Херојската смрт на Ставре Војвода

На триста метри од прекрасните Вевчански извори, на оградата од една куќа, ќе здогледате спомен-плоча на која пишува: "Во април 1907 година на ова место во нерамна борба со многуброен турски аскер херојски загина Војводата Ставре Гогов". Се што е напишано е историска вистина, но вистината е многу поголема од напишаното.

На местото каде што е поставена спомен-плочата не само што херојски загинал Ставре Гогов-Војводата Илинденски, туку во оваа куќа во април 1907 година се случил голем настан, што не треба да се минимизира, зашто е дел од историјата на македонскиот народ.А еве и зошто.

КРВАВА БОРБА

Ставре Гогов - еден од војводите во Илинденското востание, уште долго во постилинденскиот период со својата чета се бори во Дримкол за идеите на Илинден. Една априлска ноќ 1907 година, Ставре затропал на портата на Трпе Шекутков во Вевчани, кој му бил вујко. Трпе, свесен за борбата на илинденците и како секој добар вујко му дал засолниште на својот внук, ризикувајќи да го жртвува целото свое семејство. Турскиот аскер дознал дека Ставре таа ноќ е во куќата на Трпе Шекутков и со многуброен аскер и башибозук уште вечерта ја сардисале куќата.

Нерамноправната борба почнала од утрината и траела до квечерина. Со Војводата се борело и семејството на браќата Трпе и Кузман Шекутков, кое броело 10 члена. Кога го потрошил оружјето и се нашол во безизлезна положба Војводата Ставре Гогов се самоубил со последниот куршум во својата берданка, како што направија многу од големите дејци во илинденската и постилинденската епопеја. Во нерамноправната борба гинат и домаќините на куќата: Трпе Шекутков и неговиот брат Кузман, снаата Андрица, а трите внуци од синовите на Трпе се ранети: Ангелина, Вјанка и Наум (синовите биле на печалба). Потоа турскиот аскер ја запалил куќата и таа изгорела до темел. Подоцна, потомците на загинатиот Трпе Шекутков на истото место изградиле нова, на која денес стои спомен-плочата. Во борбата според едни искажувања загинале 27, а според други 117 непријатели.

ПЕСНА ЗА ВОЈВОДАТА

Вевчанскиот македонски народ не останал рамнодушен кон трагедијата на семејството на браќата Трпе и Кузман Шекутков и кон херојското загинување на Војводата Ставре Гогов и овој историски настан го овековечува во песната: "Од Битола до Вевчани се сардисано, ура, ура Ставре Војвода/ го сардисаа млади Ставре во Шекуткој, Ставре има машко срце не се предава, Ставре има бердан пушка не се предава. Прва бомба што ми фрли во конопиштата, таа уби десет души од аскерот, сврти пушка од вратата Ставре Војвода сам се уби, ура, ура за Македонија."

Ова песна и ден-денешен вевчанци ја пеат при најразлични свечени поводи.

Ваквите настани зборуваат за исконската верност на македонскиот човек кон идеите на Илинден, а со нив недоволно е запознаена македонската јавност. Стогодишнината од Илинденското востание, сметам дека е вистински момент народот македонски (особено младите) и меѓународната заедница многу повеќе да се запознаат со Илинден од 1903 година и со постилинденската епопеја. Во нив здушно учествувал целиот народ вклучително и жените, кои криејќи ги писмата во плетенките од косата ги разнесувале на комитите. Ете така и во Вевчани се пишувала историјата на македонскиот народ.

Милосија Шекутковска (извор: Дневник, број 2216, сабота, 18 март 2006)

(Авторката е сопруга на доктор Трпе Шекутковски, крстен по името на неговиот загинат прадедо)

No comments: