Заблуди и вистина за знамето (2)

Спасе Шуплиновски - Симболи [Дневник]

Отворено прашање во 1993 година беше кои бои и кој амблем да ги има новото државно знаме. Бранејќи го ставот црвената боја да биде основна, во обраќањето до Уставната комисија се повикував на традицијата. Македонска традиција е знамињата да се црвени и таа боја е симбол на вечната борба. Посочив уште дека црвена е и основната боја на знамињата на Турците од 1795 и на Албанците од 1912 година. Враќајќи се наназад во минатото, наведов дека Александар Македонски, според изведен заклучок, имал црвено знаме. Имено, тој носел облека на македонските благородници, и тоа пурпурно-црвена капа со златен украс и, што е најмногу за изненадување, чизми! (По осамостојувањето, беше актуелно и прашањето на дизајнирање на свечената униформа на гардата на АРМ, па за овие детали се интересираше полковникот Трпко Спасовски. Гардата има Александрова униформа, а однатре комитски пантолони и палто, но и чизми). Од изворната литература е познато дека секој Александров генерал имал свое знаме. На Хималаите, во џеб, никогаш непокорени, живеат Ханзи и Калеши кои антрополошки се разликуваат од соседите и кои во уставот на својата држава Ханза-кут имаат запишано дека се Македонци, потомци на војските на Александар,. Германецот проф. д-р Херман Бергер и Канаѓанецот Џон Тобе соопштуваат дека нивното знаме е црвено со златно осумкрако сонце. (Д-р Херман Бергер во 1936 година, барајќи таму чисти Ариевци, утврдил дека нивниот бурушаски јазик не е ни налик на грчкиот и дека акцентот е на третиот слог одназад. Неговиот забележан јазичен фонд е предмет на проучување на д-р Илија Чашуле во Австралија). Пурпурно-црвено е знамето на МПЦ, односно на Охридската архиепископија и Јустинијана Прима. Исто така на Цар Самоил и на македонските востаници во 25-те востанија заклучно со НОБ. Втората боја, жолто-златната, исто така е традиционална. Со таа боја се амблемите на Александар, крстот на црковното знаме, крстот, сонцето со космички зраци, шестокраката розета и орелот со свиткани крилја кај Цар Самоил, а и на знамињата на 25-те последователни македонски востанија. Жолто-златната боја ги симболизира вредностите произлзени од Македонија и Македонците меѓу кои е блесокот во 4 век пр. Хр. на Александар Македонски на 500-годишнината од основањето на македонската држава (825 г. пр. Хр.) и писменоста и културата дадена на Словените (9-11век). Откако минаа основната и втората боја на знамето, во Уставната комисија се разви жолчна дискусија за амблемот: се издиференцираа два предлога - лавот и сонцето. Лавот е во бугарската државно-правна и национална традиција од 1878 година и со тој амблем Бугарите војуваа во седум војни, од кои четири во и за Македонија (две балкански и две светски). Според Матковси, бугарскиот е црвен лав врз златна подлога, а македонскиот златен лав врз црвена подлога. Меѓутоа, по 9 септември 1944 година Бугарија го зеде златниот лав како централен симбол на својот државен грб и за симбол на војската и полицијата (што е и денес). Од малкуте предлози на сонце за амблем, пристигнати во комисијата, немаше баш некое што би соодветствувало, иако аргументите беа на страна на сонцето како чисто македонски симбол (секој со своето, ние со нашето сонце), та Димитар Кондовски предложи свое. Токму во тоа време од Австралија (Сиднеј) пристигна Ефтим Ефтимов кој донесе од него патентирано Филипово знаме (црвено со златно 16-крако сонце во средината со розета од здравец, исто како на каселата на Филип Македонски во Кутлеш). Членот на Уставната комисија м-р Пандил Костурски го однесе тоа знаме на седница на комисијата. "Еве, имаме знаме, што бараме друго!" - рече. Него изричито го поддржа Петар Гошев. Подоцна Тодор Петров излезе со предлог амблемот да биде без царската инсигнија - розетата од здравец. Веројатно не знаеше дека е тоа царска инсигнија и дека таков е амблемот врз малата златна касела со коските од ќеркичката на Филипа, Клеопатра. Се слушнаа нечии непотврдени размисли дека е тоа потег да се надитрат Грците: да им се каже не е исто - "се разликува 25 отсто"!? Во поделената според мислења Уставна комисија пресуден беше гласот на Стојан Андов. Со неговиот глас превагна - сонцето. Подвоеноста во мислењата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овозможи потребно мнозинство во парламентот, веројатно и затоа што Клеопатриниот амблем тогаш беше на амблемот на таа политичка партија над главата на лавот. Веднаш по усвојувањето на знамето, Грција упати меморандум до ООН, проследен во сите држави во светот, во кој, меѓу другото, го оспори нашето право врз тој амблем. Беа приложени фотографии од сонцето без розета врз каселата со коските на Филиповата ќерка Клеопатра, со компарирање со нашето знаме, и со тврдење (со право) дека е земено од територијата на суверена Република Грција, членка на ООН. Јас и м-р Пандил Костурски (со негов потпис) напишавме и упативме одговор на грчкиот меморандум до генералниот секретар на ООН, Бутрос Гали. Во него, меѓу другото, укажавме на симболот сонце како типичен македонски симбол што го има на безброј примери во трите дела на Македонија, со соодветни аргументи. Нашите научни работници не застанаа во одбрана на сонцето воопшто, иако е тоа типично кај нас, туку само софистички изјавуваа дека сонцето е универзален симбол, па може секој да го има, та и ние - а зошто, пак, ние? МАНУ во својот одговор на меморандумот "Македонија и односите со Грција", направи стратегиска грешка: ја потврди грчката теза дека сме Словени, иако во Историјата на македонскиот народ (том 1. стр. 80) се говори за симбиоза со староседелците. За одбрана на знамето се ангажира само здружението за историско-истражувачи активности, Другарство "Александар Македонски". Неговиот почесен претседател г.г. Михаил и сите други архијереи на МПЦ на двапати мене ми дадоа писмен благослов да снимам и упатувања каде да најдам сонца. Направив 200 фотографии на сонца во и на цркви и манастири, а снимив и филм "Слнце" прикажан на МТВ на 24 јуни 1994 година. Теренските истражувања научно и стручно ги обработи д-р Лидија Славеска која оцени дека континуитетот на симболот од античко време до денес е врзувачки елемент на еднороден (ист) народ, т.е. немало замена на еден со друг народ. Во 1995 година генералниот секретар на ООН, Бутрос Бутрос Гали, го повика во Женева македонскиот претседател Киро Глигоров на тематска средба за знамето. Генералниот секретар на ООН, имајќи ги претходно нашите сознанија, прагматично го свел прашањето на техничко: имате ли цврст доказ дека амблемот на знамето не е земен од територијата на друга суверена држава, членка на ООН? Глигоров имаше 80 мои фотографии и филмот "Слнце". "Земете си едно типично од овие сонца и проблемот е решен " - би рекол и јас да бев на местото на Бутрос Бутрос Гали. Зашто, на моите фотографии од теренските истражувања ширум Република Македонија немаше ниту една идентична на амблемот од Кутлеш. Што можеше да одговори Глигоров или кој и да беше друг на негово место, особено од редот на дежурните критичари? Така е избрано сегашното сонце на официјалното државно знаме кое д-р Елизабета Димитрова го дефинира како Исусово сонце (Исусов двоен крст), како што важи во науката за симболи во светот. Основната инспирација е од фотографија на "дрвено знаме", со големина 1 м спрема 0,5 м, од црквата "Св. Димитрија" во Битола. Од тоа "знаме" се задржани 8-те радијални, а се исфрлени другите 8 "шилести" зраци помеѓу нив. Поткрепата за изгледот е од наусот на стариот манастир "Св. Атанасиј" во Лешок и од наусите во "Св. Климент" - Охрид, "Св. Богородица" - Ново Село, Штип, "Св. димитрија" - Битола и други, како и од иконата Св. Богородица Патеводителка во "Св. Спас" - Скопје и камената апликација на црквата "Св. Никола" во Стрезовце, Кумановско. Исто така поткрепа се многу икони на кои се гледа Исус Христос и околу неговата глава осум радијални зраци и ист блесок кога тој го напушта својот гроб. Врз основа на овие примери, дипл. инж. Мирослав Грчев, на повик, направи апликација, потоа доработена на компјутер. Грчев од етички причини се откажа од авторство, та сега знамето официјално нема автор. (И двете знамиња се донесени во времето на Бранко Црвенковски). Сонцето, како симбол, има огромно значње кај македонскиот народ. Нему му се оддава почит во секоја пригода - при молитва, при почеток на работа, при крај на денот итн. Тоа симболизира живот и енергија, но и корени на старост, вечност од почетокот. Исусовото сонце значи ширење на добрини и доблести, со цивилизациско значење и пораки, но има и мислење дека тоа симболизира прием на космичка енергија и странични влијанија. Претстои донесување и на нов државен грб, иако сегашниов може само да се "рафинира" и централниот дел (сонце, Шар Планина, Егејско Море) да се стави во француски штит. Сепак, потребни се потемелни и подолгорочни подготовки за овој симбол. (Авторот е новинар)

2 comments:

Anonymous said...

Симболи
(Повод: Искажувањата за знамето и грбот)
Спасе Шуплиновски

Пред една деценија открив дека во нашава држава никој не се занимава со симболиката, а тоа е така и денес. Тие што јавно се изјаснуваат за знамето и за грбот како наши симболи или не знаат или бранат партиски ставови, па не смее да се сфаќаат сериозно.

Веднаш по осамостојувањето на Република Македонија, не можејќи да најдам соговорник, самиот се ангажирав со "теренски истражувања", под водство на професор д-р Лидија Славеска. Открив дека не лавот, туку сонцето е македонски симбол од памтивека, во континуитет, со милениуми: од кованите пари од 6-5 век пр. н.е. на деронската династија на Пеонците (едно од 16-те племиња на унијата Македонија на Филип Втори Македонски), преку Кутлеш (Вергина), Тепелиево (Синдос), Требениште, датирани во истото време (2.500 години), преку цар Самуил, низа археолошки наоѓалишта, сакрални објекти од раниот и доцниот среден век, а особено во црквите и манастирите од 19 и 20 век, до сонцата на портите на обичниот човек денес. Цар Самуил, што имал 7 симболи, има галаксичка апликација на сонце идентично како едно од 12-те на ковани пари во Пеонците 1.500 години пред него, а има и ѕвезда петокрака (со пункта во средината) која комотно може да си ја користиме и денес како наша традиција (на грбот, на пример). Сонца со радијални зраци, како на актуелното знаме, има и во Стоби и на Плаошник.

Соларни симболи, вклучувајќи и чисти сонца, има и на муслиманските светилишта и гробишта од постар датум, што значи тие се во традицијата на земјава. На Шарена џамија во Тетово има дури седумдесетина сонца стари неколку века. Во нејзиниот круг има соларни симболи врежани на надгробни камени плочи, како, впрочем, и на гробишата во Тетово и во теќето. Во џамиите или околу џамиите во Скопје, Битола и Тетово (кои сум ги посетил), исто така има соларни симболи. Во 1994 година, иако снимени, за жал, нив не ги ставив во документарниот филм "Слнце"на МТВ, поведувајќи се по сугестијата на режисерот кој вметна црковна музика (со која не одат симболи од муслимански објекти). Според тоа, ако Албанците се сметаат себе си за староседелци, тогаш треба да ги погледнат старите "свои" сакрални објекти, а ако се сметаат дојденци, тогаш нека се помират со симболиката на земјата на која живеат. Впрочем, двоглавниот црн орел не е древен симбол на Албанците, туку е тој австро-унгарски. Австро-Унгарија го има земено од византиската династија Комнени, што се смета за македонска, и во 1912 година го наметна своето знаме (со тој христијански симбол) на тукушто создадената држава Албанија. Австро-Унгарија набрзо се распадна, но остана нејзиното знаме. Бидејќи тоа туѓо знаме не го сакаа Албанците, беше наложено со декрет да се почитува и е одреден дури и ден на знамето (28 ноември). Можеби и ние треба да го преземеме ова искуство од соседството!

Anonymous said...

Инаку, сегашново државно знаме ( донесено во правна ) произлезе од мои 250 фотографии по цркви, манастири и џамии, стари гробишта и друго. Сакајќи да го одбраниме 16-кракото (во чие донесување бев инволвиран заедно со скоро починатиот Пандил Костурски), г.г. Михаил и сите архијереи ми овозможија да откријам каде сў има сонца и соларни симболи. За жал, не најдов идентично сонце со она на златните касели со посмртните останки на Филип Македонски или на неговата ќерка Клеопатра во Кутлеш (иако најдов мноштво други апликации со 16, со 8, со 12, со 10 краци, розети од здравец итн.). Со намера одново да имаме 16-крако сонце на знамето (што и е), во печатницата "Дог" на Благој Воинов ми изготвија круг со идеално 16-крако сонце. Него го пополнив наизменично со црвена и со жолта боја и, во занес, краците ги продолжив до крајот на листот хартија. Предлогот, со уште еден не со радијални туку со шилести додатни зраци, му го упатив на Киро Глигоров. За него "се фатил", како што самиот кажува, дипл.инж.арх. Мирослав Грчев. Тој ја подготви сегашнава апликација на компјутер (мојот предлог беше само идеја, со обични училишни креди во боја). Беше објавено дека предлогот за знаме е на господин Грчев, но тој истиот ден реагирал од етички причини. Неговото негирање е објавено една недела подоцна, откако е донесено знамето. Соопштено е дека сегашново знаме нема автор; автор е народот, што е точно. Јас само помогнав да се осознае вистината.

Писма
http://star.utrinski.com.mk/?pbroj=1243&pr=9&stID=8165