January 20, 2013

Драмата на Егејците 3

Драмата на Егејците (3)

Четирите другарки заминале на различни страни. Лена во Торонто, Ксантипа во Полска, Милка во Ташкент, а Фана во Македонија. Ќе се сретнат по 40 години во Скопје

За збогум, девојчињата ја испеаја најтажната песна

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Фана Мартинова, Лена Миљова, Милка Дамовска и Ксантипа Кирова од Поздивишта, Костурско, пролетта 1948 година ќе се качат на селската камбанарија и ќе ја запеат песната „Збогум мајко, збогум татко, збогум мили роднини, јас одам на далечен крај“, а нивните мајки собрани на сретсело ќе слушаат и ќе плачат. „Имавме по десетина години, бевме другачки. Најпрвин го обиколивме селото, трчавме по ливадите и, на крајот, се качиме на највисокото место за да го видиме одозгора целото село“, раскажува Фана Мартиова - Буцкова, едно од триесетината илјади егејски деца кои тие години заминаа во светот и никогаш не се вратија на родните огништа.

И денес, по 60 години, таа се чуди и не може да си објасни зошто ја запеале таа песна. Кога се симнале долу, роднините ги изгушкале и ги тешеле. Фана се сеќава дека тогаш нејзината тетка и' рекла: „Ќе одите, ама ќе се вратите, ќе заврши оваа проклета војна. Не берете гајле, таму ќе учите“. „Секаде каде што одевме ни велеа ќе учите и ќе се вратите назад. Навистина, сите учевме и сите завршивме школи, но не се вративме. Ни кога заврши војната, ни по две, ни по десет години, ни по четириесет. Сме биле Македонци, вели грчкиот закон, а за такви немало враќање“, раскажува Фана.

Наместо да се вратат дома, Фана, Лена, Милка и Ксантипа по годините поминат во детските домови во Романија и во Полска, ќе заминат на различни страни во светот. Лена ќе отиде во Торонто, Канада, Ксантипа ќе се омажи за Полјак и ќе остане во Полска, Милка ќе замине кај својот татко во Ташкент, а Фана ќе си дојде во Македонија. Ќе се сретнат повторно дури во 1988 година во Скопје на Првата средба на децата-бегалци.

Фана заедно со уште 166 деца од Поздивишта и со девет „мајки“ тргнала пролетта во 1948 година. Со неа биле уште двајцата браќа - Васил, кој имал петнаесет години, и Ташко дванаесет. Вечерта пред заминување целото семејство Мартинови седнало за последен пат на прошталната софра и чекало ноќта, еден час по полноќ, клисарот да ја удри камбаната и да го означи нивното заминување.

„Во семејството бевме деветмина. Три деца заминавме, а дома останаа дедо ми и баба ми, мајка ми и татко ми и двете сестри. Сите беа мобилизирани, дури и постарата сестра Кираца, иако беше леунка со мало бебе. Беше во групата која плетеше џемпери и чорапи за партизаните. Другата сестра имаше 17 години. Со другите жени пренесуваа оружје од преспанските села до Грамос и до Вичо каде што се водеа борбите. Тоа беше многу опасна работа. Сите девојки бомбите ги носеа опашани околу половината, патроните преку рамената и така со натоварени маски, коњи и магариња со оружје и муниција заминуваа по опасните планински патеки. Ако наидеа на некаква заседа, не им бегаше смртта. Мајка ми ми раскажуваше дека граната им паднала во казанот додека готвеле манџа за партизаните. За среќа, кога ги забележале авионите, се скриле подалеку од казаните, па никој не загинал. И дедо Трпо, иако стар, се вклучи во војната. А ќе пукнеше пушка за Македонија, ќе тргнеше да се бори. Од Америка се врати за Илинденското востание. Неговата парола беше автономна Македонија. Им го даде целото стадо овци на партизаните“, ја раскажува Фана потресната приказна пред да тргне по патот без враќање.

Патувале само ноќе, пеш, а најмалите деца биле качени на воловски коли. Пред да ја преминат границата, застанале на една меѓа и седнале изморени од долгото одење. Таму ги пречекал учителот Лазо и им рекол: „Тука ќе се разделиме. Од утре за вас нема да има страв од авиони и бомби. Заминувате во слободна земја. Вашите родители порачуваат да учите добро и да ги слушате вашите воспитувачи и учители. Со вас испраќаме и наши учители. Тие ќе ве учат на македонски јазик, затоа што сите вие сте Македончиња и немојте да го заборавите тоа“.

Фана два дена немала склопено очи и така одејќи по патот заспала и паднала без некој да ја забележи. Така продолжила да спие се' додека не се сетиле дека ја нема во долгата детска колона. Во колоната ги немало ниту Данче, ниту нејзиното братче Коче. Четиригодишната Данче ја нашле како прегрнува едно дрво и плаче по мајка си, а Коче како си игра со кучето на Мартинови. „Кога ме виде кучето, се израдува како човек, ми ги стави предните нозе на рамената, а главата на градите. Боже мој, колку беше тоа тешко“, раскажува Фана Мартинова - Буцкова и плаче, потресена од настанот за кој вели дека никогаш не можела да го заборави.

Таа не може да го заборави ниту малиот болежлив Нуме, кој иако бил дете, говорел како возрасен. Бил тешко болен, па четири жени го носеле во веленце. Постојано им повторувал: „Јас сум болен, оставете ме да умрам, имам уште двајца браќа, тие ќе живеат место мене“. Кога стасале во Романија, го сместиле в болница. Брзо оздравел, се школувал и станал лекар - специјалист, а неговите двајца браќа загинале во борбите како партизани на ДАГ.

Потресна била и разделбата на дедото Ламбро со неговите тројца внуци. Откако останал сам дома, ги ставил во кош, ги натоварил на коњ и им ги предал на „мајките“. „Син ми е в затвор, снаа ми беше партизанка, умре од тифус во Герман. Вие подобро ќе се грижите за нив. Каде што ќе одат сите деца, нека одат и тие“, им рекол.

Откако стасале во преспанското село Долно Дупени, пред да ги распоредат по куќите каде што требало да преноќат неколку дена, ги сместиле во голема сала, легнале и сите заспале. Со камиони ги однеле во Битола, ги качиле на воз и по неколку дена стасале во Романија. Фана таму останала се' до 1955 година кога дошла во Скопје. Нејзиното семејство ќе ја доживее судбината на многу егејски семејства распрснати во светот, кои никогаш не се вратија на своите огништа. По завршувањето на војната, во нивната ќуќа ќе остане само нејзината баба Пена попусто чекајќи ги да се вратат. „Пред да заминеме, како деца ги цртавме нашите дланки на ѕидовите и диреците, на влезните врати. Ми кажуваше сестра ми дека баба ми наместо пред икона, се молела пред нашите дланки и постојано повторувала: ’Војната заврши, зошто ни ги нема децата‘. Дедо ми избега во Полска со брод преку Албанија, но не дочекал уште еднаш да се видат. Умрела на прагот на куќата со испружени раце во 1950 година“. Дедото од Полска заминал во Австралија кај ќерката. Живеел долго, 107 години. Во Македонија добил илинденска пензија.

Пред да заминеме, ги цртавме нашите дланки на ѕидовите, на влезните врати, а баба ми наместо пред икона, се молела пред цртежите. Таа умре на прагот на куќата во 1950 година, раскажува Фана Мартиова - Буцкова

По војната, мајка и' на Фана и помалата сестра дошле илегално во Република Македонија, лазејќи со километри. Југословенските граничари не им правеле проблеми, но затоа, пак, Грците ако ги фателе, ги стрелале на самото место. Подоцна дошол и татко и', исто така, илегално. Постарата сестра не можела да замине поради малото дете и се вратила во куќата на мажот и' кој загинал во борбите. Неговиот татко Ване полудел и одел на боиштето, ги превртувал труповите барајќи го синот. Братот Васил, кој инаку бил меѓу 1.500 дечиња што биле мобилизирани од домовите да се борат во Граѓанската војна, го завршил животот во Полска во неразјаснети околности. Официјално се тврдело дека загинал во сообраќајка, но, најверојатно, бил убиен поради неговите промакедонски определувања.

Буцкова не може да го сфати односот на грчката влада и страшно ја боли тоа што многумина Македончиња протерани во војната, како што вели, не можат да си ги видат повторно местата каде што го поминале детството. Во својата книга „И ние сме деца на мајката земја...“, таа ќе ја пренесе интимната драма на едно дете-бегалец, сега седумдесетгодишник, на кого во сеќавањето ќе му остане една бука, каде што мајките ги прегрнувале за последен пат своите рожби. „Дали таа бука се' уште стои таму?, ќе ја праша. Не знам, никогаш не се вратив таму. На границата повеќепати грчките граничари ми велеа: ’Не може, ти не си Грк по род за да влезеш во земјата’! Ниту мајка ми не ја видов. Загина на Вичо, копајќи ровови“, ќе и' се исповеда тој. Неговата мајка била една од деветте жени од Костурско кои биле заробени од грчките војници, убиени и фрлени во траповите. Буцкова заврши литература, а потоа стана доктор по историја.

(Продолжува)

No comments: