Моето учество во револуционерните борби на Македонија 6

ВЛОШЕНА СИТУАЦИЈА ВО ВЕЛЕС. — ЗАСИЛУВАЊЕ НА СРПСКАТА ПРОПАГАНДА. — ФРАКЦИСКИ БОРБИ ВО РЕДОВИТЕ НА ВНАТРЕШНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА. — ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ИНТЕРВЕНИРА. — МОИТЕ РАЗГОВОРИ СО ЃОРЧЕТА ПЕТРОВ

Јас си појдов во Велес и се ставив во услуга на ВМОРО за да ги лекуваме раните, создадени од востанието. А тие рани беа големи и последиците од нив, многу тешки. Српската пропаганда се активизира многу повеќе. Во нашиов град како учители беа настанети мнозина видни нејзини дејци, како Јован Бабунски, Давид Димитриевиќ, Кирковиќ и други. Јас како учесник во востанието и поради мојот контакт со видните нивни дејци во Србија, особено со потполковникот Жика Рафајловиќ, бев замолен од раководството да бидам во блиски односи со нив, за да може да се воспостави соработка со нив. Згодна прилика беше и моето лично пријателство од минатото со Јована Бабунски. Одев дури и во училиштето и во станот на Давид Димитриевиќ, директорот на српското училиште. На тие среќавања беа разгледувани опширно целите на нашето национал-револуционврно движење и возможноста на базата на автономијата да се установи евентуална соработка.


Меѓутоа, ние сметавме дека Србите можат да соработуваат само како членови и органи на ВМОРО, покорувајќи се наполно на нејзините статути. Во меродавните средини на РО беа искрени и сакаа да се избегне една расправија, гледајќи ги јасно лошите последици од неа. Но треба да признам, за жалост, дека кај Србите ја немаше нужната искреност. Тие само лавираа за да можат да печалат време и да се подготват за една вооружена борба со создавањето на четнички институт слично на ВМОРО. Од таа нивна тактика се наложи идниот развој на настаните, кои беа катастрофални за нас.

Но и други уште полоши последици се јавија од востанието. По востанието во Велес, а и во голем дел од територијата на делувањето на ВМОРО беа расклатени основите на Организацијата. Оние лица и групи, кои во минатото беа респектирани од револуционерната дисциплина, сега почнаа да се пројавуваат. Се отпочна една фракциска борба во редовите на Организацијата, особено во Велес таа беше крајно заострена. Чорбаџиокиот елемент, чие што учество во раководството на Организацијата беше ограничено, зашто раководството беше во рацете на нивните учители, се надигна отпочнувајќи борба за преземањето на раководството на РО во свои раце.

Раководител на РО беше Андон Димов, мој многу добар ШКОЛСКИ другар и сочувственик — социјалист во минатото. Како ученик, порада неговата соработка со нас, беше исклучен од Скопското педагошко училиште. Тој се ползуваше со голем углед меѓу поинтелигентните младинци, членони на Организацијата. Тие беа од средниот сталеж на нашето граѓанство и работници. Чорбаџискиот елемент ги имаше своите истакнати водачи во лицето на д-р Петре Кушев и Андреја Чифчиристов, директор на училиштето во градот. Чорбаџиите сакаа да го земат сосем раководството во свои раце и по тој начин да се отресат од финансискиот товар, кој досега во поголема мерка лежеше на нивните плеќи за нуждите на Организацијата и тој товар да биде префрлен на плеќите на занаетчиите и работниците и да можат да го насочуваат движењето во поконзервативен — неоврховистички правец.

Попрогресивниот елемент го поткрепуваше старото затечено раководство, на чело со Андона Димов. Но јас сфаќав јасно дека оваа фракциска борба за раководството ќе доведе до принципиелни разлики и бездруго ќе се оформат различни струи. Ние социјалистите го симпатизиравме Андона Димов и неговите другари и ги потпомагавме да го зачуваат раководството во свои раце, но чорбаџиите си избраа свое посебно раководство и веќе во Велешка околија имаше две раководни тела, од кое секое претендираше дека е законско и од свое име издаваше наредби за уредување на организационите работи, претендираше секое од нив да е законско раководно тело на ВМОРО. Борбите фатија да се заоструваат и веќе се стигна до осудување на смрт од едната и од другата страна.

Ова стануваше во Велес, најважниот центар во територијата на ВМОРО, од кој зависеше сообраќајот меѓу Западна и Источна Македонија и тоа во таков историски момент, кога беше повеќе од животна нужда потребна сплотеноста на силите во национал-револуционеоната организација. Централниот комитет на ВМОРО, остават по востанието во внатрешноста, гледајќи ја оваа голема опасност. го праќа Ѓорчета Петров во Велес да може да ја искорени оваа фракционерна зајаденост и да го создаде потребното единство и сплотеност во редовите на организацијата во Велешка околија, (зашто таа расцепеност во Велес се пренесе и во селата). Ѓорче исто така сакаше да си замине за Бугарија.

Уште првиот ден од пристигнувањето ва Ѓорчета Петров јас се ставив со него дома кај Андона Димов, каде беше тој на стан. Се познавав со него уште од 1899 година во Софија, кога се видов за првпат и со Гоцета Делчев. Јас не се задржав многу кај него, зошто требаше да си одам. Кај нас тогај ноќно време не можеше да се движи човек без фенер и бидејќи беше се стемнило, јас си отидов, зашто со полицијата не бев во пријателски односи.

Набргу по пристигањето негово, еден ден ми соопштија заедно со Тодора Богданов од „гемиџиите“ да појдам вечерта во куќата од Петрета Манев за да се сретнам со Ѓорчета. Вечерта отидов со Богданов и преноќувавме кај Петрета Манев. По таков начин имавме возможност, да се разговориме и да ги размениме мислите со Ѓорчета понашироко. Тој ми го рече следново, откако се поздравивме:

„Ве повикав при мене како претставители, едниот на социјалистите, другиот на „гемиџиите“, кои ги има достатачно во вашиов град и постојат одделно во организационен однос, но сте сила која не е без значение во нашиот национал-револуционерен живот и ние водиме сметка за вас и секогаш вашето содејство, што сте го давале на драга волја ни било драгоцено, и сега верувам оти и вие ќе ме потпомогнете во мојава мисија да ѝ туриме крај на опасноста од фракционерната расправија, која зема застрашителни размери во нашиот град“.  

Јас прв одговорив: „Ние, Ѓорче, и безрезервно и безусловно ќе ти содејствуваме за да успееш во твојата мисија. Ние исто така ја сфаќаме големата опасност од таа фракционерна борба и голема е нашата желба да може да се обединат силите за претстојните борби, што ќе бидат потешки, зашто и непријателите се намножуваат, а ќе се намножат и фронтовите“.

Тој беше задоволен од мојов одговор и отпочнавме подолг разговор за карактерот на нашите борби во иднина, се разбира, во една пријателска атмосфера. Секогаш во зафатените дебати ги засновував своите становишта на марксистичките принципи и ги истакнував законите на општествениот развиток. Познавајќи ги нив и раководејќи ја својата дејност по силата на тие закони, ќе биде целосообразна а и резултатна борбата за нашето национално ослободување. Ѓорче истакна тогаш една мисла, која и досега не сум ја заборавил: „Тие закони навистина го обусловуваат историскиот развиток, но има едни малечки закончиња кои се создаваат во текот на развитокот на животот, и имено тие закончиња е потребно да се откриваат своевремено и да се согледуваат, зашто имено тие малечки закончиња, пренебрегнати и незабележени од општественикот и револуционерот, можат да ги турнат и големите закони, како што ја турнува колата малечкото камче“. Нашиов разговор продолжи до доцна ноќта.

Ѓорче преседе во нашиов град повеќе од две недели и со општи усилби успеа да скрпи едно општо раководство со претставителите на обете фракции. Кога требаше да си замине, го испратив и на разделувањето го прашав: „Ѓорче, веруваш ли оти ќе продолжи новото раководство долго време, без да се расклоцкаат одново, зашто причините што го предизвикаа расцепувањето, не се поништени?“. Ми одговори: „Додека сум во велешкиов реон, ќе трае „општото“ раководство, но штом ќе го напуштам последното село од вашиов реон, расцепувањето ќе избувне одново со уште поголема сила. Нашата организација воопшто прилага на скапана антерија. Ти ја крпиш на едно, а таа пукнува на пет места“. Се разделивме и си пожеливме долг живот и добро здравје. Но јасна беше неговата загриженост за идниот живот на ВМОРО.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: