Солунските атентати 2. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

2. С. Мерџанов во Солун успеал да врбува неколку ученици велешани. Меѓу нив биле: Јордан Поп Јорданов (Орцето), Константин Ив. Кирков, Тодор Богданов. Илија Трчков, Владимир Пингов и други. По тримесечно другарување со нив. Мерџанов ги заразил со анархистичките погледи. Така, групата почнала идејно да се оформува. Нивните идеали се поклопувале со идеалот на сите Македонци - реформи и автономија.

Како анархисти, гемиџиите манифестираат самостојност и индивидуалност. Тие гледаат критички кон другите, а пред сè, кон ТМОРО. За нив се важни делата и ефектот. Со малку човечки жртви да се постигнат големи ефекти. Гемиџиите сметале дека најголем ефект можело да се постигне со директно загрозување на интересите и капиталот на големите сили во Империјата преку терористички акции. Од друга страна, преку материјалните и човечките жртви Империјата постојано да се држи во неизвесност.

Врз тие начела кон групата се присоединиле: Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Георги Богданов, Илија Поп Јорданов и Милан Арсов. Нешто подоцна кон нив пристапиле: Павел Шатев, Марко Бошнаков, и Димитар Коштанов.

Во 1899 година С. Мерџанов, Јордан П. Јорданов и К. Кирков, разработиле план за изведување атентати во повеќе градови на Европска Турција. Меѓутоа, главен проблем биле средствата. Оттука се раѓа идејата за божемно киднапирање на К. Кирков и Т. Богданов, чии родители биле побогати. Татко му на Богданов, насетувајќи ја играта одбил да плати. Меѓутоа, Кирков дал 200 лири. Повеќето од нив биле потрошени додека траеле преговорите за откуп. Кон крајот на 1899 год., велешкиот митрополит Авксентиј, покренал акција за доброволни прилози за изградба на камбанарија на црквата „Св. Пантелејмон“ и железната црква „Св. Стефан“ во Цариград. Тогаш гемиџиите започнале контраагитација дека народните пари е подобро, наместо за камбанарии и цркви, да се трошат за обнова на училишта и просветни цели.

Bo исто време со помош на Д. Мечев и содејство на учителот Прнаров, било грабнато детето на Весови, од каде што Организацијата добила 200 лири.

Продолжува

No comments: