May 14, 2013

Карпошевото востание 4. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

СОЦИЈАЛНАТА СТРУКТУРА НА ТУРЦИЈА ВО XVII ВЕК И ПОЛОЖБАТА НА ХРИСТИЈАНСКИОТ СЕЛАНЕЦ

За да можеме да ги видиме порелјефно причините што нашиот народ кон крајот на XVII век го натераа да се прифати за оружје против турските спахии и зулумќари, нужно ќе биде да се задржиме и накратко ја разгледаме економско-социјалната положба во која живееше тој во Турција непосредно пред востанието.

Со полно право може да се рече дека, турскиот османлиско-тимарски систем го достигна својот највисок расцвет во времето на владавината на султаните Селим (1512—1520) и Сулејман-законодавец (1520—1566). Последниот со „Земјоделскиот закон“ (Ерази канунаме), издаден со припомош на својот најблизок соработник Ебу Сојуд во 1330 година, правно ја заврши зградата на османлиско-тимарскиот систем, низ која очигледно беше изразена воената потреба на турската држава.

Турската империја, која се ослонуваше на спахискнте војски и тимарското уредување, на целиот феудален систем му даваше изразито воен карактер со строга, централистичка власт, која што имаше црти на воена деспотија. Вакво уредување одговараше на самите потреби на државата, бидејќи ја гарантираше приврзаноста на феудалеиот-војник, што претставуваше првостепено значење за самото постоење и ширење на турската империја во овие времиња. Зијаметите и тимарите (феудалните добра), кои од страна на централната власт се даваа на уживање на спахиите за нивната воена и административна заслуга, наместо плати какви земаа јаничарите, беа погодно средство да се држат спахиите во потчинетост и бидат подложени на строга воена дисциплина во времето на турската експанзија во Европа. Турската централна власт овој проблем го реши едноставно. Наместо да собира од населението даноци и со нив ја издржува коњицата, турската државна власт го воспостави системот на зијамети и тимари, каде што поданиците со својот труд ги издржуваат спахиите, кои што во исто време се и органи на државната власт во дадената месност.

Каква животоспособност и интерес за државата претставуваше овој систем за одржувањето на турската империја ни зборуваат и самите мерки што ги преземаше централната власт за зацврстувањето на овој систем во империјата. Цела низа закони што ги издаваа султаните, почнувајќи од Мехмед II, кој им забрани на спахиите да држат повеќе спахилуци од еден, па се' до „Земјоделскиот законик“ на Сулејман-законодавец, одеа кон тоа да го закрепат овој систем во земјата, кој најповеќе одговараше на воените потреби на турската империја. Во двовековната борба што ја водеше турската држава за усовршување на овој систем, кој претставуваше основна опора на империјата, својата острица таа ја насочи во прв ред против високото турско феудално племство, едновремено ограничувајќи ги ситните феудалци-спахии на еден спахилук, што очито се гледа од „Земјоделскиот законик“ на Сулејман, каде што точно е фиксирано за секој санџак, село или тимар што е обавезна рајата да чини, а и кои се правата на спахиите. На сметка на високата феудална олигархија, чија функција се сведе на чисто административно управување, турската држава го развиваше ситниот феудален посед на чело со спахијата-феудалец, кој што во основата беше војник, а не стопанин.

Турската држава успеа да го одржи феудалецот-спахија како војник, а не стопанин, во прв ред поради тоа што за време на напредувањето на турската империја му се обезбедуваше богатење на феудалецот од пљачки, покрај она што го земаше од рајата на својот спахилук. Ваков систем беше годен не само за централната власт која беше заинтересирана во воената сила на империјата, туку и за самиот спахија, кој во победоносните војни наоѓаше извор на богатење од пљачките, без да се позабави поозбилно со стопанството. Но затоа ваков систем, во кој што феудалецот-спахија не беше заинтересиран во развитокот на производните сили, означуваше чекор назад за развитокот на општеството во споредба со западниот феудализам.

Целата земја во турската империја, спрема забелешките на Ебу Сојуд, кој ги изнесува А. Разбојников во својата студија „Чифлигарството во Македонија и Одринско“, прилагаше на државата и султанот, а последниот ја даваше на уживање на спахиите или муслиманската и немуслиманска раја. Земјата беше разделена на три категории, со оглед на правата на уживање од страна на притежателите. Во првата категорија спаѓаа земјите под муслиманско владеење наречени „ашари“ или десетични земји, што ги добиваа муслиманите како награда за војничката служба. Во втората категорија спаѓаа земјите владеени од страна на немуслиманските жители, кои ја обработуваа својата некогашна земја, сега како султанска, за која плаќаа „харач“, од каде овие земји и се викаа „харачлии“. Во третата категорија cnaѓaa спахиските земји населени или ненаселени, кои се даваа на спахиите (коњаници) на доживотно уживање, под услов на позив од султанот да се јават сами во војска или со одреден број наоружани луѓе. Оваа, последната категорија која особено беше распространета во Македонија, се делеше на зијамети, поголеми феудални добра, со годишен приход повеќе од 20.000 аспри, и тимари, со приход од 3.000—20.000 аспри годишно. Карактеристично е дека во Румелија (Македонија и Одринско), покрај хасовите — царски земји, во времето на Сулејмана имаше околу 9.000 зијамети и тимари. Од ова феудално добро спахијата) го собираше харачот од немуслиманското население, а десетокот од муслиманите, од кое еден дел, како забележува Ебу Сојуд, спахијата го задржуваше за себе, а другиот го даваше на државата. Со други зборови, како забележува и Г'урѓев во својата студија „О војнуцима“, спахијата беше сведен готово на чисто гола државна функција, на прост уживател на вишокот од производите, но не и уживател на земјата која беше државна.

Задолжението кон државата, кое се состоеше во тоа што спахијата на позив од султанот требаше да се јави со одреден број луѓе во војска, спахиите го вршеа совесно заклучно со XVI век, додека во XVII век голем број од спахиите не се одѕиваа на овој позив. За време напредувањето на турската војска спахиите беа заинтересирани во воените походи, бидејќи овие им служеа како извор за пљачка. Но кога турската војска почна да трпи порази на бојните полиња, спахиите нерадо се одѕиваа на овие позиви. Крајниот резултат на ова неодѕивање беше тој, што во 1768 година, во војната помеѓу Турција и Русија, под царското знаме се јавија само 20.000 спахии од целата турска империја, иако само на Балканското Полуострво имаше преку 55.000 спахии.

Продолжува

No comments: