Знамето се вееше гордо и праќаше порака СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!!!

“Ладно есенско утро, 13 Ноември, 1944-тата година. Партизаните се подготвуваат за борба. Срцата бијат како едно, мислата е насочена само во слободата и другарите, со кои можеби ова ќе биде последната средба” – на ова се сеќава, денес 85 годишната Пенка Кралевска, тогаш една од најмладите партизанки во 12-тата Ударна бригада, која учествувала директно во ослободувањето на Скопје. Сеќавањата вели, се сè уште свежи, како да беше вчера. Заменик на политичкиот комесар на 12 та бригада, таа зад себе има многу спомени поврзани со војната, со предвоено и повоено Скопје, но повеќе од сигурно, најубавите се врзани токму со ослободувањето на градот.


“Со бригадата бевме стационирани на Водно, се спуштивме кон Офицерскиот дом. Се сеќавам на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом. Драга, мојата другарка го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка, се обидуваше да помогне на ранет војник пре училиштето “Гоце Делчев” кај денешното Друштво на писатели, но тоа беше нејзината последна задача.

Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, се додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.

Тогаш ми се мешаа чувствата, емоциите и желбата да се успее во намерата да се ослободи градот од окупаторот. Кога стигнавме пред Офицерскиот дом, едвај ја разбивме вратата, но успеавме да стигнеме на врвот. Знамето се вееше гордо и праќаше порака СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!!!


Јас тогаш, паметам, бев најгордата скопјанка, бидејќи ја имав честа да го развијорам знамето, во чест на слободата, во чест на моите другари кои ги дадоа своите животи за својот град. Од Офицерскиот дом, дел од бригадата се упати кон учителската школа.Иако слободно, низ улиците на Скопје сè уште се водеше борба” –  вели Пенка Кралевска.

Војна и љубов!

Во бригадата, се сеќава Пенка Кралевска, го запознала својот сопруг Боро Кралевски, сопартиец, другар, а потоа и животен сопатник. Вели, тоа беше голема партизанска љубов. Во бригадата влегов во 1943-тата, а сопругот беше член од 1941-вата под водство на командант Бузо. Тоа беа времиња на разбирање, дружење и другарство, кога сите дишеа како едно. Уличните борби продолжија, иако Скопје беше ослободено. Но послободно се движевме, како победници, како свои на своето. Во 1946 година својата љубов со Боро ја крунисавме со брак, среќата ја делевме со другарите од бригадата. Многумина од нив останаа наши семејни пријатели уште долго време. Во мене остана да тлее искрата на другарството од партизани, таа врска е најсилна, бидејќи како ретко кога, за другарот си спремен да го дадеш животот. Ќерка ми на шега и денес ме вика “партизанка”. По името на мојот сопруг-истакнат борец денес има и улица “Боро Кралевски” во населбата Радишани. Јас од “Бирарија” во скопската населба Црниче, тој чаирчанец. И двајцата имавме само една мисла-да го видиме нашиот град слободен, да дишеме и шетаме слободно”-додава Кралевска.


Пред 69 години, по 24-часовни борби, Скопје го дочекало снежното 13-ноемвриско утро, ослободено од германските фашистички, окупаторски и воени единици. Партизаните 12-тата, 3-тата и од 16-та Македонска бригада се спуштиле од Водно во добро обезбедениот град, во кој непријателот ги обезбедувал поголемиот број улици и објекти. Татнежот на уличните борби, бил најсилен кај Офицерскиот дом, поранешната учителска школа, поштата, хотелот „Македонија“ и кај други значајни објекти во кои биле утврдени германците. Партизаните Сепак по деноноќни борби ги протерале и последните германски војници од градот. Утрото на 13 ноември со коњи промарширале низ градскиот плоштад каде што граѓаните ги поздравиле со цвеќиња. На ова се сеќава и претседателот на градскиот одбор на борците, Трајко Стаматовски, кој исто така бил директен учесник во ослободувањето на градот.


“Слабиот снег кој паѓаше токму на 13-ти Ноември, само ни ја олеснуваше работата. Борците од дванаесетата и третата бригада беа скоро сите скопјани, кои го знаеја својот град како својот џеб. Секое ќоше од теренот можеа мижејќи да го изодат. Патот кон Куманово кое беше ослободено им беше попречен на Германците, се извлекуваа само кон Качаничката клусура-накај Блаце, кадешто ги чекаше во заседа шестата бригада. Во бригадата бевме распоредени по целиот североисточен дел, ја покривавме цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнавме во Скопје веќе се водеа жестоки битки. Дванаесеттата бригада се бореше за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, училиштето „Гоце Делчев“ (сегашно Друштво на писатели), Офицерскиот дом, Народна банка. Голема битка се водеше кај Старата железничка станица. Германците беа присилени да се предадат. За женската гимназија, која се наоѓаше кај Владата, се водеа борби за секој кат, за секоја училница. Голема помош добивавме од формираните диверзантски групи кои ги имаше околу 20. Ги сечеа телефонските и телеграфските кабли, фаќаа соработници на непријателот од кои ги вадеа клучните информации. Еден таков момент беше кога ги пресекоа каблите кај Камени мост, бидејќи тој беше планирано да се минира од непријателот, како стратешки објект кој ги поврзува двете страни на Вардар. Непријателот беше стациониран во Офицерскиот дом, можеше се да посматра бидејќи цело Скопје им беше како на дланка. Позначајни се и битките на Водно и на Матка, и онаа кај денешната кафеана Идадија. Мачна борба ги чекаше борците. Но истрааја до крај” -се сеќава Стаматовски.


Победата дочекана со солзи и цвеќе!

Денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, е врежан во спомените на борците, кои ја пренесуваат радоста и гордоста и денес. Да потсетат, да укажат и да пренесат како се сакал својот град. Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите. Партизаните победоносно на коњи, парадирале низ центарот на градот. По Скопје, останале неослободени градовите Тетово и Гостивар. Но, најголемата и најтешката битка, се сеќаваат борците, била издвојувана со ослободувањето на главниот град. Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот. Од денешна перспектива, велат оние кои останале да сведочат за херојствата, тоа не била само борба за градот, туку и борба за животот, за иднината, бидејќи овие настани ја пишуваат историјата и патот по кој таа се создава. Војната велат борците, не носи добро никому, но ниту окупацијата, и затоа токму на овој ден ја испраќаат пораката “ Да не се повтори, но и да не се заборави”.

С.Б. (извор: Фактор, 13/11/2013)

No comments: