Филип V Македонски: Прв дел

Филип V Македонски: Прв дел

Прва и Втора римско- македонска војна (214 п.н.е.- 179 п.н.е.)

С. Бенџамин Трејси

„Јас, како и да е,“ му порача Филип, „прво што ќе ви кажам (Римјани) е да се сетите на мировните (наши) договори и да го задржите мирољубивиот однос со мене. Доколку се дрзнете воено да ме нападнете, ќе морам и јас да реагирам за да ве натерам да го сфатите и почувствувате духот, кралската моќ и името на Македонците кои во ништо не се поништожни од Римјаните.“ (Ливиј, Ab Urbe Condita [1] 31.18) Со овие зборови во 200 п.н.е., кралот Филип V Македонски му се обратил на младиот римски легат Марк Емилиј Лепид, како одбрана против провокацијата на Рим во последниот ден од опсадата на Абидос. Опсадата на овој град во 200 п.н.е. била една од последните битки од серијата походи на кралот Филип V околу Егејот, кампања која ја поттикнала војната со Рим, затоа што Филип се обидувал да го отстрани римското влијание по должината на источниот јадрански брег, формирајќи алијанси и нудејќи им заштита на одредени островски и крајбрежни провинции. Четиринаесет години пред овие настани, Рим го обвинува Филип за подмолни акции, по што Сенатот и народот на Рим [2] изгласале indictio belli [3], објавувајќи ѝ војна на Македонија и нејзините сојузници, меѓу кои и Илирија и Епир.

Периодот од шеесет и шест години воена активност помеѓу Рим и последните македонски кралеви од династијата на Антигонидите, рискиот историчар Тит Ливиј го документирал во четиринаесет томови (Ливиј, Ab Urbe Condita 31 – 45), пренесувајќи ги мошне живо и во детал, битките, собранијата и беседништвата. Младиот и амбициозен Рим, со претрпените загуби во прелиминарните битки против Хамилкар и Ханибал од Картагина, копнеел за територијално проширување, откривајќи ја желбата да завладее и воспостави контрола над Медитеранот. Римјаните постепено зајакнувале, со погледот свртен на исток преку Адријатикот кон Македонија и хеленскиот полуостров, нудејќи им лажни измамнички сојузништва на Етолската лига, неколку од хеленските градови-држави, Родос и кралот Атал, владетелот на Пергам, за да го му го одвлечат вниманието и да го неутрализираат кралот Филип кој постепено прераснал во голема пречка за нивната експанзија.

Според хеленскиот историчар Полибиј, на 22 јуни 217 п.н.е., за време на немејскиот фестивал, дваесет и едногодишниот македонски крал Филип V добил вести од својот курур за страшниот пораз на Рим во битката против картагинскиот генерал Ханибал, кај Тразименското Езеро („Истории“ 5.101.). Младиот Филип уште кога стапнал на тронот, четири години пред судирот, ја имал предвидено опасноста од Рим, меѓутоа дури го држел писмото, охрабрен од веста за поразот, во него се огласиле духовите на македонските предци кои му ја разгореле прометејската храброст и желбата да ги одбрани долго негуваните суверенитет и слава на македонската нација. Филип му го покажал писмото на својот кралски советник, Димитриј Хварски од Фарос, вазал на Илирија, а овој го советувал да не превзема ништо во тој момент. Димитриј (потрчкото на Рим, кралот кој неодамна побарал политички азил на дворот на Филип, откако Римјаните го протерале по втората Илирска војна во 217 п.н.е.) го инспирирал Филип да превземе воена акција за да ја заштити Македонија и нејзините сојузници од дотогаш невидената сила, Рим. За неговите зборови упатени кон Филип, Полибиј пишува:

„Затоа што Елада ти е веќе целата потчинета и ќе остане таква: Ахајците поради нивната искрена приврзаност, додека Етолија поради стравот кој ги фати по катастрофите што ги споретаа во сегашната војна. Твојот поход во Италија е првиот чекор во создавањето на светска империја, на која никој друг нема поголемо право од тебе. И сега е вистинското време да се удри, точно сега, кога поразот како бумеранг им се врати на Римјаните.“ Со оваа увертира започнува првиот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим.

На почетокот, Филип се обидел да издејствува сојузничка алијанса со Ханибал, меѓутоа римските шпиони успеале да го запленат писмото и да ја пресечат комуникацијата. Напротив, тоа воопшто не го заплашило младиот македонски крал. Во неговите „Напоредни Животописи: Емилиј Паул“ [4] (8.4), Плутарх тврди дека Филип, „ ...живееше со квалитети достојни за еден крал, водач кој ги натера своите луѓе да поверуваат дека ќе го врати античкото достоинство на Македонија и дека единствено тој ќе се пресмета со силата на Рим чијашто имерија се протегаше низ целиот свет.“ Она што се случувало било уште една партија од античката игра дама помеѓу новата иновативна армија на Латините која се наближувала од запад и античкото македонско кралство на Филип II и Александар Велики, на североисток. За да ја држи изолирана на страна римската воена машинерија, сопствената мудрост и вештина, Филип V ги користел под полна пареа во следните 35 години. Сосема свесен за деструктивниот удар кој Ханибал му го задал на Рим и неговата флота во Италија, Филип ја искористил можноста и започнал кампања во Илирија. Тој предвидел дека римскиот претор M. Валериј Левин, со неговата флота од 50 брода, нема да може да понуди поголема заштита на крајбрежните римски интереси, освен неколку одбранбени поморски маневри. Како резултат на тоа, Филип измарширал на север и освоил неколку градови. Левин, имобилизиран, можел единствено да превземе превентивни мерки против картагинските засилувања на Филип. Римјаните успеале набрзина, но привремено, да создадат одбранбен ѕид помеѓу нив и македонската војска: алијанса со старите непријатели на Филил, Етолската лига од Елада на која ѝ се приклучил Атал од Пергам, на брегот на Мала Азија. Одбраната навистина била привремена, затоа што Филип не се исплашил и ги нападнал Етолците кои го тужеле за прекршување на мирот. Филип воспоставил контрола над Елада, па затоа Рим, исцрпен од инвазијата на Картагина од страна на Публиј Корнелиус Скипион (Втората пунска војна, 205 п.н.е.), морал да седне на преговарачка маса. Според договорот за мир помеѓу Македонија и Рим, на Филип му било дозволено да го задржи суверенитетот и Илирија, со отворен пристап кон Јадранското море, додека хеленскиот полуостров и островите останале под римска власт како протекторати. Како и да е, договорот ги зацврстил односите помеѓу Рим и Елада, зголемувајќи го римското влијание на полуостровот, а тоа само ја продлабочувало нетрпеливоста помеѓу Рим и Македонија. Додека Римјаните ја продолжиле својата војна против Картагина (битката кај Зама, 202 п.н.е.), Филип жестоко ги нападнал римските протекторати и повторно припоил териитории од Елада, досегајќи на север дури до Тракија и на исток до Родос и Пергам. До 201 п.н.е., македонскиот крал ја разнишал самодовербата на Рим и си ја наметнал хеленската омраза. Собранието во Атина фрлило анатема врз Филип, т.е. луѓето и свештениците требало да, „фрлаат клетви против Филип, неговото семејство и неговото кралство, неговата копнена војска и флота, и против целата раса и името на Македонците... при што ако некој му се спротивстави на неговото бесчестие, ликвидирањето на таква личност ќе се смета за легално убиство... сите декрети претходно усвоени против Пизистрад сега се применуваат и против Филип.“ (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.44). Во Рим пристигнала дипломатска мисија од Пергам, Родос и Атина со цел да бараат интервенија за обезбедување на нивниот протекторатски статус и ослободување од македонската власт. Римските амбасадори кои биле испратени кај Филип, глаголеле дека нивната интервенција е во однос на заштитата на слободата на Хелените. Македонскиот крал го отфрлил нивниот аргумент, обелоденувајќи го нивниот вистински мотив: империјализам. На тој начин започнал и вториот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим.

Превод: Дарко Миовски

1 Латински израз кој значи „од основањето на градот (Рим)“, кое традиционално се смета во 753 п.н.е. Се користел за означување на римските години од страна на неколку римски историчари.
2 SPQR - Senatus Populusque Romanus
3 Indictio belli - во античкото јавно право претставувало декларација/ прогласување на војна.
4 Најпознатото дело на Плутарх е Напоредени животописи, низа биографии на познати Грци и Римјани, подредени во парови за да се стави акцент на нивните заеднички морални доблести и маани. Луциј Емилиј Паул Македонец (Lucius Aemilius Paulus Macedonicus, 229 п.н.е.. - 160. п.н.е.) бил римски почитичар и војсководец, најпознат по големата победа над македонската војска во битката кај Пинда, после која го добива прекарот Македонец (Macedonicus).

No comments: