Трајче Јанчевски - Биографија

Трајче Јанчевски (www.trajcejancevski.mk) е роден на 29 јануари 1928 год. во Куманово, во скромно семејство како трето дете. Неговиот татко Коста имал сопствена пекарница (во приземјето на семејната куќа) во која правел вкусни и убаво декорирани пецива, сомуни и леб, а мајка му Павлина била домаќинка. Топлината од пекарницата како да се пренесувала на некој магичен начин и на жителите во куќата. Во нивниот дом владееле љубовта, хуморот и семејната хармонија (која подоцна Јанчевски ја пренесува и во својот дом и на своето семејство, а сето тоа ќе се проткајува во неговото творештво си до денес). Ваквиот хармоничен живот придонесувал и ја поттикнувал креативноста на сите членови од семејството секој на свој начин, која родителите сесрдно ја поддржувале.


Од најраното детство малиот Трајче го развива чувството за моделирање. Тие почетоци ќе се случат во пекарницата, каде што заедно со својот брат и сестрите ќе го учи татковиот занает. Со своите мали рачиња ќе го меси и обликува мекото тесто. Развојот на креативноста го продолжил цртајќи со ќумурчињата од печката на вреќите од брашно, што подоцна преминало во цртање на посериозни цртежи и портрети. Неговите родители и посетителите на пекарницата биле воодушевени од неговата дарба и го поттикнувале да продолжи со цртањето, а ова дејствувало и многу мотивирачки на него.


Пред Втората светска војна, кога само што го започнал своето школување, еден од семејните пријатели му подарил на татко му сандак полн со книги, што ја поттикнало неговата љубопитност за читање авантуристичка, уметничка, научна и класична литература. Сето тоа придонело за развој на неговата бујна фантазија и на авантуристичкиот дух. Прв и најголем впечаток му оставила книгата "Јуриш во вселената" од Пјер Мерин. Таа ќе му го отвори патот и ќе му ги разгори соништата за летањето, вселенските летала, крилјата (бидејки паралелно со сликарството тој имал и голема желба да биде пилот). Иако Јанчевски во својата најблиска околина важел за мирно и тивко дете, тој всушност во себе криел еден немирен дух. Во тие години ќе се здобие со прекарот Хари, според еден од јунаците на авантуристичките филмови, Хари Пил. Во овој период ги збогатува своите цртежи (акварели) во училиштето и со вонземни елементи. Фасцинираноста од авантуристичката литература на Џек Лондон и Карл Мај го испровоцирала да почне да црта и егзотични предели, џунгли, прашуми, Амазон ...


Веднаш по започнувањето на школувањето, неговата дарба била забележана од учителот по цртање Кирил Караџа, кој со текот на времето сè повеќе стекнувал доверба во него и го оставал да ги коригира цртежите на неговите соученици на часовите по ликовно воспитување.


Во тоа време тој сè повеќе ги откривал тајните на "волшебниот" ковчег и дошол до книгите "Воскреснати богови" од Мерешковски, каде што за прв пат се среќава со големите ренесансни мајстори Леонардо, Микеланџело ... и со животот на Борџиите, Франсоа И ... Во него наоѓа и дела на повеќе класици : Балзак, Ги де Мопасан, Александар Дима, Достоевски, книга за животот на Рембрант ... што сè повеќе ја провоцирало неговата бујна фантазија и неговата желба за самодокажување.


Во училиштето веќе се прочуло за неговата дарба и управата се заинтересирала неговите творби да се врамат. Овие творби, изработени со темперни бои, им оставале голем впечаток и насоучениците така што една била украдена од некој што имал желба да црта (на што и ден денес тој се сеќава со големо задоволство).


Големата поддршка што ја имал од неговите професори Кирил Караџа и Трајко Муфтински (сликар/зограф) кулминирала кога професорот Караџа му предложил и им советувал на неговите родители да го прекине школувањето во петти клас (од тогашни осум) и да го пратат на приемен испит во Средното уметничко училиште во Скопје. Тој бил пресреќен, а неговите родители, иако не многу образовани и финансиски ситуирани, ја сфатиле сериозноста на овој предлог и значењето на образованието во тоа време.


Така благородниот, но авантуристички настроен Јанчевски, пристигнал во Скопје (1945 г.) со едно писменце - препорака од професорот Караџа до Никола Мартиновски, кој тогаш бил директор на Средното уметничко училиште. По пристигнувањето во училиштето веднаш почнал да црта портрет на приемниот испит кој требало да трае три дена. По неколку часа Мартиновски ја увидел неговата дарба и го ослободил од тридневното полагање, при што го известил дека е примен во училиштето. Со оглед на тоа што доаѓал од друг град и немал каде да престојува, професорот го повикал служителот Антон и го замолил да се погрижи за неговото сместување. Добродушниот Антон, иако сиромашен, го зел во својот дом извесно време. Јанчевски бил фасциниран од помислата дека ќе учи од двајца големи мајстори какви што биле Мартиновски, кој му го предавал предметот портрет, и Личеновски (кој бил шеф на катедрата во тој период). Скромниот и тивок Јанчевски бил веднаш прифатен и од соучениците и од професорите. Со големо воодушевување се сеќава на своите професори кои се грижеле за него како за сопствено дете. За време на школувањето неговата дарба со помош на големите мајстори-учители почнала да се надоградува. Неговиот матурски труд "Акт" бил награден со парична награда од училиштето. Ова дејствувало многу мотивирачки на него. Мартиновски и Личеновски го издвоиле во групата студенти на кои им дале дозвола да одат да студираат, бидејќи поради недостаток на кадри, во тоа време имало закон според кој сите што завршувале средно уметничко училиште морале да се вработат како предавачи во училиште.Така во 1949 година Јанчевски заминал во Белград со својот награден акт и веднаш бил примен на Академијата заедно со Петар Мазев, Јордан Грабуловски, Иван Велков ... Со пристигнувањето во овој велеград, тие се нашле во една сосема поинаква средина која во првите моменти кај нив предизвикала чувство на несигурност.


Тоа било резултат на нивната младост и неискуство, но сето тоа набргу исчезнало бидејќи во Белград веќе живеел неговиот брат Јован кој работел како предавач во училиште за моделарство и изработка на чевли. Јанчевски почнува да се надоградува во сликарството благодарение на големите мајстори на академијата: Миленко Шербан, Павле Васиќ, Антон Хутер, Винко Грдан, Иван Табаковиќ (акварел, цртеж), Ристо Стијовиќ (вајарство) ... Полекапочнува да навлегува и во боемските кругови благодарение на својата романтична душа, смисол за хумор, дарба за свирење гитара и за танцување. Професорите на Академијата, задоволни од неговата работа, му дозволиле паралелно да студира и на отсекот сценографија и на отсекот применета уметност. Во тоа време професорот Антон 5051 Хутер кој предавал вечерен акт ‡ го поставил за демонстратор на неговите предавања.


Иако престојувал во Белград, тој не бил заборавен од своите професори од Скопје. Во една прилика, додека се одвивал часот по акт на кој биле присутни неговите белградски професори Шербан и Васиќ, ненадејно пристигнал професорот Личеновски, со цел да се распраша за напредокот на својот ученик. Васиќ и Шербан се изразиле најпофално за него, поради што Личеновски бил воодушевен, а пак Јанчевски пресреќен (особено поради тоа што Личеновски и неговата сопруга Зоја ги чувствувал како родители). Во 1954 година Јанчевски го завршува студирањето во Белград со десетка и се враќа во своето родно Куманово, преполн со ентузијазам, задоволен од успехот на Академијата и од убавиот студентски живот. Тогаш ја запознава љубовта на својот живот, неговата муза и верна сопатничка - сопругата Даче. Љубовта што пламнала уште на првата средба, траела со истиот интензитет сè до крајот на нејзиниот живот. Во 1955 година се случиле две значајни работи во неговиот живот. Го назначуваат за професор по ликовно воспитание во Куманово и ја крунисува својата љубов со брак. Љубовта, топлината, хармонијата и хуморот кој во своето детство ги чувствувал во домот на своите родители, Јанчевски сега ги пренесува и во својот дом. Следната 1956 година се раѓа и плодот на нивната љубов, ќерката Светлана - Цеце. Мотивиран и задоволен од приватниот живот, тој се вклучува во повеќе активности. Тој е иницијатор на првата ликовна група во градот ‡ "Кумановци", која подоцна се развила во ДЛУК, а тој ќе биде и нејзин прв претседател. Работел на реставрација на голем број икони и фрески во црквите низ Македонија (сè до средината на 60-тите): Св. Пантелејмон во Нерези, Св. Богородица и Св. Спас во с. Кучевиште, Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, Св. Никола во с. Псача, Лесновски Манастир, Св. Софија во Охрид, Св. Никола Болнички во Охрид, Св. Јован Канео во Охрид (каде што, како раководител на екипата во 1963 година во црквата која веќе била сондирана, прв открива дел од живопис во куполата на главната апсида, еден ден пред катастрофалниот земјотрес, поради што веднаш се враќа во Скопје). За време на реставрирањето, младиот уметник бил маѓепсан од делата на старите мајстори. Во тој период многу често, заедно со Коста Балабанов, понесени од желбата за откривање на тајните на овие дела, по завршувањето на работниот ден, до доцна во ноќта (некогаш и цели ноќи) копирале детали или цели композиции, сè со цел да ја откријат техниката и магијата на колоритот на фреските и иконите.


Во 1957 година, по барање на тогашното Министерство за просвета и култура, тој е назначен за сценограф во тогашниот Младинско-детски театар (денешен Драмски театар, каде што работи сè до пензионирањето во 1988 година). Поради вработувањето, следната 1958 година се сели со своето семејство во Скопје. Покрај редовните обврски во театарот (моделирање специфични кукли, правење сценографии, костими за претстави), тој продолжува со разновидни активности врзани за градот. За новогодишните празници впечатливи биле неговите сценски претстави на приказни и бајки, цели детски гратчиња, што претставувало голема радост за најмалите. Сето тоа се случувало на Плоштадот во центарот на градот, повеќе години по ред. За време на студискиот престој во Париз (1964/65) тој се воодушевува од градот на светлината и од можноста да ги гледа во живо делата на старите мајстори, кои го фасцинирале уште од најрано детство. Неговата прва промоција во светската јавност е на Петтата интернационална изложба на современа уметност во Њу Делхи, каде што беше единствен претставник од Македонија меѓу големите светски имиња како Пикасо, Шагал, Руо, Брак, Леже, Поликов ... Оваа изложба која траеше една година, на секои три месеци беше презентирана во повеќе големи градови во Индија : Бомбај, Калкута ...


Од тогаш па до денес, следат бројни признанија, награди, благодарници, пофалници кои и денес го мотивираат да работи со големо задоволство и ентузијазам во мирот и тишината на своето ателје. Тој и ден денес има чувство дека е недоискажан во своето творење. И во миговите кога го слика своето дело, во неговите мисли секогаш е зародишот за наредната слика.

Светлана Јанчевска
Монографија "60 години творештво"- С. Јанчевска 2009

Објавено во Македонска ризница, бр. 17

No comments: