Девојка се бори за слободата на Македонија

Кога помислуваме на борбата за слобода на Македонија од османлиската власт, пред нас веднаш се појавува слика на храбри, грамадни комити, кои за подобра иднина на ова мало парче земја не го жалеле ниту својот живот. Ваквиот стереотип го нарушува една млада, дваесет и шест годишна Македонка, која што во борбата за национална и економска слобода на македонскиот народ, храбро стоела рамо до рамо со своите машки соборци.

За разлика од други македонски борци од тој период нејзиното дело во Македонија ретко кој го знае и спомнува, но за среќа тоа останало врежано по статиите во американскиот печат, кој со симпатии гледал на пожртвуваноста на оваа македонска Амазонка.

Во статијата „Девојка се бори против Турците за да ја ослободи Македонија“ (A girl fights the Turks to free Macedonia), објавена во американскиот весник „Albuquerque evening citizen“ на 15 септември 1905 година (стр. 7) за неа пишува:

„Девојка на дваесет и шест годишна возраст се запиша во македонската револуционерна војска и со револуционерните чети маршира низ македонските планини, борејќи се против Турците, со сета енергија и елан на обучен војник. Оваа модерна Амазонка е госпоѓица Кристина Атанова. Таа е жена на културата, и е поранешна учителка во Македонија.

Неодамна, неколку од нејзините ученици, мали деца, беа брутално убиени од страна на скитничка група на турски војници, а госпоѓица Атанова за малку избегна дури и полоша судбина. Овој инцидент ја принуди да се откаже од наставата и да го завети животот за својата земја. Таа се запиша во бунтовничките чети и стана експерт за герилска борба.

Мис Атанова е позната на сите револуционери како „Mаскотата на Македонија“ затоа што кога таа е во четата, ѝ носи среќа. Мис Атанова е добар стрелец и уби пет Турци во мали престрелки, покрај тоа што учествуваше во неколку битки.“


Веста за оваа храбра Македонка е пренесена во повеќе американски весници од тој период. Меѓу нив се: „The Syracuse Journal“  (8 септември, 1905), „The Spokane press“ (11 септември, 1905), „Amsterdam NY Evening Recorder“ (7 октомври, 1905), „Southern Mercury United“ (12 октомври, 1905) и други.

Се надеваме дека со овој напис, барем малку ќе допринесеме за запознавање на пошироката македонска јавност, дека слободата која што ние денес ја уживаме во Македонија е резултат не само на храбрите македонски мажи, туку и на жените подеднакво.

Автори: Александар Стеванов и Kuzman Mato (Македонска Ризница 6, Македонска нација)

No comments: