Карпошевото востание 5. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Од горната категоризација јасно се гледа разликата меѓу муслиманите, кои се равноправни поданици на империјата, и христијаните — раја, кои се надвор од законот и наместо 1/10 од производите плаќаа „харач“ — невернички данок. ,,Покорните муслимани — пишува Ебу Сојуд во фетвата — се обложуваат со данок-харач. Секој полнолетен раја е должен да плаќа преку годината данок за покорност („џизија харачи“), исто така и земјата држана од нив се обложува со харач. При собирањето на харачот се дозволува на спахијата да земе и поголем од законскиот 1/10 данок.“ (2)

Треба да се нагласи дека спахиите редовно го користеа ова право за земање повеќе, дури тие одеа дотаму што ги пречекоруваа и законските одредби, што може јасно да се види од Пожешкиот канун-наме од 1545 година во кој стои: „Оние кои собираат шериетски даноци чинат на народот неправди и земаат во времето на жетвата и во времето на брањето на виноградите по две акчиња како такса за дозвола, а жито и вино не земаат во натура, туку бараат паричен еквивалент за десетина. Бидејќи земаат данок за овци и кошници и намет за свињи, и бараат такса за бришење на долгови, тие не земаат само траварина, туку бараат и кола сено за своите лични коњи и стока за санџак-беговите, кадијата и војводата, или како противвредност за сено земаат по пет до десет акчиња, а од храна и јадење земаат месо, леб, кокошки и од сите видови намирници. Сега што ќе најдат на сила земаат, а не плаќаат ништо. Потоа ја ползуваат рајата за своја работа и ја тераат нивната стока и коли на служба, па ги тераат да носат дрва и сено и така вршат зулуми и самоволија.“ (3) Треба да се подвлече дека селаните — рајата во исто време страдаа и од даночниците (харачлии), кои од народот земаа секогаш повеќе отколку што прилагаше, при тоа вишокот го приграбуваа за себе.

Турски спахија (Сликата е земена од книгата на О. Г. Бузбек: „Писма од Турција“)

Против вакви и слични самоволија и зулуми често пати централната власт беше присилена да интервенира, што се гледа од самите канун-наме, како и во цела низа царски фермани испратени до месните органи на власта. Во еден од овие многубројни фермани пишува следното: „Мојата царска волја е да, не се зема ни игла повеќе од определената сума. Дејствувајте законито и справедливо кон рајата, гледајте да ја придобиете нејзината љубов и доверба, а не да ја предизвикувате да ги напушта местопребивалиштата и да се преселува. Не сакам да се насилува и лошо третира бедната раја, за која сте должни да ја пазите и заштитувате. Над неа не треба да се вршат никакви насилија, да се извлечуваат од неа материјални блага и да се соголува. Трудете се да ја исполнувате чесно, добросовесно и најточно својатт служба и претписаните закони.“ Но овие фермани, како и цела низа други законски прописи, остануваа празни зборови, бидејќи месните феудалци-спахии и другите административни службеници се оглушувла од истите, главно поради самата слабост на централната власт, која немаше сила да се спротивстави на овие самоволија на чиновниците и спахиите. Ова бессилие на султанот да се справи со самоволните спахии и чиновници особено дојде до израз во втората половина на XVII век. Единствено во што уште до тоа време успеа централната власт е да го задржи до извесна мера натуралниот облик на дажбини.

Поради порастот на производните сили во Турција и развитокот на стоковно-паричните односи во империјата, како и поради поразите што ги трпеше Турција од европските војски и со кои порази се намалуваа или сосем ускратија изворите на спахиите, турскиог феудален тимарски систем се најде во криза. Оваа криза беше изразена во противречностите што од ден на ден се заоструваа меѓу централната власт и интересите на поодделни феудалци, кои настојуваа изворот за богатење да го најдат во нови општествени односи внатре во империјата.

Продолжува

2. Цитирано спрема А. Разбојников: „Чифлигарството во Македонија и Одринско“, стр. 12.
3. Цитирано спрема „Гласник Државног музеја — Сарајево“ I/1946, стр. 135—136.

No comments: