Песната за Белото Маре

Кирило КОСТОВ (Титов Велес)

ПЕСНАТА ЗА БЕЛОТО МАРЕ

Оваа лирска народна умотворба е една од најпопуларните македонски староградски песни од минатиот век. Потекнува од велешкиот крај. Народот обично ја именува како „песна на Белото Маре", а всушност таа е песна за „дертот" на еден млад велешанец по Марето Цинциева (1). На ова јасно укажува и содржината на песната:

Што ми е мило, мамо, мило ем драго
сејмен да шетам, мамо, низ Бузаана (2)
сал дa го видам, мамо, Белото Маре,
Белото Маре, мамо, на Цинциеви
— дали ја носи, мамо, белата ајта,
белата ајта, мамо, седефсинџирлија
што ја правевме, мамо, девет другари,
аршин no аршин, мамо, девет аршина.
А Лазо (3) не дал, мамо, ниеден аршин.
Тој ми го зеде, мамо, Белото Маре,
a јас да пукнам, мамо ич не се жалам.

Во текот на окулу осум и повеќе децении песнава се пренесувала од уста на уста и од една на друга генерација. Во тоа време како авторот така и другите актери воспеани во неа изумреле и биле заборавени. Само песната останала како спомен и влегла во ризницата на нашата анонимна но богата лирска народна поезија. А фактот пак што таа била испеана во прво лице помогнал наполно да исчезне и името на главниот актер. Така се дошло до положбата оваа песна да се именува по името на објектот на Нацевата љубов — Марето.

Како што се гледа, песнава е испеана на еден здив; последната желба на несреќно вљубениот е „сал" да ја види љубената што друг му ја одзел, па тогаш и да „пукне“ не се жали. Поводот пак за нејзиното испевање, секако, е тагата поради неостварената љубов, која ја добива својата поента со последните два стиха:

... a јас да пукнам, мамо,
ич не се жалам.

Да се открие авторот на која и да е постара народна песна, потребен е голем труд. Во случајов ние можеме да соопштиме дека спомнатиов погорe несреќно вљубен, а истовремено и автор на оваа песна, е младиот велешки столар Анастас Гратчанец (4) — Наце (5) и дека во неа е насликан вистински мотив.

Наце Гратчанец на своите млади години ја сакал Марето Цинциева, но нејзините родители не му ја дале. Поради тоа својата „душевна болка ја излеал во песна, што не му било тешко, бидејќи бил лознат како песнарија. Во песната внел една карактеристична и, според уверувањата на постари велешани, вистинита со купувањето и подарокот на ајтата (6). Имено кажал дека за овој подарок материјално го потпомогнале неговите другари (7). Оттука во песната ги среќаваме зборовите:

... што ја правевме, ламо, девет другари...

Друг поважен момент во песната е тој дека Марето го зел Лазо, кој не учествувал во „правењето" на ајтата:

... А Лазо не дал, мамо, ни еден аршин.
Тој ми го зеде, мамо, Белото Маре.

Лазо Гратчанец убаво се сеќава како поради тоа неговиот дедо Наце до крајот на својот живот носел една потајна болка во душата за Марето. Дури на стари години тој со бастунчето кога поминувал пред нејзината порта, подзастанувал. „Како си, Маре?" Потоа го продолжувал патот.

Песнава има строго велешки локалитет што се гледа и од спомнувањето на маалото Бузаана. Таму имено живеела Марето Цинциева, која, според описот од постари велешани што лично ја познаваат, била многу лична. Имала бело и сочно лице, висока и полна става, убава глава, врз која се извивале грижливо сплетени прцли. Таквата нејзина појава не можела да не го привлече вниманието на овој млад столар кога поминувал пред нејзината порта сам или со своите другари. Пред таа порта тие обајцата си ја искажале својата љубов и воделе долги разговори, зашто тогаш момите не шетале по корзо, туку седеле дома и спремале „чеиз" потчинувајќи се на строгите патријархални закони.

Анастас пак живеел на Којник (8), соседно маало на Бузаана.

А за староста на песнава, покрај другото, зборуваат и архаичните изрази: сејмен, ајта, аршин и слично, позајмени од турскиот јазик.

Во отсуство на писмени докази, денес тешко може да се утврди точната година на создавањето на песната. Затоа и нашето определување ќе биде приближно. За оваа цел ние го користиме надгробниот натпис на Драга Гогова, кој се наоѓа во гробиштата на црквата „Св. Пантелејмон“ во Титов Велес. Таму пишува дека Драга е родена во 1888 година, а умрела во 1960. Ако се има предвид дека таа е нејзиното прво и единствено дете од бракот со Лазо Лисата (според изјавата на Лазо Качаров), логично е да се претпостави дека песнава е создадена во времето пред Драга да се роди, односно во средината на осумдесеттите години од минатиот век.

На крајот да кажеме нешто и за варијантите на песнава. Ни се чини дека тие само незнатно се разликуваат. Сепак е уочливо следното: кога песнава ја пеат постари луѓе, таа изгледа како во нашиов текст, а кога ја пеат помлади, зад стихот „девет другари" додаваат уште:

верна дружина, мамо, пo месечина...

Ова дополнување од музичка гледна точка ја збогатило песната со созвучјето што се постигнало при крајните слогови на зборовите „дружина" — „месечина", но од друга страна внело и една забуна во однос на подготвувањето на подарокот.

Исто така во поновите варијанти како ерген за кој се омажила Марето се спомнува некој Гошо место Лазо, што секако означува дека песнава била адаптирана подоцна за други личности.

1) Според исказот на Иљо Качаров, денес пензионер на 75 годиии вo Титов Велес, инаку син на Марето од вториот брак (од бракот со Алексо Качаров), таа живеела 70 години, a умрела no 1937 година.

2) Бузаана — маало, кварт во Титов Велес.

3) Лазо — Лазо Лисата, првиот маж на Марето. Загинал во Прва светска војна.

4) Прекарот Гратчанец означува дека води потекло од селото Градско, 25 километри јужно од Титов Велес. Во градов повеќе семејства добиле прекари според селото од кое се доселиле, како: Крајничани од селото Крајници, Ораовчани од селото Ораовец и др.

5) А. Гратчанец — Наце, според исказот на неговиот внук Лазо Гратчанец, живеел седумдесет години. Во гробиштата на црквага „Св. Пантелејмон" во Титов Велес стои натпис со ознака дека умрел во 1932 година.

6) Во туреко време по нашите краеви обичај било вљубените да си даваат подароци. Најчесто ергениге на момите им давале „чевре" (посебна орнаментирана ткаенина што на своите глави jа носел женскиот пол) или „аjта", а момите пак на „ергените" им давале со свои раце сплетени чорапи и извезени со букви од кои се читало „Честити".

7) Според исказот на Иљо Качаров, Наце Гратчанец, иако работел при татка си на столарскиот занает, не бил во состојба сам да ја плати ајтата, а од татка си му било срам да бара пари. Затоа, почитувајќи ја неговата голема љубов и манифестирајќи го својот силен еснафски морал, неговите другари од сесрце собрале пари и му помогнале

8) Маалата Којник и Бузаана се наоѓаат на периферниот дел од западната страна на градот и воопшто не е случајно што таму живееле Наце Гратчанец и Марето Цинциева.
За време на турското ропство мнозинството од населението на македонските градови биле Турци, а Македонците ги населувале периферните делови на градовите. Такви периферни маала, населени исклучиво со македонско население во Велес биле Прцорек, од источната страна на градот, и спомнатите погоре — од западната страна на градот. Овие маала имале свој културен живот. Сите тие имале по едно определено место, ширина каде што навечер мажите излегувапе на разговор за плодородноста, за политиката и за другите интересни настани. А момите и жените пак таму имале пристап само ма големите верски празници, кога овде со тапани и гајди се извивале кршни ора, се честело. Во другите денови тие биле ангажирани во куќата и најчесто нивна разонода било стоењето пред порти и разговорот со другачките или со комшиките, а момите и со љубените.
Куќата пак, во која некогаш живеела Марето Цинциева додека била немажена, постои и денес со минимални измени. Се наоѓа на улицата „Св. Климент" Бр. 30. А куќата на Гратчанови, во која тогаш живеел Наце, веќе не постои. Откако вo 1947 год. е изгорена од пожар, таа е преѕидана, а со наоѓа на улицата „Максим Горки" број 17.

No comments: