Егејска Македонија 1913-28 (3)

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

2. НЕЈСКИОТ МИРОВЕН ДОГОВОР И „ДОБРОВОЛНАТА" РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЕТО МЕЃУ ГРЦИЈА И БУГАРИЈА

По Првата светска војна Европа добила една нова политичка конфигурација. Новата Версајска Европа била далеку од тоа да претставува една сигурна политичка рамка за европскиот политички естаблишмент. Создадените нерешени територијални проблеми што постоеле меѓу Франција и Германија, Унгарија и Романија, Унгарија, Чехословачка и СССР, Југославија и Унгарија, Австрија и Југославија, Албанија и Југославија, Југославија и Италија, Австрија и Италија, Грција и Бугарија, СССР и Романија, Полска и Германија (32), како и постоењето на нерешените национални прашања (македонското, баскиското, фламанското), создавало од една страна еден територијален проблем, а од друга страна постоело едно нерешено национално прашање што самото по себе сериозно ја дестабилизирало политичката ситуација во Европа (33). Речиси не постоела во југоисточна Европа ниту една држава со една нација и националниот момент бил повеќе или помалку присутен во сите (34).

Балканот бил синтеза и класичен пример на нерешени национални и територијални прашања. По Версајскиот мировен договор ниту една балканска држава не била национално хомогена. Во Југославија, на пример, од вкупно 12.055.688 жители колку што имаше во 1924 година, побројната нација (Србите) не претставувале ни половина од целокупното население (35).

Во Романското кралство ситуација била слична. Co создавањето на „Голема Романија" по добивањето на Јужна Добруџа, Ердеј, Беасарабија, Северна Буковина и романски Банат, Романија станала многу национална земја. Во романското кралство живееле 1.500.000 Унгарци, 800.000 Германци, 400.000 Бугари, 300.000 Руси и повеќе од еден милион еврејско население распострането по целата територија на версајска Романија.

Грчкото кралство, по неговото големо територијално проширување кон негрчките историски територии, престанало да биде национално хомогено. Само во егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија живеело скоро 1 милион негрчко население.
Во Бугарија исто така живеело многубројно македонско, турско и ерменско население кое претставувало 16,8% од целокупното население што живеело во Бугарија по Нејскиот мировен договор.

Создавањето на Версајска Европа со многу нерешени национални и територијални проблеми, со малцински прашања, ја принудило конференцијата овој проблем задолжително да го реши во рамките на новосоздадениот status quo во Европа. Принципот што бил прифатен за решавањето на малцинските проблеми беше принципот за почитување и признавање на малцинските права во рамките на новосоздадените држави (36). Исклучок од овој принцип постоел во мировниот договор меѓу Грција и Бугарија, кои теоретски го прифати принципот за почитување на правата на малцинствата, но и со право и можност на „доброволно" иселување на малцинското население. На 27 ноември 1919, врз основа на членот 56 од Нејскиот мировен договор, меѓу Грција и Бугарија се потпишала и конвенцијата за „доброволно" иселување на Грците од Бугарија и „Бугарите" од Грција.

Продолжува

32 Станува збор за Алзасија и Лоренија, Ердеј (или Трансилванија), Карпатска Украина, Војводина, Корушка, Косово, Истра, Јужен Тирол, Западна Тракија, Бесарабија и Северна Буковина, Шљоиск и Поморје.
33 Во Белгија не постоело национално угнетување. Фландриското население барало поголема економска и културно - јазична афирмација на фландрискиот регион. Во 1922 година Фландрискиот јазик, покрај францускиот, станал официјален јазик во Белгија
34 Во Финска, на пример. доминантната нација претставувала 89,3% од целокупното население, во Естонија 88.2%, во Бугарија 83.2%, во Литванија 80,4%, во Романија 76%, во Полска 69,1%, а во Чехословакија и Југославија 42%.
35 Во Југославија од вкупно 12.055.686 жители, 7 милиони (Хрвати, Словенци. Македонци, Црногорци. Албанци и денешните Муслимани) се чувствувале за одделни нации.
36 Почитувањето на малцинските права се предвидувало и во мировните договори со Полска, Романија, Југославија, Чехословачка, Грција итн.

No comments: