April 12, 2013

Солунските атентати 4. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

4. По Солунската провала, откривањето на каналот во Цариград и паѓањето на Б. Сарафовиот ВК, положбата на солунските гемиџии се изменила. Тие останале без моралната поддршка на ЦК и финансиската од Б. Сарафов. Нивната работа била доведена во прашање. Обидот за финансиска поддршка од ВК на Михајловски-Цончев, бил безуспешен. За да се дојде до пари Мерџанов и Соколов, формирале чета под водство на Георги Фотев и влегле во Одринско. Тие планирале да го нападнат и опљачкаат возот Ориент експрес. Обидот бил безуспешен. Веднаш потоа, фатиле едно турско бегче за откуп. Меѓутоа. четата била откриена и уништена. Соколов загинал во борбата, а Мерџанов и двајцата Ерменци биле фатени и обесени во Одрин. Во март 1902 година, Орцето се нашол во Женева, каде што од Б. Сарафов добил 10000 франци и ветување за 1000 килограми динамит. Нешто подоцна. Г. Делчев им дал 5000 лева од мисстонките.

Обезбедувајќи се со средства гемиџиите ја обновиле работата во Солун. Бидејќи „берберницата“ од каде што почнувал каналот, била издадена, тие го изнајмиле соседниот дуќан. Тој бил уреден како бакалница, а како бакал бил ангажиран Марко Бошнаков од Охрид. Во меѓувреме Д. Мечев, безуспешно се обидел да започне со прокопување на канал под австриската пошта во Одрин.

Гемиџиите дошле во отворен судир со актуелниот претседател на ЦК на ТМОРО Иван Гарванов. Неговото трпение кон нив било на границата. Гарванов побарал интервенција на Делчев, дури нивно протерување од Солун. Затоа, Делчев го повикал Орцето на објаснување. Орце се заканил дека доколку на кој било од нив му се случи нешто, тие не ќе го бараат физичкиот убиец, туку ќе возвратат со убиство на некој од ЦК. Сепак, Делчев ги смирил духовите, ветувајќи разрешување на недоразбирањето со ЦК во Солун. Делчев ги толерирал и потајно ги поддржувал гемиџиите, со тенденција да ги заузда. Од другата страна бил Б. Сарафов, кој формално се согласувал со Делчев, но всушност ги поттикнувал гемиџиите. Во почетокот на јануари 1903 година, Делчев го предупредил А. Кипров да не прават лудории на своја глава, туку да делуват во согласност со Организацијата. За разговорот со Делчев, Кипров го известил Б. Сарафов. Последниот му рекол дека „со мудрување револуција не се прави“ притоа му ги дал последните инструкции и 50 лири.

Првите количини динамит во Солун пристигнале преку Цариград. Тој бил испраќан со посредство на велешанецот Милан Саздов, келнер во возот на релацијата Белград-Цариград. Во Цариград динамитот го складирале кај Унгарката Ана Шепец. Оттаму во Солун бил испратен во две буриња за риби.

Ветените 1000 килограми динамит од Б. Сарафов, биле испратени под форма на антифилоксерин во Дедеагач, каде што царинската контрола за разлика од Солун била послаба. За негово извлекување од царинарницата бил ангажиран Гркот Евангелијадис за 100 лири. Евангалијадис за тоа го информирал И. Гарванов, кој посакал да стави рака врз динамитот, а со тоа да ги контролира гемиџиите. Затоа, Гарванов побарал Евангелијадис динамитот да го предаде на човек посочен од него. Динамитот бил извлечен од царинарницата, но тој бил откриен и конфискуван. Евангелијадис побегнал за Атина.

Последните количини динамит успешно биле пренесени по релацијата Ќустендил-Кочани-Велес-Солун. Во Кочани го прифаќал Тодор Александров. Тој го предавал на Тодор Органџиев, кој го доставувал до Велес. Таму со посредство на Атанас Малинкин, динамитот бил пакуван во канти за шарлаган и праќан со воз за Солун. На тој начин гемиџиите обезбедиле 283 кг. динамит.

Со обезбедувањето на динамитот, гемиџиите станале господари на ситуацијата. Каналот бил готов. Нетрпението за акција било огромно, а стравот од провала при готова работа уште поголем. Убедувањата на гемиџиите се коселе со начелата на Организацијата за масовно востание. Оттука, настојувањето на Г. Делчев и Д. Груев да ги убедат дека терористички акции треба да се усогласат со општиот план на Организацијата и да послужат како последно средство за притисок, не наишле на разбирање. Од друга страна, некои непредвидени околности ги терале гемиџиите кон брзо делување. Во некои европски весници биле пренесени информации дека Организацијата има намера да изврши напад врз поголемите институции во Македонија, каде бил вложен европски капитал. Затоа власта презела мерки за обезбедување на таквите институции, меѓу кои и филијалата на Отоманската банка во Солун. Гемиџиите се смееле кога забележале дека стражарот пред банката стои токму врз поставениот експлозив. Истовремено во близина на банката започнало раскопување на канализацијата. Тоа уште повеќе ги вознемирило гемиџиите.

Непосредно пред атентатите ЦК размислувал за протерување на гемиџиите од Солун, или нивна ликвидација. Во последен момент, Орцето го известил Гарванов дека тие ќе делуваат и го предупредил да преземат мерки на предпазливост.

Стравот на гемиџиите од провала бил оправдан. Отворено е прашањето кој бил провалникот. Во извештајот од 10/23.04.1903, А. Шопов вели дека конзулите во Солун имале сознанија оти наскоро во градот ќе има атентати со динамит врз општествените институции и дека за таа цел 12-мина меѓу себе влечеле ждрепка. Еден ден пред атентатите францускиот конзул Стег го предупредил солунскиот валија. Притоа побарал да се превземат мерки за обезбедување на јавните институции и гасопроводот. Валијата бил предупреден и од директорот на Отоманската банка, кој имал сознанија дека за неа и Бошњак ан се подготвени напади со бомби. Меѓутоа, власта не превзела ништо посериозно. Според еден извештај на австрискиот конзул од Солун, атентатите биле планирани три дена по Ѓурѓовден т.е. за 26.04./9.05.1903 година. Нив требало да ги изведат 12 души. Притоа требало да се нападнат: Конакот, Артилериската касарна, а можеби и други поважни згради во градот. Гласините потекнувале од „бугарски кругови“ и не можело да се отфрлат како невозможни. Дека атентатите биле планирани за 26.04 /9.05.1903 година, се потврдува од признанијата на уапсените гемиџии. Овие гласини допреле и до обичните граѓани. Така французинаката Писи, милосрдна сестра во француската болница во Солун во својот дневник запишала: „Се слушаат гласови дека денот на распалата меѓу кутриот македонски народ и Османлиите се готви за 9 мај. За тој ден се планираат атентати со динамитни бомби по различни пунктови по градовите и железниците. Меѓу првите на прво место доаѓа Солун ... Како ќе сврши овој потфат еднаков на самоубиство?“. Кој ги провалил планираните атентати останува нејасно. Меѓутоа, изненадува јавашлукот на власта и покрај конкретните предупредувања.

Продолжува

No comments: