АЛАБАКОВ ЃОРГИ

Роден сум во селото Опцирина, Леринско, во 1885 година, а сега живеам во Битола, улица „Кавала“ бр. 22. Илинденец сум со Илинденска споменица.
 
За Тајната македонско-одринска револуционерна организација започнав да работам веднаш по моето зачленување со полагање заклетва пред 1903 година. Заклетвата ја положив пред војводата Наум Буфчанецот,  но со оглед на тоа дека бев млад бев задолжен да работам во заднината. Мојата работа се состоеше од одржување на курирски врски. Дочекував и испраќав во четите комити, а често пати пренесував и пошта.
 
Пред самото востание се приклучив како комита во четата на војводата Наум Буфчанецот. За време на моето приклучување кон четата таа броеше 25 комити. Заменик на војводата Наум Буфчанецот беше Мицко Гелев од селото Раково.
 
На вечерта спроти Илинден се собравме во ливадите над селото Опцирина. Тука беа појдени и други чети со своите војводи од околните села. За време на овој собир на четите, војводата Наум Буфчанецот одржа говор пред насобраните комити во кој ги повика да започнат напади над турските војски. По одржаниот говор тргнавме да ги напаѓаме кулите на агите и турската војска по околните села Света Петка, Клабучишта и други. Повеќето од селската милиција беше вооружена со коси, секири, вили и слично, додека мал дел имаа пушки и пиштоли. Истата ноќ го запаливме сарајот на бегот во селото Клабучишта. Се вивна таков пламен што целото село беше осветлено како на пладнина. Бегот беше избеган пред време, но ги убивме сите негови ќаи што ги затекнавме во сарајот. Ги урнавме сите бандери на телеграфската линија што минуваа тука. Ги запаливме скоро сите кули до селото Клештина. Меѓутоа, утредента се собра аскерот од Лерин и башибозукот од селото Клештина, не потераа, а бидејки бевме помалубројни и послабо вооружени бевме принудени да се повлечиме кон селото Раково, односно кон Раковската Планина. Тука се судривме и водевме жестока борба неколку часа при што загинаа 7-8 наши комити, додека другите успеавме да се засолниме во планината. По задушувањето на Илинденското востание на македонскиот народ продолжив да ѝ служам на Организацијата повремено како комита во чета, а повремено во заднина сè до 1908 година, за време на Хуриетот. Тогаш се собравме сите лерински чети и отидовме во Битола каде бевме пречекани од народот.

За време моето комитствување во четата на Наум Буфчанецот, а кога загина тој, по неговото предавство во селото Драгош од страна на грчките андарти на турскиот аскер и башибозук од селото Клештина, и во други чети се среќававме со други војводи и нивните чети, како на пример војводата Ѕоле Стојчев , чиј реон беше кон Воден, Митре Влаот кон Костур, Крсте Љондев  кон Леринското Поле.
 
Битола, февруари 1968 г.

[објавено во Македонска Ризница, бр. 10]

No comments: