Лазарски песни од село Велгошти, охридско

Димче МАЛЕНКО

Село Велгошти, најближно село до градот Охрид, празникот „Лазаре“, што ќе рече обичаите за Лазарица и за Цветници што се на една недела пред Велигден, како прилично разновидно застапени, уште ги чува во активен одглас. Како што ни објасни собирачот на народниве песни своевремено, ученичката во Учителската школа „Андон Дуков“ — Весела Чингова, лазарски песни има сè уште и воопшто во селата на источната и југоисточната страна на Охридско. Еманципацијата на селото, неговата цивилизација, уште не ја дотерало до загин објатноста на традицијата. Одењето „На Лазаре“ таму на некој начин сепак останало, додека со носијата, позната како „велгошка“, „ресенска“ или стара охридска „месокастранска“, веќе не е таков случајот.

Групата лазарки во с. Велгошти се образува уште пред еден месец пред празникот. Групата се вика „лазарска“ и брои 20—30 членки, девојчиња од 15—16 години, додека тие што се на чело на групата се викаат чауши. Селската облека им се состои од: кошулка, забун, појас, бовче (скутина), ткаен волнен или памучен сантрач скутник од домашна изработка на разбој, џослук шамија, редени со пафти (појасници), мангура (мангари), белегзии, бисери, обетки и др. Во раката бездруго држат цвеќе. Лазарските песни како наследство ги учат од своите баби и дедовци, мајки и татковци преостанати да живеат во Велгошти, кои рапидно гравитира кон Охрид.

Во неделата пред Велигден лазарките одат „на Лазаре". „Пред празникот, велат тие, одиме обично во една куќа и таму ги вежбаме песните и се договараме, пред да зашетаме од куќа в куќа, — во која куќа како да им пееме. Потоа определуваме која од нас ќе донесеме кошниче за јајца берење, а која цвеќиња за китење на кошничето. Вапцилото за јајца го викаме „бакам", а за шарање и за пишувње со бело по јајцата Христос воскресе! и: Вистина воскресе! употребуваме „кизап". Колачот месен за Велигден со четири прегради накрст, крстот вмесен в круг, така што во секоја отсечка да има по едно велигденско црвено јајце, што ќе рече четири на број, го викаме в село „колак“. Песните се пеат за домаќинот, за домаќинката, за јунакот, ако во куќата има јунак неженет, момичка непосвршена, потем за мали деца, стари баби и дедовци, итн. Постојат песни и за овчар, за ага и сл.“

Лазарките по обичајот уште оддалеку пред куќата, пред која се токмат да застанат, пеат песни се додека не излезе некој што ќе ги дарува со пари и јајца. Потоа играат оро пред куќата и пеат песни сретсело за знак на благодарност. Тоа е и инаку последен ден за играње во „Великојпости“, бидејќи во последната недела пред Велигден, сите се во жал, во траур поради „маките Ристозој“. Обичајот завршува во неделата попладне пак сретсело со „гледање“ едни други и со веселби, думби, дулкање... Тогаш сите лазарки се собираат во една куќа во која танчарката им ги дели собраните јајца како чауш и парите на учесничките од по куќите по токму, никој да не се лути. Врбовите гранки што ги берат (врбовиците, „врбници") ги оставаат в црква по иконите за живот и за здравје. Стапчињата ги прават од врба, на стапчето од врбата прават „шарки“ по лупешката со ноже. По употреба врбовиците ги фрлаат пак „за здравице“ кај добитокот в пондила за да „се запотнат“ и да се плодат, за да има напредија во стоката. Во врска со обичајов постојат легенди, приказни, верувања и особено богат избор песни. Анѓа Ристеска, 80-годишна старичка, домаќинка од истоименото село Велгошти, по тој повод пее:

ПЕСНА ЗА ДОМАЌИНОТ
Ели верен, ели верен, Лазаре, коња кои;
Коња кои, коња кои, Лазаре, под коленчи;
Под коленчи, под коленчи, Лазаре, под моленчи,
Под црвени, под црвени, Лазаре, трендафили.
Невеста му, невеста му, Лазаре, узда држи;
Узда држи, узда држи, Лазаре, трева слачи.
Прсна коња, прсна коња, Лазаре, му одбега —
Во ливајѓе, во ливајѓе, Лазаре, некосени.
Трчум трча, трчум трча, Лазаре, викум вика:
— Ја врати се, ја врати се, Лазаре, господине,
Во скутои, во скутои, Лазаре зоб да зобаш,
Во грстои, во грстои, Лазаре, вода пиеш.

ЗА ДОМАЌ.ИНКАТА
Израсла е, израсла е, Лазаре, јаболчица;
Среде дворје, среде дворје, Лазаре, на мраморје.
Цут цутила, цут цутила, Лазаре, род родила,
Што родила, што родила, Лазаре, дo две киски.
Тие ми се, тие ми се, Лазаре, мили синој —
Мили синој, мили синој, Лазаре, мили ќерки.

ЗА НЕЖЕНЕТ ЈУНАК
— Овде дворој големи, о, Лазаре!
Овде јунак големец, о, Лазаре!
Мислат да го посвршат, о, Лазаре!
За девојка од село, о, Лазаре!

— Ој, јуначе, ој, јуначе, Лазаре, неженето,
Смиља посиш, смиља носиш, Лазаре, смиљ мирисаш.
Што си уште, гито си уште, Лазаре, неженето,
Неженето, неженето, Лазаре, несвршено?

ЗА ДЕЦА МАЛИ
Заспало е детенце, заспало е детенце
под бел црвен трендафил;
лајчица го будеше, мајчица го будеше:
— Стани, стани, детенце, рано утро-петлено!

ЗА ДЕДОТО
Потседнал ми, потседнал ми, Лазаре,
стари Јане на јадење, на јадење, Лазаре, на пиење;
Вино пие, вино пие, Лазаре, тригодишно,
а рајќија, а рајќија, Лазаре, петгодишна.

ЗА БАБА
Потседнала, потседнала, Лазаре, стара Јана —
да ми пише, да ми пише, Лазаре, бела книга,
бела книга, бела книга, Лазаре, црно писмо.

ПЕСНА ЗА АГА
Слези, аго, слези, аго, Лазаре, од кулата.
Паднала ти, паднала ти, Лазаре, шамијата.
Во шамија, во шамија, Лазаре, илјадата —
Во илјада, во илјада, Лазаре, злати прстен,
Да прстенвиш, дa прстенвиш, Лазаре, малој мома
Поповото, поповото, Лазаре, најубавото.

ЗА ОВЧАР
— Кољо, Кољо, Калино, о, Лазаре!
Црно око маслино, о, Лазаре!
Што см тука седнало, о, Лазаре!
Под читрото оревче, о, Лазаре!
Да не чекаш овчарче, о, Лазаре!
— Жими брата, нејќам го, о, Лазаре!
Радо да ме скорива, о, Лазаре!
Да му матам бутинот, о, Лазаре!
Да му месам комадот, о, Лазаре!

No comments: