АКТИВНОСТИТЕ НА ПРОПАГАНДНИОТ ВОД „МАКЕДОНИЈА“

Активностите на пропагандниот  вод „Македонија“ при XXII планински армиски корпус во Македонија, октомври – ноември 1944 година

Германскиот интерес кон Македонија од крајот на август, па сè до повлекувањето на Групата армии низ македонска територија нагло се зголемил. Третиот Рајх презел низа на воени и политички активности, од кои секако најзначаен бил обидот да се формира „Независна Македонија.“[1]


Преземените воени мерки биле доста опсежни и тоа со голема доза на импровизација. Една од мерките била преземањето на пропагандни активности, со цел Македонците и бугарските војници, кои учествувале во завршните операции за ослободување на Македонија, да се оттргнат од помислата да се борат против војниците на Вермахтот при нивното повлекување низ Македонија. Во таа насока, пропагандниот вод „Македонија“ при XXII планински армиски корпус, во втората половина на октомври 1944 година презел повеќе активности.

Пропагандниот вод „Македонија“ при XXII планински армиски корпус бил активен од 23. октомври 1944 година. Тој бил во состав од еден офицер (поручник), еден подофицер и двајца војници, специјалисти за пропаганда на  македонски, бугарски и руски јазик (види Прилог 1). Истиот вод емитувал пропагандни радио емисии преку Радио Скопје, еднаш на руски, два пати на бугарски и еднаш на македонски јазик, како и три пати вести на македонски јазик (види прилог 1).

Пропагандниот вод „Македонија“ во Скопје, секојдневно печател и дистрибуирал војнички весник, кој се викал „Со камарадот против непријателот“ (“Kamarad am Feind”), во тираж од 15,000 примероци (види прилог 2). Исто така, за поздрав до татковината, во функција бил ставен посебен радио предавател.


Намерата да ја објавам ова кратка статија, не ми беше толку важно за да ги презентирам активностите на пропагандниот вод „Македонија“ при XXII планински армиски корпус, колку што сметав дека е значајно да го презентирам приложениот документ (види прилог 1), кој можеби е еден од ретките странски документи од Втората светска војна во кој се прави јасна, недвосмислена дистинкција помеѓу различните, во денешно време, литературни словенски јазици: рускиот, бугарскиот и македонскиот. Што сметам дека е уште поважно, овој документ претставува врв на еволуцијата на ставот на Третиот Рајх во однос на македонската националослободителна платформа во Втората светска војна[2].

Роберто Тајковски

1. За ова види повеќе: Марјан Димитријевски, Политиката на Третиот Рајх кон Македонија 1933-1945. Институт за национална историја (скратено ИНИ), Скопје, 2001, 86-119.
2.  За ова види повеќе: Марјан Димитријевски, Оценките на воената организација на НОВ и ПОМ во германската документација. Главен Штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди во Македонија (1941-1945). Македонска академија на науките и уметностите, Институт на национална историја. Скопје, 1997. 155-161., Алкесандар Литовски, Македонската националослободителна платформа во Втората светска војна. Сојуз на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија-Скопје, Скопје, 2008. 

No comments: