February 24, 2013

Лазарските песни во костурско Пополје 1. дел

Александра ПОПВАСИЛЕВА (Скопје)

Лазарските песни во костурско Пополје (Егејска Македонија)

За пишувањето на овој материјал сум се базирала главно врз искажувањата на постари луѓе од овој крај, кои сега живеат надвор од него. Иако податоците датираат од периодот на последната деценија на минатиот век па се до денес, за жал, освен со триесетината лазарски песни публикувани од К. А. Шапкарев, со постари податоци за обичајот лазарување не располагаме.

До почетокот на четвртата деценија на 20 век обичајот лазарување, по Лазаревата сабота (една недела пред Велигден), бил распространет по сите села на Костурското Пополје. Лазарки оделе сите девојки, а некаде дури и невести. Овој обичај во различните села се одигрувал на различен начин. Во с. Загоричани, на пр., за лазарка ја избирале најубавата девојка ми селото. Лазарката на глава носела турски фес, а околу фесот венец од прбини гранки. Во саботата утрото девојките што ќе оделе по лазарката се собирале во нејзината куќа за да ја накитат. Кога ќе било сè готово почнувало лазарувањето од куќата на лазарката, потоа продолжувале по куќите на девојките што учествувале во лазарувањето и после оделе по другите куќи. Штом ќе стигнеле до вратата лазарката ѝ се поклонувала на домаќинката, а другите ја опкружувале и пееле соодветна песна. На крај лазарката ѝ бакнувала рака на домаќинката и го собирала подарокот (парите), а кошничката за јајца ја носело помало девојче.

Во селата Личишча, Маврово и др., како и во градовите Рупишча и Костур, лазарките оделе по две, облечени во најубава промена, со венец од вртипоп на глава (нанижан со игла на конец) и со кошниче в раце, исто така накитено со венче од вртипоп. По вообичаеното пеење домаќинката ги дарувала со пари, јајца, смокви, јаболка и др.

Интересен е случајот во некои други села, како на пр. во селата Куманичево, Чурилово и Горенци, каде што лазарувањето траело два дена (во саботата и неделата), а подготовките почнувале во петокот (вечерта). Девојките се собирале на групи и пееле. Истовремено определувале девојка што ќе го водела танецот (орото). Најчесто таа била поубава и пеела поубаво од другите. Неа ја викале танчарка, а последната пашкарка. Танчарката носела на глава венец од свежо цвеќе. (Во последно време свежото цвеќе е заменето со вештачко и го носат сите лазарки.) Лазарките фатени за раце образуваат големо оро и играат под тактот на песнати. Пред да почнат да пеат, танчарката ѝ се поклонува на домаќинката, a на крајот ѝ бакнува рака и го собира подарокот (Во саботата ги дарувало јајца, а во недела пари)(1).

Во селото Желени меѓутоа ова го правела втората по ред лазарки, која се викала невеста (2).

1) Раскажа Динка Гимандова, 60 год., од с. Куманичево, Костурско, живее во Белград, и Олга Цуфова, 65 год., родена во с. Чурилово, живеела по с. Горници. Костурско, а сега живее no Cкопје, 1908 год.
2) Раскажа Слободанка 3`исова, 59 год., од с. Желини, Костурско, живее во Скопје. 1968 год.

No comments: