Солунските атентати 1. дел

Ванчо ЃОРЃИЕВ

СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ

1. Кон крајот на април 1903 година, Солун бил потресен од силни атентати. Нивни реализатори биле десетина анархисти, кои симболично се нарекле гемиџии. Корените и идејното оформување на гемиџиите се во директна врска со тајниот кружок во Пловдивската гимназија од 1896 година. Кружокот имал за цел ослободување на Македонија преку внатрешна револуција. Организатори и раководители на Кружокот биле Михаил Герџиков (син на директорот на Народната банка во Пловдив) и Петар Манџуков (внук од сестра на митрополитот Натанаил). Кружокот бил под влијание на руското народњаштво и нихилизмот. Поради немање на средства, двајцата организатори се одлучиле на кражба од своите најблиски. Тие ги украле и продале брилјантниот прстен на мајка му на Герџиков и орденот на дедо Натанаил. Кражбата била откриена, а тие исклучени од гимназијата. Така, пловдивската група била растурена. Таа се обновила во Казанлак, каде М. Герџиков и П. Манџуков го продолжиле школувањето.

Во 1897 година, повеќе од членовите на Кружокот се нашле на студии во Женева. Меѓу нив: М. Герџиков, П. Манџуков, Јордан Колчев, Димитар Општински, Димитар Ганчев, Димо Николов, Григор Дочев и други. Покасно под нивно влијание паднал Славе Мерианов. Тие во Женева воспоставиле контакт со руските револуционери. Под нивно влијание идејно се оформиле како анархисти. Притоа започнале да го издаваат весникот „Отм'штение“ (Одмазда). Оформувајќи се како Македонски таен револуционерен комитет (МТРК), тие издале Апел. Во почетокот на февруари 1898 Апелот бил растуран сред македонската емиграција во Бугарија и странските дипломатски претставништва. Во приложената Програма кон Апелот се потенцира дека МТРК е природна последица од околностите во кои се наоѓа „македонскиот народ“. Дека цел на МТРК е „целосно одделување во политички и административен однос на Македонија и Одринскиот вилает од султановата држава“. Првата точка од Програмата предвидува „Полна независност и најширока свобода за македонскиот народ да си создаде управа каква што тој сака“! Притоа, населението да се определи самостојно „без никаков странски притисок“.

Средствата и начинот за постигање на така зацртаната цел се опишани во едно писмо од П. Манџуков до К. Кирков од 18.07.1898, година. Во него меѓу другото пишува: „Нашиот несреќeн македонски народ е изложен на безброј несреќи и понижувања од Турците... Далеку позагрижувачки е поведението на Европа, која за сметка на своите сомнителни интереси го заборава својот долг кон еден мал народ во срцето на светот. Ми се чини дека наша должност во моментот е борбата да ни биде свртена кон таа Европа, која одлучува за судбината на нашиот народ, а потоа борбата со Турците ќе биде дури беспредметна. Чинам дека треба да сториме сè, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот за да се свести дека и другите поробени луѓе имаат право на живот и слобода“. Според Манџуков, „македонскиот народ ... не може да се ослободи со едно востание ... Ние сакаме да жртвуваме сопствени, а не народни животи ... Ние сакаме повремено да предизвикуваме судири... и преку нашата крв да го свртуваме вниманието и симпатиите на „човекољубивата“ Европа ... македонското прашање ќе може ... да се реши само ако ние водечките Македонци ... постојано предизвикуваме безредици“.

За реализација на Програмата на МТРК биле потребни средства. Затоа со ждрепка бил извлечен Григор Дочев, кој требало да замине во Бугарија и да обезбеди пари. Неговите обиди биле неуспешни. Поради тоа во Бугарија биле испратени Герџиков и Мерџанов. По првата средба со нив, Дочев чувствувајќи морална одговорност поради неисполнетата обврека се самоубил. На Герџиков и Мерџанов им пошло од рака да го врбуваат поштенскиот службеник Стефан Михов, со чија помош преку фалсификувани чекови успеле да извлечат 4000 до 5000 лева. Со тие пари, С. Мерџанов бил испратен во Македонија.

Продолжува

No comments: