December 14, 2013

За самоволието на агите казната била ликвидација

Илинденското востание токму својата најголема масовност и организираност ги достигна во т.н. регион Брсјачија, со учеството на потомците од учесниците од Брсјачката буна

Брсјачката буна значајна историски, ама недоволно позната

Брсјачката буна, реализирана на територијата на прилепско-демирхисарскиот регион кон крајот на 18 век, е значајна алка и посебен елемент во профилирањето на македонскиот субјект за неговата афирмација и конституција како современа нација. Но, за жал, објаснува историчарот м-р Зоран Богески, недоволно е третирана не само во јавноста туку и во историјата. Буната, според историчарот Богески, е логичен тек во тој процес, кој е директна врска и последица на добиената културна и локална автономија на македонското население во Османлиската Империја, организирана преку црковно-училишните општини, со која се стекнало македонското христијанско население во Македонија.

- Брсјачката буна по начинот на кој почнала да се создава и да се шири, по раководните елементи што го имале првиот збор во неа, по средствата што планирала да ги употреби, како и по првите акции што ги презела, се пројавила како ефикасна сила што ветувала да прерасне во вистинска народна организација, која иако почнала со ликвидирање на османлиските самоволници и насилници, веќе истапувала со барања за политичко ослободување од османлиската власт и со тенденција дури и да прерасне во координирано востание. Нејзиното предвремено откривање, оддалеченоста од другите војнички раздвижени региони во источна Македонија, само го одложило исполнувањето на задачите што биле поставени, кои се само израз во рамките на уставните и програмски опредeлби на Македонската револуционерна организација, која го организира и раководеше Илинденското востание, кое токму својата најголема масовност и организираност ги достигна во т.н. регион Брсјачија, со учеството на потомците од учесниците од Брсјачката буна, каде што претходно бунтовниците се стремеа да почнат со реализација на целта - раскажува Богески.

Овој многу малку истражен значаен историски настан е само дел од распламтениот пламен во Македонија веднаш по Берлинскиот конгрес, со кој се одвиваа формирањето и препознавањето на новиот македонски субјект.

Серија востанија на Балканот

Првпат во овој дел Македонија почна да се организира на ниво кое почнало и политички да истапува по воен пат да се отстрани османлиската власт од Македонија. Во периодот кога на Балканот избувнуваат серија востанија, почнувајќи од востанието во Босна, Априлското востание, Разлошкото и Кресненското востание, случувањата во кумановско-кривопаланечкиот регион, Брсјачката буна во западна Македонија, следуваат засилени напади на качачките банди од денешна Албанија, кои убивале, грабале, палеле масовно низ македонските села, стигнувајќи сѐ до реката Вардар, притоа попречувајќи го нормалното функционирање на патната мрежа, трговијата и снабдувањето на градовите со потребните производи и продукти.

- Нападите на разбојниците биле искористени од турските и од албанските полјаци, кои ги заграбиле нивите на христијанското население, кое не можело поради бандите да ги обработува своите имоти. Слабеењето на османлиската централна власт ги засилувало позициите на овие локални моќници. Тоа довело до анархична состојба, поради која речиси во секое село во југозападна Македонија се појавиле муслимански зулумџии што ја узурпирале турската власт и ги подложувале селаните на маки. Во вакви услови во т.н. брсјачки регион, во кој спаѓа и Прилеп, се појавиле голем број турски феудалци и одметници, кои уште повеќе ги отежнувале и влошувале ситуацијата и состојбата на христијанското селско население, па и во самиот град, тероризирајќи и убивајќи невини луѓе. Без нивна дозвола и без нивни благослов во селото, кое го третирале како своја сопственост, односно чифлик, не можело да се направи ниту една свршувачка и свадба без потплатување од по 3-5 лири за давање „благослов“. Овие пројави особено зачестиле во периодот од 1872 до 1878 година - вели нашиот соговорник. Познати деребии во тогашната Прилепска нахија биле османлиските насилници Ќучук Сулејман Суљо од с. Пресил, Осман-чауш од с. Трновци, Вели-ага од с. Врбоец, Јусуф-ага од с. Алданци, Исмаил Чакре од с. Врбоец, Мехмед Далип од с. Житоше и Реџо-ага, кој го малтретирал населението од с. Светомитрани, како и Нази-бег од Бучин и Цуфе-ага од с. Норово, кој убил повеќе од 30 мажи и жени од Кривогаштани. Во вакви услови, на зголемен терор и самоволија на османлиските аги, бегови и полјаци населението од селата на брсјачкиот регион започнало да се самоорганизира и да наоѓа патишта за да се ослободи народот. Дошло до формирање вооружени чети во западна Македонија, кои во почетокот дејствувале независно една од друга и секоја во својот реон, а најчесто на чело на овие чети биле поставувани доброволци од српско-турските и руско-турските војни. Се јавувале и локални лица, па со текот на времето дури почнале да се формираат и конспиративни групи. Кривогаштанските првенци се советувале со крушевските конспиратори од Горно Маало што да преземат во врска со Цуфе-ага, при што им било сугерирано дека треба да го убијат насилникот. Кратко потоа Цуфе-ага бил ликвидиран. Подоцна и Реџо-ага во Светомитрани, кој инсистирал жителите на селото да прекинат со празнување на Петровден и да ја продолжат жетвата на неговиот чифлик. Реџо-ага бил убиен од селскиот кмет Ристе Кунте и од Стефан Тинта.

Ликвидацијата на Шендел

Се појавиле и незадоволни лица, кои веќе преминале во илегалност и започнале самостојно да дејствуваат, каков што е примерот на Петре Мукев Шендел. Тој не бил одметник, туку борец против власта. Шендел морал како млад да го напушти Кривогаштани и да се стави под заштита на силниот и влијателен Смаил-ага, закупец на десетокот. Не можејќи подоцна да ги поднесува неговите самоволија вршени врз народот, Шендел го напуштил Смаил-ага и, како илегалец, започнал да го обиколува регионот и да го заштитува народот против самоволијата на османлиските аги, бегови, одметници и арамии. Тој се поврзал со Христо Стефанов Карев и со Христо и Никола Ковачот од Крушево. Четите што доаѓале во Крушево, поради немањето муслиманско население и администрација со постојано место на живеење во градот, заедно со нивните соработници, јатаци и конспиратори не внимавале многу на своите активности. Петре Шендел на Велигден 1878 година се наоѓал во крушевското Мочур Маало, брсјачко мало во Крушево, најверојатно кај своите блиски соборци и јатаци, слободен излегол каде што се одржувала вообичаена прослава за вакви празници со зурли и тапани, при што бил откриен од властите што започнале да го гонат, а тој со помош на своите соработници успеал да го напушти Крушево и по реката Камберица, меѓу селата Врбоец и Трстеник, да стигне до една воденица на Селечка Река, каде што ранет се засолнил и криел извесно време. Тука случајно го откриле деца-овчарчиња од муслиманското село Алданци, ги известиле првенците од селото, кои го убиле, а неговото тело го фрлиле во Селечка Река, која, пак, го однела под селото Светомитрани и тука било пронајдено од неговите соселани и погребано во црквата „Света Пречиста“.

Необјавена фотографија од Христо Поп
Стефанов водачот на Крушево

- По ликвидирањето на Шендел во пролетта 1878 година, во западниот пелагониски регион на Прилепската нахија, кој гравитирал и кон Крушевската околија, започнале да дејствуваат браќата Диме и Мијајле Чакреви од Прилеп, каде што насилствата на разбојниците биле големи. Димитар Чакрев, заедно со брата си Михаил (Мијајле), Тоде Бочварчето и брат му Илија, Ѓеорѓи Лажот, Стојан Рушан, Илија Ќајта, Илија Радобилецот со неговиот син и Мицко Мариовчето организирале чета во Прилепско, попозната како „Чакревци“ - раскажува Богески.

Убиствата на одделни познати самоволни насилници, толерирани од официјалните османлиски власти, го подигнале моралот на исплашеното и понижено население, а агитациите за востание и блиско ослободување придонеле за поактивен однос на масите кон заговорничката борба, како најсоодветно средство за постигнување на општата цел - отстранување на османлиската власт. Во Крушево заговорничкиот кружок, кој и порано бил поврзан со одделни села, по 1878 година добил пошироки димензии и започнал да влегува во врска и со соседните околии.

Се собираат средства за купување оружје

- Кон крајот на 1878 година Крушево го посетиле браќата Диме и Мијајле Чакреви, во придружба на поп Атанас, братот на поп Христо, и во придружба на уште двајца четници отседнале во куќата на поп Христо Поп Стефанов, кој веќе станал срцето на заговорничкиот кружок во Крушево. Заедно со Христо (Ицо) Стефанов Карев, Никола Ковачот и бакалџијата Боце Бојаџиев направиле планови за организирање на градот и околината, како и на соседните околии, за создавање јатаци и за собирање помош и оружје. Диме Чакрев ги изнел и плановите на митрополитот Натанаил за организирањето на населението. Врз основа на направениот разговор и донесените решенија по дваесетина дена, во селото Долно Дивјаци бил свикан поширок состанок, на кој присуствувале и други актуелни војводи од соседните околии. Било решено да се бараат средства за купување оружје, да се зголеми бројот на четниците и да почне чистењето на Турците што се истакнувале по своите самоволија. Поп Христо бил задолжен да оди во Битола и преку гавазот на рускиот конзул, крушевчанецот Атанас, да дознае дали со помош и посредство на руското конзулство може да се набави оружје. Во Битола поп Христо бил примен од конзулот Њега, пред кого се пожалил за тешката положба, предизвикана од самоволијата на османлиските аги и бегови и од немањето оружје за населението само да се брани. Конзулот го советувал да бидат мирни и му ветил дека ќе го посети Крушево. По извесното организациско зацврстување на четите, започнало убивањето на познатите злосторници во секоја околија. За период од 7-8 месеци во текот на 1880-1881 година во Крушевско и во Прилепско биле ликвидирани поголем број османлиски насилници и самоволници. По ова, еден од првите деребии, уништен во прилепско-крушевскиот реон, бил познатиот рувчански деребија Јашар-бег, кој со разбојништва и грабежи се стекнал со големи имоти. Поради тероризирање, македонското христијанско население од овој крај се побунило и побарало Диме Чакре да го ликвидира. Ликвидирањето на Јашар-бег го побарале и прилепските познати првенци Крапчевци. Но ликвидирањето било тешко зашто бегот не излегувал од својата кула. Чакре со помош на крушевчанецот Гушу Фета Џока успеале да го измамат да влезат во неговиот дом како арнаути и вечерта да го ликвидираат бегот. Во куќата му заплениле над 200 лири и разни тефтери со записи што ги евидентирале и ги запишувале неговите должници меѓу населението, додава историчарот.

Во селото Житоше, во 1879/1980 година се јавиле тројца качаци, кои биле страв и трепет за околните села. Луѓето се плашеле да одат на пазар, на нива, в планина. Конспираторите можеле лесно да ги ликвидираат, меѓутоа се плашеле од тоа што на населението можеле да му навлечат многу сурова одмазда.

- Критичниот и одлучувачки момент дошол кога качаците заплениле една невеста од селото Острилци, Крушевско, и не само што ја опљачкале туку ја задржале и цела недела со себе. По ова била донесена одлука качаците да бидат убиени. Нивната ликвидација била извршена од четата на Диме Чакре. Во прилепскиот крај во овој период особено по своите самоволија се прочул Чучук Сулејман, кој на селаните им наметнувал разни даноци и давачки, обесчестувал моми и невести, убивал кого ќе посакал, дури и го обесчестил и поп Цека од селото Царевиќ. По овој случај дури заседавала и прилепската егзархиска општина и иницирала формирање една чета што ќе го заштити населението од Прилепско од насилствата на Чучук Сулејман и ќе го одмазди и поп Цека, кој набргу починал. Мнозинството од членовите на општинскиот совет сметало дека треба да се дејствува брзо. Набргу четата на Спиро Црне добила задача да го убие деребијата Чучук Сулејман. Убиството се случило на Илинден 1880 година, откако го напуштил селото Гудјаково. Потоа четата извршила уште неколку ликвидации на уште неколку други насилници по патот Прилеп - Битола - истакна Богески.

Тој за настаните од овој период вели дека многу малку се знае или, пак, недоволно се третирани во историската наука, освен од поединци.    
     
Автор: Каролина Мицевска  (Извор: Нова Македонија, 7.12.2013)

No comments: