Моето учество во револуционерните борби на Македонија 4

КОНФЛИКТ МЕЃУ УЧИЛИШНИОТ СОВЕТ И УЧИЛИШНОТО НАСТОЈАТЕЛСТВО ВО ВЕЛЕС. — БОРБА ПРОТИВ ВЛАДИКАТА АВКСЕНТИЈЕ. — РОЛЈАТА НА СОЦИЈАЛИСТИТЕ ВО ОВАА АКЦИЈА. — СОЦИЈАЛИСТИТЕ ИЛИЈА ПАВЛОВ И НИКОЛА КАРЕВ СТАНУВААТ РАКОВОДИТЕЛИ ВО В.М.О.Р.О.

Не оди многу, во 1900 година во нашиот град се разгореа големи борби веќе на друг фронт. Повод за нив даде исклучувањето на еден ученик од први клас поради неговото лошо поведение. Училишното настојателство, составено главно од чорбаџии, беше под полното влијание на владиката Авксенти и му се противстави на училишниот совет што исклучил едно чорбаџиско дете, настојувајќи да биде анулирано неговото решение и исклучениот ученик да биде одново примен во училиштето. Учителскиот совет не се сложи со заповедта на училишното настојателство и конфликтот достигна до голема крајност. Настојателството пристапи кон отпуштањето на некои од учителите. Тоа создаде големо незадоволство сред граѓанството. Ние се активизиравме извонредно многу, за да му се нанесе удар на владиката и на училишното настојателство.


Учителите објавија штрајк и училишната настава беше прекината. Ова даде уште поголем тласок, за да се активизира граѓанството и почнаа големи протестни јавни собранија. Се осуди поведението на училишното настојателство, коешто некомпетентно се меша во работата на учителскиот совет, особено кога поведението на учителскиот совет е повеќе од право. Се реши да се избере една делегација од граѓани за да оди при владиката и да му го поднесе барањето на граѓанството да се распушти сегашното настојателство, зашто спрема егзархискиот устав, владиката го потврдуваше отпуштањето и го назначуваше избраното од граѓанството училишно настојателство. Тоа право на владиката повеќе беше формално, фактичката сила за тоа беше народот.

Во делегацијата ние меѓу другите граѓани успеавме да ги протуриме нашите другари Андона Шулев и Јордана Шурков, кои беа и гаранцијата дека делегацијата ќе ја исполни совесно задачата пред владиката и не ќе клекне пред него.

Кога појдуваат при владиката, овој ги прима како што му прилега на еден автократ. Некои од делегацијата, побожните, му бацуваат рака, а мнозинството не го прави тоа. На неговото „преосвештенство“ не му дошло арно, но што да прави кога е владика во Велес — град во кој авторитетите мачно можеа да виреат, особено во тоа време. Кога седнуваат делегатите, без да ја чекаат поканата за тоа од владиката, Шурков седнува спроти него нога на нога на стол. Владиката го опоменува за тоа, но Шурков му одговара дека за него не важи протоколот на митрополијата за држањето во такви случаи, зашто тој е делегат од страна на народот од град Велес, кој е најголемиот фактор и само нему му се потчинети сите.

Другарот Шулев ги предава пораките на народот од името на собранието малку во ултимативна форма: да биде растурено училишното настојателство и да бидат спроведени нови избори за ново настојателство, кое ќе ја има нивната доверба. Владиката се противставува и изјавува дека училишното настојателство не може да биде растурено до крајот на неговиот мандат. Меѓутоа, другарите Шурков и Шулев, со уставот на Егзархијата в рака, му докажуваат дека граѓанството штом сака нешто, должен е владиката да се покори на неговата волја и да ја удоволи неговата желба.

Во овој дух споровите продолжуваат подолго. Меѓутоа, не излезе ништо и кога дојде делегацијата на собранието и го поднесе својот реферат, бурата на негодувањето ја достигна кулминационата точка. Не беа малку извиците: „Долу владиката!“, „Да се чисти од Велес!“ Владиката гледајќи го сè ова и не можејќи да се опре на својот авторитет за да го смири бунтот на граѓанството, прибегнува до предавство пред власта, барајќи од кајмакамот да ги притвори иницијаториге и подбуцнувачите, па по тој начин граѓанството да се смири и да се покори на волјата од владиката. Беа затворени веднаш посочените лица, а другарите Шулев и Шурков во прво време се скрија и не можеа да бидат фатени.

Но по малку време го фаќаат Шуркова и го притворуваат, а Шулева не успеваат да го фатат. Кога го изведуваат Шуркова при кајмакамот на распит, тој му рекол оти оваа борба не е насочена ни најмалку против власта, ами против владиката и училишното настојателство за уредување на училишното дело согласно со желбите на народот, кој е најмеродавниот фактор и неговата волја е закон, кому се должни да се покорат сите наши фактори во оваа област, па и владиката, зашто тоа е повелбата на егзархискиот устав, донесен со царски ферман.

Исто така и другите затвореници при распитот го подржувале Шурковото становиште. Кајмакамот беше високоинтелигентен човек (завршил правни науки во Франција). Очигледно ја увидува невиноста на граѓаните и установува дека во овој случај нивната борба нема елемент на бунт против власта, та поради тоа не може да примени накажувачки санкции. Затоа ги советува да одат да му бацат рака на владиката и да сакаат прошка од него за да се стави капак на оваа расправија. Тие му се противставуваат на еден демонстративен начин на кајмакамот и овој се видува принуден да ги ослободи по неколкудневно задржување во затворот.

Но владиката не отстапи и ги отпушти учителите Заедносо директорот на училиштето Бано Кушов. Отпуштаниве учители беа назначени од Егзархијата во други места. Училиштата беа затворени подолго време, на местото на отпуштените беа назначени други, а за директор беше назначен Велјан Дулјев, еден од влијателните членови на ВМОРО. Бано Кушев, дотогашниот директор, беше од револуционерното братство и мнозина од отпушените учители беа под негово влијание. За ВМОРО ова беше добродошло за да може да ги чушне учителите непријатели на Организацијата.

Но овде имаше елемент од трговски карактер. Иван Х. Николов, еден од големите столбови на ВМОРО имаше своја книжарница во Солун. Таков столб на револуционерното братство беше и Костадин Самарџиев, којшто исто така имаше голема книжарница и печатница во Солун. Двајцава книжари водеа голема конкуренција за пласирање на издаваните од нив, учебници. През таа учебна година во велешките училишта беа воведени учебниците на Самарџиев.

Не можеше да има сомнение дека ВМОРО го употреби своето влијание да се разреши прашањето и по тој начин да се совлада отпорот на граѓанството. Ние социјалистите во овие сметки на одделниве фактори не земавме страна. За нас беше важното што учителскиот совет во овој конфликт беше прав и го поткрепивме. Исто така беше од големо значење борбата против владиката и неговите орудија во општинскиот совет и училишното настојателство, за да ја поткрепиме така решително борбата на граѓанството.

Во 1902 година некои другари од нашата софиска група дојдоа во Македонија со согласност на Делчева и по негова препорака станаа видна функционери во ВМОРО.

Прв од нив во Велес дојде другарот Илија Плавев, велешанец; долги години живеал во Софија како работник и член на Бугарската социјал-демократска партија. Уште со идењето стана раководител на ВМОРО во Велешка околија. Доста издигнат, добар агитатор и со повисока политичка култура од раководните фактори во РО, тој играше за тогаш градивна улога во нејзините редови. Ние бевме, се разбира, сомисленици со него и се разбиравме по сите прашања, освен по кардиналното прашање за нашето сливање во Организацијата; тој настојуваше нашата група да биде растурена. Јас не можев да се согласам со тоа и си останав на моето становиште како порано со битолчани.

По него дојде од Софија друтарот Никола Карев. На пат за Битола, тој преседе неколку дена во Велес. Имавме неколку конференции по нашата тактика и тоа доста продолжителни. Тој исто така го подржуваше становиштето на другарот Плавев, се разбира, усвоено во резултат на нивните разговори со Задграничното претставителство и постигнатата согласност со него. Моето становиште по тоа прашање си остана неизменето.

Поминаа преку Велес од Софија за Втората револуционерна област и други другари.

Во тоа време често одев во Скопје. Полицијата, штом ќе го забележеше моето присуство во Скопје, веднаш ме интернираше назад во Велес. Но сите полицајци не ме познаваа, та имав поголеми преседувања во Скопје.

Многумина ми го задаваат прашањето за раното појавување на крајните идеи кај нас, особено со создавањето на социјалистичката група во Велес, дури во другите градови на Македонија одвај може да се забележи слично нешто. На таа тема сум разговарал со многу наши видни дејци, во тој ред и со Делчев во 1899 година. Тој велеше дека „класовиот антагонизам и класовата диференцијација меѓу граѓанството биле доста чувствителни уште од рано во град Велес. Таму омразата меѓу богати и сиромаси е голема, додека во другите градови, меѓу населението, нема такво раздвојување и е подемократско општувањето меѓу разните сословија.

Тоа се должи на големите трговски врски на град Велес со Виена, Пешта и други градови и на создавањето на поголеми претпријатија и занаетчиски работилници во Велес. Пропаста меѓу начинот на животот меѓу богати и сиромаси беше голема. 

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: