January 15, 2014

Славата, митот и крвта на ВМРО 23

Славата, митот и крвта на ВМРО (23)

Андон Ќосето, најпознатиот терорист на ВМРО

Терористи на Михајлов за шест месеци ги убиле Петар Чаулев во Милано, Тодор Паница во Виена и Стојан Мишев во Штип

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

ВМРО не ретко користела сила и често организирала убиства за да го заштити народот, да спречи некаква пропаганда против неа или да казни некој што и погрешил. Ако некој бил предавник - го ликвидирала. Според американскиот професор Кит Браун, иако тоа претставувало насилство, сепак, имало нешто позитивно од конструктивен аспект, зашто со тоа се зацврстувала верноста во делото.

Андон Ќосето бил еден од најпознатите терористи на ВМРО во првите години по нејзиното формирање кој ги извршувал таквите задачи на организацијата. Колку луѓе убил по налог на ВМРО тешко може да се каже. Ако се суди според тоа што самиот го раскажува во своите спомени, станува збор за повеќе десетици. Ликвидирал Турци, гркомани, србомани, но и предавници на организацијата. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор.

Таму каде што ќе загустиле работите на теренот, каде што требало да се расчистат сметките со оние што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето. Често примал наредби и од Гоце Делчев кого го почитувал повеќе од кој било друг револуционер. „Ќе се појавеше некаде раздор или пак не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Кога ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг“, се сеќава Ќосев кој го ликвидирал и сопствениот брат, кого Турците го зеле со нив да им го покаже.

Често убивал и на своја рака без да му нареди организацијата и еднаш кога посегнал по животот на двајца попови - прогрчки и бугарски, и еден учител, Сандански му испратил остро писмо и побарал да престане да убива попови и учители зашто ќе му требаат на македонското дело. Го предупредил и Груев кога убил виден Турчин. „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш“, ќе му порача тој.

Најпознатиот терорист на ВМРО по нејзиното формирање бил и меѓу комитите кои ја грабнале Мис Стон и лично ја однел во Струмичко откако бил платен откупот. По убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов бил уапсен, но по единаесет месеци затвор бил пуштен на слобода. Го нарекувале санданист и разбојник. Им одговорил дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на организацијата и дека не служи на личности, туку на Македонија. Вистинското име на Ќосето е Андон Лазов Јанев. Роден е во велешкото село Голозинци во 1854 година. Починал во длабока старост на 99 години во Благоевград.

Некогашната ВМРО која убивала само тогаш кога било неопходно да се зацврсти вербата во она што го преземала, Ванчо Михајлов ВМРО ја претворил во класична терористичка организација, која повеќе се занимавала со ликвидации, отколку со македонското дело. Во своите спомени ќе се пофали дека за девет години биле извршени 85 атентати само во вардарскиот дел на Македонија.

Кога го правел списокот на тие што треба да бидат ликвидирани на прво место ги ставил, според него, „најголемите непријатели на македонското дело“: Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО на автономистичката ВМРО, кој „се шетал по Европа на сметка на Виенската комунистичка централа“, потоа, Стојан Мишев кого го обвинувал дека соработувал со Србите и „тероризирал и истребувал се' што било побудно бугарско во Брегалничкиот регион“ и Тодор Паница, кој работел за комунистите, Србите и Грците.

Прв ќе биде ликвидиран Стојан Мишев. Тој е штипски војвода од Ново Село, родното место на Михајлов. Семејствата на Мишев и Михајлов биле соседи и многу добро живееле. Смртната пресуда ја реализирал 21-годишниот штипјанец Кирил Григоров на 30 декември 1924 година, точно напладне, на прагот на куќата во која што живеел, пред неговата неколкугодишна ќерка Нада, покојната сопруга на претседателот Киро Глигоров. Атентаторот успеал да избега од Штип и стигнал близу до границата со Бугарија, но таму бил предаден од некој селанец и фатен од српската полиција. Осуден бил на смрт и стрелан на 30 август 1925 година.

Кирчо Григоров од Михајлов ќе биде нарече македонски херој иако лидерот на терористичката ВМРО никогаш не влегол во Македонија и не зел пушка в рака да се бори за неа како што се бореле другите македонски револуционери, плашејќи се за сопствениот живот. Наместо тоа испраќал млади сиромашни момчиња кои слепо му верувале, извршувале секоја негова наредба и убивале во името на Македонија.

Еден месец подоцна, на 23 јануари 1925 година во Милано ќе биде застрелан и Петар Чаулев. Него ќе го убие Димче Стефанов, кој четири години подоцна ќе учествува и во ликвидирањето на Александар Протогеров. Од 13 –те терористи што ќе ги повика Михајлов да ја извршат смртната пресуда на охридскиот војвода, ждрепката ќе му се падне на Стефанов. Младиот терорист не го познавал Чаулев па затоа ќе носи негова слика и цел месец ќе ја бара својата жртва по хотели и кафеани во Милано. Го пронашол во бар на плоштадот Верциере и со пет куршуми му пресудил.

На судскиот процес што ќе се одржи 16 месеци подоцна, за да го бранат Стефанов, Михајлов ќе ангажира двајца тогаш познати италијански адвокати – сенаторот Винченцо Морело од Рим и пратеникот Јученцо Капа од Милано. Стефанов ќе биде ослободен со образложение дека морал да го убие Чаулев. Единствено ќе биде казнет со 203 лири поради тоа што носел опасно оружје. Убиецот на Чаулев е роден во кратовското село Маричино 1901 година. Останал сирак а го посвоила една штипска фамилија. Работел како месар, а по Првата светска војна пребегал во Софија.

Според д-р Владо Поповски, Петар Чаулев грижите и обврските кон македонското дело стриктно ги поврзувал со Македонците и македонскиот народ, а не со кои било бугарски субјекти, при што поимот „македонски народ“ кај Чаулев има концепциско а не техничко значење. Чаулев има показатели дека ја издвојува не само политичката, но и другата (културната и духовната) судбина на македонскиот народ и на Македонија од таа на бугарскиот народ и на Бугарија.

Од тројцата, според Михајлов, „најголеми непријатели на македонското дело“, последен ќе биде застрелан Тодор Паница од Менча Карничу. Смртната пресуда ќе ја изврши на 8 мај 1925 година во виенскиот Бургтеатар додека заедно гледале претстава. „Таа вечер, на 8 мај, во Бургтеатар се даваше ’Пер Гинт’ од Ибсен. По првите истрели во Паница, жена му ми ја фати раката. Јас ја оттргнав и тогаш сум ја ранила во устата. Јане Богатинов (телохранител на Паница – м.з.) се обиде да стане, но стрелав во неговите нозе и тој ја обеси главата врз ложата“, ќе раскаже подоцна Карничу. Грмотевиците во ложата се слеале со сцената на претставата. Таа пукала во оној момент кога била импровизирана бура и се слушало како се крши и потонува брод. Никој од присутните не разбрал ништо. Ја напуштила ложата и излегла на улица.

Менча Карничу, која подоцна ќе му стане сопруга на Михајлов, била Влаинка, родена во Крушево, а Паница, нејзината жртва, по националност Бугарин, познат санданист. Пеколниот план за ликвидација на Паница го скроиле со Михајлов. Била болна од туберкулоза а во Виена отишла наводно да се лекува. Живеела со Магдалена Измирлиева, сестра на сопругата на Паница, што и' овозможило да се приближи до него и полесно да го убие.

Како и во сите други случаи, Михајлов ќе ги ангажира најдобрите адвокати да ја бранат атентаторката. Карничу ќе биде осудена на осум години затвор, но потоа ослободена. Според тогашните австриски закони, ако осудениот поради болест не можел да ја издржува казната се ослободувал. А Карничу тогаш била тешко болна. Со амбулантно возило ја префрлиле до железничката станица, од каде заминала за Будимпешта. По еден месец стасала во Софија каде и бил организиран величествен пречек.

(Продолжува)

No comments: