Македонската емиграција во Бугарија 6

Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.

Виолета АЧКОСКА

Тоа е времето на кусата воена соработка меѓу македонските и бугарските воени единци за дефинитивно ослободување на Македонија, но и на заложбите на бугарските комунисти и Отечествениот фронт да расчистат со остатоците на фашизмот во сопствените редови. Ваквиот однос децидно го потенцира Трајчо Костов, секретарот на ЦК БРП (к) во писмото упатено до секретарот на ЦК КПМ, Лазар Колишевски, каде наведува дека имаат сериозна намера до крај да го искоренат фашизмот, а според тоа, од нивна страна ќе бидат обезбедени слободата и независноста на Македонија.31 Но, и покрај ваквите искази на Костов, претставниците на пројугословенската струја во НРМ, на чие чело се наоѓаше Лазар Колишевски, со голема недоверба гледаа кон сите оние кои доаѓаа од емиграција, особено од Бугарија. Тоа беше време на изградбата на партиската држава во НРМ, на барањата на Политбирото на ЦК КПЈ за зајакнување на централизмот во југословенската федерација и време во кое ќе започне расчистување со претставниците на промакедонската струја, со оние кои се залагаа за интегрално решавање на македонското прашање. Ваквото тврдење, меѓу другото, произлегува и од изречените негативни оценки од страна на Светозар Вукмановиќ-Темпо за бригадата „Гоце Делчев“, формирана од Македонци во Бугарија, а се однесуваат околу „Настаните на Скопското кале“, на Божик 1945 година.32 За истата бригада која учествувала во ослободувањето на Македонија, полковникот Пецо Трајков33 како нејзин командант кажува нешто друго.34

За поволната клима при формирањето на воените единици кои доаѓале во Македонија, полковникот Трајков запишал: „Во еден убав септемвриски ден на 1944 година во логорот на патот за Књажево, се случи потресното испраќање на македонските војници. На платото беа построени батаљоните, првиот од кои што веќе тргнуваше за Македонија за помош на македонските партизани“. Откако им одржал говор, Трајков му го предал знамето на командантот на првиот батаљон Богомил Панов. „Десет илјади граѓани, претежно од македонската емиграција, македонски дејци и белобради Илинденци, со очи насолзени од радост, ја испратија бригадата за родната земја“.35

Во поволната клима на воспоставените добрососедски односи, значаен конкретен чекор кон создавањето на поинаква историја на Балканот беше признавањето на културната автономија на Македонците во пиринскиот дел на Македонија. Содржината на оваа автономија се состоеше во правото на национално изјаснување како Македонци дури и на првиот попис на населението во Бугарија во 1946 година, слободна употреба на македонскиот јазик, изучување на македонскиот јазик, историја и култура, формирање на национално-културни друштва, театри, негување на фолклорот, одбележување значајни настани и личности од македонската историја, изучување на историското минато на македонскиот народ, испраќање на учители од НРМ во пиринскиот дел, школување на ученици и студенти од пиринскиот дел на Македонија во НРМ, слободно комуницирање со сонародниците-Македонци од федерална Македонија и слично.36 Во реализирањето на тие права учествувале и македонските емигрантски демократски и прогресивни сили во Бугарија.

Во времето на конституирањето на Демократска Федерална Македонија, низ бројни документи и низ бугарскиот печат (како на пример во весниците Отечествен фронт, Работническо дело, Нова камбана итн.), јасно се поставува македонското прашање и неговото разрешување, се анализираат перспективите на новата македонска држава во рамките на југословенската федерација, се објаснуваат одлуките и значењето на АСНОМ, се пренесуваат информации за активностите на македонската емиграција во Бугарија, особено на македонските братства, се објавуваат интервјуа со македонските раководители кои ја посетуваат Бугарија итн. Подоцна овие настапи на македонските кадри послужија за внатрепартиски чистки кои беа преземени во рамките на КПМ против наводната антипартиска група односно т.н. автономисти и сепаратисти чија дејност во Македонија била мошне педантно следена.37

Продолжува

31 Исто, док. бр. 35, 123.
32 Светозар Вукмановиќ Темпо, во своите мемоари наведува дека откако разбрал за побуната на некои воени единици во Скопје кои одбиле да одат на Сремскиот фронт каде „имало и мали демонстрации и пароли: Не сакаме на Берлин, сакаме на Солун“, веднаш пристигнал во Скопје, па околу тоа запишал: „...Ме интересираше која единица беше во прашање и од каде се мобилизирани нејзините луѓе. Не можев да поверувам дека така постапила единица која веќе учествувала во борбите. Тие мои претпоставки се потврдија. Се работеше за делови од Бригадата формирана во Бугарија после септемврискиот пресврт. Бригадата беше составена од Македонци кои цела војна ја поминаа во Бугарија и не учествуваа во борбите. Наша грешка е што луѓето не ги распределивме по единиците кои имаа борбено искуство...” Во својот својствен стил, Темпо продолжува: „Наидов на жална слика: борците одеа распашани... Веднаш ми беше јасно дека побуната не избила заради заземање на власта, туку затоа што на „борците“ не им се одеше на Сремскиот фронт”. Наводно, Темпо им одржал „остар говор“ во кој ги прекорил што за време на војната пушка не опалиле против окупаторот, „а сега одеднаш станавте Македонци, викате на цел глас дека сакате да се борите за слободна Македонија и поради тоа не сакате да одите на Сремскиот фронт...“ (С. Вукмановиќ Темпо, Револуција која тече, Мемоари, Београд 1971, кн. II, 5-6).
33 Трајков Петар-Пецо (с. Врбени, Леринско, егејскиот дел на Македонија, 2.06.1886 – Софија, 13.01.1964), деец на македонското ослободително движење. Инаку Пецо Трајков бил избран за член на АСНОМ и присуствувал на Второто заседание, одржано во декември 1944 година во Скопје (Македонски историски речник, ИНИ, Скопје 2000, 456-457).
34 Полковникот Трајков наведува дека „при создавањето на бригадата беше вооружан и Лазо Колишевски и уште шеесет политички затвореници, излезени од фашистичките затвори, со револвери и шмајзери. Самиот Лазо Колишевски беше облечен во бугарски офицерски алишта, со чин поручник. Го проверив неговото мислење како секретар на КПМ, дали го одобрува формирањето на бригадата од страната на ОФ власт. Тој, не само што го одобри тоа, туку искажа и големо задоволство, особено од ЦК на БКП...” (Пецо Трайков, Национализмът на скопските ръководители, София, 1949, 15).
35 Набрзо, Пецо Трајков бил повикан од „Бане Андреев, политкомесарот на Главниот штаб на НОВМ“, кој „упорно го молел да замине кај нив во Главниот штаб“ бидејќи неговото „присуство таму било од голема важност“. Така со испраќањето на Вториот батаљон на бригадата „Гоце Делчев“, Пецо Трајков дошол извесно време во ГШ. Инаку, по капитулацијата на Бугарија, беше договорена соработка со Отечествениот фронт, така што, во тие рамки се формираше и бригадата „Гоце Делчев“ од македонски војници во бугарската војска и Македонски доброволци од македонската емиграција во Бугарија, со вкупен број од околу 12.000 борци, со командант Пецо Трајков и политички комесар Мире Анастасов (Пецо Трайков, Национализмът на скопските ръководители, ..., 22-28).
36 Притоа, учителите кои македонската држава ги испраќаше да го образуваат на мајчиниот јазик македонскиот народ во Бугарија, тоа не го сфатија како должност, туку како особена чест, „ретка доверба ...патриотски долг кон својата татковина“. (М. Илиев, Сведоци, Просветен работник, Скопје 1979, 5).
37 Како пример за односот кон оние раководители кои настојувале во комуникацијата со Софија да го прескокнат Белград може да се посочи Петре Пирузе Мајски кој, меѓу другото, бил ставен во немилост заради средбата со академикот Тодор Павлов во Софија, во почетокот на 1945 година. (Пецо Трайков, Национализмът на скопските ръководители, ..., 36). Престојот на Пирузе во Бугарија го воочила и педантната британска известителна служба. Непосредно по пристигнувањето во Бугарија, тој одржал конференција за печатот на која истакнал дека иднината на Македонија ја гледа во рамките на една јужнословенска федерација, како чекор кон балканска федерација. Ваквата изјава веројатно не им се допаднала ниту на британскиот, ниту на југословенскиот политички врв. Британската дипломатија интервенирала и до југословенската и до бугарската влада да преземат мерки за неодмерените изјави на одделни македонски политички личности, со цел нивната активност да се стопира. (Т. Чепреганов, „Сепаратизмот и антипартизмот“ на Петар Пирузе-Мајски, „Петре Пирузе- Мајски, време, живот, дело (1907-1980)“ ИНИ, Скопје 1997, 172-173.) Слична судбина и сомничавост за пробугарско расположение доживеале и други македонски дејци. Така, на пример, во 1946 година без примена на статутарна процедура, Венко Марковски е исклучен од членството на Комунистичката партија. Причина за исклучувањето било „откривањето на партиски тајни“ при средбата меѓу Венко Марковски, Павел Шатев и Димитар Влахов со бугарската делегација (В'лко Червенков и Тодор Павлов) во рамките на Сесловенскиот конгрес што се одржувал во Белград. (ДАРМ, ф: ЦК КПМ, к. 7, а.е. 119).

No comments: