Христо Узунов

Христо Узунов



„Мила моја мајко,
Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело?
- Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила.
Те молам - во името пак на моите свети чувства кон тебе - да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги.“

Ова се дел од зборовите на големиот македонски револуционер Христо Узунов, како дел од едно од неговите предсмртни писма упатени до неговата мајка.

Христо Узунов бил роден и пораснат во Охрид. Своето образование го започнал во родното место, а го продолжил во Солун, каде што и пристапил кон македонската револуционерна организација и раководел со тамошниот револуционерен кружок. По враќањето во родниот крај продолжува да раководи со организацијата во охридско-струшкиот регион, а поради својата активност на двапати е затворан во Битолскиот затвор.

Бил еден од најистакнатите учесници во Илинденското востанието, а по неговото завршувањето Христо Узунов заедно со својата чета останал да го штити македонското население. На 24 април 1905 година, заедно со своите соборци од Крушево заминува за село Цер, Кичевско, каде е предаден и опколен од силна турска војска. Во нерамна битка загинуваат неколку блиските соработници на војводата Узунов, а тој гледајќи дека се во безизлезна ситуација и несакајќи живи да се предадат, дава наредба за колективно самоубиство во кое загинува заедно со 11 свои другари. Турската војска откако ги пронашла мртвите тела на револуционерите, во нивна чест испукала почесен плотун како почит кон хероите.

Во едно од своите последни писма, Христо Узунов пишува:

„Последен пат збогум сестро,..... кажи им на другарите дека славно ќе умрам, зошто смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи.....а Македонија ќе роди нови борци. Ние ќе живееме.... во спомените ваши.“

И навистина, војводата Христо Узунов со својата храброст, големина и чесност, останал длабоко врежан во меморијата на Македонскиот народ, како пример за тоа како се сака, како се работи и како се гине за својата татковина.

24 април, ден на загинувањето на Христо Узунов

No comments: