April 30, 2012

Песна за Патрикот (1762 Лето)

Илјада и седимстотин шесдесет и второ лето
в Охрида од Цариграда дошел Салаор.
Еј! Дошел Солаор.

Се претставил пред Арсениа, наша Патрика честнаго
и му рек'л слово горко, слово жалостно.
Еј! Слово жалостно.

Царска волја е да тргнеш, денеска за Цариграда
на тебе од врли Грци, голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.

Собрал патрик свое стадо, в црква Свјати Климентова
благослов им дал последен, р'це заплетил.
Еј! Р'це заплетил.

Д'лго време липал старец, в молчење в'сенародно
и по бела брада ронел с'лзи горешти.
Еј! С'лзи горешти.

Слушајте ме мили чеда, јас ќе идам в Цариграда
на мене од врли Грци голем поплак е.
Еј! Голем поплак е.

Грцкиј патрик ќе ни строши, славна Охридска Столица
и мене до смрт ќе држи в заточение
Еј! В заточение.

Ќе прати владици Грци, лицем светци срцем в'лци
ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м'лзат до крв.
Еј! Ќе молзат до крв.

Меѓу народа ќе сејат, несогласје и раздори,
да се мразат син со татка и со брата брат.
Еј! И со брата брат.

И ќе викнете до Бога, и крило не ќе најдете,
смирени ќе наведете глави доземи.
Еј! Глави до земи.

Ќе ми бидете сираци, така било написано.
Елате ми да ве гушна за последен п'т.
Еј! За последен пат.

Ч'рна т'га поразила, старо, младо, м'жи, жени,
Вси со р'це заплетени с'лзи проливат.
Еј! Солзи поливат.

Тој ги гушка, тие т`жни, му целуват десна р'ка и од р'ка
как' од извор с'лзи се лејат.
Еј! Солзи се лејат.

Вјахнал Патрик брза коња, и неволно уп'тил се.
Тога грмкиј плач народен небо процепил.
Еј! Небо процепил.

Умилил се чесниј Патрик, свалил шапка навезана,
погледал на сино небо, љуто прок'лнал.
Еј! Љуто проколнал:

„Ох! послушај, милиј Боже! Хаир никога да немат
Стамче беј и Бујар Лигдо, Пејко челеби!
Еј! Пејко челеби.

Милостивиј Бог послушал, Патричка горешча клетва,
слава нихна, семе нихно погубил со шум.
Еј! Погубил со шум.

И сега во куќи нихни, ткае пајак пајачина
и на пусти стрехи нихни хукат хутове.
Еј! Хукат хутове.

(Глигор Прличев)



(Ансамбл Билјана)

Го прочитавте целиот текст? Го знае(в)те веќе? Ако да - убаво, ако не, не е страшно. Песната / Поемата му се припишува на големиот македонски Поет Глигор Прличев, макар што има и „муабет“ дека бил инспириран од песна создадена од Народот, која ја преработил и дополнал. И да е точен „муабетот“, не менува ништо, една прекрасна песна за една трагедија на Македонскиот Народ. Во песната се пее за укинувањето на Охридската Архиепископија од страна на Цариград (Истанбул) , под влијание / нарачка на грчката црква. За оваа случка пишувале многумина, а ние нема директно да ја обработуваме содржината. За нашиов муабет, пред се е важно тоа што исто како во „Учи ме Мајко Карај ме“ и „Големо Чудо“, без разлика дали „народна“ или „авторска“, се рас-кажува некој настан, некоја „приказна“.

Да ја напишам сега и „Сердарот“? Или ќе испее некој некоја друга песна? „Ми Заплакало Селото Ваташа“? „Абер ми иди од Солуна Града“? Се надевам се разбираме...

Би можеле да наброиме барем неколку стотини такви Македонски Народни песни / поеми, и не само Македонски, луѓето многу често практикуваат да пеат за Херои, анти-Херои, херојски подвизи, предавства, важни настани.

Да разгледаме некои дефиниции за епика и поезија:

Поезија (Од Википедија, слободната енциклопедија)

Цитирам:

"Poetry (from the Greek "poiesis" — "ποίησις" — with a broad meaning of a "making", seen also in such terms as "hemopoiesis"; more narrowly, the making of poetry) is a form of literary art which uses the aesthetic qualities of language to evoke meanings in addition to, or in place of, the prosaic ostensible meaning."

(Од Википедија, слободната енциклопедија)

Цитирам:

„Поезија или лирика (од старогрч. ποιέω = создавам) е уметничка форма во која човечкиот јазик се користи за неговите естетски квалитети во додаток на, или место за, неговата семантичка содржина. Поезијата се состои претежно од усни или литературни дела во кои јазикот се користи на начин што јасно се разликува од тој на обичната проза.“

Епика (Од Википедија, слободната енциклопедија)

Цитирам:

„Епика (од старогрчката придавка ἐπικός (епикос), од ἔπος (епос) „збор, говор, приказна“) е еден од трите рода во уметничката литература, кој опфаќа дела во стих и во проза, во кои вообичаено се раскажува за херојски подвизи или настани значајни за одредена култура или нација.“

„Епиката се смета за раскажувачка, претставувачка, односно миметична уметност. Со други зборови едно книжевно дело се смета за епско доколку постои раскажување, односно нарација, раскажувач или наратор и ликови кои ги градат дејствијата односно сижето и фабулата.“

Значи, Поезија да ти било од „старо-грчки“ (што и да означува тој поим „грчки“) „поиесис“ (ако го прочитаме Коине зборот, најверојатно се чита како [пои:ес:ис] или [пои:ое:сис] , или од ποιέω = создавам , каде она „старо-грчкото“ би било [пои:е:о] или [по:и:је:о] )

Пее на грчки = τραγουδώ [тра:гоу:до]

Ајде да разгледаме како се вели за „пее“ и „поема“ / „песна“ на неколку „словенски“ јазици. (и на неколку други)

Полски
piosenka, pieśń, śpiew, śpiewka, przyśpiewka, pośpiew, śpiewanka, pieśń nabożna, pienie
пее = śPIEwać, śpiew,

Руски / Украински / Белоруски
поэма, поема, пение, спевка, зустрічати співом, спеть, воспевать, припевать, песня
пее = петь, співати, спяваць

Чешки / Словачки
báseň, píseň, pieseň
пее = zpívat, opěvovat, spievať, zaspievať, ospevovať

Словенски (Словенечки)
pesem, poema
пее = poje, pojejo

Српски / Хрватски
песма, поема, спев, pjesma, poema, spjev
пее = пева, pjeva

Азербеџански
poema (претпоставувам преку рускиот)
пее = oxumaq

Романски
poem, poezie, poemă
пее = cânta

Италијански / Латински
poesia, poema, poemetto
пее = cantare

Германски
Gedicht, Dichtung,
Poem пее = singen

На МНОГУ Македонски дијалекти ПОЕ = ПЕЕ.

Да го анализираме следниот текст:

„Poetry as an art form may predate literacy.[1] Epic poetry, from the Indian Vedas (1700–1200 BC) and Zoroaster's Gathas to the Odyssey (800–675 BC), appears to have been composed in poetic form to aid memorization and oral transmission, in prehistoric and ancient societies.[2] Other forms of poetry developed directly from folk songs.

Слободен превод:

- Поезијата како уметничка форма можеби / изгледа е претходник на литературата (пишувањето и читањето, писменоста). Епската поезија / Епиката, (пр. Индиските Веди и други) изгледа се компонирани во ПОЕтска форма за да помогнат во запомнувањето и оралното пренесување на податоци за настани (личности, итн.) и искуства во древните општества. Други форми на поезија се развиле ДИРЕКТНО од Народните Песни!

Значи ПОЕзија и Е-ПОИ се ПОЕ-ле како Народни Песни и преку својата ПОЕтска форма служеле за пренесување на податоци за настани (личности, итн.) и искуства.

Зошто „од грчко“? Тие кои го напишале тоа, не знаеле Македонски и други „словенски“ јазици“? Или смислен акт, извртување на дел од минатото?

Зошто воопшто потребата да се присвојува, или да се етикетира како „грчко“ и ова, и толку од она кое „западниот свет“ не го разбира, исто како што не разбираат и поголемиот дел од „грците“, кога на Македонски и на други „словенски“ јазици има совршено логично и описно значење? Нека не биде „македонско“, но доколку некој етикетира нешто како „грчко“ или дека доаѓа од некој „грчки“ или „старо-грчки“ збор (второво претежно се мисли на Коинето, кое е посебна приказна...), тогаш молам за објаснување! И секако, да не се отфрла можноста дека Македонците или некои други се „кумовите“ на некои работи.

И тие Античките, и ние денешните, зборуваме јазик кој е многу сличен на јазикот кој го говорело домородното население на Балканот, пред доаѓањето на оние што се нарекуваат како „антички грци“. Од проста причина, што живееме на истата територија, и јазикот се пренесувал од колено на колено, преку говорот и ПОЕњето. Од проста причина, што никогаш во последните 3000 години Македонија не била пустина. Секогаш била населена.

Од Преди Многаја Лета

На Многаја Лета

Автор: Ѓорѓи МАРКОВ

1. Hoivik, S; Luger, K (3 June 2009). "Folk Media for Biodiversity Conservation: A Pilot Project from the Himalaya-Hindu Kush". International Communication Gazette 71 (4): 321–346.
2. Ahl, Frederick; Roisman, Hannah M (1996). The Odyssey Re-Formed. Cornell University Press. pp. 1–26. ISBN 0801483352.. Others suggest that poetry did not necessarily predate writing. Goody, Jack (1987). The Interface Between the Written and the Oral. Cambridge University Press. p. 98. ISBN 0521337941.

(продолжува, нова приказна и нова песна во следниот дел)

Македонски Препород - 4

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Од бога било пишано Македонија да страда од Грците

Во 1844 год. се појавува преводот на книгата за Александар Македонски што имаше широк прием токму во Македонија. Уште веднаш македонското име стана синоним на слава и гордост. Усните преданија и легенди за Филипа и Александра Македонски, заедно со оние за царот Самуил и кралевите Волкашин и Марко, најдоа поткрепа во печатената реч и поддршка од свештениците и учителите. Дека тие "вистини" веќе "сите" во Македонија ги знаеле сведочи уште В. И. Григорович. По патувањето во 1844-1845 година по Македонија тој соопштува: "Во всех виденних странах не слехал других имен, кроме Александра В. и Марко-кралјевича...". Затоа не е чудно што и кривопаланечкиот учител Ѓорѓија Маќедонски во 1846 год. изјавува: "Словенското писмо го научив од татка ми, Димитрија Маќедонски, кај што така се вика, зашто сме Маќедонци, а не Грци... И јас прекарот си го зедов Маќедонски, а не по татко ми и по дедо ми, за да се знае оти сме Словени од Маќедонија". Слична е изјавата и на јерејот Димитрија од истиот крај во Македонија од 1848 година: "За моето назначување најмногу се заложи г-н Михаил Македонски, зашто сум роден Македонец и службата си ја терам по словенски. Од бога било пишано, моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не ни даваат и денеска мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство...".

ОВАА ЗЕМЈА Е МАКЕДОНИЈА
Се во истото време и учителот во Кукуш, Д. Миладинов, како што сведочи Рајко Жинзифов, спорел со Гркот за посебноста на македонската народност. И токму поради таквата заинтересираност, и во зборникот на Миладиновци како прво од објавените преданија го наоѓаме она за Александар Македонски.

Истото тоа го одразува и македонскиот дописник на "Цариградски весник" (3. III 1860) кога пишува: "Оваа земја е Македонија - и ако ја погледнеме природата, наравите, обичаите, карактерот на жителите, нивниот став, нивната физиономија, исцело ќе ги препознаеме истите оние мажи што во старо време ги составувале фалангите на Александра Македонски". Затоа и учителот од Охрид што бил назначен од Општината во Солун (на местото на дотогашниот бугарски учител) гордо изјавува: "Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин; јас сум чист Македонец, какви што биле Филип и Александар Македонски и Аристотел филозофот". Си во тоа време (16. II 1865) и Венијамин Мачуковски бара за Стефан Верковиќ "приказни за Бела и песни за Александра и Филипа" и спори со Гркот за припадноста на Македонија врз основа на монетите од Александра (19. VIII 1865). И бугарскиот национален деец и писател П. Р. Славејков уште во 50-тите години слушал "од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци" и дека тие "упорствуваат во своето македонско потекло".

ТИЕ СЕ ЦЕЛИ МАКЕДОНЦИ...
"Најпосле - ја започнува статијата Славејков - Македонското прашање излезе најаве и се покажа во печатот. Ние велиме најпосле, зашто ова прашање не е нова работа. Ние сме го слушале уште од пред десетина години од некои од Македонија. Отпрвин ги зедовме зборовите на овие млади патриоти како шега и како резултат на подигнатата температура на нашите нетолку сериозни расправии. Така и си мислевме ние до пред една-две години, кога нови разговори со некои Македонци ни покажаа дека не се во прашање само голи зборови, туку мисла што мнозина скаат да ја спроведат во живот". Својата етногенеза тие ја темелеле непосредно од античките Македонци:
"Кога старите Македонци живееле на истите овие места, - велеле - зошто и денешните жители да не се од македонска крв? Тие се цели Македонци... ".

Одговорајќи му на Славејкова, младиот македонски учител и учебникар Д. В. Македонски меѓу другото го потсетува:
"Македонците не се изгубиле од лицето на земјата, како што си дозволуваат некои да велат, зашто, колку што знаеме ние, тие не згрешиле некогаш, па да зине земјата и да ги голтне".
Таква беше свеста на нашиот писмен свет во половината на XIX век. Тие спореа со Грците за народноста и припадноста на античките Македонци. Но во тој судир со елинизмот, изразен пред се во борбата против грчките цркви и училишта, се појави во Македонија словенската и православна Русија со својот словенизам, но со "словенобугарско" озвучување - според идеологијата на Ј. Венелин. И кога во училиштата почнуваат да се појавуваат бугарски учебници и учители и македонското граѓанство првпат дојде во жив допир со бугарската книга и бугарскиот јазик, се констатира не само различност, туку и туѓост. Дури и кога преку авторитетот на руската наука и политика го прифаќаа бугарското обележје, Македонците се спротивставија со истакнување на својата посебност и Бугарите ги таксираа како Шопи. Не можејќи да го користат како етноним само словенското име, бидејќи се покажа етнички недиференцирано, Македонците го прифатија името на својата татковина што имаше континуирана традиција и беше поврзано со славно минато, а за да се разграничат и од Грците што со помош на европската наука претендираа за македонското античко име и наследство, тие настапија со комбинираниот и достатно диференциран поим "словеномакедонизам" (по примерот на веќе практикуваниот "славеносрбизам" и "славаноблгаризам") што често го идентификуваа со поимот "нашизам".

Така во нашата историја кај исти или кај различни личности од тој период се среќаваат разни и често сосем спротивставени декларации за народносната припадност. За да се сфатат поблиску овие процеси, ќе укажеме на паралелизмот на некои клучни пројави и настани првенствено во словенскиот свет. На пр., учените Словаци Јозеф Шафарик и Јан Колар станаа активни борци за создавање "чехословачки" јазик на "чехословачки" народ. Акцијата на Људевит Штур за сепарирање на словачкиот како одделен литературен јазик уште во истата 1846 год. предизвика решителна реакција. Да потсетиме дека токму во тоа време струшкиот грчки учител Димитрија Миладинов, по сугестија на младиот руски славист В. И. Григорович, направи прв обид за граматичка кодификација на македонскиот јазик, кога и словенечкиот поет Франце Прешерн како да се откажа од официјалниот германски јазик и во револуционерната 1848 год. веќе го создаде својот "Сонетен венец", а токму тогаш и црногорскиот владика и владетел П. П. Његош го објави својот драмски спев "Горски вијенац", додека во Прага беше одржан широко и шумно прокламираниот Прв словенски конгрес, а и во Виена беше отворена првата славистичка катедра под раководство на познатиот славист Фр. Миклошич. Само две години подоцна, во 1850 год. во Виена беше потпишана српско-хрватската спогодба за заеднички литературен јазик на Србите и Хрватите.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: Прличев ги поврза Кирил и Методиј со Филип и Александар Македонски

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

April 29, 2012

Деметриј I Опсадникот

Деметриј I Опсадникот (337 п.н.е. - 283 п.н.е.), син на Антигон I Едноокиот и Стратоника, е крал на Македонија кој владеел од 294 п.н.е. до 288 п.н.е. Бил припадник на Антигонидската династија.

Demetrius I (337 BC – 283 BC), called Poliorcetes, son of Antigonus I Monophthalmus and Stratonice, was a king of Macedonia (294–288 BC). He belonged to the Antigonid dynasty.

Скулптура: Démétrios Ier Poliorcète, général macédonien et roi de Macédoine (306 av J.-C.-287 av J.-C.); Copie romaine d'après un original de 300 av J.-C. ; 4e siècle avant J.-C., époque classique (480-323 avant J.-C.) ; bronze, sculpture (technique) ; Italie, Naples, Museo Archeologico Nazionale

April 28, 2012

Васил Хаџиманов 1. дел

Како интерпретатор и посебно како собирач и проучувач на македонската народна песна, како средношколски преподавател по музика и редактор на емисиите за народна музика во Радио Скопје, тој е еден од ретките пасионирани заљубеници на фолклорот и еден од најнеуморните трагачи по народното и непознатото.

В. Хаџиманов е роден во 1905 год. во Кавадарци, каде што го завршува и основното училиште. Гимнизијалното образование го добива во Скопје и во Велес; студира на Правниот и на Филозофсикот факултет во Белград и во Загреб, станува магистар по фармација (1935), но упорно ја посетува Музичката школа во Белград, а дипломира на Катедрата за музика на Вишата педагошка школа дури во ослободеното Скопје (1955).

Уште како ученик самоучки го совладува нотното читање и свирењето на повеќе инструменти. Во учебната 1927/28 година го започна и нотното запишување на музичките материјали во Тиквешијата. При одењето на студии тој понесе со себе и над 1000 запишани народни песни. Тоа, заедно со неговиот глас и манир, му ги отвори микрофоните на Радио Загреб, а после и на радијата во Белград, Љубљана и Скопје и учеството на многу концерти и фестивали во земјата и во странство.

Иако стана магистар по фармација, всушност никојпат не остана да биде само аптекар. Во 1938 год. стана член на Здружението на југословенските музички автори во Загреб и се прослави како „најдобар интерпретатор на македонската народна песна“. За него се интересираа специјалистите од повеќе страни. Меѓу другото, знаејќи дека располага со богата збирка македонски народни песни, Управата на Институтот за национален публицитет „Народно дело“ во Белград му побара да и ги стави на располагање неговите записи за да може да ги објави, како што се вели во писмото од 2. 12. 1937 год.,

„у нашу велику ЛИРУ, која ћe садржати све наше народне и уметничките песме које се певају и у којој треба једно од највиднијих места да заузму баш јужносрбијанске народне песме (севдалинке), које им по њиховом значају и лепоти им припада“.

Хаџиманов ја сфатил основната цел на „Народно дело“ што е изнесена и во писмото од 15. 12. 1937 год.:

„да би нам јужносрбијанске народне песме (севдалинке) требале за уношење истих у нашу велику ЛИРУ, која ћe садржати поред уметничких песама и народне песме из свих српских крајева“.

Ho Васил Хаџиманов сакаше да ги пее овие песни како македонски, па и да ги објави како такви. Како куриозум може да се спомене и писмото од бугарското друштво „Микрофон“ од Софија од 10. 10. 1942 год., во кое на сличен начин се пишува:

„Нашата фирма се занимава с производство на грамофонни плочи. В репертоара си, обаче, нямаме и ни липсват хубавите истински македонски народни песни, които ние тряба да поднесем сега на тому шо освободените наши братя в Македония. Това ни се налага повечето от национално-патриотични чувства отколкото от комерчески съображения.

Наши добри приятели в Македония ни дадоха Вашият адрес, като на най-големия певец на македонската песен, който Вие с упорит труд сте успяли да съберете във Ваш голям сборник.

По повод на това, ние си позволявме да Ви помолим, Господин Манев, да ни дадете съгласието си за испълнението на 20—30 македонски народни песни на нашите грамофонни плочи „Микрофон-Б", като срешу това испълнение щe Ви заплатим съответния хонорар“.

Продолжува

April 27, 2012

Александар Велики - младост

Младост

Александар уште како мал бил многу одговорен и свесен за обврските како иден крал на Македонците. Тој за разлика од многу свои врсници не ги ценел парите премногу, ами славата и духовното богатство. Него уште го краселе и чесноста и достоинството, како и неговата умерена скромност, што го спречувала да се фали за своите дела насекаде како татко му Филип. И покрај тоа што имал огромна страст за разни работи, тој сепак во телесните уживања влегувал многу трезвено и умерено.

Телесно Александар бил добро граден, со широки гради и исправено држење на телото. Најкарактеристичен бил неговиот копнежлив поглед, за кој што најмногу дознаваме од делата на скулпторот Лисип од Сикион. Лисип го имал ексклузивното право да ги прави скулптури на Александар. Неговите скулптури биле толку реалистични, што Александар сакал само тој да му ги ваја портретите. Освен што го погодил лицето, Лисип успеал и точно да го прикаже неговиот врат кој што бил леко настранет кон лево.

Сликите на Александар пак ги правел Апеле, сликар родум од Колофон, Јонија. Апеле често го сликал Александар со молња во рацете што одавало впечаток на моќ, но не бил добар со боите и го правел премногу мрачен. Александар пак имал бел тен на кожата. Неговото белило преминувало во руменило, единствено во пределот околу градите и на лицето.






Alexandre, Campaspe et Apelle; Langlois Jérôme-Martin (1779-1838); Dijon, musée Magnin






Apelle et Campaspe; David Jacques Louis (1748-1825); Lille, Palais des Beaux-Arts




Alexander Ceding Campaspe to Apelles (1819) од Jérôme-Martin Langlois

Еднаш кога Филип не бил дома, Александар ги примил пратениците на персискиот крал. Тој брзо се спријателил со нив и ја освоил нивната почит и благонаклоност со тоа што прашувал за сериозни работи. Пратениците биле зачудени од ова дете кое дури ја бришело од нивните мисли и сета слава на големиот македонски крал Филип.

Еден ден, некој трговец од Тесалија по име Филоник, му понудил на Филип да го купи коњот Букефал за тринаесет таланти. Откако неколку македонски војници не успеале да го јавнат коњот оти бил многу див и разјарен, Филип заклучил дека тој е неупотреблив.

За сето тоа време Александар, внимателно ги следел неуспешните обиди на војниците и откако Филип одбил да го купи коњот, Александар почнал да протестира и да го напаѓа затоа што не сака да купи одличен коњ само затоа што не знае да го јавне. На ова Филип се разгневнил и почнал да го укорува младото момче затоа што на постари луѓе им замерува небаре тој повеќе знае од нив. На ова Александар одговорил дека знае и го замолил татка си да му дозволи и тој да проба да го јавне коњот. Откако Филип се согласил, Александар му се приближил на Букефал, го свртел кон сонцето, најверојатно затоа што увидел дека коњот се плаши од својата сенка која му паѓала пред очите, и без никакви проблеми го јавнал. Додека Александар го јавал Букефал околу кралскиот дворец, на Филип и на останатите од кралската придружба од страв им се смрзнувала крвта во вените.

Alexandre domptant Bucéphale; Gros Antoine-Jean, Baron (1771-1835); Paris, musée du Louvre, D.A.G.

Овој настан му покажал на Филип дека воопшто не треба да се грижи за свој наследник на престолот на Македонија. Според некои извори Филип заплакал од радост и откако Александар се вратил тој го помилувал и му рекол дека кралството што тој ќе му го остави е премало за неговата големина.

Кога во престолнината ќе пристигнела вест дека Филип освоил некое место, Александар тоа не го примал ниту со најмало воодушевување, ами бил тажен. Тој не се стремел кон хедонистички уживања, богатство и раскош, туку кон слава и јунаштво и мислел дека колку повеќе ќе наследи од својот татко толку помалку ќе постигне во својот живот.

April 26, 2012

Никола Бадев

Никола БАДЕВ (с. Глишиќ, Кавадаречко, 8. VIII 1918 ‡ Скопје, 25. IX 1976) интерпретатор на македонски народни песни. По освојувањето на првото место на фолклорниот фестивал во Скопје (1948), забележан од етномузикологот Васил Хаџиманов, наскоро започнал и професионална кариера како пејач и инструменталист на тамбура (1950). Бил член на Народниот оркестар на Радио Скопје, а подоцна и негов раководител. Со Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ од Скопје го афирмирал македонскиот мелос ширум светот. За потребите на Радио Скопје снимил над 500 македонски народни песни, меѓу кои и антологиските „Збогум, мајко, јас отидов“, „Сечи, моме, руси коси“, „Ој Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Тешка беше нашата разделба“ и др. Снимил песни и во дуети со Анка Гиева, Благој Петров-Караѓуле и Александар Сариевски. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и тиражните Сребрена и Златна плоча на РТВ Белград.

Македонска Енциклопедија (ЛИТ.: Роска Бадева, Збирка на народни песни на Никола Бадев, Скопје, 2004. С. Мл.)

Димитар Благоев - извадок од книга

Димитар Благоев цитиран во книгата на Димитър Косев: "ПЕТКО РАЧЕВ СЛАВЕЙКОВ, ОБЩЕСТВЕНА И ПОЛИТИЧЕСКА ДЕЙНОСТ", изателство на БАН, София, 1986 г., стр. 167.



















"...бугарските националисти-револуционери се стремеа да разбудат и вгнездат меѓу Македонците чувство дека се една национална општност со Бугарите..."

Откриено од Ченто

April 25, 2012

April 24, 2012

April 23, 2012

Македонскиот јазол 13

Конференција на словенските социјалдемократи

Комунистите на 20 век често заземаа објективен став кон националната засебност на Македонците. Ова размислување можеше да се забележи за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, кога на Македонците во Северна Грција (така Атина ја нарекуваше Егејска Македонија од анексијата 1912/13 па се до 1985 година) им ветија автономија доколку им се придружат во граѓанската војна; таквиот однос продолжи и во модерно време. Дури и во времето на владеењето на премиерот Мицотакис, грчките комунисти не зедоа учество во ловот на вештерки на Владата и на Грчката православна црква против Република Македонија.

Еден извештај од Белград нуди можност да се фрли поглед на тогашните активности на, ако не комунистите, тогаш социјалдемократите:

На крајот на 1909 година во Белград се одржа конференција на делегатите на социјалдемократските партии од балканските држави. Дури и по составот на учесниците може да се согледа нешто необично што српската влада, имајќи ги предвид нејзините намери за анексија, никогаш не би го дозволила во оваа форма да се појави во официјална пригода: на листата испратена од претставништвото, покрај социјалдемократите од Србија (12 учесници), Бугарија (11 учесници), Хрватска (3 учесници), Босна, Херцеговина и Црна Гора (по еден учесник) се најдоа и имиња на четири учесници од Македонија.

Овие не можеле да бидат српски или бугарски Македонци, инаку би биле заедно со своите сонародници на листата, а уште помалку грчки, кои како несловени воопшто и не присуствувале, туку се работело за автохтони македонски социјалдемократи.

Тема околу која постојано се дискутираше во децениите помеѓу Берлинскиот конгрес и Балканските војни, поради тоа што ги засегаше политичките концепти на сите велесили и балкански држави, беше прашањето за статус кво на Балканот. Како што повеќе пати беше речено, големите сили во Берлин се одлучија, во недостиг од подобри алтернативи, а за жал на се уште неослободените европски христијански народи, за одржување статус кво што значи заостанување на Турција на европска почва. За владите на малите балкански држави овој поим стана предизвик за нивната вештина да ги внесат своите интереси во меѓународната партија покер, кои беа дијаметрално спротивни на овој концепт, бидејќи само со промена на статус кво можеа да се приближат до својата цел да добијат дополнителни територии. Во исто време не смееја отворено да го отфрлат овој концепт. Всушност, мораа со насмевка да ги прикријат своите планови.

Од оваа настаната перманентна игра на сплетки, која заврши дури кога по Балканските војни се испостави дека Русија и двете други членки на Антантата, во секогаш нови варијанти, не само што со години ги анимираа балканските држави кон еден Балкански сојуз, туку и зад кулисите правеа се за да го поткопаат овој статус кво, со исклучок на еден мал дел - источна Тракија и Константинопол. Во основа, статус кво воопшто не соодветствуваше со вековната руска политика за протерување на исламска Турција од Европа.

Зошто скршнувањето до основната руска цел: ослободување на христијанските и словенските народи од исламската полумесечина со голем напор, но и успех, се држеше во тајност?

Затоа што дотогашната руска цел беше заменета со нова, повисокорангирана цел на Антантата. Според неа, во принцип, на балканските држави не требаше повеќе да им се помага во освојувањето на турските поседи на европската почва. Намерата на силите на Антантата беше Турција колку што е можно поцврсто да се вгради во нивниот „глобален европски“ концепт.

Ова мораше да доведе до конфликт на интереси, бидејќи балканските држави можеби можеа да се вклопат во стратегијата на Антантата против (се уште) Тројниот сојуз, но не можеа да се натераат да се откажат од напад на Турција.

Да се вратиме кон Србија и кон статус кво.

Србите достигнаа завидно ниво на мајсторство во играта на сплетки. Амбасадата во Константинопол ја цитира следнава изјава на веќе споменатиот министер за надворешни работи Миловановиќ:

„За Србија одржувањето статус кво е подобро од која било друга состојба“.

Каква лага! Но, задачата на Миловановиќ беше да не го сврти прерано вниманието на западните велесили, поточно: западните сили што не беа членки на Антантата, значи Германија и Австрија, кон постепеното приближување кон Балканскиот сојуз и решението на македонското прашање. За таа цел печатот требаше да одигра важна улога во оваа претстава. Но, сепак, српскиот трговски весник „Трговински гласник“ ја нападна политиката на статус кво.

„Формалното задржување статус кво на Балканот не задоволува. Оти статус кво би им одел во прилог само на непријателите на Србија, кои, откако зграпчија за себе се што можеа, сакаа со оваа формула да си го обезбедат пленот“.

Со овој опис, весникот го откри трикот на Австрија, т.е. анектираната Босна да си ја осигури за себе под заштитата што ја нудеше политиката на статус кво.

„Опозициските весници“, продолжува пратеникот, „одат и понатаму“ српскиот крал, за разлика од „Кобурговецот“ (бугарскиот крал Фердинанд), нема политички обврски кон царот.

„Руско-австриските договори од Рајхштат и Бухалау, како и одговорот од Сан Стефано и Берлинскиот конгрес не ослободија од такви обврски. Вербата во Русија, која во Србија беше огромна, со кризата околу анексијата ја снема.

Всушност, клатното на руската милост постепено се придвижуваше од Бугарија во насока на Србија. И покрај руско-бугарското помилување во 1896 година, стануваше се поочигледно дека Русија, односно Антантата, многу потешко ќе ја сврти Бугарија во насока на „новиот“ Балкански сојуз (против Тројниот сојуз, наместо против Турција), отколку нивниот сосед Србија, која поради постојаните штети претрпени од Русија си „заработи“ во извесна мера руска благонаклоност.

Покрај тоа, постоеше и една не баш мала предност, која за руската стратегија Србија ја правеше многу поатрактивна од Бугарија: заедничката граница со Австро-Унгарија.

Во секој случај, калкулациите на Миловановиќ беа успешни.

Дека политичката клима станува благонаклона кон Србија и дека односите со Русија, кои долго време беа напнати, видно се подобрија, се покажа при една посета на српскиот крал Петар на Санкт Петербург од 22 до 26 март 1910 година. Дури и во колумната на рускиот весник „Новоје времја“ искрените пријателски и британски односи беа оценети по тоа што здравиците на софрата не беа изречени на француски, како што беше вообичаено, туку на руски и на српски. Но, кон другите се продолжи со заведувањето, и тоа недвосмислено во договор со Русите, та министерот за надворешни работи на Миловановиќ за гореспоменатиот весник идејата за Балканскиот сојуз ја опиша како убава утопија и наивен сон.

Ханс - Лотар Штепан

April 22, 2012

Македонски атентати

АТЕНТАТИ ЈА ОДБЕЛЕЖАЛЕ МАКЕДОНСКА БОРБА

Македонци убивале во Марсеј, Виена, Милано, Прага... За девет години во вардарскиот дел на Македонија извршени 85 атентати

Пишува: Виктор Цветаноски (Глобус)

По формирањето на автономистичката ВМРО на Тодор Александров, посебно по нејзиното претворање во класична терористичка организација од Ванчо Михајлов, атентатите биле главно обележје на македонската револуционерна борба. Нејзини атентатори повеќе децении сееле смрт низ цела Европа. Македонци вршеле убиства во Марсеј, Виена, Милано, Прага, Белград... Биле убивани познати балкански личности, а нејчести жртви биле српски и бугарски политичари чии интереси се судрувале во Македонија. Во европските метрополи од македонски терористи гинеле и познати револуционери на ВМРО. Атентати или обиди за атентати имало и пред и по овој крвав период од македонското минато. На пример, тројца гемиџии долго време го демнеле султанот Абдул Хамид Втори за да го убијат, а британски специјалци обучувале Македонец да го ликвидира Хитлер.

Атентатори на автономистичката ВМРО на Тодор Александров во почетокот на дваесеттите години на минатиот век извршиле два атентата врз министри на Бугарија. Прво бил убиен министерот за внатрешни работи Александар Димитров, кој претходно од Александров бил обвинет дека ги собирал околу себе „отпадниците“ на ВМРО кои, според него, вршеле насилства, рекетарство и убиства и од нив формирал чети и ги испраќал во Македонија. Во предупредувачкото писмо до министерот тој подвлекува дека главно оружје на власта бил Ѓорче Петров кого го поставила за претседател на Комисијата за бегалци. Димитров нема сериозно да ги сфати неговите предупредувања и затоа ќе плати со живот. Бил ликвидиран кога патувал со автомобил за селото Козница. Македонски терористи, испратени од Александров му поставиле заседа при што министерот и неговиот возач биле ликвидирани на самото место. Истата судбина ќе го снајде и полуслепиот Ѓорче Петров, кој ќе биде убиен, исто така, по наредба на Александров.

МИНИСТЕР Од терорист на автономистичката ВМРО ќе биде егзекутиран и наследникот на Димитров, министерот Рајко Даскалов. За да го спаси од македонската организација, премиерот Стамболиски ќе го испрати за амбасадор во Прага, но и таму ќе биде пронајден. „Даскалов продолжи да живее во чехословачкиот главен град, свесен за фактот дека го демне смртна пресуда од ВМРО. Живееше во една вила во предградието. Едно утро (27 август, 1923 година) тој и двајца негови придружници чекореа од вилата кон градот кога дваесет и двегодишниот ’џелат’ од ВМРО се судрил со него да се осигури дека не згрешил. Повлекувајќи се неколку чекори, Македонецот го извлекол својот револвер и го убил Даскалов.“, пишува американскиот писател со македонско потекло Стојан Христов, кој како новинар на најпознатите њујоршки и чикашки весници ќе известува од Балканот и ќе ја следи македонската револуционерна борба.

Кога атентаторот бил уапсен од чехословачката полиција кажал погрешно име и презиме, дека се вика Атанас Николов. На судењето изјавил дека на ВМРО и се придружил откако се сретнал со Тодор Александров во едно македонско село. Како што наведува Христов, атентаторот и други членови на ВМРО во мај 1923 година биле поканети од Александров во едно село на Скопска Црна Гора. Им одржал куса реч, потсетувајќи ги на нивната должност кон македонската револуционерна борба. Потоа им раскажал како владата на Стамболиски ги прогонувала Македонците, по што ВМРО изрекла смртни пресуди за четворица членови од неговиот кабинет.

„Кога Александров завршил, сведочеше момчето, тој извлекол хартија од својата кожна торба и го прочитал името ’Атанас Николов’ и го замолил да истапи чекор напред. Александров му рекол: ’Тебе ти се падна жрепката да го убиеш Рајко Даскалов. ’ Младичот посведочи дека му рекол на Александров оти поради неспособноста да говори странски јазик ќе му биде тешко да ја пронајде жртвата во Чехословачка. На тоа Александров извлекол од торбата копие од Уставот на ВМРО и од него го прочитал извадокот: ’Секој член на организацијата кој што ќе одбие да спроведе смртна прсуда ќе биде застрелан не подоцна од дваесет и четири часа.’“, пишува Христов.

Вистинското име на атентаторот било Јордан Цицонков, роден во Штип. Во Прага стасал преку Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Додека ја барал својата жртва живеел со бугарски и со српски студенти. На Бугарите им се претставувал дека е Бугарин, на Србите - Србин. Преку студентите разбрал каде се храни Даскалов. За да го препознае со себе го носел весникот „Чешко слово„ во кој била објавна сликата на неговата жртва. Цицонков од прашкиот суд бил ослободен со образложение дека дејствувал како агент на ВМРО и поради тоа што се наоѓал под ’непреодолива принуда’, немал друг избор освен да ја исполни задачата или да умре. Меѓутоа, подоцна одново бил суден, надвор од Прага, во едно провинциско гратче. Го осудиле на 20 години. По две години одлежани во затворот се самобуил. Ванчо Михајлов тврди дека бил ликвидиран.

Неколку дена по воениот преврат во Бугарија во јули 1923 бил убиен и премиерот Стамболиски. Многумини сметале дека зад ликвидацијата стои ВМРО на Тодор Александров, меѓутоа тој ќе ги демантира таквите тврдења. Михајлов пишува дека Стамболиски бил нивен голем непријател, испратил луѓе да го убијат Александров, соработувал со Белград и ги прогонувал Македонците, но и покрај тоа тие не посегнале по неговиот живот.

По смртта на Александров автономистичката ВМРО ќе биде претворена во класична терористичка организација од Михајлов и таа ќе изврши серија атентати. Тој во своите спомени ќе се пофали дека за девет години биле извршени 85 атентати само во вардарскиот дел на Македонија. Кога го правел списокот на тие што треба да бидат ликвидираник на прво место ги ставил, според него, “најголемите непријатели на македонското дело“: Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО на автономистичката ВМРО, кој „се шетал по Европа на сметка на Виенската комунистичка централа“, потоа, Стојан Мишев кого го обвивнувал дека соработувал со Србите и „тероризирал и истребувал се' што било побудно бугарско во Брегалничкиот регион“ и Тодор Паница, кој работел за комунистите, Србите и Грците.

Прв ќе биде ликвидиран Стојан Мишев. Тој е штипски војвода од Ново Село, родното место на Михајлов. Семејствата на Мишев и Михајлов биле соседи и многу добро живееле. Смртната пресуда ја реализирал 21 годишниот штипјанец Кирил Григоров. Мишев бил убиен на 30 декември 1924 година, точно напладне, на прагот на куќата во која што живеел, пред неговата неколкугодишна ќерка Нада, покојната сопруга на претседателот Киро Глигоров. Атентаторот успеал да избега од Штип и стигнал близу до границата со Бугарија, но таму бил предаден од некој селанец и фатен од српската полиција. Осуден бил на смрт и стрелан на 30 август 1925 година.

„Машкиот удар на Кирчо Григоров за него самиот беше многу лесен чекор; решен беше да умре и со тоа сите пречки беа надминати. ’Ми се чини, пет души да се, ќе ги истркалам еден по друг’, кажуваше насмеано нашиот херој.“, пишува во своите спомени Михајлов, кој никогаш не влегол во Македонија и не зел пушка в рака да се бори за неа како што се бореле многу други македонски револуционери, плашејќи се за сопствениот живот. Наместо тоа испраќал млади сиромашни момчиња кои слепо му верувале, . извршувале секоја негова наредба и убивале во името на Македонија.

Нецел месец подоцна, на 23 јануари 1925 година во Милано ќе биде застрелан и Петар Чаулев. Него ќе го убие Димче Стефанов, кој четири години подоцна ќе учествува и во ликвидирањето на Александар Протогеров, кој како член на ЦК на ВМРО пред тоа ќе потпише многу смртни пресуди на Македонци, па и таа на Чаулев. Од тринаесетте терористи што ќе ги повика Михајлов да ја извршат смртната пресуда на охридскиот војвода, жрепката ќе му се падне на Стефанов. Чаулев не го познавал па затоа ќе носи негова слика и цел месец ќе ја бара својата жртва по хотели и кафеани во Милано. Го пронашол во бар на плоштадот Верциере и со пет куршуми му пресудил.

На судскиот процес што ќе се одржи 16 месеци подоцна, за да го бранат Стефанов, Михајлов ќе ангажира двајца тогаш познати италијански адвокати –сенаторот Винченцо Морело од Рим и пратеникот Јученцо Капа од Милано. Стефанов ќе биде ослободен со образложение дека морал да го убие Чаулев. Единствено ќе биде казнет со 203 лири поради тоа што носел опасно оружје. Атентаторот на Чаулев е роден во кратовското село Маричино 1901 година. Останал сирак а го посвоила една штипска фамилија. Работел како месар, а по Првата светска војна пребегал во Софија.

Од тројцата „најголеми непријатели на македонското дело“, последен ќе биде застрелан Тодор Паница од Менча Карничу. Најпрво, таа ќе се спријатели со неговото семејство, а смртната пресуда ќе ја изврши на 8 мај 1925 година во виенскиот Бургтетар додека заедно ќе гледаат претстава. Таа пукала во Паница во моментот кога на сцената била импровизирана бура и се слушало како се крши и потонува брод. Никој од присутните не чул ништо. Излегла на улица и таму била уапсена од полицијата.

Менча Карничу, која подоцна ќе му стане сопруга на Михајлов, била Влаинка, родена во Крушево, а Паница, нејзината жртва, бил Бугарин, познат санданист. Тој во 1907 година во Софија ги убил Борис Сарафов и Иван Гарванов по наредба на Јане Сандански, а казната ќе го стаса по 18 години.

Како и во многу други случаи, Михајлов ќе ги ангажира најдобрите адвокати да ја бранат атентаторката. Карничу ќе биде осудена на осум години затвор, но потоа била ослободена. Според тогашните австриски закони, ако осудениот поради болест не можел да ја издржува казната, се ослободувал. А Карничу тогаш била тешко болна од туберкулоза. Со амбулантно возило ја префрлиле до железничката станица, од каде во спална кола заминала за Будимпешта. По еден месец стасала во Софија каде и бил организран величенствен пречек.

Откако Михајлов ќе ги ликвидирал повидните македонски револуционери кои му пречеле, започнал со атентати во вардарскиот дел на Македонија. Од позначајните атентати е убиството на српскиот генерал Михајло Ковачевиќ извршено на 5 октомври 1927 година. Во него стрелале штипјанецот Ипократ Развигоров и кумановчанецот Благој Кралев, испратени од Софија. Ним им помагал штипјанецот Илија Лилинков. Два дена по убиството српската полиција ги открила. Жив го фатиле само Благој Кралев, а Ипократ Развигоров и Илија Лилинков се самоубиле.

По атентатот власта почнала немилосрдно да се одмаздува. Тогаш со стапови бил убиен таткото на Илија Лилинков, 75-годишен старец, а таткото на Михајлов и неговиот брат биле стрелани на мостот на реката Отиња кај Ново Село. Во затворот жандари со раце го задушиле братот на атентаторот Развигоров. Се смета дека тогаш биле ликвидирани 200 лица. Преживеаниот атентатор Благој Кралев, бил осуден на смрт и стрелан.

И атентатот на Мара Бунева врз српскиот службеник Велимир Прелиќ е дел од терористичката стратегијата на ВМРО на Михајлов. За него се подготвувала во Софија. Во Македонија се вратила во мај 1926 година, а од родното Тетово се преселила во Скопје со намера да убие некој од раководителите на српската власт. Се вработила во кројачки дуќан и шиела облека за жените на познатите српски политичари. Живеела под кирија кај семејство кое било во соседство на убиениот Прелиќ.

Атентатот го извршила на 13 јануари 1928 година точно во 12 часот и 15 минути на кејот на реката Вардар во близина на денешниот хотел „Холидеј ин“. Три куршуми испукала во Прелиќ, а еден во себе. Тешко ранета ја однеле во болница. Починала наредниот ден. Полицијата ја погребала тајно, така што денес никој не го знае нејзиниот гроб. Прелиќ починал четири дена по атентатот. Семејството Буневи биле познато тетовско семејство. Мара имала двајца браќа и три сестри. Постариот Борис станал бугарски офицер и ги подучувал терористите на Михајлов, а помладиот, Лазар, служел во српската војска на Кралска Југославија, исто така како офицер.

Најспектакуларен и најголем одѕив во светот имал атентатот што го извршил Владо Черноземски на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Некои тврдат дека најсаканиот атентатор на Михајлов бил роден во едно мало село во Разлошко, во кое неговите родители стасале како бегалци од Македонија. Стојан Христов, пишува дека бил роден во 1899 година во штипското село Патрик кое денес не постои. Најпознатиот егзекутор на терористичката ВМРО најпрво бил лично обезбедување на Тодор Александров, кој, подоцна, го унапредил и го префрлил во казнената дивизија на организацијата.

Христов пишува дека Черноземски бил тивок човек со променлива нарав, кој секогаш се држел прибрано и постојано нешто читал. Ниту пиел, ниту пушел, ниту пак јадел месо. Кога еднаш го прашале зошто не јаде месо им одговорил дека било свирепо да се убиваат животни. Каква иронија, човекот што секојдневно убивал, кој ги ликвидирал познатиот комунист Димо Хаџи Димов, членот на Задграничното претставништво на ВМРО, Наум Томалевски, додека засадувал дрвце по повод новородениот син, и кој им пресудил на многу други македонски револуционери, му било жал да убива животни!

Откако Черноземски му завршил многу крвави задачи, Михајлов му го позајмил на Анте Павелиќ за да го убие српскиот крал. На 15 јули 1932 година го повикал и му рекол: ’Сега одиш кај нашите браќа, Хрвати. Борбата е иста само различен е фронтот. Непријателот е истиот.“

Атентатот во Марсеј бил извршен на 9 октомври 1934 година. Черноземски покрај кралот го убил и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Притоа бил убиен и Черноземски. Француски полицаец го исекол со сабја. Французите дознале дека атентаторот е терорист на Михајлов по черепот и четирите букви ВМРО истетовирани на неговото тело.

Брутално убиство на бугарски премиер

Ресенчанецот Наум Туфекчиев, познат трговец со оружје, при крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век бил главен организатор на неколку политички атентати во Бугарија. Бил централна фигура во заговорите против бугарскиот премиер Стефан Стамболов, кој се смета за еден од архитектите на современа Бугарија. Стамболов бил убиен во 1895 година и атентатот врз него го смета за едно од најбруталните политички убиства во Бугарија. Додека се возел со пајтонот на Македонецот Мирчо Ацов му се нафрлиле три лица со јатагани и му ги исекле рацете. Бил се' уште жив кога го пренеле во неговиот дом. Лекарите му ги ампутирале двете раце, но сепак не успеале да го спасат.

Истрагата траела една година. Било подигнато обвинение против Наум Туфекчиев кој бил посочен како организатор на атентатот, а директни извршители Македонците Боне Георгиев и Михаил Ставрев – Хаљо со учество на Атанас Цветанов –Таљо и Мирчо Ацов кој го возел пајтонот. Туфекчиев бил осуден на три години затвор, „за помош и превоз на оружје”. Една година подоцна пресудата била преразгледана и изменета, а тој прогласен за невин.

На Туфекчиев му се припишува и убиството на бугарскиот дипломатски агент во Цариград, д-р Георги Волковиќ, близок пријател и политички истомисленик на Стамболов, ликвидиран во 1892 година. Името на ресенчанецот се вмешува и во еден друг атентат извршен во градското казино во Софија, во очи на Новата 1915 година, кога од подметната експлозија загинала ќерката на воениот министер, синот на началникот на штабот на армијата и уште неколкумина. Тогаш биле тешко повредени уште осум лица. Туфекчиев бил ликвидиран од луѓе на ВМРО во 1916 година.

Македонец сакал да го убие Хитлер

Македонец требало да изврши атентат врз Хитлер. Како што пишува Џулен Емери, заменик-директор на Балканскиот отсек на британските тајни служби за време на Втората светска војна, се' било подготвено за атентатот, меѓутоа, поради обични човечки слабости сите планови пропаднале. Македонецот требало да го убие Хитлер за време на една негова посета на австриски град. Атентаторот обезбедил и добро место од каде требало да стрела. Се спријателил со тамошниот конзул на Бугарија која беше сојузник на нацистичка Германија. Како човек на конзулот можел да се најде во непосредна близина на Хитлер и така да го убие. Меѓутоа, вечерта пред посетата на фирерот, од собата во хотелот во кој бил сместен слегол во барот да се напие. Откако испил неколку часи алкохол почнал да прикажува со девојките во барот и притоа му испаднал револверот. Тие веднаш го пријавиле на полицијата која го уапсила и го протерала.

Британскиот таен агент не го кажува името на атентаторот ниту, пак, го споменува местото од каде потекнувал. Единствено нагласува дека припаѓал на македонска терористичка организација и дека него им го препорачала бугарската партија БЗНС, која во тоа време била против профашистичката политика на својата држава и единствена сила со која Британците соработувале во тоа време во Бугарија. Македонецот боледувал од рак. Му преостанувале уште два месеца живот и поради тоа бил решен да го жртвува животот.

Србите надмудрени од Михајлов

По атентатите што ги вршел Михајлов, српската власт не стоела со скрстени раце и се обидела да го ликвидира. Жика Лазиќ, тогаш првиот човек за безбеност на Кралска Југославија, испратил свој терорист во Пиринска Македонија. Станува збор за Иван Момчилов, Македонец кој живеел во Белград и соработувал со тогашната власта. Преку Битола и Грција стасал во Софија, а потоа се видел со Михајлов. Наместо да пука во него, му се исповедал и му кажал кој е и зошто е испратен. Тогаш лидерот на терористичката ВМРО скроил контразаговор. Му преложил на Момчилов да се врати во Белград и да го убие Лазиќ, со што би се искупил за петте години служба кај Србите и би станал македонски херој. Направиле и план како полесно да се врати назад. На границата исценирале инцидент и јавиле дека во борбата со српските граничари бил убиен Михајлов, нешто што веднаш го пренеле бугарските весници и светските новински агенции.

Така Момчилов стасал во Белград како „српски херој“ и притоа лично бил пример од Жика Лазиќ во неговата канцеларија. Кога Лазиќ му поддавал рака да се поздрават Момчилов испукал четири куршуми во него, а еден во сопствената глава. Лазик имал голема среќа, бил тешко ранет, но преживеал. Подоцна станал гувернатор на Вардарска Македонија и министер за внатрешни работи на Кралска Југославија.

Гемиџии сакале да го убијат султанот

Гемиџијата Светослав Мерџанов и уште двајца македонски студенти во Швајцарија сакале да го убијат султанот Абдул Хамид Втори, познат по прекарите „црвениот султан“, „Абдул проклетиот“ и „големиот убиец“ поради масакрите на отоманските Ерменци во негово време. Како што пишува Стојан Христов, познатиот американски писател со македонско потекло, Мерџанов и двајца студенти кон крајот на 1899 година од Женева заминале за главниот град на Босфорот. Секој петок попладне султанот патувал од својата палата во Истанбул во една џамија на молитва. Сметале дека можат да го убијат само за време на неговото патување до џамијата, бидејќи единствено тогаш ја напуштал палатата. Пет месеци го ги следеле сите негови движења за на крајот да сфатат дека не мошат да и се приближат до него бидејќи бил добро чуван од обезбедувањето.

April 21, 2012

Македонија низ историјата 05

Македонија низ историјата 05 - Златното време на сарисата

Носија - Солунско Поле

Македонска женска народна носија - Солунско Поле

Wikipedia: Народните носии од Солунско Поле се надоврзуваат на носиите од Пазарско. Во селата источно од Солун во составот на народната носија влегуваат: кошула со специфичен вез од бела и кафена свила, платнена саја и безракавна облека од црн шајак, украсена со апликации од разнобојна чоја.

Невестите носеле мала плитка капа, покриена со везена марама и метален накит под брадата.






Македонска женска народна носија - Солун, Егејскиот дел на Македонија (Република Грција).

Macedonian female folk costume from Solun, Aegean part of Macedonia (Republic of Greece).






Кликнете на сликите за целосен размер!

Click on the images to enlarge!

Македонски документи
Documents-Mk.Blogspot.com

Macedonian Documents

April 19, 2012

Св. Кирил и Св. Методиј - картичка

Македонија ги роди Светите Браќа - Св. Кирил и Св. Методиј.
















Картичка издадена од Македонската младинска организација, од Бугарија.

Големо Чудо

Автор: Ѓорѓи МАРКОВ

Неколку години после случката каде што за првпат ја слушнав „Учи ме Мајко Карај ме“ во поинаква изведба, на една иста таква прослава на Илинден, на истото место, се стори една друга стори(ј)а. Собирањето на Народот и „протоколот“ како се одвиваше Денот беа скоро исти, со некои нови лица, некој дошол од Австралија, од „Америка“, од Канада, Шведска, Германија , од каде не... Не има низ цел свет.

Веќе беше средината на осумдесетите, Тито беше веќе 5-6 години мртов, Југославија одеше понатаму во знакот на Братството и Единството, но на површина се повеќе излегуваше она потиснатото, она „забранетото“, Исконското, Културните и Етничките белези на Народите на Југославија.

Ако во годините пред тоа требаше некоја чашка ракија за да се запеат Комитски и Ајдучки песни, покрај партизанските, во тие времиња веќе беше поинаку. Ова за да се свати подобро „духот на времето“, инаку, јас паметам многу случки (и секако многу други меѓу вас), некои подобро, некои полошо, и „седенки“ со Комитски и други Јуначки песни, и многу разни адети / обичаи, за секакви пригоди. За нашава стори(ј)а, важно е дека во тој период, се почесто се пееја секакви Македонски песни во разни пригоди, и се почесто Комитски и слични. (Тоа што во многу предели на Македонија таа традиција без прекин се негувала и / или се негува и ден денес, е убаво, и ќе биде предмет на размислување подоцна.)

Така беше и тоа лето, за Илинден, во Градешница. Од Утро до Вечер се пееше и играше „на Брен“, а вечерта веселбата продолжи „пред Кооперацијата“, на Сред Село.

Кога „слегоме“ од „Брен“ во „стетселото“, таму веќе имаше и луѓе, и музика, и ора. Се наполна „сретселото“, се играше, пееше, игравме и ора, и разни детски и „детски“ игри, на Ергените и Момите им потеа и рацете и главите кога ќе се фатеа на оро до симпатијата, некои кои случајно се фатиле еден до друг, ќе врзеа муабет, ќе сватеа „се најд`о` ме рода“ (се најдовме роднини, свативме дека сме роднини), какви ли не случки се случуваа.

Старите кои не можеа или не сакаа да играат, беа испоседнати по бројните полни со мезе и разни пијалоци маси, а меѓу нив повремено седнуваа да одморат, да здивнат и пивнат, нивните деца, внуци, правнуци и разни други, се муабетеа, пееа, прекрасно дружење, сите насмеани.

Како што одминуваше времето, некои почнаа да се поздравуваат (по најмалку пола саат, дури да се испоздравиш со барем едно 20-30 луѓе) и разотидуваа по куќите или селата од каде што дошле, местото почна полека да се празни.

Тогаш Митре, еден прилично висок и крупен, а богами и поднапиен Градешец, ја посака „Ај големо Чудо, Чудо ми Станало“.

Песната веќе неколку пати ја имав слушнато, а преку училиштето знаев и за што точно се работи, за Атентатот извршен врз српскиот Крал Александар Караџорџевиќ, во Марсеј, Франција, во 1934та година.

Се зборуваше дека е забранета. По градовите музичарите одбиваа да ја свират, им беше страв да не бидат приведени и казнети или на некој начин малтретирани, а по селата, во зависност од местото и приликата, некогаш се пееше, но ретко. Во целава стори(ј)а од Градешница, еден од клучните фактори како понатаму се се одвиваше, е тоа што едниот од музичарите беше ѓуптин („ром“, „циган“), и што Митре баш нему му се обрати, кога „ја порача“.

Овај почна да мрда некако чудно со главата, и одвај „процеди“ (отприлика) „а бе не ја знајме таја, брат, ај кажи две други, ќе ти ги свириме за џабе,ете и три нека бида“.

Митре ако беше пијан, не беше глупав, по ставот и гласот, и тоа што го рече, свати дека овај точно знае за која песна станува збор, и дека го лаже.

Атмосферата малку „олади“ кога Митре не баш толку фино му подвикна на Музичарот и почна да го пцуе, и најверојатно во желба да се избегни инцидент, еден од другите Музичари рече дека ќе ја свират и без него, дека ја знат. Во шега нешто дофрли дека ако го апсат, ќе се прави дека не знае кој ја порачал, или ако ги накодоши некој ќе го делат кабаетот, некој се насмеа, некој не... Митре почна некаков муабет со „ѓупчето“, овај почна нешто да му се правда, другите Музичари ја почнаа песната, почнавме да пееме, ситуацијата се смири.

За да не бидам погрешно сватен или толкуван, јас лично немам никакви сознанија дека Владо Черноземски, извршителот на атентатот, е Етнички Македонец. Ниту сум нешто посебно застапник на убивање на Кралеви. Едноставно, се работи за дел од нашето минато, каде дел од ВМРО, предводена од Ванчо Михајлов, во соработка со Усташки структури (на Анте Павелиќ) и претпоставувам други странски служби, го убива Кралот Александар Караџорџевиќ.

Со идеолошката позадина, како и целите и на ВМРО - „Михајловисточко“ и на Усташите, апсолутно не се сложувам.

Опеаниот Крал им донел многу страдања на Македонците, и секако нема да го жалам. Народот, кој страдал под неговиот терор, неговото убиство го опеал во песна. Таа песна не е ниту против Србите како Народ, ниту про-усташка. Народот си ја испеал онака како си се чуствува(л):

„Ајде ќе те прашам, Кралу Александро, дал` постои Македонија
Дали постои, Македонија, или Јужна Србија“

Значи, никаде некаква „западна б`лгарска покраина“, туку Македонија.

Уште поконкретно:

„мене ме испрати Народ Македонски
тебе Кралу да те Убијам“

Мене ми беше уште тогаш јасно дека песната е „сатанизирана“ поради духот на „братството и единството“ и влијанието на Србија во СФРЈ. Но, исто уште тогаш ми беше јасно, дека Народ кој слави Убиство на Султан (Мурат, на Косово), нема никакво морално право да забранува на свој соседен и сроден Народ, да слави Убиство на Крал - Тиранин, па макар бил и Српски Крал.

Но посебно ме фасцинираше системот на наметнување забрани и сеење страв кај луѓето, од / за многу разни, и важни и банални работи, ете и од една песна, која ДА, на некој начин опева насилство, но не повикува на исто, туку јасно говори за љубовта кон Слободата која Македонецот ја носи во себе како составен дел од својот генетско-социјален код. (Каде е разликата со било која песна во која се пее за уништувањето на некој Тиран?)

Некоја година пред тоа, и самиот бев „повикан“ (одведен) во полициска станица на „муабет“ поради нешто што го напишав на училиште, некаква детска песничка за „Ѕид со три Ѕида Сардисан“ и „Македонци, браќа, стиснете тупаница, Гоце Делчев славно загина во Баница“. Бев одведен без присуство на родител, едноставно, од училница кај педагогот, па со „чичкото“ до полиција. Муабети од типот „ај кажи на чичо, кој ми те научи така да пишиш“, до „кажи сега копиле едно, иначе ќе те скршам од ќотек“ (така некако, не е толку ни важно)

Среќен сум што не му се излигавив, туку после некоја минута зеење „што всушност сака овај од мене“ (навистина не го разбирав), му кажав „Ааааа, за ПОЕзијата. Па на училиште учиме тоа...“. Има уште, но не е важно за оваа приказна...

Во одредени периоди, голем дел од Македонците биле неписмени, не знаеле да пишуваат, затоа преку песни и раскази раскажувале И-стории, и свои, и на своите предци. (кога не им било брането и кога знаеле да пишуваат, секако и дека запишувале)
Не ретко им било забранувано, не само да пишуваат, туку и да говорат на свој јазик, да пеат на свој јазик.

Во историјата на човештвото, се познати повеќе примери на моментална лудост, кога книги и други пишани (и непишани, разни) материјали се уништувани, (не ретко) организирано и систематски, на ниво на држава, религија, итн. (Александриската и други Библиотеки, Шпанците во Андалузија после протерувањето на Маврите / Инквизицијата, Советскиот Сојуз, Нацистичка Германија, Талибнаците, бришењето секакви траги на Македонците во Грција, дури и бришење од книгите на родени и умрени... примери има и премногу).

Забраните на песни и друго Народно творештво, забраната да се зборува на Мајчиниот Јазик, и многу други забрани, му се добро познати на Македонецот. Исто како и уништувањето и / или присвојувањето на неговите дела.

Но и покрај сите забрани, продолжиле, и да пишуваат, и да Пеат.

Колку и да ти бранат, ако не можеш да напишеш, тогаш ќе отпееш, ќе рас-кажеш.

Како што јас сега ви раскажувам. (Да не си го уништев гласот, веројатно ќе пеев, јавно. Вака си певнувам во прилики.)

Пееле, ПОеле, Песни, ПОЕми, Е-Пои, ПОЕзија...

Ај Големо Чудо (за Кралот Александро, Македонска Народна, текстот е од Битолско-Мариовско, постојат неколку вариации)

Ај големо чудо, чудо ми станало, на двајсти октомбри,
Кралот се спрема, Кралот Александро, на пат ќе ми оди,
Кралот се спрема, Кралот Александро, на пат ќе ми оди.

Ај што ми заплови, по море широко, со параходите,
право ми трга, Кралот Александро, за града Марсеја,
право ми трга, Кралот Александро, за града Марсеја.
Ај таму го чека, министерот Бардо, со генералите,
сојуз да прават, сојуз душмански, против жална Македонија,
сојуз да прават, сојуз душмански, против жална Македонија.

Ај што ми излезе, Владо Черноземски, со букет во рака,
што ми излезе, пред автомобило, со букет во рака,
Букет во рака, револвер во букет, Кралот да го убие.

Ајде ќе те прашам, Кралу Александро, дал постои Македонија
Дали Постои, Македонија, или Јужна Србија,
Дали Постои Македонија, или Јужна Србија.

Па ми рече Кралот, Кралот Александро, не постои Македонија
Не постои Македонија, туку Јужна Србија
Не постои, Македонија, туку Јужна Србија.
Ај тогаш извикна, Владо Черноземски, ево ти ја Јужна Србија
Мене ме испрати, Народ Македонски, тебе Кралу да те убијам,
Мене ме испрати, Народ Македонски, тебе Кралу да те убијам.

продолжува...

Македонскиот јазол 12

Белградски пратеник ја открива вистината

Министерството за надворешни работи во својот архив чува документ од 1904 година што е од исклучително значење за Македонија.

Во еден извештај упатен до германскиот канцелар и до министерот за надворешни работи (од 1897 год. грофот Фон Билов), пратеникот во Белград ја пренесува содржината на една статија, која извесен г. Балугџиќ ја објавил во еден берлински весник во 1886 година. Балугџиќ во тоа време беше одговорен за односите со јавноста на кнезот Петар (Караѓорѓевиќ), кој во тоа време живееше во егзил во Женева, и уште тогаш ја уживаше неговата доверба. Во 1904 година одлучил - можеби под влијание на Илинденското востание, задушено есента 1903 година - истата статија да ја објави и во својата родна земја, и во органот на Младите Срби, „Словенски југ“, списание на кое и самиот бил претплатен. Балугџиќ се уште бил одговорен за односи со јавноста, но сега на кралот Петар, и статијата ја даде да се објави неколку недели пред крунисувањето, кое беше извршено на 21.9.1904 година.

Во статијата „сите претензии кон Македонија се оценуваат како скршнување во погрешна насока“.

„Пред австриската окупација на Босна, никој во Србија не помислил на искажување претензии кон Македонија“, „...се додека Србија ги бараше своите брегови на Јадранско Море, немаше тврдење дека во Солун има српско население“. „Дури откако на Србите, со насилен акт на Берлинскиот конгрес, им беше одземено природното право, поради историјата и јазичните граници, да се прошират кон Јадранско Море, со вештачка агитација погледот на српската политика се сврте кон Македонија“.

Сензација!! Ова признание мора и денес да одѕвонува како откровение во македонските уши!

Уште две забелешки за дополнување:

1. Очигледно е колку Австрија, со своето долго планирано бесмислено посегнување по Босна, силно влијаеше и врз судбината на Македонија;

2. Балугџиќ и Младите Срби, очигледно под покровителство на самиот крал, се стремеа кон искрено помирување со Бугарите во полза на мирот на Балканот и јакнење на поединечно слабите сили за самоодбрана од напад од надвор. Колку овие стремежи беа искрени и умерени, се гледа од заклучната реченица на овој текст:

„Во моментот кога Србија ќе се откаже од неоснованите претензии кон Македонија, ќе биде тргната единствената пречка што стои на патот на вистинското збратимување со Бугарите“.

Покрај мошне отвореното признавање на вистината, се забележува дека српските рани од австриската окупација на Босна, дури и четврт век потоа, се уште не се залечени. Поради оваа нанесена болка, Австрија и Германија - ќе се соочат со трагични последици:

Како и Русите по Берлинскиот конгрес, така и Србите главната вина за лошата пресуда не им ја припишаа на Австријците и на Англичаните (кои го дадоа предлогот во полза на Австрија), туку на Германците: Русите, кои по 8. руско-турска војна, преполна со жртви, се почувствуваа измамени за нивната заслужена награда; Србите затоа што Австријците - поддржани од Германскиот Рајх, пред нив влегоа во Босна. Српскиот бес спрема Австрија (и Германија) постојано се зголемуваше поради тоа што Србите веруваа во ветувањата на Виена, т. е. дека во скоро време ќе дојде до повлекување од Босна, верување, кое од година во година носеше разочарување.

Кога со подоцнежната анексија (1908) стана јасно дека Австрија си го прекрши зборот, Србија - поддржана од Русија, Франција и Англија - реагираше уште погневно. Овој гнев го зголемуваа и понатамошните шпекулации за, на пример, марш на Австрија кон Солун, па дури и кон Константинопол.

Воопшто не изненади што статијата на Балугџиќ предизвика жестока полемика во другиот српски печат. Еден опозициски весник ја нарече оваа идеја „предавство на татковината“. Вестите од Македонија - лансирани во вистинско време (?) - за „варварското однесување на бугарските комитски банди кон српските жители во Македонија“, не придонесоа за смирување на духовите во српскиот печат и во јавноста.

Кај „делот млади, европски образовани српски политичари“, пак, „желбата за формирање Балкански сојуз на трите словенски држави“ беше толку силна, „што за таа цел се спремни да ги жртвуваат националните надежи кон Стара Србија“. Но, затоа пак според пратеникот Фон Хејкинг, „овие млади луѓе ја негуваа илузијата дека Балканскиот сојуз ќе им послужи да ги протераат омразените Австријци од Босна“.

Оваа варијанта на очекувањата од Балканскиот сојуз во годините од неговиот развој во постанок во 1912 година сепак беше само епизода. Во секој случај, растежот на „српските аспирации за обединување со босанските племенски браќа кои страдаа под туѓа окупација“ во Виена беа опишани како „лошо расположение“.

„Нота бене“: под „туѓа окупација“ не се мислеше на Османлиското Царство туку на Хабзбуршкото Царство.

Како резиме мора да се заклучи дека обидот на Балугџиќ за објективен поглед набргу беше надвладеан од српските националистички интереси. Исто така, во поглед на темата и денешна Република Македонија, останува да се заклучи дека отпаѓа можноста Србија да е првостепен аспирант за македонската територија, бидејќи Србија немаше со што да ги оправда своите претензии. Нејзините постојани напори да ја освои и анектира македонската земја од Османлиското Царство - што 1912/13 година и појде од рака - оттаму не беа ништо друго туку насилни акти под империјалистичкиот урнек и не можат да се гледаат како „ослободување“ на „српските“ државјани и поседи во Македонија.

Ова се покажа и во историографијата: Јута де Јонг известува за напорите на историчарите во сите соседни земји да ги внесат своите наводно научно втемелени аргументи во борбата за Македонија и пишува дека „Карл Хрон уште во 1890 година на словенските жители на Македонија им додели посебна етничка ролја. Ова, две децении подоцна, е потврдено и од еден Србин, географот Јован Цвијиќ, со неговиот 'македословенски' компромис. И во помалку модерните претстави - на пример на Дакин, Овингс и особено на Фишер-Галати - не се негира постоењето на посебна македонска струја“. И како дополнување од нејзината фуснота бр. 34: „Една посебна интерпретација нуди... Ставрианос..., кој ги класификува жителите во централниот дел на македонската област, како 'посебен идентитет'“.

Отпорот на шовинистичките соседи против правото на постоење на Македонците сигурно го забележал и Хрон. Основано ја дава следната изјава, која Јута де Јонг ја цитира и која гласи: „...посебниот идентитет на Македонците, со понатамошното истражување, ќе станува се појасен“.

Ханс - Лотар Штепан (Време)

April 18, 2012

Битката за Скопје 3

Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Михаило Апостолски

БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ

Прибирање на силите

42. НО дивизија подолго време се наоѓаше во постојани, секојдневни борби против германските и балистичките сили, првин на Карлијак, а потоа на Сува Планина. Пред 42. НО дивизија беше поставена задача со усилен марш да се префрли преку Караџица и да се концентрира во велешкиот реон, да нападне на Велес, потоа на 8.XI. да се спои со 50. НО дивизија и со брз марш да продолжат двете дивизии за Скопје.


Како што е порано изнесено, со борбите што се водеа на 8. и 9. ноември, 42. НО дивизија го зазеде Велес, a 50. HO дивизија, после долги борби кај Штип, на 8. ноември го зазеде Штип и веднаш продолжи сo претходниците да ги брка разбиените Германци. Германците, по разбивањето кај Штип, со дел од силите отстапија преку Св. Николе за Куманово, со помали сили за Велес, каде што повеќето беа уништени, еден незначителен дел успеа да се спои со силите од велешкиот гарнизон и да отстапи за Скопје. Во текот на 9. ноември предните делови на 50. НО дивизија се споија со 42. HO дивизија кај Велес.

Co заземањето на Велес и Штип и со спојувањето на 42. и 50. НО дивизија кај Велес, беа создадени услови за да отпочне настапувањето кон Скопје.

На 10. ноември 42. НО дивизија направи марш до селото Количани (јужно од Скопје), каде што стигна вечерта на 10. ноември. 50. НО дивизија и VIII бригада од 42. НО дивизија вршеа прибирање на единиците, потоа направија пократок марш спрема Скопје, a со претходниците ги бркаа Германците спрема Катланово (југоисточно од Скопје).

Во времето кога се водеа борбите за Штип, V бугарска дивизија стоеше наполно пасивна на Злетовска Река, а дури по ослободувањето на Велес тргна во правец кон Скопје и ноќта меѓу 13. и 14., со наредба од Главниот штаб (издадена е на лице место усно), беше вратена назад за Бугарија, пред да стигне целата дивизија во Катланово.

Текот на битката

На 11. ноември 42. НО дивизија во две колони (секоја по една бригада), со две силни побочници се приближи кон Карлијак и веднаш од маршот нападна на германската надворешна одбрана на Скопје. III македонска бригада со главните сили напаѓаше преку селото Сопиште на селото Кисела Вода; десната побочница, во бројност од еден баталјон, напаѓаше на селото Лисиче. XII македонска бригада со главните сили напаѓаше на Крстовар (к. 1067). Левата побочница, еден баталјон, напаѓаше на Бел Камен (к. 953). На линијата на надворешната одбрана на Скопје Германците беа наполно изненадени со појавата на нашите сили. Нашите единици со силни налети, после многу жестоки, но релативно кратки борби, до мракот ја завладеаја линијата: селата Лисиче и Кисела Вода — Крстовар — Бел Камен.

50. НО дивизија и VIII бригада од 42. дивизија тој ден, после упорни борби на реката Пчиња, ги ра бија Германците, го зазедоа Катланово, каде што Германците успеале да го урнат мостот на реката Пчиња, со борба ја минаа Пчиња и ноќта со главните сили се прибраа на просторот Петровец — Катланово, готови да продолжат идниот ден со настапување кон Скопје.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

April 17, 2012

Црн Петок, Велигден, Јајца и Локуми

Автор: Ѓорѓи МАРКОВ

Што да се напише во ваков момент? Мозоците на многу луѓе сè уште не можат да сфатат, поради едноставна причина: нашиот мозок одбива да прифати дека постојат (не)луѓе кои можат така ладно да егзекутираат 4 деца и сведок на егзекуцијата. Тешко е да се „преработи“, но и овај немил настан, и многу поранешни зло-дела покажуваат дека има не-луѓе спремни на разни работи кои нормален човек не може ни да ги замисли.

За оваа прилика, не би пишувал за манифестациите на човечкото лудило изразено во масовните форми на уништување, како геноциди, војни, туку за нешто друго, за измами кои довеле до големи уништувања и несреќи. Ќе пишувам за измами како државниот удар во Иран во 1953та, за инцидентот во заливот Тонкин, и за палењето на „Рајхстагот“ (германскиот парламент).


Државниот Удар / Пучот во Иран во 1953та, е во режија на тајни служби на Обединетото Кралство и САД. Против легалната и демократски избрана Влада на Мосадек. Тоа денес е општо-познат и прифатен факт.

The 1953 Iranian coup d'etat:

"The 1953 Iranian coup d'état (known in Iran as the 28 Mordad coup) was the overthrow of the democratically elected government of Iranian Prime Minister Mohammad Mosaddegh on 19 August 1953, orchestrated by the intelligence agencies of the United Kingdom and the United States"

Инцидентот во заливот Тонкин е измама извршена од страна на група политичари и раководни лица на Воената Индустрија и Морнарицата на САД, со цел да се предизвика војната во Виетнам.

Gulf of Tonkin incident:

„The Gulf of Tonkin Incident, or the USS Maddox Incident, are the names given to two separate confrontations, one actual and one now recognized as non-existent, involving North Vietnam and the United States in the waters of the Gulf of Tonkin.“

Палењето на германскиот „Рајхстаг“ (парламент) беше измама со цел да се елиминира единствената посериозна конкуренција на Хитлер и Фашистите во Германија (Комунистичката партија).

Reichstag fire:


"The Nazis alleged that Van der Lubbe was part of the Communist conspiracy to burn down the Reichstag and seize power, while the Communists alleged that Van der Lubbe was part of the Nazi conspiracy to blame the crime on them."

Значи, сите три инциденти се денес општо-познати факти, никакви теории на заговор. И сите имале катастрофални последици. Поради тоа што Поединци и Народи замешани во тие инциденти, не покажале доволно стрпливост и мудрост, не биле способни да се однесуваат како разумни суштества, туку подпаднале под лагите / манипулациите.

Државниот Удар од 53та во Иран, е директна и индиректна причина за многу подоцнежни конфликти. (војната меѓу Иран и Ирак, и нападите врз Ирак во 1991ва и 2003та, како дел од тие конфликти).

Бројот на жртвите во тие конфликти е огромен.

Непостоечкит втор инцидент во заливот Тонкин, беше директен иницијатор на Виетнамската војна, како и на неколку други конфликти во регионот.

Бројот на Жртвите во тие конфликти е огромен.

Палењето на Рајхстагот доведе до Втората Светска Војна.

За да не пишува или кажува некој мој внук или правнук, кога ќе ги знае ФАКТИТЕ за убиството, колку сум бил нестрплив и глупав (што сум дозволил некои нискофреквентни не-луѓе да ме изманипулираат), ќе размислувам и ќе се однесувам трезно и одговорно.

Како родител на дете на иста возраст со убиените.

Ќе почекам институциите да си ја завршат работата, а доколку истите затаат, има демократски начини на искажување незадоволство, и притисок врз истите.

И ќе упатам порака и молба до сите вас вознемирени, гневни, уплашени, загрижени и секакви, наместо да повикувате на „конечни пресметки“, „чистење“ и некакви други форми на вашата лудост, обидете се со следниот рецепт:

„Локум со Комшиите Албанци / Муслимани“

- Купете Локуми. Локумите ги сакаат многумина, и млади и стари, и Христијани, и Муслимани, и Атеисти.
- Доколку можете да си дозволите, купете едно пакетче Кафе, и еден Сок. (Со се пакетчето Локуми, тамам 3, по Рисјански)
- Во зависност од тоа во какви односи сте со некој комшија етнички Албанец, најавете се, договорете посета, речете му „комши, сакам да поминам, ако сакате, на кафе, тро муабет“. Или ненајавени, едноставно отидете.
- Со Тага во Срцето, но Сонце во Мислите. Со Добра Мисла.
- Каснете некој Локум заедно, напијте се кафе, сокче, за душа на убиените.
- Разговарајте со комшиите, околу ситуацијата, околу други работи.
- На пример, прашајте ги за улогата на Светата Девица Марија во Исламот.
- За улогата на Исус во Исламот. (Се прашувам, колкумина од вас кога ќе го прочитаат ова, ќе си помислат „што ли пишува овој“...)

За овај рецепт се потребни малку пари, малку добра воља, и комшија не-Македонец, по можност етнички Албанец / Муслиман.

Доколку го пробате рецептот, можеби ќе научите дека не можеш да си Муслиман, доколку не веруваш во Исус.
Доколку го пробате рецептот, можеби ќе научите дека не можиш да си Муслиман, доколку не веруваш во Светата Девица Марија, и Исусовото безгрешно зачнување.
Доколку го пробате рецептот, можеби полека ќе почнеме да ги согледуваме сличностите и работите кои не поврзуваат, а не само разликите и работите кои не делат.

Во секој случај, претпоставувам ќе делува како мелем на раните.

Децата ги убија. Ристо(с) Воскресна.

За Многу Години, и паметењето на овие деца, кои како маченици отидоа под налетот на нечие лудило, и За Многу Години Велигден.

Време е за залечување на раните, а не предизвикување нови.

April 16, 2012

Дончо Штипјанчето

Donco Stipjanceto

Носија - Дебарско Поле

Македонска народна носија - Дебарско Поле

Wikipedia: Дебар бил голем и напреден град во минатото. Познат е и како занаетчиски центар во кој цутеле многу занаети, особено оние сврзани со изработката на народната облека. Во овој град била застапена народна носија, која се издвојувала од соседните предели по своите типски и естетски карактеристики. Народна носија иста како таа во градот Дебар носеле жените и мажите во соседните села - предел означен како Дебарско Поле.

Во XIX век облеките во состав на народната носија, приготвени од материјали од домашно текстилно производство, се обликувале и оформувале како занаетчиски изработки од занаетчиите абаџии, терзии, срмаџии, бикмаџии. Горната облека зобан, што се носи во состав на женската носија, од бела клашна со куси ракави, долга до под колена, со високи засечени процепи од страните, богато е украсена со гајтани, бикме, петлици, со специфични колористични белези. Вакво карактеристично дебарско украсување е застапено и на другите делови од женската носија. Во оваа постара носија, носена во минатото некаде до Првата светска војна, на женските кошули е застапен карактеристичен вез во ажурна техника, со геометриски мотиви на ракавите во разни бои, а долу по полите само бели ажурни чикмиња. Во составот на носијата од овој период се носел волнен ткаен појас, орнаментиран со ситни геометриски мотиви, со куп рески од секоја страна, како и ткаена волнена скутина наречена бовча, која се одликува со јасно одредена орнаментика и жив колористичен спектар.

Невестите во составот на својата носија носеле безракавна облека џубе од црна клашна или чоја, долга до под колена, обилно украсена со гајтани и бикме чии колористични белези се вклопуваат со другите облеки од оваа носија. Главата се покрива со мала плитка капа, сета украсена со гајтани и бикме за невестите и со стара пара на челото, која покрај украсната има и функција на амајлија. Врз капата се носи бела, голема, богато извезена дарпна, која со колоритот на извезените кружни мотиви се надоврзува на другите украсни детали од оваа богата носија. На нозете се обувале волнени, плетени чорапи и црни чевли - кондури роганлии.

Машката носија со основните елементи е еднаква со носиите на мажите од соседните предели - бели клашнени бечви со карактеристични украси од црни гајтани, ткаен волнен и свилен појас, но и со одредени разлики - клашнени, чоени или кадифени минтани и елеци, со извонредно богати срмени везови. На главата мажите носеле, како празничен детал во постариот период, фес со долги свилени рески, означен како тунус фес, а како секојдневна покривка црна плитка капа наречена кече.

Вака раскошно компонирана, со богато извезени и вткаени орнаментални мотиви, со извонредна декорација од аплицирани гајтани, срма, бикме и филигрански украси, машката и женската носија од Дебар ни се претставува со една посебна типска карактеристика која во себе носи траги од старобалканската и старословенската културна традиција со застапеност на византиски и ориентални елементи.