Драмата на Егејците 23

Драмата на Егејците (23)

Децата-бегалци беа пречекувани со леб од домаќините на сите држави каде што беа сместувани

Егејските деца користени во студената војна

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Егејските деца одведени од Грчката комунистичка партија, Македонскиот национален фронт во пролетта 1948 година, беа искористени за пресметки меѓу двата спротивставени блока за време на студената војна. Грчката влада ќе го искористи тоа за невидена валкана пропаганда, убедувајќи го светот дека тие се киднапирани и дека врз нив е извршен голем егзодус. „Проблемот на децата-бегалци од Егејска Македонија се појави пред меѓународните организации и јавноста во почетокот на студената војна и стана еден од сегментите во идеолошката, политичката и пропагандната војна меѓу грчката кралска влада и нејзините соседи. Тоа прашање е инструментализирано и користено во поширок контекст при заострувањето на односите на Запад и Исток“, пишува д-р Ристо Кирјазовски, сега покоен, кој ја истражуваше оваа проблематика. Тој истовремено додава дека децата биле вистински, но и симболични жртви и на внатрегрчките противречности и на целиот комплекс на повоените меѓународни односи.

Д-р Катерина Мирчевска посочува дека владиниот печат на Грција претставувал моќно пропагандно оружје за да му дадат на настанот сосема поинакви димензии. Комунистичката партија била обвинета дека ги грабнала децата со цел да ја уништи грчката нација и да ги воспитува како Словени и комунисти. „Написите што се појавиле во голем број весници низ цела Европа, Америка и Австралија предизвикале цела бура емоции и реакции среде добротворните организации, во црковните и во високите владини кругови, како и сред обичните граѓани. Дури и британскиот надбискуп од Кентбери објавил изјава во која повикува на молитва за грчките деца, кои биле ’насила однесени од своите домови, од своите села и од својата земја во непозната судбина’“, пишува д-р Мирчевска.

Во цела Грција биле организирани митинзи од женските организации, а на 28 декември 1949 година во Атина бил прогласен дури и Ден на жалост за децата со полчасовен прекин на целокупниот живот на градот. Грчката влада го иницирала прашањето и пред Обединетите нации, барајќи да се вратат децата. Била формирана и специјална комисија на ООН за Балканот да ја испита ситуацијата, а по предлог на Политичкиот комитет , Генералното собрание на ООН донело и посебна резолуција според која „во Грција требало да се репатрираат децата чии родители, татко или мајка, односно во нивно отсуство најблиските роднини, ќе го побараат тоа“. Репатријацијата требало да се врши преку Црвениот крст, меѓутоа Албанија, Унгарија, Полска и Романија одбиле соработка со меѓународната организација. Романската влада го образложила одбивањето со тоа дека во списоците што биле доставени имало многу фалсификувани имиња и дека родителите на многу деца биле борци на ДАГ или бегалци во социјалистичките држави.

За децата-бегалци Генералното собрание на ООН расправало уште неколку пати по што била формирана и Постојана комисија за репатријација. Во сите тие расправи што се воделе низ цел свет ќе се изнесат разни предлози, а шведската фондација „Рада Барнен“ (Помош за Европа“) побарала со свои средства да изгради бараки на грчките острови каде што би се сместиле репатрираните деца.

Во жестоката пропаганда се вклучиле и Американците, а историчарот Лоренс С. Вотнер ја оценил евакуацијата на децата како „една од најгадните акции во психолошката војна во грчкиот судир“. Нешто слично кажал и американскиот дипломат Ранкин, кој евакуацијата на децата ја оквалификувал како „голема психолошка грешка“, која можела да се употреби во САД и во странство како „корисна антикомунистичка пропаганда“. „Како резултат на американската и грчката пропаганда во светот, беше создадено мислење дека децата се киднапирани“, констатира д-р Кирјазовски.

Весникот „Вол телеграф“ од Њујорк во декември 1948 година ќе напише: „Тука децата умираат на стотици поради немање покрив над главата, поради немање храна и облека. Без никакво згрижување се 25.000 деца. Господи боже, испратете веднаш сè што имате, зашто секој ден што поминува значи и смрт“.

А вистината била сосем поинаква. Сите деца, без разлика во која држава стасале, биле мошне добро згрижени. Некои од нив биле сместувани во луксузни хотели и летувалишта и за сите била обезбедена добра исхрана и школување. Водени од тогашната грчка и американска пропаганда, западни новинари ги посетиле домовите на децата-бегалци во Војводина од каде што ќе ја кажат сета вистина за нивниот живот. „Њујорк тајмс“ ќе напише дека девојките со кои разговарал новинарот демантирале дека биле киднапирани од страна на грчките партизани и дека тие биле истерани од својата земја и побегнале од воздушните напади. „Југословенскиот Црвен крст ја облече оваа група. Секое дете има пар солидни нови чевли, иако некои чевли се прилично големи. Фустаните, панталоните, пуловерите и марамите за глава се нови или во добра состојба“, ќе напише „Њујорк тајмс“. Притоа, ќе подвлече дека деноноќното бомбардирање некои села во Егејска Македонија ги срамнило со земја.

„Тие изјавија дека воздушните бомбардирања предизвикаа многу жртви и страв и дека грчките владини трупи немилосрдно постапуваат со лицата за кои постои сомневање дека им помагаат на партизаните или се нивни симпатизери“, ќе соопшти американскиот новинар.

До исти сознанија дошол и новинарот на Асошиетед прес, кој напишал дека единствена работа која ги принудила децата да ги напуштат своите домови било секојдневното бомбардирање на нивните села. „Многу од нивните браќа и сестри загинале од бомбардирањето или од глад или измрзнале од зимата. Нивните роднини се борат во редовите на генералот Маркос, а некои од нив се погубени поради нивната работа“, ќе напише познатата светска агенција. „Штом случајно ќе се појавеше авион, овие деца се фрлаа на земја или почнуваа да врескаат. Дури и појавата на еден орел на небото го имаше истото дејство. Овие деца беа толку исцрпени што за време на игра паѓаа во сон, но сега закрепнуваат во ова српско село во близина на границата со Романија, каде што се сместени во една чиста училишна зграда. За многу од нив ова е прв мирен дом кој некогаш го имале“, ќе напише Асошиетед прес .

Известувачот на „Њујорк хералд трибјун“ ќе јави дека Југославија добро се грижи за избеганите деца од Грција и дека нивниот дописник што ги посетил домовите во селата во близина на романската граница слушнал изјави кои ги побиваат атинските обвинувања за киднапирање на децата и сам видел дека одлично се хранети и дека се здрави. „За децата кои побегнале од Егејска Македонија во западниот печат се изнесени многу невистини, од тоа дека сосила се одземени од родителите, дека живеат во логори и во лоши услови итн“, ќе напише новинарот на „Њујорк хералд трибјун“.

(Продолжува)

No comments: