September 6, 2013

Карпошевото востание 9. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Пиколомини немаше намера да иде надолу, на југ, туку целта му беше преку Албанија да избие на море. За да го разруши ова важно упориште на Турците, како и да влие страв кај нив, Пиколомини издаде наредба да се запали градот, откако претходно ги истргна сите хранителни продукти од него. Во врека со ова палење на Скопје, во своето писмо до царот Леополд I, самиот Пиколомини пишува:

„Градот Скопје готово толку е голем колку и Прага, но тој е без ѕидови и шанци, а со намирници богато снабден. Она малку луѓе што останаа во него минуваат по улиците бледи, полни со страв и ужас... Одлучив, но многу нерадо, градот да го погребам под пепел. Ми беше жал за зградите, какви во оваа војна уште не бев видел. Џамиите од најубав мермер и порфир со илјадници светилки, украсени со позлатени алкорани на кои човек и во Рим би им обрнал внимание, убавите старини, градини и забавишта иако по варварски вкус, големите резерви на животни намирници морав да ги предадам на пламенот. За да на непријателот ништо не му препуштам што не може да се сочува, за да внесам страв и трепет меѓу варварските народи и оружјето на својот господар и во најоддалечените краишта го направам страшно, појдов да го извршам ова дело.

По сите градски ќушиња беа поставени луѓе со буктињи. На знак од три топовски залпа изби пламен. Чадот го помрачи сонцето на 26 октоври и уште идниот ден ние стоевме на едно високо брдо (веројатно Водно — Д. Т.) и под звуците на воените инструменти го посматравме пожарот на ова убаво место, вистина не без маки и жалење, додека мислите ми се натураа на тоа што убавите предградија на Виена на иста судбина мораа да подлегнат.“ (10)

Полковникот Штрасер, еден од очевидците на горењето на градот по овој случај пишува до маркграфот Баденски дека од 10—12.000 куки, околу 40 џамии и 7—8 убави големи трговини после големиот пожар не останало многу. Скопје, спрема горните податоци и податоците што ги дава Италијанецот Кантарини, кој што патуваше во овие години, броело околу 60.000 жители.

Веднаш по спалувањето на Скопје австриските војски под командата на Пиколомини се повлекоа низ Качаничката Клисура на Косово. Пиколомини од Приштина на 4 ноември тргна за Призрен, каде требаше да ги продолжи преговорите со патријархот Арсение Чарноевиќ и Арнаутите. По целиот пат за Призрен го тресеше грозница, бидејќи во Скопје Пиколомини се зарази од куга. На 9 ноември наутро Пиколомини подлегна на болеста.

Командата над австриската војска на овој сектор, по смртта на умниот и даровитиот Пиколомини, беше поверена а лекомислениот и надуениот херцег Холнштајнски, кој што веднаш почна нетактички да се однесува кон востаниците. Тој нареди востаниците да се разоружаат, а на своите војници даде таква слобода да можеа што сакаат да прават. Како резултат на ваква погрешна политика, Србите и Арнаутите на Косово почнаа да оладнуваат спрема Австријанците. Незадоволството уште повеќе се зголеми кај востаниците кога австриските војници почнаа да пљачкаат па нивните куки и да удираат на нивната женска челад.

По повлекувањето на австриските војски од Скопје, во Македонија на теренот Качаник, Скопје, Куманово, Кратово, Крива Паланка како полни господари останаа македонските востаници со Карпоша. Се знае дека востаниците со припомош на некои помали австриски одреди што Австријанците од време на време ги праќаа на овој терен, вршеа извесни воени операции, така што навлегоа во Велес и други градови, а во ноември истата година и во Штип, кој, како и Скопје, беше запален од Австријанците. Востаниците во тоа време достигнаа дури до Демир-Капија, каде народот се дигаше на оружје.

Поразена кај Ниш и Скопје, турската војска почна да се собира главно кај Дренополе. На чело на таа војска беше поставен великиот везир Мустафа Ќуприлиќ, кој веднаш пристапи кон уредување на турската војска. Наспроти држењето на херцегог Холнштајнски спрема христијанското население, Ќуприлиќ почна да се удвара на истото та му и успеа еден значителен дел од тоа население да го придобие за себе.

Во ова време великиот везир Ќуприлиќ ги собра во Једрене сите турски војсководители на воено советување меѓу кои беше и татарскиот хан и многу други паши и великодостојници. На советувањето беше дискутирано по прашањето за претстојната офанзива против Австријанците и востаниците. Едно од важните прашања што беше поставено на ова советување беше прашањето за ликвидирањето на востанието во Македонија под раководството на Карпоша. Во врека со тоа донесено беше и решение поради озбилноста на ситуацијата во северна Македонија и Скопје, предизвикана со дејството на востаниците, да се изврши напад, скрши востаничкиот отпор и задуши востанието. Во актот за назначувањето на Халил-паша да го изврши ова решение меѓу останатото пишува:

„Поради сериозната положба во Скопје и околината, создадена од злосреќните невернички проклети банди што се шират како рана, да се изврши напад со волјата на бога врз нив и да се скрши нивниот отпор со нашата храбра војска, за да се тие области очистат.“

Карпош, како вели понатака Рашид во својата историја, ја утврди Крива Паланка, така исто стори и со еден од манастирите кај Куманово, и во таа крепост отседна како књаз. Но, бидејќи се слушна — вели Рашид — дека Карпош имал свои дружини и во Качаничката Клисура, а одбраната на ова место е извонредно важна и неопходна за скопската и ќустендилската област, самиот воен доглавар и великиот везир негово величество Коџа Халил-паша беше назначен, со своите верни поданици и арнаутски јунаци, да го разреши ова важно прашање, ги одбрани и очисти овие краишта од востаниците.

Халил-паша, кој што беше натоварен со оваа тешка должност, прибра околу 18.000 војници, што Турци, шго Татари и Арнаути, и од Софија низ Ќустендилскиот крај навлезе во бунтовничкиге области во Македонија, додека друга турска војска од југ преку Демир-Капија навлегуваше во правецот на Скопје. Во ваква ситуација, оставен сам на себе, Карпош беше присилен да ги повлече востаничкиге војски од јужните краишта на Македонија, каде што беа загрозени од Турците, и сите сили да ги концентрира на север, во жариштето на востанието, каде што уште порано беше утврдил некои места, како Крива Паланка, Куманово и Манастириште кај Куманово.

Под натискот на турската војска што настапуваше од Ќустендил под командата на Халил-паша, востаниците беа присилени да ја напуштат Крива Паланка и се повлечат во правецот на Куманово и Манастириште. За ова отстапување на востаниците еден од очевидците, Рашид-паша, пишува:

„Коџа Халил-паша со војските тргна од Софиското Поле и стигна до Крива Паланка на местото што се вика Каменско Поле, каде проклетиот Карпош, прочуен и познат како кумановски књаз, на чело на неверничките разбојнички банди, украсен со калпак што му го подари немскиот крал, ја беше освоил Крива Паланка и ја укрепил како столнина со долги и длабоки ровови. Во часот кога тој дозна дека му се приближува верната војска, тој реши да се оддалечи со своите припадници од ова место и отиде во Куманово, каде што имаше уште порано соградена крепост и остана таму.“ (11)

Продолжува

10. Спрема статијата од М. Костиќ. печатена во списанието „Јужна Србија“, кн. I од 1 ма ј 1922 г. бр. 4. „Спаљивање Скопља 26 и 27 октобра 1689 године“.
11. Die Freiwillige Theilnahme der Serbien und Kroathen, стр. 228-229

No comments: