May 5, 2013

Лазарските песни во костурско Пополје 5. дел

Александра ПОПВАСИЛЕВА (Скопје)

Лазарските песни во костурско Пополје (Егејска Македонија)

Во некои села и во градовите Рупишча и Костур, обичајот се задржал, но со големи измеии. Лазарки почнале да одат само девојчиња до 12-годишна возраст, бидејќи се пее на грчки, а песните се изучувале во училиштето. Во селата каде што се лазарувало два и три дена, сега се лазарува само еден ден (саботата или неделата); престанаа лазарките да одат од едно маало во друго, прeстанаа да пеат пред црквата, престанаа да го испраќат Лазар надвор од селото. Обичајот се извршува во своите најосновни црти (12).

Има една друга појава во ова време во овие села — не многу богати, но со доста висока култура и со силен патриотски дух. Од носталгија по нашите песни, при недостиг и на грчките, започнаа да се преведуваат македонски песни на грчки јазик веројатно по иницијатива на ученичките — ако судиме од искажувањето на Динка Гимандова од с. Куманичево, која во тоа време била ученичка: „Дур беме слободни од наши, македонски, песни грмеме по село. Сетне ни забрани даскало и ни донесе една книга грцки песни. Ќеку можеме от ти ја научиме, сетне си врнаме и от наши песни на грцки, шо ни беше жал и така да пејме па наши“.

Еве еден пример на буквален превод од македонски на грчки: Текст на македонски Текст на грчки

Иван, Иванка зборвае:
„Иван ќе јоди на Стамбул,
ќе ти купи белило,
белило и црвенило!“

Иван, Иванка (13) милусан:
„Иван та пај стин Поли,
та се агораси аспрада,
аспрада ќе кокинада!"

Динка Гимандова, 60 год., с. Куманичево, Костурско, 1968 г.

А еве и еден пример на слободен превод:

Има мајка мило сине,
мило сине Костаидине,
промени го, накити го,
да го пушчиш на скојле,
да се учи бела книга,
бела книга црно писмо!

Ена микро, микруцико,
микро ке хајдемено,
то елусе ке то хтенисе,
ке сто скољо то стелни,
педим на матис грамата
ке алфа-вита!

(Парашкева Грошевска, 75 год., од гр. Рупишча, живее во Скопје, 1968 г)

7 Варијанта на лесната:

Ој Лазаре-пазаре,
со кривото магаре,
товар бисир товарен,
сики чупа и низа,
на танчарка две низи,
на пашкарка не стигна.
Цикна пашкарка да плачи:
„Ој, леле, леле, до бога,
ка ќе си ода дур дома,
ка ќа му кажа на мајка!"
Лазар си је итеше:
„М'лчи, пашкарко, не плачи,
одгодина па ќе дојда!“

(Пееше Каљопа Костадинова, 74 год., од с. Загоричани, Костурско, 1968 г.) 

Еве како се пеела песната во Горенци;

Вози ми се малечкаво,
малечкаво да убаво!
— Немам вода да се возам,
ми запирва мренка риба!

(Пееше Олга Чулева, 68 гол., од е. Горенци, Костурско, 1968 год.)

9 Варијанта на песната:

Имала мајка милиго синог,
клава, го клава поп да се учи,
поп да се учи, поп и граматик.
Таја го кладе за три. години,
то се научи за три месеци!

(Пееше Олга Цуфова, 65 год., од о. Горенци, Костурско, 1968 год.)

10 Варијанта на песната:

На камен ст'пна караѓозлија,
дома се најде караѓозлија,
дома се најде, при прво либе,
либе го најде дека спиеше,
мила му беше да ја разбуди.
Ка се фрли на градина,
си скинало ран босиљук,
рок босиљук и џунџуле,
си попрска прво либе!

(Пееше Олга Цуфова, 65 год., од с. Горенци, Костурско, 1968 год.)

11 „Ваја песна је пееме надру от селото кога го преводваме Лазар. Имаме црква Сидмитрија и около је вртеме и зеваме леп и цирони печени со масло, со пипер, да са шетаме около црквата и да је пејме ва песна" — вели Динка Гимандова од с. Куманичево, Костурско. Истото го потврдува и Олга Чулева, од с. Бобишча, Костурско, 1968 год.
12 Олга Чулева, која го напушти с. Бобишча само пред три години (1965 г.), ми раскажа дека во ова село лазарки одат само девојчињата од основното училиште, пеат на грчки и тоа само една песна.
13 Години на ред лазарките ја пееле песната на грчки со словенското име Иван, Иванка. Најпосле се сетија властите дека Иван е словенско име и еден Лазаровден, кога лазарките лазаруваа, си спомнувам и јас добро, ги настигна учителката пред една врата и им забрани да викаат „Иван, Иванка", а да пеат „Гјан ке Гјана". Дури беше учителката таму, лазарките пееја „Гјан ке Гјана", но штом таа си отиде, почнаа пак да ја пеат песната со Иван и Иванка, бидејќи мелодијата не одговараше на грчкото име.

No comments: