January 15, 2014

Моето учество во револуционерните борби на Македонија 8

ЛИЧНОСТА НА ИВАН АЛАБАКОТ. — ОСУЕТУВАЊЕ ПЛАНОВИТЕ НА ОСТАТОЦИТЕ ОД „ГЕМИЏИИТЕ“. — ПЛАН ДА СЕ ОБЕРЕ ПОШТАТА НОСЕНА ПО ЖЕЛЕЗНИЦАТА СКОПЈЕ — СОЛУН

Со Алабакот бевме другари од детство. Живеевме во едно маало, но овој кога поодрасна малку, отиде во Солун на работа како трговски службеник, а после отиде во Драмско, во с. Бук на работа при Панчета Беличов, трговец во спомнатово село.


Алабакот беше прославен како голем херој и беше многу смел и тактичен војвода. Таа негова популарност импонираше на масите и беше сериозен соперник на Стефана Димитров. Андодимовци се облегнаа на Алабакот и му дадоа полна поткрепа. Веќе силите меѓу двете фракции се балансираа и зрееше голема опасност од судрувања, кои би донеле страшни последици за нашата кауза. Јас не можев да се помирам со создаденава положба и здраво се зафатив да се најде излез и да се помират двете чети за општа работа. А терен за таква имаше, особено со идењето на четата на Глигора Небрежанецот*) и други србомански чети, вооружени од Белград. Една расправија од посериозно судрување ќе им дадеше можност на српските чети да се закрепат во Азот, а нивното влијание беше силно ваму.

Јас имав средба со Алабакот и при разгледувањето на положбата во нашиот реон, тој беше склон да се помири и на понеповолни услови за него. На оваа средба тој ми рече: „За мене во ВМОРО, освен Делчева, друг авторитет нема. Тој е мој кумир. Ќе одам по неговите завети и неговите совети, тие се свети за мене, дури сум жив. Сакам да бидам полезен во моето родно место и кога паднам во борбата, би сакал да паднам во мојот роден кат, каде што да има една рака земја врз мојот труп. Со „гемиџиите“ се познавам. Тие се херои за мене и нивната саможртва за нашето дело ме восхитува. Но и нивната борба против интересите на големите империјалистички сили ја споделувам само со некои дополнувања. Главно, таа да се води од ВМОРО. Верувам оти со тебе ќе се разбереме и ќе можеме да работиме заедно“.

Нашата близост од детинство се засили сега уште повеќе. Тој ми кажа оти кај него ишол Тодор Богданов и му предложил да биде убиен Хилми паша. Алабакот се согласил да го поткрепи во исполнувањето на замисленото убиство и му ги дал саканите од Богданова два револвера „нагант“. По тоа време Хилми паша се наоѓаше во Скопје.

Јас му реков: „Иване, уште тие, остатоци од „гемиџиите“ не можат да се отресат од индивидуалистичките настроенија. Може да се одобри и убиството на Хилми паша, но да го оставиме тоа на ВМОРО да го процени. Исполнувањето на тоа дело без знаењето на главното централно раководство е незгодно. Ова убиство во сегашниот момент извршено, кога Русија е ангажирана во војна на Далекиот Исток и нејзините раце се врзани за мешањето на Балканов, не ќе биде ли исползувано од друг нејзин соперник на Балканов и, земајќи повод од тоа убиство, да се исползува за реализирањето на неговите планови по однос на Македонија. Зашто сега убиството на Хилми паша, (главен гувернер на Македонија. назначен како таков по силата на решението на Мирцштегската конференција за глава на реформаторската акција на големите сили), ќе се смета како удар имено против нив, а Австрија го сака тоа“. И му расправив за станатото во Скопје.

Тој веднаш се замисли сериозно и по малку ми рече: „Оди веднаш во Скопје и осуети ги намерите на Богданов и комп.“.

Веднаш по ова среќавање отидов во Скопје. Го најдов Богданов и Алекса Минов (кој се беше нагрбил да го убие Хилми паша) и ги натерав да се вратат во Велес. Тие си отидоа. По кратко престојување во Скопје, и јас се вратив во Велес.

Тодор Богданов и Алексо Минов беа остатоци, незрели елементи од „гемиџиите“. Им недостигнуваше нужната политичка култура за да видат малце подлабоко и пообјективно во животот. Се привлекуваа од субјективни настроенија, просто од љубов кон поголеми и посензационални терористички акции и ако немаше околу нив некој потрезвен човек, беше возможно да извршат некоја глупост.

На второ среќавање со Алабакот, на кое беше и Тодор Богданов, установивме дека помирување меѓу двете чети не постои, а положбата кај нас се влошуваше сè повеќе поради нивната зајаденост. Ете зошто се налагаше да се дејствува, и тоа многу брзо и решително.

Алабакот беше склон на компромис и тоа со големи отстапки од негова страна. Меѓу другото се налагаше и барањето извори за средства, кои беа сега нужни во многу поголеми размери одошто во минатото, зашто фронтовите за борба на ВМОРО се наголемуваа. Материјалните можности на нашиот народ многу ослабеа, а и не требаше да се бараат и примаат од надворешни фактори (особено јас настојував), зашто тие фактори кога ги даваат божем драговолно, без никакви формални обврски, тие фактички те ангажираат морално да им станеш орудие. Ете зошто пак дојдовме на идејата за екс.

Јас одамна замислував оти со едно оберување на поштата, која се носеше со возот од Скопје за Солун, ќе се добијат многу пари. Вторник е пазарен ден на Скопје, а овој град во Македонија беше вториот трговски центар по Солун. По пазарот, трговците кои се снабдуваа со стока од Солун, ги испраќаа своите задолженија или и други суми за набавка на нови стоки до своите комисионери во Солун. Сумите испраќани по пазар во среда бидуваа многу големи, заминуваа 20.000 турски лири. Особено во пазарните дни пред Бајрамот стануваше голем оборот. Возот можеше да биде нападнат и запрен околу сегашната станица Пчиња. Но за оваа акција беше нужна поголема вооружена сила, а оваа сила можевме да ја имаме со четата на Алабакот. Кога го изложив овој план, Алабакот го усвои и се сложи да направиме екс. Тој предложи да се присоединиме ние кон неговата чета и да отпочнеме со подготовки.

*) Глигор Соколов (иќ)

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: