September 13, 2013

Славата, митот и крвта на ВМРО 21

Славата, митот и крвта на ВМРО (21)

Страшниот колеж во Дабница

Во Дабница, Гоцеделчевско, по невидено мачење биле убиени 165 санданисти и комунисти

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Oткако Ванчо Михалов, во септември 1924 година заврши со ликвидациите во Горна Џумаја и во Софија, кога беа убиени највидните луѓе на левицата, започна крвав поход против санданистите во Пиринска Македонија. Охридскиот војвода Петар Шанданов кој бил присутен на средбите во Софија на кои што се договарале кои лица уште треба да се убијат раскажува дека сите тогаш блиски луѓе на Михајлов биле задоени со сатанска омраза спрема поранешните серчани од крилото на Јане Сандански и инсистирале по секоја цена да биде ликвидиран тој „џган“, зашто се претпоставувало дека санданистите биле едни од главните виновници за убиството на Тодор Александров.

„По заминувањето на Протогеров и Иван Михајлов во Петричкиот крај, во соработка со воените власти беа фатени многу угледни ’санданисти‘ и членови на Комунистичката партија. Иван Михајлов ги испрашувал според методите на инквизицијата и веднаш ги ликвидирал“, ќе запише Шанданов во своите спомени, кој во тоа време бил близок човек на Михајлов.

Најкрвавата драма се случила во мај 1925 година, во Дабница, село во Гоцеделчевско, некогаш познат како Неврокопски крај. Новоизбраниот Централен комитет на ВМРО на чело со Ванчо Михајлов, формирал Истражно-судски комитет за конечна пресметка со своите политички противници . Водачите на ВМРО штабот го сместиле во Неврокопската митрополија када го изработиле планот за дејствување и ги изготвиле списоците на идните жртви, а целокупната акција била изведена со знаење, одобрение и содејство на бугарската полиција и војска.

Според д-р Васил Јотески во текот на мај биле уапсени сите поранешни членови или симпатизери на Серскиот револуционерен округ, чиј водач бил Јане Сандански, кој е убиен по налог на Тодор Александров. Биле уапсени и други лица осомничени од страна на воените и полициските сили на Бугарија. Сè на сè, околу 300 лица биле одведени во селото Дабница, а од нив ликвидирани 165. Другите се спасиле со поткуп.

„Истражната постапка и ѕверските мачења биле вршени во куќата на Арнаудови. Обвинението било дека во Неврокопската околија е откриена предавничка и шпионска организација која работела против ВМРО. Додека членовите на Истражно-судската комисија и на ’судот‘ заседавале и донесувале одлуки раскомотени на првиот кат, мачењата биле вршени во приземјето и во дворот ограден со висок ѕид... При изнудувањето на признанијата, за да се ’докаже‘ обвинението, џелатите воопшто не воделе грижа дали некој од мачените ќе умре во текот на мачењето. Над уапсените се употребувале методи на измачување што во средниот век ги користела инквизицијата. Биле истегнувани со ортоми, виселе закачени со ченгели за месата од нозете или рацете, им биле кршени коските, биле горени и полуживи фрлани во печката од која сè уште постојат остатоци, како и фрлани во јама полна со гасена и негасена вар. Многумина од уапсените умреле за време на мачењето. Тие што по случај на чудо ги преживувале ѕверствата, од страна на ’судот‘ биле прогласувани за виновни и биле убивани или бесени по улиците, плоштадите и раскрсниците. За да се предизвика страв и ужас меѓу населението, телата на обесените биле оставани да висат со денови. ’Комисијата‘ и ’судот‘ наредиле на сретсело да свират дабничките зурли и да бијат тапани како на свадба“, ја опишува Јотевски невидената драма во Дабница која траела два месеца.

Еден од очевидците - Прокоп Самокишев, кој ќе има среќа да се спаси од најлошото со поткуп, во едно од своите сметководни тефтерчиња ќе го запише она тоа што го доживеал и видел со следните зборови: „Ме оставија неколку дена без тепање, ама и без леб. За време на тие денови тоа што го видов и слушнав не е насликано во пеколот на тешовската црква. И бесење, и во печка горење, и во вар попарување, и на ченгел закачување... Едно утро ме изведоа надвор за да го заметам дворот. И токму тогаш влезе комисијата. Напред одеа двајца. Едниот веднаш го познав - генерал Протогеров, од Солунскиот фронт го познавав... По него беше помладиот, изгледа и поважен од него... Подоцна разбрав дека тој бил самиот Иван Михајлов“, запишал Самокишев

„Мртвите ги закопале во една нива, а сопственикот- Турчин го натерале наредниот ден да ја изора за да не се познаваат траги. По многу години ја открил големата тајна што му тежела на душата. Се сеќавам добро на денот кога комунистите ги откопаа коските и ги пренесоа во заедничка гробница во центарот на Гоце Делчев. На нивата, едно крај друго, беа поставени 120 мали мртовечки сандачиња. Во секое од нив беше ставено по грст земја и по некоја човечка коска“, ни раскажа Георги Дукимов, од Гоце Делчев кога пред десетина години ја посетивме Дабница.

Друго ѕверство врз санданисти е извршено во селото Градево, Горноџумајско. Раководителот на Разлошка околија, Георги Џоро Настев, под непосредно набљудување на Александар Протогеров, во јули истата година уапсил повеќе од 30 лица. „Врзани како добиток, уапсените биле одведени во училишната зграда во селото, каде биле подложени на нечуени измачувања. За време на мачењата, еден бил убиен, а 12 души биле однесени во месноста Обесеник и таму сите биле заклани и затрупани во заедничка гробница“, пишува Јотевски.

Нецел месец подоцна во селото Крупник било извршено уште едно масовно злосторство. Во селото биле доведени лица од неколку села и од градот Горна Џумаја врз кои била применета истата метода на измачување. „Секојдневно, цела седмица биле тепани. Нивните искршени и испокинати коски и меса почнале да се распаѓаат. Од нив деветмина биле одведени во месноста Орловец и таму доубиени. Во заедничка гробница биле затрупани и полуживите. И двете овие злосторства се направени со одобрение на раководството на ВМРО и личниот потпис на Ванчо Михајлов“, пишува македонскиот историчар.

Според Атанас Христов Џолев – наречен Наско, сите тие што биле ликвидирани биле невини жртви и биле убиени по желба на тогашната бугарска власт за да се исчистат приврзаниците на Сандански, кои што го посеале семето за самостојна автономна Македонија. Во времето кога михајловистите ги започнале чистките во Пиринска Македонија Џолев и повеќемина членови на организацијата биле повикани да и' помогнат на бугарската војска да ги пронајде Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, физичките убијци на Тодор Александров. Тогаш биле уапсени Стојо Хаџиев и Христо Медникаров, раководител на организацијата во Пиринска Македонија. И двајцата биле родум од Серско. Истата вечер ги однеле во непознат правец, откаде не се вратиле живи. Подоцна разбрал дека биле убиени.

По некој ден, во близината на Петрич се предале браќата Коста и Нашко Елшански, од селото Елшани, Серско. „Сметајќи дека се целосно невини и дека сè се стишало, тие се предале на луѓе на организацијата во Петрич. Беа задржани во истата куќа, каде што бевме ние два-три дена и вечерта ги зедоа со лека кола некаде и тие исто така беа убиени“, раскажува Џолев во своите спомени.

Тој тврди дека и Васил Попстојанов исчезнал и не се вратил кај своето семејство. На истиот начин бил фатен и убиен и петричкиот околиски војвода Танчо. Според него, за еден месец биле ликвидирани околу 200 санданисти на кои им бил закачен епитетот - заговорници и убијци на Александров.

По сите овие масакри демократски настроените луѓе во Европа, со ужас се прашувале дали е вистина и дали е можно такви нешта да се случуваат, барајќи од бугарската влада да преземе нешто да се спречат страшните злосторства.

(Продолжува)

No comments: