – Мидија, што значи Турција сепак задржала дел од европското копно.  “...Грција ја зголеми својата територија ни повеќе ни помалку туку една и пол пати, односно дел од плодната Тракија и цела јужна Македонија. Иако, Грција била богата со пристаништа, сепак добила уште едно, овој пат Солун, како директен пристап до морето, додека Србија и Бугарија добија помали делови.”

Рускиот весник прави споредба со она што го добила Бугарија и Грција во споредба со Србија. Вели: “...Србија не успеа да добие директен пристап до морето. Иако доби голем дел, најдобриот дел на Македонија, со нејзиниот главен центар, Битола, која брои околу 60.000 жители, сепак го доби делот со многу економски потешкотии и области со силно национално непријателство.”

Весникот “Новое Время” од 23 јули (5 август) 1913 година објавува статија за прекро­ју­ва­њето на границите на Балканскиот полуостров, поточно за Бугарско – Романската граница и Грчко – Бугарската граница. “Претседателот на Мировната конференција во Букурешт го објави целосниот договор меѓу Бугарија и Романија во врска со границите...Нашиот дописник зборуваше со српскиот делегат на мировната конференција во Букурешт Спалаиковиќ (д-р Мирослав Спалаиковиќ, н.б.)... Конференцијата траеше три дена. На состанокот, Грците направија некои отстапки во корист на Бугарија, но не се согласија да ја отстапат Кавала.”

На конференцијата во Букурешт присуствувала и Македонска делегација. Во име на 160.000 бегалци од Македонија се обратил Претседателот на мировната конференција, Мајореску, а “Сер Едвард Греј со телеграма побара автономија за Македонија.”

Сер Едвард Греј истото ова го истакнуваше и во 1908 година, по завршувањето на Младотурската револуција, кога требаше да се спорведат реформите од Мирцштег во Европска Турција. Неговата иницијатива се состоеше во тоа што во Македонија би се формирала влада, на чело со Гувернер (христијан или муслиман), кој би бил одговорен само пред големите сили. Австро-унгарија, Франција и Велика Британија ја прифатија иницијативата на британскиот дипломат, но не наиде на поддршка кај Русија.

Така, Македонија никогаш не ја доби ниту автономијата, ниту независноста на нејзината обединета територија.

Кире Филов (извор: Руска Реч)

No comments: