Основната опасност за братството и единството е сепаратизмот

ОСНОВНАТА ОПАСНОСТ ЗА БРАТСТВОТО И ЕДИНСТВОТО НА НАШИТЕ НАРОДИ Е СЕПАРАТИЗМОТ

Лазар Колишевски

Првиот Президиум на АСНОМ несомнено имаше да се бори со огромни политички и стопански тешкотии. Покрај големите успеси, во неговата работа имаше и сериозни слабости и тоа во прв ред од политички карактер. Мислам дека не грешам ако речам дека во првиот Президиум на АСНОМ имаше и поединци кои пројавија извесни сепаратистички тенденции и така, свесно или несвесно, ги ставија своите тесни национални чувства над и на штета на братството и единството меѓу народите на Југославија. Тие луѓе беа склони да ги решаваат сите работи божем од „македонска перспектива“, заборавајќи притоа дека ние сме дел од Демократска Федеративна Југославија. По одделни прашања тие се обидоа дури да внесат и извесна доза на недоверба спрема Националниот комитет на АВНОЈ, како божем тој да сакал по ова или она прашање нас Македонците да не измами.


Некои пак членови од вториот состав на Президиумот на АСНОМ покажаа основна слабост на подрачјето на стопанството и финансиите. Задачите што ги постави во тој поглед пред Президиумот Второто заседание на АСНОМ, а кои беа израз на желбите на широките народни слоеви, не беа од нив сосема исполнети. Тие се колебаа да ги применат сите оние мерки на стопанската и финансиската политика, што се спроведуваат во другите федерални единици, а преку кои единствено можеше да се создадат за нашата војска неопходните средства за облека и исхрана. Понатаму, тие не беа решителни во тоа остро да се удри по сите оние што не сакаа да ги исполнат своите обврски спрема државата, и како да се плашеа да пристапат кон реквизиција на производите што се неопходки за нашата војска и за исхраната и облеклото на нашиот работен народ.

Јасно е дека таквата политика не може да ја има поддршката на нашите работни луѓе. Ние треба решително да го спроведуваме нашиот курс. Нашата политика не може да биде корисна само за грст луѓе. Таа треба да биде во согласност со интересите на широките народни слоеви, на работниците, селаните, занаетчиите, па и трговците кои сакаат да го помогнат изградувањето на земјата. Ние не треба да ги изедначуваме шпекулантите со трговците. Чесни трговци има и нивната соработка ние ја бараме за да го обновиме нашето стопанство. Нашата борба треба да се насочи против нечесните трговци — шпекуланти, кои за својата противнародна дејност ќе треба да сносат законска одговорност.


Сакам овдека да кажам нешто и за разните интервенции. Неодамна слушнав едно многу точно мислење дека најмногу шпекулантите ги „тријат праговите“ на Президиумот. Тие под маската на демократијата, идат да интервенираат де за едно, де за друго. Вистина, широките народни слоеви, работниците, селаните, занаетчиите сè уште ги нема да се поплачат, иако ним сега се уште не им е лесно. Ние нема да ја премавнеме интервенцијата и таа е пожелна, но пожелна е таква интервенција која ќе ѝ помага на нашата власт и која ќе биде во интерес на целиот народ, но не лична интервенција и за одбрана на фашистички пробисвети или разни шпекуланти. Пожелно е, пред да се дојде до Президиумот, луѓето да се обраќаат прво до одборите на народната власт.

Одделни поединци, пак под маската на демократијата и како големи македонски „патриоти“, а всушност прикриени агенти на фашизмот, се обидуваат „добронамерно“ да ја критикуваат нашата политичка линија по однос на казнувањето на воените злочинци, саботерите и шпекулантите. Се претставуваат како да зборуваат од името на народот а, нивниот „народ“ се тие самите и нивните штитеници — воени злочинци, саботери и шпекуланти. Нашата политика не била ни досега, а нема да биде ни' отсега управена кон одделување на власта од народот. Дека ние навистина се опираме во спроведувањето на својата политика врз народот и дека нашата линија е правилна, речито говорат и оваа дискусија во Собранието и многубројните митинзи по цела Македонија во врска со нашево заседание. Народот е против секаква лабавост во однос на изведувањето пред суд на сите воени злочинци и шпекуланти. Народот бара да се земат законски мерки не против трговците воопшто, а конкретно против саботерите и шпекулантите.

Некои од другарите народни претставници во дискусијата зедоа неправилен став спрема нашите учители и професори. Во своето мнозинство нашите учители и професори зедоа активно учество во нашата борба или беа нејзини симпатизери, а денес во својот најголем број земаат активно учество во изградбата на народната власт. Затоа, ако некој професор направил нешто лошо, ние не може да ги изедначуваме сите професори со него. Но точно е и тоа дека еден дел од нашиот просветен кадар, воспитуван во стар дух, треба да вложи напори што побрзо и што поправилно да ги разбере насоките на нашето ново, народно училиште. Мислам да засегнам уште едно важно прашање, тоа е за сепаратизмот. Кај нас има луѓе кои повеќе зборуваат за реакцијата и опасноста отстрана, отколку за таа кај нас. Основната опасност, покрај сите други што удираат по нашата слобода и нашите права, по братството и единството на македонскиот и на сите народи на Југославија, е сепаратизмот. Појавата на сепаратизмот не е случајна и има длабоки економски и историски корени во животот на македонскиот народ. Нашата земја немала никакви политички слободи. Нашата незакрепната трговска и индустриска буржоазија никогаш не дошла до својот израз, затоа што беше систематски потиснувана од разните поробувачки буржоазии во Македонија. И во моментот кога се виде дека Македонија е пред ослободување, а при положба на голема сиромаштија која постоеше во народот кај нас и во другите делови на Југославија, при тие урнатини, слабиот транспорт и врска со другите краишта на Југославија, тие си рекоа: „дајте да го зачуваме тоа што го имаме“ . Поединци кои сега ги држат финансиските средства а со политички нерасчистени сфаќања започнаа да го „држат грнчето“ , а слични појави се забележија и во некои наши одбори од страна на таканаречените „локални патриоти“. Сепаратизмот и шовинизмот кај трговцитге со шпекулантски дух се изрази во криењето на своите стоки, очекувајќи да започне криза во која народот ќе гладува. Тие отидоа дури дотаму, што бараа да се затвори границата спрема Србија се со цел да можат да го уценуваат изгладнетиот народ со своите високи шпекулантски цени. За жал, такви појави најдоа поддршка и кај одделни другари во самиот Президиум.

Манифестации на сепаратизам сретнавме и кај еден дел од нашата интелигенција вдахновен со големобугарски идеи, кој не само што не учествуваше во денешната борба на македонскиот народ, ами и доби разни положаи и места од бугарските фашистички окупатори и затоа никако не можеше да се помири со новото. Главните експоненти на сепаратизмот кај нас се големобугарските фашистички агенти кои, користејќи ги економските врски што постоеја дојпред извесно време со Бугарија, се обидоа во некои средини кај нас по одделни прашања да внесат сепаратистички разбирања.

И покрај тоа што во Бугарија постои народна власт, сепак големобугарските тенденции, кои имаат длабоки корени во некои слоеви на бугарскиот народ и во еден дел од нашата емиграција во Бугарија, уште не се изживеани. Дека големобугарските агенти и империјалисти не се откажале од завладувањето на Македонија, и дека тие денеска под други услови дејствуваат, по друг начин и со други средства, говори примерот со испраќањето неколку вагона жито и 1.050 кгр. шеќер од Охридското братство во Бугарија. Со тој „подарок“ не се сакаше да му се помогне на нашиот народ туку се изразуваше желба да се ослободи од заслужената казна најверниот фашистички агент во Охрид, воениот злочинец Коцаров. Во Софија дури за таа цел бил формиран специјален комитет со задача да дејствува за ослободување на овој злочинец, шпекулирајќи со некакви „заслуги“ на Коцаров за спасување на 25 бугарски војници од Германците. Доколку нашата емиграција или некој друг во Бугарија сака да ни помогне, тоа може да стане само по патот Софија—Белград—Скопје. Ние сме составен дел од Демократска Федеративна Југославија и сите работи што стојат меѓу нас и некоја друга држава може единствено да се решат преку единствената влада на маршал Тито.

Ние треба уште повеќе да работиме и тоа доста сериозно турското и албанското малцинство да го привлечеме поблизу до нашата народна власт и да го вовлечеме во нашиот политички живот. Нашата политика спрема Србите што живеат во Македонија треба да биде јасна и недвосмислена. И ним треба да им се дадат училишта на мајчин јазик, исто така како што му се дадоа на турското и албанското малцинство. На тој начин ние ќе можеме Србите од населеничките села и други места уште поуспешно да ги приврземе кон нашата народна власт и да ги вклучиме во општата борба против фашизмот и во изградбата на слободна Македонија во Демократска Федеративна Југославија. Што се однесува до барањето на извесни „србомански“ елементи и за нив да се отворат српски училишта, јасно е како ден дека за тоа не може ни збор да стане. Македонци, што бараат денес отворање на српски училишта не можат да бидат ништо друго, освен агенти на Дража Михајловиќ и разбивачи на македонскиот народ.

Не треба да се сомневаме дека српскиот народ решително тргнал по патот да раскрсти еднаш за секојпат со големосрбизмот. Дека братскиот српски народ цврсто стои на тоа да не се повтори старото, зборува и примерот во Врање со осуетувањето на желбата од бившиот скопски митрополит Јосиф одново да се врати во Скопје.

Јас мислам дека ние не треба во секој Србин во Македонија да гледаме дражиќевец, ниту пак смееме во секој „бугарофил“ да гледаме врховист. Ние не смееме да дозволиме бившите големобугарски, големосрпски, големоалбански и големотурски агенти во Македонија да ги рушат основите и да го разбиваат единството меѓу народите на Југославија.

Говор на вонредното заседание на АСНОМ, одржан на 17 април 1945 год. во Скопје по образувањето на првата Влада на Федерална Македонија.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска библиотека]

No comments: