Карпошевото востание 3. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Новите капиталистички односи што се развиваа во Европа не можеа а да не се одразат барем деломично во економиката на Турција, која беше распоредена на еден голем дел на Балканот и Европа. Стоковно-паричните односи што со железна нужност се развиваа во Европа проникнуваа и во Турција, преку чија територија врвеа главните трговски патишта од западна Европа кон исток во Азија.

Иако селото во Турција за долго време остана во рамките на натуралното стопанство, градовите во неа постепено се' повеќе и повеќе се вовлечуваа во новите стоковно-парични односи. Последните што се развиваа во градот кон крајот на XVII век почнаа во посилна мера да проникнуваат и во селото, кое што за себе претставуваше затворена економска целина. Како резултат на ова на многу места, особено во побогатите краишта на империјата, натуралниот данок се заменуваше со паричен, познат под името „кафтан-акче“.

Новите парични барања од страна на спахиите беа тешки за христијанското население, бидејќи сега селанецог беше присилен еден поголем дел од своите производи да ги носи на пазар, каде што беше исто така пљачкосуван од страна на трговецот-прекупувач. Но ова не беше се' Турските спахии, ва желба да ги подмират своите парични потреби, кои порано главно ги подмируваа од пљачките во победоносните походи, сега настојуваа да создадат такви односи во империјата кои ќе им гарантираат постојан приход за уживање.

Оваа тенденција на поедини феудалци се спротивставуваше на стремежите од централната власт, која беше ослабена и не можеше енергично да се спротивстави на спахиите. Овие индивидуалистички стремежи на спахиите дотолку повеќе се засилуваа, доколку Турција по поразот кај Виена 1683 година трпеше пораз по целиот европски фронт. Овие порази што ги трпеше Турција на бојните полиња имаа негативно влијание за одржување на самата турска империја, кoja главно се опираше во тоа време на тимарско-спахискиот систем. Но, од друга страна, историски погледнато, тие порази играа позитивна улога во однос на расклатувањето на стариот примитивен турски феудализам и создавањето на нов попрогресивен. кој што го забрза процесот на развитокот на производните сили и продукционите односи во турската империја.

Стариот тимарско-спахиски систем во овие услови не одговараше на ваквите стремежи на турските феудалци. кои што се појавија како резултат на самиот пораст на производните сили во Европа, како и условите во кои се наоѓаше турската империја на Балканот. Затоа турските феудалци, користејќи ја слабоста на централната власт и анархијата што настапи по поразите што ги трпеше Турција во Европа, почнаа своите спахилуци да ги претвораат во чифлици (1), а самите тие се преобразуваа во чифлик-сајбии.

Овие нови облици на своина што се создаваа во ова време, за разлика од стариот османлиско-тимарски систем претставуваа прогрес за развитокот на производните сили, бидејќи ваквото уредување го направи феудалецот заинтересиран во развитокот на стопанството, кое од своја страна означуваше чекор напред во однос на стариот систем. Ваков начин овозможи постојани и поголеми приходи за турскиот феудалец, но затоа тој носеше многу потешки услови за селанецот — раја, кој се претвори во обичен чифлигар.

Спротивноста која што се заостри меѓу феудалците од една страна и селаните — раја од друга во ова време, на базата на горе приведените настани, доведе до подвижуваньето на селанските маси во Македонија, кои во годините кога австриските војски длабоко проникнуваа на Балканот се дигнаа на масовно оружано востание.

Продолжува

1. Дел од земјиште што свахијата го претворил во своја лична сопственост.

No comments: