May 20, 2013

Ѓорче Петров, живот и дело

Името и делото на Ѓорче Петров се неразделно сврзани за Македонската револуционерна организација. Го нарекуваат идеологот на Внатрешната македонска револуционерна организација.[1] Роден е во селото Варош, прилепско во 1865 година. Основното училиште го стекнува во родното Варош. Во 1880 година доаѓа во Софија за да се запише во гимназија како стипендист на бугарската влада, но стипендијата не ја добива. Се враќа во Прилеп, каде што станува бакал. Во 1883 година се запишува во Солунската егзархиска гимназија, но во шестиот клас е исклучен поради учество во ученичките бунтови. Меѓу другите причини се и дописките во софискиот весник Балкан кои биле насочени против управата на гимназијата и општината. Бидејќи се разболува 1885 година се враќа во Прилеп. Во учебната 1888/89 година станува учител во скопската прогимназија по препорака на Методи Кусев. Тука, истовремено со учителската работа врши и истражување на скопскиот округ и резултатите од тоа истражување ги објавува во книгата Материјали по географија на Македонија. Таму се зближува со Теодосиј Гологанов, кој е познат по неговата борба за обнова на Охридската архиепископија, како автокефална Македонска православна црква. Во 1891 година е преместен во Битола, поради неговите блиски врски со митрополитот.[2] Тука поминува пет години, период за кој почнува активно да се вклучува во револуционерното движење и собира географско- фолклорни материјали кои ги објавува во книгата “Материјали по изучувањето на Македонија”. Во оваа книга се наоѓаат значајни податоци од историско и културно- политичко значење. Битолскиот округ  за време на престојот на Ѓорче Петров таму станува жив центар на Револуционерната организација. Во Ресен се одржува советување во 1894 година на кое Ѓорче заедно со Гоце Делчев изработуваат заеднички устав на Организацијата.
 
Ѓорче Петров на Солунскиот конгрес е избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија заедно со Гоце Делчев.  Таму задачата да ја бранат Организацијата од надворешни посегања, како и организирањето на канали за пренесување оружје и погранични пунктови во Ќустендил и Дупница, Гоце и Ѓорче ја вршат сосем солидно. Истовремено, Ѓорче објавува неколку броеви на весникот Бунтовник во кој јавно се пресметува со врховистите и бугарската влада. Во 1901 година поради убиството на Стефан Михајлану во Букурешт, за кое постоело индиции дека е нарачано од Сарафов, бугарската влада го користи случајот и за пресметување со членови на ВМРО во Софија, како Ѓорче. Во 1902 година во софискиот весник Право е објавена подолгата расправа на Ѓорче - “Македонското ослободително дело на бугарска почва”, во која тој блескаво се пресметува со врховистите и ја истакнува идеолошката платформа на МРО.
 
Солунскиот конгрес 1903 година на кој е донесено решение за дигање востание пролетта истата година, е причина во Софија да се одржи советување на кое меѓу другите учествувал и Ѓорче. Ѓорче и Гоце Делчев се единствените што се категорични против дигање востание пролетта 1903 година. Таму Ѓорче ја развива тезата за перманентно востание.[3] Сепак, зема учество со поголема чета. По неуспешниот обид за напад на касарните во Прилеп, Ѓорче со четата се упатува кон Мариово, кај с. Чаниште се одигрува една од најкрвавите битки во востанието. Во октомври 1903 година четата на Ѓорче по преминувањето во Леринско е растурена.

Во почетокот на мај 1904 година во Прилеп се одржува т.н. подвижен конгрес. На овој  Конгрес Ѓорче е најголем гласноговорник за реформи и децентрализација на Организацијата. На Рилскиот конгрес 1905 година Ѓорче е избран повторно за задграничен претставник [4]. Сепак се разидува со Петар поп Арсов поради неговата слабост кон Борис Сарафов. Во 1906 година заедно со Антон Страшимиров  го издава и уредува списанието “Културно единство” во кое објавува повеќе статии од повеќе области. Заедно со Сандански и серската група соработуваат со младотурците во текот на револуцијата. Во Балканските војни Ѓорче Петров учествува како доброволец во македонските вооружени единици кои учествуваат на страната на сојузниците.
 
Во 1913 година е поставен на работно место во културниот оддел при губернаторството во Сер. Периодот 1916-1918 година ја врши функцијата претседател на битолската окружна комисија и кмет на градот Драма. Во 1919 година се реактивира во редовите на македонската емиграција во Бугарија, каде станува еден од шесте членови на Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО. Во Билтенот објавува повеќе статии. Во 1921 година станува претседател на Комисијата за бегалци при бугарската влада. Заради неговата соработка со бугарската влада, станува мета на Тодор Александров, чии платеници смртно го погодуваат пред неговиот дом на 28 јуни 1921 година.

Бојан Трпевски [објавено во Македонска Ризница, бр. 10]

[1] Гане Тодоровски, Ѓорче Петров (прилози за животот и делото), Скопје 1981, стр. 7
[2] Исто, стр. 13
[3] Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, Том I, Софија 1933, стр. 202
[4] Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, Том II. Софија 1943, стр. 374

No comments: