Македонскиот опиум бил најбаран и се извезувал во цел свет

Во Архивата на Југославија, има флејтон „Ран Балкан“ од францускиот публицист Албер Лондар од 1931 година. Врз основа на расположливите податоци за производството и извозот,  се гледа дека производителите на опиум во Вардарската долина, помеѓу двете светски војни, задоволувале 43% од побарувачката на легалната преработувачка индустрија, додека последователната турско-југословенска соработка опфаќала 80% од светските потреби!

Од цевките на пушка на тиквешката земја

Благодарение на геолошките предиспозиции на македонската земја и специфичната клима, одгледувањето афион уште во раниот 19-ти век стана ветувачка активност, преку која Турците видоа „скратен пат“ за економско придвижување на Македонија и зголемување на профитабилноста на турските поседи.

Првиот афион бил засеан во 1835 година во околината на Штип, а анегдотата вели дека афионските семиња биле донесени во цевките на пушка. Како први одгледувачи на афион се споменуваат Абдул Хешан Халил и извесен Али Симон Заде, кои првото семе го засеале во Кавадарци.

Во осумдесеттите години на 19-ти век селаните во Штип, според инструкциите на солунските трговци го одгеледувале растението, го посипувале со катран и го наплаќале добро.

Веста за чудната билка брзо се проширила, па долините Тиквеш и Рајац побелеле од огромните полиња со цветови. Со оглед дека македонскиот подвид на афион е создаден со вкрстување на бел и виолетово-сив афион, многумина заклучиле дека при формирањето на првото експериментално поле активно учествувал и некој експерт. Добрата страна на одгледвањето афион била во фактот дека по жетвата можеле да се засеајат уште семиња, па истата година, од истата област да се добијат две жетви.

Првите статистички податоци покажуваат дека во 1880 година во долината на реката Вардар се произвеле 70 тони, дека во 1893 година преку солунското пристаниште се извезени над 19 тони, а дека следната година производството достигнало 79 тони суров опиум.

Во тогашната Отоманската Империја само во областа на Повардарието се одгледувани 28% од целокупното турско производство, иако и тогаш била забележана навиката на производителите да тежината на стоката ја зголемуваат со разни додатоци, со додавање на пржен леб, жолчка од јајце, варен скроб и слично.

Зоната на одгледувањето на опиумот на југословенското царство опфаќала 14.000 хектари во 40 општини во Вардарската долина. Македонскиот опиум благодарение на поволната почва и речни наноси бил меѓу најдобрите во светот, бидејќи содржел 14-16% морфин. За пример, кинескиот имал само 3-5% морфин.

Францускиот ботаничар Емил Перо за време на својот престој во Скопје изјавил дека „афионот од Јужна Србија го дава најдобриот опиум“, па не е чудно што бил многу баран во Франција, Германија и Швајцарија.

Највисок процент на морфин содржел опиумот одгледуван во околината на Кавадарци, Струмица и Велес, додека малку посиромашен бил во регионот на Прилеп и Кочани.

Покрај опиум, од афионпт се добивало и масло за јадење, кое половина се состоело од афионско семе. Културата на афионот барала добра подготовка на почвата и прецизен „тајминг“ и строго придржување кон роковите: од сеидбата кон крајот на август, разредување во почетокот на март, до запрашување на билките кон крајот на март и сечење на чаурите во почетокот на јуни.

Трошоците за производство на културата афион биле околу 5.000 динари по хектар, од кој се добивале 10-20 килограми опиум.

Откуп во рацете на политичката елита

Опиумскиот оддел на Првилигираното извозно друштво (ПРИЗАД) со седиште во Белград бил одговорен за купување на опиумот од македонските производители.

Според тврдењето на софискиот весник „Македонија“, основувањето на наведеното привилегирано друштво, имало за цел целиот извоз на земјоделски производи (вклучувајќи го и опиумот) да го стави во рацете на државата, па според неговите одлуки целиот опиум кој имал пазарна вредност од 80 милиони динари се откупувал од македонските производители за само два милиони!

Покрај ваквите потези секој член на друштвото добивал по 2% од прометот, покрај платата и хонорарите. На овие привилигирани положби биле поставувани луѓе лојални на кралството и се формирала монополска управа.

На производителите и трговците на опиум не им одговарал овој паушален откуп, туку барале плаќање според процентот на морфин, кој е содржан. Наместо тоа, ПРИЗАД одредил фиксен надомест од 200 динари за килограм, при што штипските производители биле принудени да ги продаваат своите производи на околните пазари, значително под цената.
Женевската конвенција како кошмар

На иницијатива на Лигата на народите, за намалување на „опиумманијата“, во Женева е потпишана меѓународната конвенција за опиум (1925), за производството, ограничување и регулирање на поделбата на наркотиците (1931), и Конвенцијата за сузбивање на недозволената трговија со наркотични дроги (1936).

opium5Конвенцијата стапи на сила кон крајот на септември 1928 година и Југославија беше меѓу 36-те земји-потписнички, на општо незадоволство на македонските производители на опиум. Точно, многу држави ги кршеја одредбите на конвенцијата сé до октомври 1939 година, кога стапи во сила указот со кој се предвидувале драконски казни за трговците и посредниците на дрога. Инаку, од вкупното светско производство, само 42% се користеле за медицински цели, а остатокот се конзумирал како опиум за пушење на Далечниот Исток и во Северна Америка.

Белградската Постојана комисија за наркотични дроги проценувала дека целата светска индустрија можела да апсорбира 250 тони суров опиум, а дека само во Вардарската долина се произведуваат 70 тони.

Пристапувањето на Југославија кон Женевската конвенција било примено со општо неодобрување. Некои ги критикувале „неетичките“ мотиви на Конвенцијата, сожалувајќи ја „потта на нашите земјоделци“. За нив тогашна Јужна Србија без опиум била иста како и Франција без лозје, Бразил без гума Америка без нафта.

Женевската конвенција влијаела на откупните и продажните цени, кои биле во постојан пад, како и приходите на производителите.
Малверзации и шверц

opiumВо сите берби на македонскиот опиум меѓу 1920 и 1932 година биле добиени 1.029.000 килограми чист опиум, додека во истиот период извозот бил 808.505 кг. Настаните од март 1933 година кога во притвор се нашле пет членови на Одборот на директори на Економската банка на Јужна Србија, индиректно може да ни укаже на тоа што се случило со остатокот на неизвезениот опиум.

Трговските магнати во опиумскиот бизнис биле силно против монополизирање на извозот.

Имајќи предвид дека профитите на европските фабрики на опојни дроги во картел надминувале 400% во однос на трошоците на производство, во Турција почнале да се разредуваат резервите и да се претвораат во опиум за пушење, кој потоа се шверцувал во Кина.

Вишоците на македонскиот опиум, исто така, се движеле по нелегални канали, па југословенските граничари наишле на грав филуван со опиум, афионска смола во охридската јагула итн.
Југославија и Турција ги здружиле силите

Најголемите производители на опиум во Европа биле Турција, Југославија и Бугарија, додека во Азија, доминирале Кина, Персија, Индија и Јапонија.

Бидејќи Женевската конвенција ја преполовила опиумската потрошувачка во индустријализираните земји и ги намалила на приходите на производителите за една четвртина, се јавила идеја за југословенско-турска опиумска соработка.

Во составот на мешаното цариградско Централното биро за опиум влегле двајца турски и еден југословенски делегат, поради што е изразено сомневање во однос на непристрасноста на идните одлуки. Покрај тоа, Турција била една од 14-те земји кои не ја ратификувале Женевската конвенција, па во тие фактори треба да се бараат мотивите за нејзиното влегување во соработка со Југославија.

Почетокот на работата на Централното биро бил темпиран за јануари 1934 година, кога се очекувало нагло зголемување на цената на опиумот. Во меѓувреме, Турција под притисок од неколку моќни трговци и политичари, безгрижно ги извезувала старите резерви, но испадна дека токму тие ќе бидат главната конкуренција на пазарот за официјалниот југословенско-турски опиум!

Подредената положба на Југославија во однос на Турција, во која имало погони за преработка на опиумот, југословенското Министерството за трговија и индустрија, одлучило да ја поправи во август 1935 година, одобрувајќи да се изгради фабриката за производство на опиумски деривати покрај патот Скопје-Велес.

Залудни биле протестите на хемиско здружение на Кралството Југославија, кое тврдело дека таков бизнис им се доверува на необучени луѓе, бидејќи веќе во средината на октомври 1936 година, скопскиот митрополит ја осветувал новата фабрика, чиј капацитет бил 35 тони суров опиум или половина од целото југословенско годишно производство.

Владан Јовановиќ, „Македонски опиум: за финансиските и политичките размери на феноменот (1918-1941)“, Годишњак за социјална историја, XVI/3, Белград 2009, страна 69-79.

Извор: Peščanik.net
Факултети.мк / http://mkrevolucija.com/ / Mkd news

No comments: