March 1, 2013

Драмата на Егејците 7

Драмата на Егејците (7)

Избезумените мајки ги бараа своите деца

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

„Нашата единица, под полна опрема и казаните за подготвување на храна, со претходно изучени строеви вежби, марширавме за Оровник. Ние, најмладите партизани, бевме во центарот на вниманието. Една од нашите мајки, забележувајќи го својот син меѓу нас, силно започна да вика: ’Луѓе децата, нашите деца...!‘ Настана општа мешаница. Моите другарчиња, како лачени јагниња, излетаа од стројот и се замешаа меѓу луѓето, барајќи ги своите родители. Избезумени, во мракот, мајките, викајќи ги имињата на своите деца го бараа својот пород, а децата ги извикуваа имињата на своите родители. Никој не мислеше на митингот. Седев осамен и ја набљудував потресната слика пред мене. Јас се чувствував како сираче. Не најдов никого од моите. Со насолзени очи се прашував себе си, а каде е мојата мајка? Зад мене слушам познат глас: ’А, бре, и ти си тука?‘ Тоа беше дедо Димко Демирев - Агата од нашето село. Тој продолжи да ме укорува: ’А, бре, шебек (кускуле), пушката е поголема од тебе, а гељото (ранецот) потежок од тебе и ти дојде да ја ослободуваш Македонија?‘ Откако добро ме укори, дедо Динко ми соопшти дека двајцата стриковци загинале во борбите, а тате и мајка ми не се знае каде се наоѓаат со борците на ДАГ“. Оваа потресна средба на мајките со своите синови, кои мислеле дека се спасени од војната по испраќањето во социјалистичките држави, ја раскажува Трпе Карчински, еден од регрутираните момчиња.

Предвидениот митинг во Оровник од кој требало да се испрати телеграма на поддршка на Светскиот конгрес за мир што се одржувал во Прага се претворил во протест. Луѓето извикувале: „Доста беше, се' живо ни мобилизиравте, во нашите куќи уште глувците останаа немобилизирани, ни ги опустивте селата, вратете ги нашите деца назад во народните републики!“ Народот бил огорчен. Одговорните од КПГ, НОВ и АФЖ останале неми, мајките барале да се спасат нивните децата.

„Веста што ја дознав од дедо Динко длабоко ме растажи. Не ни бев свесен дека плачам. Солзите сами навираа од длабочината на очите. Никој за тоа не ме осудуваше иако бев партизан, а носев и пушка. По една година прогонство од нашите домови, сега станавме свесни за големината на нашата трагедија и за пеколот во кој беше турнат нашиот народ во Егејскиот дел на Македонија“, раскажува Карчински.

За време на своето патешествие тој ќе носи со себе молив и лист хартија и ќе го забележува секој настан и секое место каде што поминал до пеколот и назад. Неговата драматична животна приказна ја пренесуваат Сократ Пановски и Илија Лафазановски во книгата „Прогонство што трае“.

Карчински раскажува дека во декември 1948 година во домот во Тулгеш ги посетил членот на ЦК на КПГ Петрос Кокалис, кој во пропагандните говори повикувал на помасовно, доброволно вклучување во Демократската армија. Потоа им говорел и директорот на детскиот дом „Тимјос“. „Тој во своето предавање се повикуваше на нашите патриотски чувства спрема татковината и побара да стапиме доброволно во редовите на ДАГ. На нивно инсистирање се пријавивме 375 деца на возраст од 14 до 16 години. Меѓу нас се наоѓаа и 15 девојчиња. Основен мотив за нашето доброволно пријавување и овој пат беше носталгијата за напуштената татковина и враќањето на нашите родни огништа. Како доказ за нашето доброволно пријавување служеше едно ливче од бележник на кое запишувавме: име и презиме, датум и место на раѓање дека доброволно се пријавувам за редовите на ДАГ“, вели Карчински.

На 6 март 1949 година, со последната група деца, на камиони, преку Југославија, пристигнале на воениот полигон, во околината на селата Рудари и Штрково каде што обуката траела 23 дена и се состоела во нишанење и стрелање со пушка и фрлање рачна бомба. Потоа биле формирани воени единици, кои формациски биле слични на оние на ДАГ.

„Ни беше наредено да стреламе без никакво предупредување на се' што се движи. Подоцна дознавме дека на овие патишта за Република Македонија бегале борци и цивили во потрага по своите деца од другата страна на границата. Значи, ние бевме определени да стреламе во нашите родители и роднини, кои бегаа преку границата во Р. Македонија“, подвлекува Карчински. Тој објаснува како бил фатен таткото на неговиот другар Алексо Чачановски од село Желево. „На очиглед на неговиот син, тој беше стрелан. Нашите другарчиња, од претходните групи, беа испратени во првите борбени редови на ДАГ на планините Грамос, Алевица, Сињачко, Вич и Малимади. Од тие што пристигнавме тука, по обуката, 60 наши другарчиња беа испратени во првите борбени редови на ДАГ. Најголемиот број загинаа уште во првите битки, а некои беа заробени“, ја пренесува драмата на децата кои со невидена пропаганда биле натерани да војуваат. Карчински наведува дека многу тешко ги доживеале двете несреќи што се случиле со нивните другари. Три регрутирани момчиња, вежбајќи со минофрлач, загинале кога им експлодирала минатата во цевката. Загинало уште едно момче при обид да го деблокира митралезот.

Ни беше наредено да стреламе без никакво предупредување, вели Трпе Карчински, еден од регрутираните момчиња

Еден ден ги построил и пред нив застанал политичкиот комесар, инаку Грк, кој им рекол: „Дали некој до вас сака да остане во редовите на ДАГ?“ Се пријавија двајца доброволци: Васил Мартиновски и Ѓорги, курирот на центарот за обука. До пред неколку дена, ќе се пријавевме сите до еден. По тоа што видовме и слушнавме на митингот во Оровник, ја изгубивме желбата да се бориме понатаму. Настана мртва тишина. Од далеку, до нашиот строј, допираше топовска канонада. Стоевме вознемирени, како велигденски јагниња пред кланица. Многу млади ја почувствувавме суровоста и трагедијата на Граѓанската војна во Грција. Најпосле, комесарот ја прекина тишината со зборовите: ’Предајте го оружјето! Ќе ве вратиме назад во Романија за да јадете мармалад‘. Не се ни поздрави, лут како рис си замина“, раскажува Карчински.

Меѓутоа, со предавањето на оружјето не завршиле и маките на децата-војници. Наредниот ден со истите камиони што ги донеле по втор пат ја напуштиле татковината и кога ја поминувале граница со Албанија, сите во еден глас ја запеале песната: „И ние сме деца на мајката земја, и ние имаме право да живееме“. Карчински раскажува дека во деновите кога биле во Албанија многу гладувале. Еден ден ги однеле на аеродромот во Тирана и оттаму за Белград, каде што им понудиле да останат во Југославија. Не се согласиле и со авионот продолжиле преку Будимпешта за Полска, каде што стасале на 2 август 1949 година. Таму ги сместиле во еден манастир во околината на Варшава. По добиените вакцини и лекови, на 6 август 1949 година со воз ги префрлија во летувалиштето Солице Здуј и ги сместиле во една вила. „Бевме подложени на постојани лекарски прегледи и контроли на здравствената состојба. По одморот од неколку дена, станавме свесни за нашиот физички изглед. Личевме на живи костури, коска и кожа. Конечно по нашето одење во непознато се вративме од пеколот“, раскажува Карчински и плаче како дете, видно потресен.

Тој посебно нагласува дека полската држава направила се' за да им го врати детството и младешките години. „Сите станавме високообразовани кадри. Меѓутоа, остана вечно во нас, длабоко во нашите души, копнежот за татковината наречен - носталгија“.

(Продолжува)

No comments: