December 7, 2012

ОПСЕРВАТОРИЈА КОКИНО

Вовед

Кокино претставува мегалитска опсерваторија која се наоѓа во општината Старо Нагоричане на 35км. од Куманово на асфалтниот пат што ги поврзува селото Драгоманце и левиот брег на реката Пчиња. Името го добила по селото Кокино кое се наоѓа во општината Старо Нагоричане. Се наоѓа на локалитетот Татиќев Камен кој што е откриен во 2001 година. Откривањето на овој локалитет ни дава можност да ја истражиме праисторијата. На Татиќев Камен се пронајдени археолошки наоди кои помагаат во пронаоѓање на објекти исечени во карпите. Тие можат да дадат придонес во расветлување на космогоничните претстави. Локалитетот има двојно значење планинско светилиште и мегалитска опсерваторија. Тука постоела добро организирана заедница со духовен живот. Локалитетот во праисторијата претставувал  мегалитска опсерваторија. Жителите на локалитетот умееле да го подобрат животот и имале организирани и систематски астрономски набљудувања.

Локалитетот потекнува од  рано бронзено време. Наодите на Татиќев Камен можат да ни го објаснат  животот на луѓето во бронзено време. Локалитетот е сместен на неовулкански рид со надморска височина од 1013 м. На овој простор има две површини во правец запад-исток со висинска разлика од 15м. На долната платформа се оформени неколку камени седишта со должина 5,5 м. широчина 2,3 м.и висина 2,2 м. Правец на протегање на седиштето е север-југ така што луѓето кои седеле биле свртени кон источниот хоризонт.
 
Локалитетот „Татиќев Камен“ во рано бронзено време

Керамика

Археолошките истражувања на локалитетот Татиќев Камен започнале во 2001 година. Во оваа  истражување се најдени материјали кои припаѓаат на рано бронзено време 2 милениум п.н.е. Меѓу  керамиката  најдена на Кокино не е присутна канелирана керамика од  посеверни  балкански типови. Формите на садовите не се јавуваат во средно бронзенски  манир. Одредени паралели го поврзуваат Кокино со доцно бронзенски некрополи: кршени рачки, длабоки чинии, аморфни садови со хоризонтални рачки идр. Од керамички форми најдени се стамбени објекти, доминираат биконусни садови воглавно со вертикални дршки со валчест или триаголен пресек, со извлечен конусен врат и косо разгранет венец на устата, изработени со средноквалитетна фактура од глина помешана со кварцни зрнца. Некои од дршките на урните се украсени со брадавичести испукувања. Oткриени се траги од неколку стамбени објекти и богат керамичен материјал  во релативно тенок културен слој. Стамбените објекти биле делумно вкопани во земја и имале надземен дел од конци преплетени со прачки и облепени со глина, а биле уништени од пожар. Кај мевот од  урмите можат да се забележат брадавичести испукнувања. На овие садови им припаѓале широки тракасти и  јазичести дршки. Садовите од овој тип се користени во преодниот период на целото бронзено време како урни во некрополите со спалени покојници. Најблиски паралели од овој тип на садови имаме во: „Клучка“-Хиподром (Скопје) ,Долно Повардарие и Камена Чука (југозападна Бугарија). Бројни се и фрагменти од лонци со груба и средно квалитетна фактура, со краток конусен или цилиндричен врат, украсен со пластични траки на кои има отпечатоци на врвови со прсти или со зарези во комбинација со јазичести дршки и брадавичести испакнувања. Најдени се фрагменти од лонци со ложиште од „пиранос“ со кружни отвори на ложиштето украсени се пластични траки со отисоци од прстите. Декорацијата е изменета со отисоци од прстите директно на површината на садот. Шолјите се со конично, биконично, кесесто и калотично тело и зарамнет венец на устата, без декорација со врежани аглести линии и низови на долги висечки триаголници со  шрафирање. Дршките го надвисуваат венецот на устата на шолјите. Кантаровидните садови се со S профилација и две дршки кои го надвишуваат венецот на устата, со елипсовиден или тракаст пресек. Кај кантаровидните садови честа појава е аглеста појава во горниот делна дршките како и јазични додатоци кои се наоѓаат на највисокиот дел на дршките. Еден фрагмент од тркалеста дршка има лепезно проширување на врвот што е карактеристично за бронзеното време во јужноморавската котлина, Медијана, Велика хумска чука и долна слатина. Еден фрагмент од тракиската дршка има лепезасто проширување на врвот што е карактеристично за бронзеното време. Најбројни фрагменти се садови од типот здели со поизразена S профилација, со пластично дно, со валчести, тракести  брадавести и јазичести дршки на најистакнататиот дел на мевот. Некои зделки имаат рачки со валчест и триаголест пресек кои почнуваат под венецот на устата а завршуваат на рамото. Кај кратките но широки тракасти дршки го надвишуваат венецот на устата и завршуваат на рамото. Фрагмент од помала здела има на венецот на усната хоризонтална јазичеста  дршка со дворогест завршеток, а друг од поголема е украсен со мевот со хоризонтално пластично ребро со правоаголен облик. Најблиски аналоги  имаме во наоѓалиштето од населбите на брњичката културна група во Врањско Бујановачката и Прешевската котлина. Вакви украси на мевовите со правоаголен облик, вертикални и хоризонтални, се јавуваат и на други локалитети во република Србија, но и во Кастанас, во слојот 15-16. Дел од зделите имаат незначително левкаст врат и благо биконичен реципинт. Застапени се поголеми и помали здели со вовлечен венец на устата. Еден фрагмент е со вертикални кенелури кои личат на широки зарези. Неколку  фрагменти покажуваат траги од инкрустрација што укажува на влијанија од север по долините на велика и јужна Морава. Еден дел од помалите садови се  со пофина фактура и темносива боја, се украсени со врежување на долги и висечки триаголници исполнети со шрафирање во комбинација со втиснати кружни или триаголни вдлабнатини. Ваква врежана декорација има и еден фрагмент од поголем сад со валчеста лесно извиена дршка. Ситни убоди се јавуваат во една или две низи. Ваква декорација е вообичаена за керамиката од  доцно бронзено време. Има малку фрагменти од питоси. Сите се со груба фактура, а неколкуте валчести рачки им припаѓале на овие садови. Пиктосите, лонците, ложиштата и урните имаат погруба фактура и кафеава боја, зделите, шолјите, пехарите  и помал дел од лонците и урните се со средногруба и поквалитетна фактура со окер кафеава или сива боја. Според одликите на керамичките наоди се работи за монохрома  керамика карактеристична за населбинското живеење од крајот на доцното бронзено време и преодниот перод на широкиот централно балкански, јужнотракиски и македонски простор и форми. Освен керамички фрагменти најдени се количина животински коски, пирамидални тегови, фрагменти од два острачи од филитичен шкрилец со издолжен облик и дупки во горниот дел и капак за келт. Некои од пронајдените пирамидални тегови имаат нагорени страни, тоа укажува на нивната улога покрај огништето.
                                              
Оружје

Во овој период е забележано леење на двоен калап од камен за леење бронзени предмети, секира-келт и приврзок. Секирата келт претставува единствен приврзок со култен карактер и мошне специфична форма на приврзок амулет. Брусевите се чести наоди од бронзено и железно време. Најинтересен е калапот за келт без ушка со паралелни бочни страни, чија спротивна страна служела како калап за лиење на бронзен висулец. Келтовите во поголем број се јавуваат во доцно бронзено време но не е прецизирано датирање, бидејќи поедини елементи се јавуваат во подолг временски период. Димензиите на келтот се: пречник 2,4 см. должина 7,8 см. и широчина 1,4 см. Најблиски паралели на овие келтови се наоѓаат во североисточна Бугарија кај долен Дунав источно од реката Осам. Бронзени предмети меѓу кои и келтови се наоѓаат на среднобалканскиот простор, при што некои имаат вотивен карактер. Според промената на бојата на калапот се докажува дека тој бил употребуван. За утврдување на релативната хронологија најзначајни се наодите од Кастанас. Врз основа на керамичките наоди од Татиќев Камен споредено со керамичките наоди од Кастанас можеме да ја датираме употребата на истражениот простор во период од XIV до XI век пред новата ера. 
                                 
Материјал од рано бронзено време

Материјалот од рано бронзено време припаѓа на културата Бубањ-Хум 3 која припаѓа на балканскиот подунавски комплекс. Можат да се забележат сличности со соседните културни групи: Пелагониската и групата  Езеро во западна Тракија. Сепак најизразита е сличноста со светилиштето Пелинско градиште 7 км. од овој локалитет.

Археолошкиот материјал кој му припаѓал на средно бронзено време тешко може да се дефинира. Причина за тоа е природната ерозија и пореметената статиграфија. Нема доволна истраженост на локалитети на цела североисточна Македонија освен на локалитетот Прибовце. 

Култови изведувани на локалитетот „Татиќев Камен“
             
Најпознати обреди изведувани на локалитетот

Топографските карактеристики на локалитетот ја иницирале неговата употреба како света планина на која биле изведувани религиозни обреди. Во последните истражувања се истражени два од нив.
                                                   
Првиот обред

Едниот обред бил изведуван на ист начин како на светилиштето Пелинско градиште. Во природни цепнатини во стените во горниот дел, со камен, земја и глина се оставени садови или делови од нив. Садовите биле полни со дарови. Депозитот бил затрупуван со земја и поситен камен. Околу отворот на дупката се редени камени плочи кои не потекнуваат од локалитетот.

Вториот обред

Вториот обред имал соларен карактер. Во средината на летото сонцето изгревало зад највисокиот маркер и поминувало низ процепот во стените и 20 метри подолу огревало, за кратко само еден од учесниците во церемонијата  седел на едно од седиштата изделкани во каменест блок на долната платформа на локалитетот. Тоа бил племенскиот старешина во улога на главен извршител на обредот кому сонцето на овој начин му го потврдувало легитимитетот на владетел и врховен свештеник. Обредот се однесува на „свет брак“ на соединување на небеското божество Сонцето со Големата Богинка Мајка. Истражувањата во 2002 година. ја потврдија употребата на локалитетот како древна опсерваторија од која се набљудувани и означувани карактеристични позиции на сонцето и месечината.

Површина на опсерваторијата

Содржините кои ги опфаќа опсерваторијата се наоѓаат на простор од должина 90 метри и широчина од 50 метри. Овој простор опфаќа две платформи, западна и источна со висинска разлика околу 15 метри.  Западната платформа содржи ансамбал на камени седишта како и посебно место каде се вршени набљудувања на небеските тела. Источната платформа служела за собирање на учесниците на некои од планинските обреди.

Календар

Сонцето изгрева точно на исток, а заоѓа точно на запад само во два дена во годината,на 21ви март и 23ти септември. Најголем отклон кон север сонцето постигнува на 21ви јуни,а кон југ на 22ри декември. За овие карактеристични точки се изработени посебни маркери во стените на источниот хоризонт набљудувано од централната позиција за набљудување на опсерваторијата. Од овие три маркери само маркерот на летната долгодневница е сочуван. Месечината има покомплицирано движење и одбележувањето на изгрејувањето на полната месечина е доста тешко. Таа преку зима се движи на места каде што сонцето се движи преку лето а преку лето на места каде што сонцето се движи преку зима. Ваквиот календар давал можности точно и рационално да се испланираат сите земјоделски и сточарски работи во согласност со временските сезонски промени. Календарот сведочи за добрата организација на животот на праисториската заедница и нејзината духовна култура.

Заклучок

 Локалитетот „Татиќев Камен“ кај  Кокино претставува мегалитска опсерваторија каде што се вршеле астрономски набљудувања и религиозни обреди. Овој локалитет потекнува од рано бронзено време во 3 милениум п.н.е. Откривањето на локалитетот „Татиќев камен“ ни пружи вонредна можност да погледнеме еден од потемните делови на праисторијата, како од хронолошки, така и од географски аспект. Добрата сочуваност на локалитетот до денеска нè обврзува со одговорност за негова заштита.

Користена литература:

„Кокино-Тврдина на сонцето“ од Јовица Станковски  
„Пирајхме 2“ од група автори

Ненад Саздовски (Македонска Ризница, бр. 4)

No comments: