February 27, 2014

Живков: Постоењето на Македонија е факт

„Не би биле реални ако не признаеме дека постои македонска држава“, ова се зборови на комунистичкиот моќник Тодор Живков, објавени во транскриптите од неговите разговори во 1967 со тогашниот првенец на македонските комунисти, Крсте Црвенковски.

„Не би биле реални ако не признаеме дека постои македонска држава“, ова се зборови на комунистичкиот моќник Тодор Живков, објавени во транскриптите од неговите разговори во 1967 со тогашниот првенец на македонските комунисти, Крсте Црвенковски. Тој, според стенограмите му се жалел на Црвенковски дека таквото признание не може да биде јавно обелоденето поради впечатокот дека македонската национална свест се гради на антибугарска основа.

„Што да им кажам на членовите на Централниот Комитет, во кој половина од членовите се македонци, на писателите, во чија асоцијација третина се македонци, а во Вашите книги за се се обвинуваат бугарите.
 
Постојано се зборува за бугарско ропство и за асимилација а сте биле и под српско и под грчко влијание. Јас треба да влезам во конфликт со целото општество. Зошто е неопходно, на таа основа да ја формирате македонската самосвест“, го прашал Живков Црвенковски.

Македонскиот комунистички лидер, во отворената дебата полемизирал со ваквите ставови на Живков укажувајќи дека впечатокот е погрешен и дека ако така се гледа тогаш, може да се каже дека Македонија својата национална самосвест ја гради и на антисрпска основа.

„Ние не ги изедначуваме бугарскиот фашизам со бугарскиот народ. Се работи за национално чувство. Треба да имате разбирање. Ние сме мала нација. Најдолго сме биле под туѓо ропство, последни во Европа сме се ослободиле и се разбира дека сме чувствителни по тоа прашање“, бил одговорот на Црвенковски.

На забелешките од Живков дека Климент Охридски е бугарин и дека е непримерно Македонија да прави филмови за Самоуил претставувајќи го како создавач на македонска држава, оти тоа можела да го прави и Бугарија, Црвенковски е дециден дека Македонија неможе да се откаже од сопствената историја, нагласувајќи дека македонска национална свест, според сите податоци постоела и во 19 век. „Што сме биле во 18-от? Не се знае, ниту за Вас, ниту за нас. Сме биле аморфна маса. Но, тоа треба да биде работа на историчарите“, рекол Црвенковски со што се согласил и Живков.

Сепак, бугарскиот коминистички лидер, од досега објавените стенограми нема одговор на податокот што го соопштил Црвенковски во кој според пописот од 1956 во Бугарија имало 180 илјади македонци, а по десет години само осум. „Иако не сакаме да се мешаме во Вашата внатрешна политика, ниту имаме територијални или какви било претензии, ниту кон Вас ниту кон Грција, тоа сепак не загрижува. Кај нас се смета дека тоа е резулат на притисок“, му рекол тој на Живков.

Среќко Поповски  (извор: Алфа ТВ)

No comments: