Драмата на Егејците 21

Драмата на Егејците (21)

Летото 1949 година чеганци наместо да го прослават Спасовден како порано, со свирки и тапани, отишле во црквата да им оддадат почит на загинатите на Грамос и Вичо, да се помолат за покој на нивните души

Сами со гладните волци во планината

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Волци завивале од сите страни, а тринаесет фамилии, жени и деца од селото Чеган беспомошно гледале кон небото и го молеле Господ некој да дојде да ги спаси. Кога гладните ѕверови приближиле кон нив и пред да ги нападнат, некој се сетил да ги жртвуваат магарињата на кои го пренесувале тоа што можеле да го земат по бегството в планина. Им ги извадиле самарите и ги турнале во долот од каде што доаѓале крвожедните волци. Додека ги растргнувале кутрите животни, стасале и партизаните. Во оваа борба против волците учествувал и Миле Брзовски, највозрасниот меѓу децата, кој заедно со мајка му, двајцата браќа и трите сестри среде зима се нашле во планината.

„Се сеќавам беше 22 декември 1948 година. Фати голема зима, а ние по долгото патување, преморени и исцрпени, вечерта застанеме да се одмориме. Запаливме оган да се згрееме и да ги исушиме мокрите алишта. Околу полноќ слушнавме завивање на гладни волци, а потоа видовме како доаѓаат кон нас. Почнавме да викаме, но околу немаше кој да ни помогне. Кога се приближија, фрлавме со гламни по нив. Тогаш го зедовме едно од магарињата, му го извадивме самарот и го турнавме во долот. Волците се нафрлија на него и откако го распарчија, повторно тргнаа кон нас. Го жртвувавме и второто магаре, но не беше доволно да се заситат“, раскажува Брзовски. За среќа, партизаните биле во близина, дотрчале и припукале на волците кои избегале.

Ова не била единствената несреќа што ја снашла фамилијата Брзовци. Пред да ги нападнат волците, додека патувале преку планината, ја загубиле најмалата сестричка на Миле, која имала само седум месеци. „Тргнавме со две магариња натоварени со малку храна, облека и други работи што можевме набрзина да земеме од дома. Кога ја префрлавме планината, наидовме на голем снег, во кој магарињата ни заглавуваа, па моравме со лопати да ги ослободуваме. Јас, кој бев најстар, имав 15 години, и мајка ми го чистевме снегот. Додека ги одглавувавме магарињата, мајка ми ја остави Летка малку понастрана. Зафатени со работата и не забележавме дека ја покрил снегот. Кога видовме дека ја нема, нè фати голема паника и почнавме на сите страни да ја бараме, но неа никаде ја немаше. Имавме кученце кое ја пронајде и ја отпрета од снегот. Мајка ми се стрча кон местото и пресреќна почна да вика: ’Еве ја, жива е’“, се потсеќа Брзовски на драматичната ноќ.

Некои фамилии од егејските села не сакале да пребегаат во Југославија и останале во близина на борбите, надевајќи се дека партизаните брзо ќе победат и ќе си се вратат во селата. И мајка му на Миле решила со шесте деца да не оди многу далеку од Чеган. Мажот и' бил во партизани, а не знаела што ја чека од другата страна на границата. Тогаш партизаните ги сместиле во овчарските колиби во планината. Меѓутоа, и таму грчката армија не ги оставила намира и постојано ги бомбардирале. „Кога ќе слушневме како доаѓаат авионите, се криевме во една пештера. Еднаш врз колибите падна бомба и три од нив се запалија. За среќа, навреме ги напуштивме“, раскажува Брзовски, објаснувајќи дека петте месеци во планината биле многу мачни, повеќе биле гладни отколку најадени.

Кога се запролетило, партизаните ги ангажирале поголемите деца и жени со маските и магарињата да им пренесуваат оружје. Една вечер паднала наредба сите да се подготват да ги напуштат селата. „Нашите почнаа да губат, зашто грчката армија не само што беше многу побројна, туку неа ја помагаа Американците и Британците. § даваа разно оружје, а и авионите што нè бомбардираа постојано беа нивни. Слушнавме дека Демократската армија била поразени и дека се повлекува кон Албанија. Не знаевме кој крај да го фатиме. Татко ми дознал за нас и дојде една вечер во Попадија. Бевме пресреќни што е жив, зашто тогаш многу борци загинаа. Едно утро сите тринаесет фамилии преку Кајмакчалан ја преминавме границата кај Мариово. Нè сместија во мала куќичка и таму на еден од ѕидовите забележав две слика. Подоцна ми рекоа дека едната е на југословенскиот маршал Тито, другата на Лазо Колишевски“, раскажува Брзовски.

Оттаму ги однеле во Браилово, каде што останале два месеца. Потоа децата ги распоредиле во домовите во Бела Црква, Прилеп и во Валандово, а мајките ги испратиле во Галичник, бидејќи знаеле да работат со волна. Подоцна таму отишол и неговиот татко Крсте, кој пред тоа бил во затвор во Војводина. Било времето на Информбирото и некои од борците на ДАГ ги затворале, мислејќи дека се за Сталин. Кога виделе дека татко му не е од нив, го испратиле кај сопругата во Галичник.

„Мојата најсреќна година во животот беше 1952 година кога сите деца, браќата и сестрите кои бевме во разни домови, се собравме во Битола и сите седнавме на една софра како некогаш. Се сеќавам добро. Тогаш мајка ми плачејќи ни рече. „Маките поминаа, сега полно ми е срцето, сите ми сте здрави и живи“.

Чеган, родното место на Миле Брзовски, е од другата страна на Кајмакчалан. Некогаш имало 85 куќи и броело 1.227 жители. Селска слава им бил Спасовден, кога сите се собирале на сретсело. Летото 1949 година наместо да го прослават празникот како порано, со свирки и тапани, со ора и песни, отишле во црквата да им оддадат почит на загинатите. Речиси немало ќуќа која не дала барем една жртва во Граѓанската војната. На Грамос и на Вичо паднале педесетина нивни момчиња на кои и денес не им се знаат гробовите. Тој ден облечени во црно сите се собрале во црквата да се помолат за покој на нивните души. А некој печалбар се нашол тука со фотоапарат и ја овековечил траорната церемонија на чеганци.

Миле Брзовски првпат го посетил родното село во 1988 година. „Кога отидов, не знаев дали на земја газам или на небо летам. Си ја најдов куќата, разурната. Таа беше најубавата куќа во селото, во неа по завршувањето на војната била сместена полицијата. Селото сè уште има живот и во него живеат близу 700 жители. Чеганци, подолу, на друга локација, изградија нови куќи. Кога отидов втор пат во 2003 година сликата беше целосно изменета. Богати атињани и солунчани на местото на старите куќи имаа изградено огромни вили. Не постоеше ниту нашата куќа, зашто таму имаше нова двоспратна вила. Во близина на селото има скијачка патека, па многумина доаѓаат на зимување. Чеган преку ноќ стана атрактивно туристичко место. Се наоѓа на 1.190 метри надморска височина, а изобилува со шуми и води“, објаснува Брзовски.

Тој раскажува дека неговата фамилија во селото имала огромен имот, кој го обработувале негови братучеди. Дедо му двапати бил на печалба во Америка. Првиот пат донел две дисаги злато, а вториот три. „Со првата печалба купил голем чифлик. Последното злато го закопал некаде и денес не знаеме каде е. Имаше 16 деца. Некои не веруваат, но баба ми тогаш изродила 16 сина и ќерки и сите биле живи“, објаснува Миле Брзовски.

(Продолжува)

No comments: