October 16, 2013

Султанот Мехмед V во посета на Македонија

Наспроти практиката на својот претходник султанот Абдул Хамид II (Abdul Hamid II / Abdulhamid II)[1] кој што за време на своето долго владеење[2]  со Отоманската империја (Ottoman Empire) поради страв од атентат ретко ја напуштал палатата Јилдиз (Yildiz Palace)[3], султанот Мехмед V (Mehmed V)[4], уште во првите години по качувањето на тронот[5], превзел повеќе патувања низ империјата[6]. Од сите нив најпознато е она во Македонија од 1911 година.

Султанот Мехмед V
Eкспедицијата во Македонија, првично одредена за во април 1911 година, била долго и грижливо планирана до најмалите детали. На 5 јуни 1911 година со воениот брод Хајредин Барбарос (Hayreddin Barbarossa / Hayrettin Barbaros)[7][8] султанот ја напуштил престолнината и се упатил кон европскиот дел на Отоманската империја.

Поштенска картичка со бродот Хајредин Барбарос

Турска поштенска марка со бродот
Ѓул Џемал [15]
На ова поморско патување, Мехмед V бил придружуван од крузерот Тургут Реис (Turgut Reis)[9][10] и штотуку купениот[11][12] парен брод Ѓул Џемал (Gül Djemal / Gul Djemal / Gülcemal)[13] (пре)именуван по неговата мајка (Gülcemal Sultan /  Gül-Cemâl Kadınefendi)[14].

За разлика од султанот Мехмед II (Mehmed II)[16] чиишто воени походи му го прикачиле епитетот освојувач, како и од другите отомански владетели,  Мехмед V бил повлечен и срамежлив. Но веднаш штом започнало патувањето кон Македонија, уште на самиот брод, султанот веќе не бил оној истиот од Истанбул. Наспроти очекувањата на неговите блиски соработници тој станал многу поотворен и релаксиран, па дури и одржал јавни говори.

Султанот Мехмед V


На 8 јуни 1911 година, во утринските часови, бродот Хајредин Барбарос допатувал на пристаништето во Солун, каде што бил дочекан со свечени топовски истрели (21-gun salute), по што отоманскиот султан Мехмед V стапнал на секогаш бурната, поробена македонска земја.

Иако Македонија, во рамките на Отоманската империја, во тоа време била поделена на одделни санџаци, па дури и самото споменување на нејзиното име во претходниот период било забранувано за да се спречи било какво поврзување со некогаш моќното македонско кралство [17], оваа посета на триесет и петиот отомански султан, во историјата ќе остане неразделливо поврзана со името Македонија.

Султанот Мехмед V (централно) со младотурците Нијази бег (Ahmed Niyazi Bey /
Neazi Bey) (лево) и Енвер паша (Enver Pasha / Enver Bey) (десно)
Посетата на султанот била проследена со бројни свечености, а истата ја организирале младотурците[18], движење кое што својата револуција[19], само неколку години претходно, ја започнало токму во Македонија[20], во градот Ресен.[21]

Марка од серијата со
натпечатка "Salonique"
Преку посетата на Македонија се целело пред очите на Европа и на светот, султанот, кој што повеќе бил марионетска фигура да се прикаже како „татко на нацијата“ почитуван од сите поданици во Отоманската империја. Младотурците, организирани во партијата на власт Комитет „Обединување и напредок“ (Committee of Union and Progress, C.U.P.), сакале преку ликот на султанот, чија што функција повеќе била симболичка одошто со реални овластувања, да го покажат наводното единство на етнички нехомогената и немирна империја, а со тоа да ја покажат и силата на нивниот режим.[22]

Во Солун Мехмед V бил дочекан од претставници на локалната власт и парламентарци од Македонија и остатокот од империјата. Овој настан е особено интересен затоа што го отсликува безкомпромисниот и нескршлив дух на еден голем Македонец од тој период.

Димитар Влахов
Во листата на поканети, како пратеник во отоманскиот парламент, се нашол и македонскиот револуционер и интелектуалец Димитар Влахов[23]. На поканата за присуство на свечениот пречек на султанот, која што била подмитена со злато, според неговиот син Густав Влахов, од сите пратеници во парламентот на Отоманската империја единствено само Димитар Влахов одговорил негативно и не пошол, со што не дал легитимитет на пропагандните амбиции на младотурците и останал доследен на своите принципи и идеали за слободна Македонија.

„Младотурците пред сè од надворешно — политички причини, односно настојувајќи да ја покажат внатрешната стабилност на Империјата, организираа патување на султанот Мухамед Решад по Македонија и Косово со цел да му се поклони на гробот на султанот Мурат, убиен на Косово во 1389 година. Поради тоа беа повикани сите пратеници да се концентрираат во своите изборни центри, за да можат со своето присуство да ги покажат единството и стабилноста на режимот. За секој пратеник, се разбира, беше подготвен подарок — тежок златен џебен часовник што го врачуваше самиот султан. Меѓутоа, Димитар Влахов не се согласи да дојде во Солун и тој беше единствен од пратениците кој одби да учествува во оваа церемонија. Оваа негова демонстрација им беше многу непријатна на младотурците“, пишува во својата книга „Спомени за татко ми“, синот на Димитар Влахов.

Во Солун, Мехмед V го посетил неговиот претходник, последниот султан кој владеел апсолутистички, познат по ерменскиот геноцид и по „спроведените“ реформи во Македонија, неговиот брат Абдул Хамид II, кој што по абдицирањето во април 1911 година бил ставен под строг куќен притвор.

На 11 јуни, султанот Мехмед V го напуштил Солун и со воз се упатил кон внатрешноста на Македонија. На патот кон Скопје, тој поминал и низ Гевгелија и Велес, каде што возот накратко застанал. Кога безбедно пристигнал во Скопје, го дочекала кочија влечена од четири коњи, специјално донесена од Истанбул. Од султанот амнестија добиле сите затвореници во скопскиот затвор со исклучок на осудените убијци.[24]

Посетата на султанот Мехмед V во Скопје [25][26]

Во Скопје Мехмед V останал до 15 јуни, а по повод неговата посета, истата година излегла серијата на марки со натпечатка „Ускуб“ ("Uskub") турскиот назив на сега главниот град на Република Македонија.[27]

Дел од серијата марки со натпечатка "Uskub" [27]
Како би се избегнале евентуални инциденти кои што штетно би се одразиле на ваквиот вид на пропаганда со посетата на Мехмед V, отоманската војска имала наредба на лице место да стрела по секој оној кој што ќе се доближел до железничкиот пат од каде што требало да помине султанот.

Триумфална капија поставена до резиденцијата на султанот во Битола,
специјално изградена по повод неговата посета [28][29]
На враќање од Приштина, Мехмед V повторно поминал низ Скопје, а во Солун го сменил возот и се упатил кон Битола [30], градот во кој што во средното воено училиште, со своето образование се стекнал идниот лидер на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк (Mustafa Kemal Atatürk).[31]

Султанот Мехмед V, пред Исак џамија во Битола [28][29]

Во Битола султанот ја посетил Исак џамија[32] и подарил позлатена левха (плоча, панел) во форма на диск[33]  која што до ден денес се чува во оваа битолска џамија и која што со своето постоење и понатаму останува да сведочи за неговата посета.

Златарот Фила со соработниците, снимени пред дуќанот[34]


Но и битолските кујунџии не му останале должни. Тие на отоманскиот султан му подариле рачно изработена позлатена масичка со златна мастилница. [34]

Масичката изработена од
битолските златари[29]
За време на својот престој во градот, султанот амнестирал вкупно 104 осуденици од битолскиот затвор.

Дел од серијата марки со натпечатка "Monastir"
Исто како и во случаите со Солун, Скопје и Приштина, натпечатени марки со името на градот биле издадени и по повод посетата на султанот на Битола (Monastir).

2 куруш[35]
Специјално по повод посетата на султанот Мехмед V на Битола, биле исковани и две сребрени монети.[35][36], со вредност од 2 и 5 куруш (Kuruş).

5 куруш[36]

Од Битола, султанот повторно се вратил во Солун, а набргу потоа, завршувајки ја посетата на Македонија, се упатил кон Истанбул каде што бил дочекан со овации.



Македонската турнеја на султанот ја искористиле првите македонски и балкански камермани Милтон и Јанаки Манаки и по добиената специјална дозвола да го придружуваат султанот, тие успеале да снимат и целосно реализираат два филма[37].

Браќата Манаки
Филмовите насловени „Турскиот султан Мехмед V Решад во посета на Солун“[38] и „Турскиот султан Мехмед V Решад во посета на Битола“[39] се снимени во црно бела техника, без звук, на 35 милиметарски филм и претставуваат редок видео материјал за случувањата на Балканот од тој период.



Александар Стеванов

Објавено во Македонска Ризница, број 11и во MKD-news.com

[1] Wikipedia: „Абдул Хамид II (арапски:عبد الحميد الثاني) бил триесет и четвртиот султан на Отоманската империја во периодот од 1876 до 1909 година.“
[2] Владеел од 1876 до 1909 година
[3] Wikipedia: „Палатата Јилдиз (турски: Yıldız Sarayı) претставува огромен комплекс кој се наоѓа во Истанбул, Турција. Комплексот бил изграден кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Таа била користена како резиденција од страна на османлиските султани.“
[4] Wikipedia: „Мехмед V Решад (турски: Mehmed V Reşad или Reşat Mehmet) (2 ноември 1844 во Отомански Константинопол3 јули 1918 во Отомански Константинопол) бил 35-тиот отомански султан.“
[5] Почнал да владее на 27 април, 1909 година
[6] Ги посетил старите отомански престолнини Бурса (Bursa) и Едрене (Edirne)
[7] Бродот бил произведен во 1893 година. Првично се викал Kurfürst Friedrich Wilhelm и бил во служба на Германската империјална морнарица (German Imperial Navy). На Отоманската империја и бил продаден во септември 1910 година.
[8] Откако бродот бил купен од Отоманската империја, бил (пре)именуван по турскиот адмирал (Hayreddin Barbarossa / Hayrettin Barbaros)
[9] Бродот бил произведен во 1894 година. Првично се викал SMS Weissenburg и бил во служба на Германската империјална морнарица (German Imperial Navy). На Отоманската империја и бил продаден во септември 1910 година.
[10] Бродот откако бил купен од Отоманската империја, бил (пре)именуван по турскиот адмирал Тургут Реис (Turgut Reis)
[11] titanic-titanic.com „In March 1911, Ottawa was sold to the Imperial Ottoman Government, and renamed Gul Djemal“
[12] mubadelemuzesi.net „The ship was purchased by the Directore of Navigation of the Ottoman Empire in 1910 it was 37 years old. The ship that came to Istanbul in February of 1911...
[13] Бродот бил произведен во 1875 година. Првично бродот се викал SS Germanic, а на 5 јануари 1905 година името му било променето во „Ottawa“. На Отоманската империја бродот бил продаден во 1910 година.
[14] mubadelemuzesi.net „...has been renamed after the mother of Sultan Resad the V'th. It has since been named Gulcemal.“
[15] www.shipstamps.co.uk
[16] Wikipedia: „Мехмед II (отомански турски: محمد الثانى Meḥmed-i sānī, модерен турски: II. Mehmet), исто така познат и како „Освојувачот“ (отомански турски: الفاتح el-Fatih, модерен турски: Fatih Sultan Mehmet) бил седмиот султан на Отоманската империја. Управувал во периодите 1444-1446 и 1451-1481 година.“
[17] Неуништливото име - Македонија, Macedonian documents: Во американскиот весник "The sun", од 16 јуни, 1903 година (стр. 12) се објаснети обидите на османлиските власти целосно да го избришат името Македонија бидејќи тоа само по себе асоцира на самостојната земја толку позната во минатото: "Зборот "Македонија" го буди цензорот после толку многу години. Го сака турското име на територијата наместо името на независната земја... Турските цензори од Константинопол протестирале за зборот "Македонија" од седмото издание од првото поглавје на Солунјаните беше потврдено преку писмо од Американското библиско друштво... Ние имаме сериозни тешкотии во Турција со одделот за јавни инструкции. Цензорите протестираа за зборот "Македонија" од Новиот Завет. Нашите апликации за дозвола за нашите нови едиции се подложени на подолготрајно и уште понеразумно одлагање, одошто било кога претходно."
[18] Густав Влахов „Спомени за татко ми“ (Спомени за Димитар Влахов 1): „Младотурците ...организираа патување на султанот Мухамед Решад по Македонија...“
[19] Wikipedia: „Младотурската револуција избувнала во 1908 година во Отоманската империја против апсолутизмот на султанот Абдул Хамид II. Револуцијата била крената од Младотурците кои имале формирано својата партија уште во 1889 година.“
[20]  Битола Бабам Битола: „Младотурската револуција довела ред промени кои мошне интензивно се чувствувале и во Битола како еден од центрите на моќ на турската империја во овој дел на Балканот.Објавувањето на Хуриетот во 1908 год. масовно било прославено на Широк Сокак од страна на младотурците но и од страна 1.200 те политички затвореници кои тие ги ослободиле од битолските затвори. Задушувањето на превратот на режимот му обезбедило уште неколкугодишно владеење.“
[21] Дарко Јаневски „Младотурска револуција: Го славиме бегот што ја спречи автономијата на Македонија“, Нова Македонија: „Младотурците не можеле да гледаат толку далеку, но едно знаеле - за да се спречи спогодбата од Ревал, мора да се кренат на оружје. Тоа и го сториле, а предводник бил токму Нијази-бег на 3 јули 1908 година, како командант на 3-от баталјон од 88-от полк стациониран во Ресен.“
[22] Густав Влахов „Спомени за татко ми“ (Спомени за Димитар Влахов 1): „...пред сè од надворешно — политички причини, односно настојувајќи да ја покажат внатрешната стабилност на Империјата, организираа патување на султанот Мухамед Решад по Македонија.“
[23] Wikipedia: „Димитар Влахов (Кукуш, 8 ноември 1878 - Белград, 7 април 1953) бил македонски револуционер, општественик и државник.“
[24] 241 осуденик
[25] Отоманска империја - знаме, Macedonian documents
[26] Dernier visite du sultan Mehmed V à Uskub, Trove.nla.gov.au
[27]  Филателијата во Македонија - османлиски период, I, Macedonian
[28] The building of Rectorate in Bitola
[29] Султанот Решад V во Битола (1911 г)
[30] Македонски железници: „Султан Мехмед V Рашад пристигнува со воз од Солун преку Воден на железничката станица во Битола во 1911 година.“
[31] За Ататурк__
[32] Исак џамија (Мери Стојанова НУ Завод и Музеј Битола): „Исхак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 година“
[33] Исак џамија (Мери Стојанова НУ Завод и Музеј Битола): „Нејзината специфичност не може да биде комплетна ако не се спомене позлатената левха во форма на диск која е подарок од султанот Решад V, а која и денес се чува со исклучително внимание.“
[34] Битола Бабам Битола: „Еден многу важен момент од овој период за Битола е посетата на турскиот султан Решад V во 1911 год. кога битолските кујунџии му подариле рачно изработена позлатена масичка и златна мастилница. Покрај сиот сјај на султановиот пречек набрзо доаѓа до вистински пад на турското владеење со Битола.“
[35] Türkei 2 Kurush 1911
Grade: UNC | Abbreviations
Catalog: KM 802, Schön 301
Material: Silver
Weight: 2.39 g
Fineness: 830 ‰ (1.98 g fine)
Diameter: 18.00 mm
Mintage: 13 000
Besuch des Sultans Muhammad V. in Bitola 1911

[36] Türkei 5 Kurush 1911
Grade: UNC | Abbreviations
Catalog: KM 803, Schön 302
Material: Silver
Weight: 5.95 g
Fineness: 830 ‰ (4.94 g fine)
Diameter: 22.50 mm
Mintage: 3 000
Besuch des Sultans Muhammad V. in Bitola 1911

[37] Macedonian Cinema History - "Sultan Mehmed V Reshad visiting Macedonia": „This film was made by the Macedonian cine-camerman Milton Manaki (who was the first camerman in the Balkans), and represents the visit of the Ottoman Sultan Mehmed V in Macedonia. The Sultan visited the Solun (Selanik/Thesaloniki) and Bitola (Monastir) during his stay in Macedonia.“
[38] Macedonian Cinema History - "Turkish Sultan visiting Salonica": „Турскиот султан Мехмед V Решад во посета на Солун. Филм од 1911 година , во времетрање од 11 минути. Филмот е снимен во стандард техника, без звук, во црно бела техника и 35мм.“
[39] Macedonian Cinema History - "Turkish Sultan visits Bitola": "Турскиот султан Мехмед V Решад во посета на Битола. Филм од 1911 година , во времетрање од 16 минути. Филмот е снимен во стандард техника, без звук, во црно бела техника и 35мм."

1 comment:

Anonymous said...

Mnogu podolgotraen e filmot za Paradata vo Bitola, vo cest na posetata na Sultanot: parada na Zanaetciite, Ucilistata, Bulgarmilet...