January 12, 2013

Една песна во три историски периоди

Д-р Душко КОСТАНТИНОВ (Битола)

ЕДНА ПЕСНА ВО ТРИ ИСТОРИСКИ ПЕРИОДИ

Народниот песник понекогаш врши видоизменување на дадена народна песна, така што таа се појавува и врши соодветна активна улога во неколку историски периоди. Практичниот живот на нашиот народ потврдува дека, одвреме-навреме, се појавуваат некогашни народни песни или со посовремена, обично подинамична, мелодија или донекаде видоизменети, главно во однос на содржината или во однос на настанот или лицата опеани во неа.

Тие видоизменувања не се обични варијанти на веќе познатата песна, туку во суштината се нови песни по она што го подвлекуваат на особен начин и што го отбележуваат како врвна точка во себе. Песната „Стар бел дедо овци пасe" е позната речиси низ сите краишта на Македонија. Народот ја пее на разни начини. Во неа се спомнува прекрасната Пирин Планина. Таа песна се појави за првпат веројатно во времето на засилено ајдутство во Македонија. Еве една нејзина варијанта од селото Смилево, Железник (Битолско):

„Стар бел дедо овци пасе
Горе на Пирин Планина.
Стадото му кроткум пасе,
Стар бел дедо с кавал свири
И со кавалот си дума:
— Кај е Димко, кај е Иљо,
Кај се старите ајдути?
Кој ќе брани, кој ќе чува,
Наша мила Татковина?“ (1)

По Илинденското востание имињата на ајдутите Калеш Димко, од селото Лавци, и Илија Делија беа заменети со имињата на идеолозите и организаторите на Македонската револуција Гоце Делчев и Даме Груев. Новите стихови гласеа:

„Кај е Гоце, кај е Даме,
Каде се старите војводи?!“ (2)

Во една варијанта пеена во селото Смилево се спомнува и Пере Тошев, а некаде се среќава и името на Ѓорче Петров. Во спомнатата варијанта народниот песник како да разговара лично со револуционерите и ги прошува:


„Кај си, Пере, кај си, Гоце,
И ти, славен Даме Груев?“ (3)

Песната „Стар бел дедо" стана популарна и по победата на Народната револуција во Југославија и, на тој начин, се појави во трет историски период по ајдутството и Илинден. Повозрасните Македонци (коишто ја пееја во почеток сами при разни собири и во други случаи) придонесоа за уште едно нејзино видоизменување. По веќе познатите стихови:

„Кај е Гоце, кај е Даме,
Каде се старите војводи?!
Кој ќе брани, кој ќe чува,
Наша мила Татковина?!“

тие ги приклучија и новоиспеаните стихови (одговори):

„Има, има, кој да пази,
Има, има, кој да чува,
Наша мила Татковина.
Тук' е Тито, тук' е Лазо,
Тук се славни партизани“ (4)

Најновата варијанта — што веќе може да биде приклучена кон народните песни од времето на Народноослободителната војна — поврзува два важни историски периода на нашата историја: го поврзува Илинденското востание со Народната револуција; ја поврзува борбата против отоманскиот феудален поредок, раководена од Гоце Делчев и Даме Груев, со херојската борба против фашистичките окупатори, раководена од ЦК на КПЈ, на чело со маршалот на Југославија Јосип Броз Тито и од секретарот на ЦК на КПМ, бидејќи Лазар Колишевски протерувањето на фашистичките окупатори на Македонија беше настан од врвно историско значење за македонскиот народ и за неговата национална афирмација.

1) Запишана од Кочо Дојчиновски (Кокмон) од село Смилево, роден во 1872 г., пензионор, некогашен ѕидарски мајстор.

2, 3) Запишана од Гоце Ковачки од село Смилево, роден во 1887 г., писмен, пензионер, некогашен ѕидарски мајстор.

4) Запишана од Мара Јованова Печипајковска (Ковачка), домаќинка од село Смилево, жител на Битола, писмена. Слична варијанта е добиена и од Стојан Божиновски од селото Мургашево (Железник), роден во 1921 година, писмен.

No comments: