Македонското античко наследство не е спорно (2)

Со слабеењето на тематскиот систем во Византија од втората половина на 9-от век, а особено во 12-ти век, поимот Македонија во неговото тематско, административно значење, сé помалку бил во употреба, односно под влијание на класицизмот, се враќал поимот Македонија во неговото класично, историско-географско значење.

Кога Словените почнале да се именуваат како Македонци?

Оттогаш постепено, терминот бил употребуван не само за означување на територијата на Македонија во нејзиното античко значење, туку зачестила употребата од страна на нејзините жители, за кои во изворите се потенцирало дека се од Македонија или дека се Македонци. Ваквото именување постепенено го прифатиле и новите жители Словените, кои според територијата и народот што го претопиле, како што вели д-р Бошкоски, самите почнале да се именуваат како Македонци.

„Каков бил односот на Словените кон староседелците Македонци и како продолжило нивното понатамошно живеење, всушност е прашање што се поставува секогаш кога се зборува за континуитетот на Македонците. Староседелците во Македонија, во време кога Словените го населиле овој простор, главно биле романизирано и хеленизирано македонско население кое претставувало мешавина од остатоците на старите Македонци и многубројните романски и 'варварски' колонисти, кои го преживеале словенското населување, односно се стопиле во доминантната словенска маса, додека само мал број од оние кои се засолниле во високите планински места, успеале да ги зачуваат своите етнички белези.

Од друга страна, според други автори, со сигурност може да се тврди дека античките Македонци всушност се претопиле во словенското море и засекогаш исчезнале од светската историска сцена. Според проф. д-р Стјепан Антолјак, името на Македонците преминало во меморијата на новонаселените Словени, кои почнувајќи од 10-от век од страна на византиските автори биле нарекувани Македонци“, подвлекува д-р Бошкоски.

Инаку, непосредно пред доаѓањето на Словените во Македонија, мнозинството од населението го сочинувале Македонци, Пајонци, романизирани елементи и други помалубројни етнички групи, а покрај официјалниот латински во употреба бил и останал и јазикот на староседелците. Овој факт е потврден и со високиот степен на присуство на имињата Македо и други типични македонски имиња на просторот на Македонија низ целиот римски период.

Меѓусебното културно-цивилизациско влијание помеѓу староседелците и Словените било подолготраен процес од што прво произлегла христијанизацијата на Словените, мешањето на обичаите и наметнувањето на името Македонија за Словените што ја населиле, а подоцна, постепено, низ Средниот век се наметнало и името Македонци за жителите кои ја населиле Македонија. Староседелците, кои полека се изгубиле во словенското мноштво го примиле јазикот на дојденците, азбуката која била создадена за Словените, прво глаголицата, а потоа кирилицата, при што во долготрајниот етногенетски процес низ Средниот век се формирал македонскиот народ и македонскиот јазик, сметаат историчарите.

Поврзување на името Македонија со Словените во Македонија

Првото спомнување на името Македонија поврзано со Македонските Словени е кај Анастасиј Библиотекарот, а е поврзоано со византискиот воен поход против Словените во 759-та година. Имено, Анастасиј сосема јасно ги разликува Словените од Бугарите, како и византиската административна единица, односно темата Македонија, од Македонија во нејзиното античко значење, која сега е населена со Словени. Тој пишува дека „во осумнаесеттата година од своето царување, Константин ги заробил склавиниите во Македонија, а другите ги покорил“.

За употребата на името Македонија во почетокот на 9-от век особено интересно е сфаќањето на византискиот цар Михаил Втори. Во писмото од 10-ти април 824-та година, упатено до императорот на Светата Римска Империја, Лудовик Благочестивиот, византискиот цар известува за настани кои се случиле во времето на неговото владеење. Византискиот цар го известува Лудовик за тешките трауми што ги доживеало Византиското царство за време на Тома Словенот од 820 до 824-та година, пишувајќи дека „откако ги собра нашите кораби и дромони, имаше можност да дојде во делови на Тракија и Македонија. Доаѓајќи таму тој го опседна нашиот град, (се мисли на Константинопол) и го опколи со флотата во декември 821 година.

Понатаму во писмото се истакнува дека Тома Словенот во своите редови имал многу востаници од различни области, меѓу кои и од „краиштата на Мизија, Европа, Тракија, Македонија, Тесалија и од Склавиниите , кои беа наоколу“.

Исто така и Јован Каменијат, свештеник од Солун и византиски писател, во своето дело „За заземањето на Солун“ од страна на Арапите во 904-та година, како сведок на настаните, меѓудругото, запишал драгоцени податоци за Македонските Словени. Опишувајќи ја околината на Солун, авторот дава извонредни податоци за словенските племиња Драгувити и Сагудати, кои биле под управа на градот Солун, потоа за Струмјаните кои живееле подалеку, но и за другите словенски племиња, како и за нивните односи со Византија и византските власти. Во ова свое дело тој констатира дека словенските племиња само формално ја признавале византиската власт“, вели д-р Бошковски.

Еден од најзначјните византиски автори од првата половина и средината на 10-от век, кој ги употребува термините Македонија и Македонци во нивното античко значење, нарекувајќи ги така Словените на таа теритотија, иако во тоа време поголемиот дел од Македонија се наоѓал под бугарска власт, е византискиот цар и писател Константин Седми Порфирогенит. Неговите дела имаат особено важни податоци за Јужните Словени на Балканот, за Македонските Словени и за Словените во Грција и на Пелопонез.

Тој извонредно умешно, за разлика од некои негови современици или средновековни автори од 10-ти и 11-ти век, прави разлика помеѓу византиската тема, областа Македонија расположена во западна Тракија и Македонија во античко значење со нејзините историско-географски граници. Царот писател Порфирогенит, Македонија секогаш јасно ја разграничува од темата Македонија, така како што тој ја разбира, но и од државата Бугарија, а Македонците јасно ги разграничува од Бугарите.

„Податокот на Константин Порфирогенит за лавот како круна на Македонците уште од античкиот период е најстариот пишан податок со кој се поврзува традицијата на лавот како круна на Македонците. Токму затоа на монетите на македонските кралеви, кои се кителе со кожа од лав, ликот на лавот се ценел повеќе од кој и да е скапоцен камен или кралска дијадема. Интересно е неговото сведоштво за областа Стримон, пишувајќи дека темата Стримон се присоедини на Македонија и за неа никаде не станува збор како за тема, туку се вбројува во редот на клисурите. Неа ја користат Скити, наместо Македонци, откако нив Јустинијан Риномет ги преселил во планините на Струма и приодните клисури“.
Спомнувањето на Македонците кон крајот на седми век во областа Стримон е втор податок за нивното опстојување во Македонија, како Македонци. Истиот автор пишува дека „Тесалоника која е уредена како тема, исто така е дел на Македонија. И за да не ги наведувам туѓите и старите свидетели за таа работа, вели тој, веродостоен свидетел е Христовиот свети апостол Павле кој ја нарекува Македонија. Тој пишува вака: „Со нас беше Аристарх, Македонец од Тесалоника. Тесалоника е метропола на Македонија, а неа во македонските градови ја става и граматикот Хиерокле“.

Важно е и тоа што Константин Перфирогенит ниту еднаш не го употребил терминот Бугари за македонските Словени, односно за Македонците кои биле под бугарска власт во негово време, со што јасно ги разграничува Македонците од Бугарите. Тој за Словените во Македонија ги употребува термините Словени, Скити и варвари, а доследен и е при употребата на поимот Македонија како земја која ја населиле Словените, притоа игнорирајќи го поимот Бугарија за териториите кои Бугарите ги освоиле од Македонија.

Во тој контекст, непознат автор кој живеел во втората половина на 10-от век, направил изводи од географијата на римскиот историчар Страбон, а понекаде додал и свои согледувања. Овој автор во науката е познат како Страбонов Епитомар. И покрај тоа што во негово време поголемиот дел од територијата на Македонија била во составот на Бугарското царство, а помал дел од јужна Македонија во состав на Византиската Империја, тој, кога пишува за Македонија, постојано го употребува терминот Македонија во неговото историско-географско значење. Пишувајќи за настаните кои се случиле во 8-ми век, со временска дистанца од цели три века, ќе забележи: „И сега Скитите - Словени го населуваат целиот Епир и делови од Хелада и Пелопонез, и Македонија“.

Македонија била Македонија и во 1018 година!

Византискиот историчар Лав Ѓакон е роден во Мала Азија околу 950-та година и живеел во почетокот на 11-от век. Тој напишал историја во 10 книги, која го опфаќа периодот од 959-та до 976-та година, но пишува и за настани кои се случиле до 989-та година. Се разбира дека во пишувањето користел мноштво антички и рановизантиски автори, на кои се повикува во своето дело. Меѓудругото, во една од своите десет книги, има детален опис на битката кај Трајановата врата од 17 август 986-та година, кога македонската војска предводена од Арон и Самоил извојувала блескава победа над византиската војска која ја предводел царот Василиј Втори.

„Интерсено е тоа што Лав Ѓакон жителите на средновековната македонска држава, чиј прв владетел бил Самоил, ги нарекува Скити и Мизи. Меѓутоа, покрај овие називи за Македонските Словени, тој ги користи и термините Македонија и Македонци за означување на територијата и жителите што ја населуваат таа територија. Секако тој термин има пред сè античко значење и претставува негација на наметнатиот термин Бугарија за територијата на Македонија под бугарска власт, додека со терминот Македонци, позајмен од античките автори, овој историчар ги означува македонските Словени од југоисточна и јужна Македонија, кои во поголемиот дел во времето на Самоил останале во Визанстиското Царство. Значи, за Македонците под бугарска власт не го користи терминот Бугари, туку Скити и Мизи, додека оние што биле под Византија останале Македонци“, подвлекува д-р Бошкоски.

Уште еден автор, современик на настаните во времето на македонскиот цар Самоил и на неговите наследници до 1018-та година го употребил името Македонија за оваа средновековна македонска држава. Се разбира и овојпат Македонија е прецизно разграничена од Бугарија, а за цар Самоул вели дека е „тиранин“ во „бунт“ против византискиот цар Василиј Втори. Станува збор за авторот на „Легендата на св. Трифун“ настаната кон крајот на втората деценија на 11-от век , зачувана во италијански ракопис од 1466-та година. Во овој текст меѓудругото се подвлекува дека Самоил „ги ограбувал и опустошил областите на Бугарија и Македонија и некои градови на Далмација и ја довел својата војска по Котор“.

Византискиот историчар Јован Скилица спаѓа во редот на најважните историски извори за историјата на македонското средновековно царство. Во неговото историско дело кое претставува продолжение на Теофановата „Хроника“, го опфаќа перидот од 811-та до 1057-та година. Делото го пишувал за време на владеењето на византискиот цар Алексиј Први Комнин, а неговото сфаќање на поимот Македонија е особено јасно издиференцирано.

Според него, терминот Македонија означува византиска административна единица, односно тема Македонија во западна Тракија, што се поклопувала со податокот дека Самоил ја пустошел и таа Македонија. Станува збор за област, која е наречена со тоа име зашто таму, неколку века претходно, присилно биле преселени голем број Македонци.

Друго споменување кај Скилица на името Македонија е во врска со неговото опишување на земјотресот што се случил во 1037-та година. За овој настан тој пишува: „Во 6546 (1037), 6-ти индикт, (2 ноември) се случи земјотрес во десет часот дента и земјата продолжи да се тресе дури до крајот на месец јануари. Настана глад во Тракија и Македонија, Стримон и Солун, дури до Тесалија“.

Неговиот помлад колега Јован Зонара, пак, кој бил великодостојник на византискиот царски двор и управник на дворската канцеларија, во однос на употребата на поимот Македонија има двоен приод. Имено, како и кај повеќето византиски автори од 11-ти и 12-ти век, и Зонара поимот Македонија го користи како административен поим за византиската тема Македонија во западна Тракија, но во друга прилика со тој термин ја означува и Македонија во нејзиното антички, исторско-географски граници.

Така, зборувајќи за најраната историја на Византија тој пишува: „Константин, (мисли на Константин Велики, првиот христијански и византиски цар), ја наследил Италија и Рим, потоа Илирик и Македонија, заедно со Елада и Пелопонез“. Значи, авторот ја подразбира Македонија како целина составена од провинциите Македонија Прима и Македонија Секунда.

Пишувајќи за упадот на Узите, племе од турските групи, кое во 1064-та година преминувајќи го Дунав „стигнале дури до Македонија, ја ограбиле и навлегле во Елада“. Значи, да констатираме, најпрво ја ограбиле Македонија, ја поминале и дури потоа невлегле во Елада. Оттука јасно е дека Зонара Македонија ја идентификува со античко-историско-географското значење како сосед на Елада, а притоа факт е дека не го употребува терминот Бугарија за таа територија.

Византиската писателка Ана Комнена, пак, кон средината на 12-ти век ја напишала својата „Алексијада“, дело во кое ја опишала историјата на владеењето на својот татко Алексеј Први Комнин. Нејзиното дело има 15 тома, а таа на две места го употребува терминот Македонија, пишувајќи за античката историја на Македонците, но во сите други случаи тој поим го употребува за темата Македонија во западна Тракија, правејќи строга разлика помеѓу Македонија од античко време и провинцијата Македонија во визастиско време“, констатира д-р Бошкоски.

(продолжува)

Блаже Миневски за МИА (извор: МИА)

Верзија на англиски: Facts about Macedonia - its ancient heritage is undeniable 

No comments: