Македонската емиграција во Бугарија 3

Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.

Виолета АЧКОСКА

Благодарение на учеството во антифашистичката национално-ослободителна борба во текот на Втората светска војна, во рамките на големата антихитлеровска коалиција, македонскиот народ се надеваше дека ќе го реализира правото на самоопределување во духот на Атланската повелба. Но, заради интересите на големите сили и нивните сфери на влијание зацртани на средбите на големата тројка-Черчил, Сталин, Рузвелт, своето право на самоопределување македонскиот народ можеше да го оствари само во рамките на федеративна авнојска Југославија, како рамноправен конституитивен елемент на таа федерација. Тој историски чин беше потврден и на Првото заседание на АСНОМ, со прогласувањето на Демократска Федерална Македонија.11 Според повеќето нејзини основоположници, учесници на Заседанието и членови на највисокото државно раководство, ДФМ требаше да биде приемот околу кој повторно ќе се обедини и ќе создаде своја држава, во рамките на било каква поширока заедница, поделениот македонскиот народ.12

Во услови на евидентниот исход на Втората светска војна, есента 1944 година започнува балканскиот повоен период. Германската војска веќе беше повлечена од поголемиот дел на Балканскиот полуостров. Се приближуваше нејзиното конечно уништување, кое во Југославија ќе се оддолжи до мај 1945 година. Тоа е времето кога веќе биле воспоставени границите на повоениот Балкан. Московскиот договор ги прецизирал повоените сфери на влијанија, но тој не можел до крај да се реализира зашто пресудно влијание, во некои од државите, одиграле внатрешните сили кои ја раководеле антифашистичката борба.

Така, по воено-политичкото учество на Царска Бугарија во рамките на Оската Рим-Берлин-Токио, како што спомнавме, пресврт настанал на 9 септември 1944 година. Со вооружена сила била симната последната буржоаска влада, а на власт дошла левата политичка коалиција т.н. Отечествен (Татковински) фронт. Во овој фронт влегувале повеќе различни партии и независни интелектуалци, но раководно место во коалицијата имала Бугарската работничка партија (комунисти)-БРП (к).13 Веднаш по конституирањето на отечественофронтовската влада, нејзиниот претседател Кимон Георгиев на 17 септември објавил Програмска декларација, во која, меѓу другото, стои дека оваа влада ќе води надворешна политика со воспоставување на „најтесни пријателски врски со нова Југославија и другите балкански народи за дефинитивно братско разрешување на македонското прашање, со давање правото на македонското население на самоопределување“.14

Во борбата за правилно разрешување на македонското национално прашање, уште во текот на Втората светска војна, особено активни биле членовите на БРП (к), Македонци по своето етничко потекло. Така, Димитар Влахов и Владимир Поптомов, по барање на Георги Димитров, изработуваат елаборат за македонското прашање и го доставуваат до Задграничното биро на БРП (к) на 26 јануари 1944 година. Во овој документ, меѓу другото, тие бараат бугарската комунистичка партија, „јасно да го дефинира својот однос кон македонското прашање“ и конечно „да го истакне лозунгот за самоопределување на македонскиот народ, за автономна Македонија, за обединување на македонскиот народ“.15 Од другата страна и основоположниците на асномска Македонија, тргнувајќи од потребата за придобивање сојузници во борбата за интегрално решавање на македонското прашање, како и од потребата од економска помош за обнова на разрушеното стопанство и инфраструктура, ја повикуваат на помош македонската емиграција ширум светот, а во тие рамки и бројната македонска емиграција во Бугарија.

До 9-септемврискиот преврат, БРП (к) стоеше на становиштето дека македонското прашање ќе биде разрешено на Мировната конференција врз база на почитување на волјата на самото „население во Македонија“ и интересите на трите соседни држави, но, тоа го пласираше паралелно со оправдувањето на таканаречениот идеал за обединување на бугарскиот народ. Во краен биланс, ваквото двојство, всушност значеше непризнавање на посебноста на македонската нација, на нејзината антифашистичка борба, на нејзиното право на самоопределување до отцепување. Со доаѓањето на власт, Отечествениот фронт доби тешка задача да го поврати изгубениот углед на Бугарија, едновремено започнувајќи пропагандна борба против фашистичките и шовинистичките остатоци.16 Во рамките на таквата борба спаѓаа и напорите за промени во односот кон македонското прашање.

Продолжува

11 Меѓу другото, АСНОМ го објавува и решението за пристапување на македонската држава во југословенската федерација: „македонскиот народ влегува како национално ослободен и рамноправен член во нова, демократска и федеративна Југославија“. Прашањето за обединување на македонскиот народ како најгорливо и најважно прашање за Македонците било поврзано со нивното „учество во гигантскиот антифашистички фронт“, но и дека тоа ќе се изврши „под покровот на Титова Југославија”. На вардарскиот дел на Македонија му се дава улогата на пиемонт во таа борба (АСНОМ, документи, I, 1, Архив на Македонија, Скопје, 177-179).
12 Прашањето за обединување беше изразено и во говорот на Панко Брашнаров, при отворањето на Заседанието, каде тој, меѓу другото, истакнал: „Во овој момент, ... душата ми е преполнета со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, ја заплискуват целата македонска земја, сакајќи да ја измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам со пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“ (АСНОМ, документи, I, 1, 108).
13 Во 1948 година БРП (к) е преименувана во Бугарска комунистичка партија (БКП).
14 Външната политика на Народна Република България. Сборник от документи и материали. Т. I, 1944-1962. София. Министерство на външните работи, 1978, 9.
15 АСНОМ, документи, том I, книга 7, Избор, редакција и кометар Н. Велјановски, Скопје 2004, док 30, 117-118.
16 Н. Чинго, Политиката на БРП (к) кон македонското прашање во периодот 1944-1948, Наша книга, Скопје 1976, 37-41.

No comments: