ИСТОРИЈА И СУШТИНА НА ВМРО (ОБЕДИНЕТА) МЕТОДИЈА ШАТОРОВ

“Основите на ВМРО (Обединета) се поставени во 1925 година. Но ВМРО (Обединета) не може да се разгледува изолирано, без врска со старото македонско национално револуционерно движење. Зашто таа е единствената наследничка на Гоцеделчевата ВМРО, ги прифати и ги разви нејзиите идеи и ја продолжи вистинската револуционерна борба за национално и економско осободување на македонскиот народ. Според тоа, корените на ВМРО (Обединета) треба да се бараат во епското македонско минато, кое ја започна епохата на македонската преродба и будење за слобода и независност на македонскиот народ.

2.

Македонското ослободително движење уште на почетокот ја има својата самобитност. Тоа почна стихиски, како движење на македонските селани против нивното жестоко ограбување и угнетување од турските феудални бегови, султани и нивната администрација. Тоа беше движењето на македонските ајдуци, кои го изразуваа негодувањето и страстната желба на македонските исполичари и аргати. Кон негодувањето на селаните се додаде и огорченоста на занаетчиите...  Во истото тоа време во Македонија почна да се создава индустријата... и така... се појави уште еден  општествен фактор работништвото.

3.

...Во тие услови широко поле за дејност најдоа првоапостолите на македонската револуција Гоце Делчев, Арсов, Ѓорче Петров, Даме Груев,

Пере Тошев, Сандански, Васил Главинов и др., кои, инспирирани од слободољубивите идеи во странство, се вратија во татковината за да го организираат својот народ и да го поведат во револуционерна борба. Во 1895 г. во Македонија беше создаден првиот ЦК на ВМРО и таа за неколку години се претвори во вистинска народна револуционерна организација, која ги опфати широките маси (особено селските) и се здоби со неверојатна привлечност среде широките народни слоеви.

4.

Овој успех старата ВМРО го постигна благодарение на заштитата на аргатите и момоците што ја презедоа против експлоатацијата и насилството на беговите и чорбаџиите. Во тоа се состои длабоко народниот карактер на македонското националнореволуционерно движење уште од времето на Делчев-Сандански. Но старата ВМРО ги придоби на своја страна и ги раздвижи широките народни слоеви... уште и во името на еден свет идеал за македонскиот народ  да има своја посебна македонска држава. Само прикриените врховисти, спроведувачите на бугарската завојувачка политика внатре во Организацијата, прифаќаа една автономија на Македонија како етапа кон нејзиното присоединување кон Бугарија. Вистинските претставници на македонскиот народ, првите негови револуционерни водачи во програмата на ВМРО ја фиксираа автономна Македонија како полесно остварлива парола со помошта на така наречените “големи сили”.Тоа беше една заблуда. Но, без секакво сомнение е дека првоапсотолите на македонската револуција како свој краен идеал ја имаа самостојната македонска држава: “Слободна и независна Македонија со широки права на сиромасите од сите националности што ја населуваат” (Гоце Делчев). Со тоа се објаснува херојската и упорна борба на внатрешното македонско револуционерно движење, како против турското ропство, така и против освојувачките стремежи на Бугарија, Србија и Грција и против нивните агенти - врховистите. Како спротивност на воените планови и провокации на балканските држави за поделба на Македонија, старата ВМРО ја прифати масовната народнореволуционерна борба. “Ослободувањето на Македонија - вели Делчев  е во внатрешното оружено востание, кој мисли поинаку, тој се лаже и себе си и другите”. На тој начин македонското национално ослободително движење, бранејќи ги својата самостојност и македонскиот народ од посегањата на балканските освојувачи, застана на антивоена, противрховистичка и револуционерна основа. Притоа, старата ВМРО беше национална, но не и шовинистичка организација. Таа водеше остра борба против шовинистите и се обидуваше да го обедини целиот македонски народ, сите националности што ја населуваат Македонија за заедничка борба против општиот угнетувач и ограбувач - турскиот воено-феудален апсолутизам. Борбата не се водеше против Турците воопшто, туку против оние владеечки општествени слоеви од турската нација, кои покрај ропството во Македонија, вршеа и политичко угнетување и економско ограбување и на турските работни маси. Јас не ги мразам Османлиите како народ, туку нивниот систем на управување  еве како Гоце Делчев го определуваше вистинскиот причинител на ропството во Македонија. Како револуционерни претставници на македонскиот народ, првите македонски дејци мразеа секаква реакција-тиранија и беа противници а монархијата. Во своите желби слободна Македонија тие си ја претставуваа во една демократска република според угледот на Швајцарија.

5.

Македонскиот народ, воспитуван во духот на тие идеи и систематски организиран и подготвуван за решителна борба со непријателот, на 20 јули ст. стил (1903 г.) (Илинден) се крена на масовно востание. Така тој со крвта на десетици илјади свои чеда ја напиша најсветлата страница на македонската историја - Илинденската епопеја. Но востанието однапред беше осудено на пропаст по вина на врховистите и нивните господари - бугарските управувачи на чело со царот Фердинанд. Врховниот комитет, составен во Софија претежно од офицери по наредба на дворецот, откако безуспешно се обидуваше (со посредство на ветувања и оружен притисок однадвор) да ја потчини на својата волја Македонската револуционерна организација, презеде нова тактика. Тој го испрати во Македонија својот член Борис Сарафов, и други врховисти како него, кои привидно се покајале и наводно ги прифатиле идеите на централизмот со цел да навлезат во ВМРО, да ја преземат и врховизираат однатре. Користејќи ги доверливоста и привременото политичко потслизнување на Д. Груев, како и поддршката на прикриениот врховист Гарванов, Борис Сарафов се добра до ЦК на ВМРО. Во тоа време (крајот на 1902 и почетокот на 1903 год.) Делчев, Ѓорче Петров и др. истакнати македонски дејци се наоѓале надвор од Македонија, некои од нив во својство на  членови на ЗП на Организацијата. Во тие околности беше донесено Солунското решение на 20-те делегати (повеќето одбрани приврзеници на Сарафов-Гарванов) за ИЗБРЗАНО востание - решение што беше потврдено на Смилевскиот конгрес раководен од Даме Груев. Востанието беше објавено ПРЕДВРЕМЕНО и покрај волјата на најистакнатите и далековидни македонски револуционери (Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Димо Х. Димов, Чернопеев и др.) и раководено од Сарафов, Гарванов и привремено солидарниот со нив Даме Груев. Задачата што и ја поставија врховистите со провоцирање на неподготвено и ненавремено објавено востание беше да го компромитираат револуционерниот чин на борбата, народот да се разочара, да ја изгиби вербата во сопствените сили за да ги сврти своите надежи кон бугарската армија. Меѓутоа, народот не знаеше за тие намери на врховизираното раководство и тој се крена на оружена борба за свое ослободување. Народот се одзва на повикот за востание зашто раководството на неговата организација го покани, зашто долги години беше воспитуван од таа Организација дека со сопствени или, преку масовно оружено востание ќе се избори за своето економско и национално ослободување. Не е виновен народот дека во раководството на ВМРО преовладаа врховистички елементи. Затоа Илинденското востание не е врховистичко туку е народно дело и се водеше под знамето на централизмот. Централистите, иако беа противници на едно избрзано и неподготвено востание, иако Солунското решение на 20-мина го прогласија за безумие, кое ќе има страшни последици за народот поради неговото сигурно пропаѓање, штом народот се крена, тие заедно со него храбро се фрлија во првите редови на започнатата борба како вистински народни револуционери. Илинденското востание пропадна, жртвите и опустошувањата од разбеснетата турска реакција беа големи. Во тој однос врховистите можеа да триумфираат. Но спротивно на нивните очекувања, Илинденската епопеја и ден - денес ги инспирира македонските маси. Со Илинден се гордее македонскиот народ и во него тој го гледа единствениот пат кон македонската слобода.

6.

Народнореволуционерната теорија и практика на внатрешното македонско ослободително движење најде исто толку сјајна примена во времето на Младотурската револуција и Хуриетот во 1908 год. Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ на чело со Сандански, Чернопеев и Апостол-војвода, кои ја претставуваа внатрешноста како опозиција на врховизираниот ЦК на ВМРО, зедоа (заедно со младотурците) живо учество во таа демократска револуција... Тие го поддржаа младотурскиот преврат и излегоа со своја платформа на барања што одговараа на економските, културните и политичките интереси на македонските селани, занаетчии и работници. Тие не се откажаа да ги искористат хуриетските услови за широка и масовна легална борба за извојување на тие барања на патот за целосно ослободување на Македонија. Поради тоа македонскиот народ испрати во турскиот Парламент свои претставници... Јане Сандански застана на чело на една македонска револуционерна армија и заедно со турските револуционерни полкови од Македонија тргна кон турската претстолнина, благодарение на што реакцијата, беше уништена. Но младотурците... се покажаа недоследни, колебливи и крајно ограничени револуционери. Тие не ја укинаа монархијата... тие не ги укинаа привилегиите на турската нација...тие не му дадоа на македонскиот народ национална и економска слобода, туку се ограничија на тоа да му дадат само некои политички права (право да избираат и да бидат избрани во Парламентот и др.)...Таков беше курсот на Сандански и на сите други што им остана верни на принципите на внатрешноста. Но и сега врховистите не задоцнија да ја изиграат својата злобна улога...Нивен курс беше да продолжат да ги форсираат четничките напади и тероритичките провокации во Македонија со цел да предизвикаат масовно преследување на народот од турската власт...да го компромитираат Хуриетот и со сето тоа да создадат преседан за војна на Бугарија и другите балкански држави против Турција за да се изврши поделба на Македонија...Овој антимакедонски курс го даваа неговите членови на врховизираниот ЦК на ВМРО -Тодор Александров и Александар Протогеров, кои и останаа верни на бугарската империјалистичка политика и во текот на светската војна и по неа. Тие, заедно со бугарските управувачи се главните виновници за новото, уште поцрно ропство на Македонија, расцепкана, угнетувана и разурната од софиските, белградските и атинските освојувачи.

7.

По сите несреќи кај македонскиот народ испарија илузиите што му ги создаваа врховистите за некакво “ослободување” кое ќе дошло од Бугарија и од другите балкански држави. Во тоа се состоеше првиот голем чекор на врховизмот. Така беа создадени новите големи можности за обновување на старата ВМРО, за создавење на едно ново единствено и масовно движење... Добар почеток во таа насока беше создавањето во 1919 год. на Привременото претставништво на чело со Ѓорче Петров и Димо Х. Димов, Павел Христов, Христо Јанков и др. Тоа ги обединуваше револуционерните антиврховистички сили на борбената Македонија, без оглед на нивната партиска припадност. Меѓутоа, тогаш револуциоерната партија на работниците уште не се беше ослободила од погрешното третирање на националното прашање.... Тогаш партијата на револуциоерниот пролетеријат сметаше дека националните движења го изживеале времето, дека влечат назад кон капитализмот во времето кога живееме во ерата на пролетерската револуција за социјализам. Таа тогаш не го сфаќаше длабоко народниот карактер на националните движења во епохата на империјализмот како движења на национално угнетените и колонијално експлоатираните селани, кои преставуваат природен сојузник на проле-таријатот за заедничка борба против истиот непријател - империјализмот. Таа ги потценуваше националните чувства на поробениот македонски народ и прескокнуваше цела една етапа во неговата борба, борбата за национално (демократско) ослободување, повикувајќи ги македонските маси да се борат директно за советска власт и социјализам, во кој ќе биде решено и националното прашање. Следејќи таква политика за националното прашање, револуционерната партија на работниците го негираше македонското националнореволуцонерно движење кое се обновуваше, го извлече својот член Димо Х. Димов од Привременото претставништво и на чело со него го создаде Емигрантскиот комунистички сојуз, кој опфаќаше само еден тесен круг Македонци-членови на Комунистичката партија. Широките народни маси останаа надвор од него, уште повеќе и поради тоа што тој сојуз беше имено емигрантски и ги исклучуваше национално угнетените маси во Македонија под бугарска власт. Неподдржано... Привременото претставништво наскоро беше расформирано. Поради истата причина, Федеративната македонска национална организација, создадена подоцна, не можеше да се претвори во силна, масовна и чисто револуционерна организација.

8.

Целата оваа слабост и расцепканост на револуционерните македонски сили ја искористи реакцијата. Под влијанието на така наречениот “црн блок”, Т. Александров и Ал. Протогеров ја обновија ВМРО и си ставија маска на автономисти за да ги привлечат кон себе националните македонски маси со цел да ги фрлат на помош на фашизмот против револуционерниот бран што се подигаше во Петричкиот крај и во внатрешноста на Бугарија. Така ВМРО повторно падна во врховистички раце и беше искористена при извршувањето на военофашистичкиот реврат во 1923 година и за задушување на селските востанија против превратот, како и на општото востание на работниците и селаните во септември истата година. Но во редовите на обновената од врховистите ВМРО имаше многу дејци и членови, кои стапија во неа со искрена намера вистински да се борат за ослободување на Македонија. Сите тие луѓе не можеа да не бидат огорчени од претворањето на организацијата во џандар-чувар на фашизмот и џелат на работниците и селаните во Бугарија и во самата Македонија под бугарска власт. Поради таа причина во ВМРО и во масовните емигрантски организации беше создадена една опозиција којашто растеше и се засилуваше (во Илинденската организација зеде целосна надмоќност заедно со нејзиното раководно тело и со редакцијата на в. “Илинден”). Опозицијата бараше обединување сите македонски сили врз антиврховистичка база и се ориентираше спрема единствениот анти-империјалистички, антифашистички фронт. Револуционерната опозиција се здоби со особено голема сила во 1924 година, кога Комунистичката партија го корегираше својот однос кон националното прашање и македонските комунисти зедоа активно учество во македонското национално движење заради успех на македонската ослободителна кауза. Револуционерната опозиција стана уште посилна кога во истата (1924) година владата на Ал. Цанков, кој беше испалашен од бурниот пораст на македонското ослободително движење и за да создаде почва за зближување со српската влада, почнува да ги спречува и да ги преследува македонскиот печат и македонската масовна и јавна дејност. Сето ова го натера Т. Александров и Ал. Протогеров да се согласат со третиот член на ЦК на ВМРО - Петар Чаулев за потпишување на историскиот Виенски манифест. Во Манифестот беа поставени принципите на новата ориентација за започнување на една вистинска револуционерна борба во сојуз со сите револуционерни фактори на Балканот против балканските империјалисти за слободна и независна Македонија. Тоа беше новата програма на македонското национално-ослободително движење, кое за општата борба ги обедини сите револуционерни македонски сили и внесе освежувачка струја, создаде голем борбен ентузијазам кај македонскиот народ и македонската емиграција. Во тоа беше залогот на успехот на македонското дело.

9.

Под силниот ритисок на бугарските управувачики сфери Т. Александров и Ал. Протогеров срамно се откажаа од Манифестот и пак се вратија во служба на бугарските империјалисти. Но поради ова, Виенскиот манифест не го изгуби своето значење. Тој остана и понатаму да биде основа за обединување на сите македонски револуционерни сили во една единствена внатрешна македонска национално револуционерна организација. Во 1925 година беа поставени основите на ваквата организација наречена ВМРО (обединета), која ги вклучи во своите редови старите централисти и илинденци, федералистите, левицата од автономистиската организација, македонските комунисти од младото македонско поколение. Така  македонскиот народ го најде својот нов револуционерен раководител во ворбата за независност во новите услови.

10.

Како единствена наследничка на Делчевата ВМРО новата ВМРО (обединета) ги прифати од првата сите револуционерни принципи и позитивни својства во кои се воспитуваа македонските маси. (ВМРО (Обединета) со гордост го носи револуционерното наследство од славното македонско минато, чии главни водачи и херои беа Делчев, Сандански, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Чернопеев и Димо Х. Димов.) Но, за да може достоинствено да го продолжи делото на првоапостолите на македонската револуција, ВМРО (Обединета) требаше да извлече поука од преживеаните настани и соодветно со новите услови, во кои е поставен македонскиот народ да робува и да се бори, да ги отстрани грешките од минатото и да дополни и да ги развие идеологијата и практиката на старото македонско движење.

Во врска со основното прашање за националноста на Македонците, старата ВМРО имаше нејасни погледи и паѓаше во противречности. Таа го признаваше и, како трн во очите на врховистите, го истакнуваше постоењето на македонскиот народ во самостојната географска и економска целина на Македонија, која ги има сите права да се оддели во независна држава. Но, истовремено во старата ВМРО надвладуваше погрешното убедување дека македонските Словени се Бугари. Во тоа се крие причината зошто таа не можеше до крај да ја издржи борбата против врховизмот и бугарската освојувачка политика спрема Македо-нија. Во старата ВМРО преовладуваше мислењето дека самостојната борба на македонскиот народ за македонска држава е диктирано од маневриски политички причини: не поради тоа дека Македонија не е бугарска па не треба да се припои кон Бугарија, туку другите заинтересирани држави не би дозволиле такво припојување. Ваквото во основа неточно становиште ги натера скоро сите македонски револуционери да станат доброволци во бугарската армија за време на балканската војна против Турција - една капитална грешка со катастрофални последици за македонскиот народ. Основната причина за тој историски погрешен чекор се крие во најголемата штета што врховизмот и бугарската освојувачка политика и ја нанесоа на македонската кауза со насадувањето на бугарштината во Македонија и привременото засенување на самостојното национално чувство кај Македонецот. ВМРО (Обединета) не можеше да не извлече поука од таа погубна грешка во македонското минато. Таа не можеше да не им извика гласно на бугарскиот и на балканскиот империјализам: долу крвавите шепи од Македонија! Таа не можеше да не почне борба за зачувување на Македонците од асимилација и за подигање на самостојната македонска национална свест, дека Македонците не се Срби или Грци, ниту пак Бугари, а се одделна нација. Истовремено и имено во тоа ВМРО (Обединета) постави солидна база на македонското ослободително движење за непрекината и аргументирана борба за слободна и независна македонска држава. Во тој однос таа не само што ја корегира и дополни старата ВМРО, но и ги продолжи заветите на Делчев, Арсов, Теодосиј Скопски и др., кои тежнееа и работеа на создавање македонска национална литература, самостојни македонски  училишта и автоќефална македонска црква. ВМРО (Обединета) го продолжи делото на македонскиот весник “Лоза” што излегуваше во 80-те години на минатиот век, кој беше пишуван на македонски јазик, за постоењето на самостојната македонска националност и се залагаше за независна македонска држава.”

ДАРМ, фонд: РСВР (прием од 1979 год.), кут.1,
ВМРО (об.), бр. 24

“Историјата и суштината на ВМРО (Обединета)”, поднесен на Обласната конференција на ВМРО (Об) за Пиринсиот дел на Македонија  од 1926 година

УРЕДИЛ:  Благојче Андонов (Македонска ризница, бр.4)

No comments: