Драмата на Егејците 24

Драмата на Егејците (24)

Белград глув на реакциите од Скопје

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Тито и тогашниот министер за надворешни работи на Југославија Едвард Кардељ, според британските дипломати, покажувале прекумерно почитување спрема тогашните македонски раководители кои имале поинакво мислење од официјален Белград во однос на македонското прашање во Грција. Тие во почетокот биле против ставот да се премолчи тоа за време на разговорите за нормализирање на југословенско-грчките односи, но подоцна молчешкум се согласиле.

Британскиот амбасадор во Белград Чарлс Пик, кој бил еден од клучните дипломати на Лондон и кој постојано притискал врз Тито и Кардељ да се откажат од Македонците во Егејска Македонија во интерес на подобри односи со Атина, првичните реакции на македонското раководство ќе го нарече „нов бран шовинизам од страна на македонските комунисти“. Во британските документи посебно е забележана реакцијата на Лазар Мојсов по една изјава на Едвард Кардељ откако министерот за надворешни работи решавањето на прашањето за македонското малцинство го определил како споредно, Мојсов ќе изјави дека македонскиот народ не може мирно да го следи зачудувачкиот начин на задушување на основните човекови права на македонското национално малцинство во Грција и политиката на денационализацијата и протерувањето на Македонците.

„Односот на грчката влада спрема македонското малцинство ќе биде еден базичен критериум од кој ќе се оценува искреноста на изјавите на владата на Пластирас. Владата на Пластирас ќе ја покаже својата желба за нормализирање на односите со Југославија ако стави крај на бруталната и варварска политика што ја ’спроведуваа’ претходните власти кон македонското малцинство; ако ги ослободи од затворите и логорите, без резерва сите Македонци и десетината илјади депортирани Македонци од ’островите на смртта’ и ако ги признае основните малцински права на Македонците во Егејска Македонија, така што тие би можеле да го употребуваат својот сопствен јазик, да имаат училишта на свој јазик, што претставува минимална гаранција за националните малцинства во сите цивилизирани држави“, ќе изјави Мојсов.

За жртвувањето на Македонците од страна на тогашниот југословенски државен врв во интерес на подобрувањето на односите со Грција, Лазар Колишевски, инаку клучната македонска фигура во тие години, вели: „Требаше уште тогаш, во 1948 година, категорично да го поставиме решавањето на македонското прашање, но, место тоа, тоа прашање пак го одложивме во недоглед, бидејќи во тоа време се поставуваше прашањето на одбраната на независноста и придобивките на земјата во целост“.

Тој подвлекува дека оттогаш тие во Македонија се нашле во деликатна ситуација како да ги објаснат новонастанатите моменти. „Поради активностите на Информбирото и опасностите на границата, пак, сите расправи за тоа ги одложивме за ’подобри времиња’, и така сè до 1955 година, до нормализирањето на односите на Југославија со Советскиот Сојуз и доаѓањето на Хрушчов во Белград“, изјавува тој во книгата на Драган Кљаиќ „Времето на Колишевски“. Истовремено, истакнува дека на еден партиски форум на комунистите ја нападнал југословенската власт за индиферентиот однос спрема македонското малцинство во Грција и јавно рекол дека постојано се прашувале што ќе речат Грците, но никогаш што ќе рече македонскиот народ, што ќе речат Македонците?

„И така, благодарение на нашите највнимателни ставови, за да не ги заматиме добрите и пријателски меѓусоседски односи со Грција, го толериравме она што инаку една достоинствена земја никогаш не би го толерирала“, признава Лазар Колишевски дека тогашната југословенска власт не застанала во одбрана на Македонците во Грција.

„Благодарение на нашите највнимателни ставови, за да не ги заматиме добрите и пријателски меѓусоседски односи со Грција, го толериравме она што, инаку, една достоинствена земја никогаш не би го толерирала“, ќе изјави Лазар Колишевски

Меѓутоа, и покрај повремените реакции на некои македонски претставници, југословенскиот политички врв ќе продолжи и натаму да го игнорира нивното мислење, а прашањето за македонското национално малцинство во Грција привремено ќе го остави понастрана, без притоа да дозволи тоа комплетно да згасне. „Југословените не бараат територијални промени, но сметаат дека на македонското малцинство во Грција треба да му бидат дадени малцински права, исто како што Југословените им ги имаат дадено на нивните малцинства во Југославија. Тие, исто така, сметаат дека македонското малцинство не треба да биде прогонувано“, стои во телеграмата на британската амбасада во Белград до Форин офисот од 9 ноември 1950 година.

Во преписките што ќе ги водат тогаш британските дипломати, особено ќе предупредуваат да не се употребува зборот македонско малцинство во разговорите со Грците, иако тие во своите документи без никакви огради признаваат дека Македонците се посебен национален идентитет. „Сите овие грчки Македонци зборуваат на јазик кој е лесен и разбирлив за овдешниот народ, но изгледа има многубројни сосема јасни разлики со бугарскиот (особено што овој е многу помузикален од тој јазик). Најинтересно е можеби тоа што сите тие се покажаа писмени (дури и старите жени од најмалите села), но само на македонски“, ќе напише Хилари Кинг, британски конзул во Скопје до амбасадата во Белград по повеќето средби што ќе ги има со македонските бегалци од Егејска Македонија, кои кај него барале визи за Австралија.

„Не постои сомневање дека овие луѓе се сметаат себеси за Македонци и грчкиот го сметаат како странски јазик. Понекогаш тие дури имаат тешкотии во изговарањето на нивните официјални грчки лични имиња и имињата на нивните села“, ќе констатира британскиот конзул. Кинг во писмото до претпоставените во Белград наведува дека бил информиран од Атина дека грчката влада одбивала да дава пасоши на секој Македонец од Грција. „Не знам дали е вистина ова, но ако е така, грчката влада веројатно не треба да очекува егејските Македонци да бидат лојални граѓани на Грција“, констатира тој.

Британците сметаат дека била важна работа југословенскиот и грчкиот печат да ги избегнат меѓусебните навреди и дека двете влади не би требало непотребно да се навредуваат за она што ќе се појави во печатот. Тие бараат печатот на двете страни да се држи под контрола, „а пред сè пишувањето на малотиражниот весник во Скопје“ (се мисли на весникот „Нова Македонија“ н.з) и дека не треба да се обрнува премногу внимание на локалните македонски медиуми, а не требало и премногу сериозно да ги сфаќаат Грците.

„Верувам дека Тито ја зборува вистината кога ми кажува, како што има направено во повеќе пригоди, дека е многу тешко за него да го замолчи локалниот македонски печат. Според него, Македонија била најуспешна од сите други федеративни републики и мислам дека таа има најсилно комунистичко малцинство од која било друга. Навистина, ако некој патува по земјата, само во Македонија, општо зборувајќи, ќе сретне пофалби за режимот. За ова, покрај другите работи, Тито ги цени Македонците и им угодува на нивните каприци и слабости. Не се сомневам дека македонските лидери од своја страна ги ставаат во преден план своите заслуги и бараат колку што може за нивната лојалност. Постои и друга работи поради која Тито не се осмелува да преземе каква било акција која на Бугарите би им дала изговор да кажат дека тој ја напуштил борбата за Македонија и дека тие се оставени да бидат нивни бранители“, ќе напише британскиот амбасадор во Белград до својот колега во Атина.

(Продолжува)

No comments: