December 28, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 20

Славата, митот и крвта на ВМРО (20)

Обезглавување на левицата

Во ист ден се убиени Димо Хаџи Димов, Арсение Јовков и Славчо Ковачев, најголемите македонски интелектуалци во Софија

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Серијата ликвидации и обезглавувањето на македонската левица што ја почнал Тодор Александров со убиството на Ѓорче Петров по формирањето на автономистичката ВМРО, засилено ќе ја продолжи Ванчо Михајлов. Убиството на Александров на 31 август 1924 година ќе го искористи како повод за да се пресмета со сите оние кои што не мислеле како него и кои му стоеле на патот да застане на чело на организацијата. На сите они што ги ставил на списокот за отстрел ќе им го залепи епитетот „заговорници“ во убиството и „предавници на македонското дело“.

Првиот масакр Михајлов ќе го изврши во Горна Џумаја, ноќта на 12 септември 1924 година. Претходно, со итрина ќе ги намами и ќе им постави стапица на Алеко Василев, тогашен прв човек на ВМРО во Пиринскиот крај, на потполковникот Георги Атанасов, кои ќе ги прогласил за главни организатори на убиството на Александров. Во Горна Џумаја ќе го покани и раководството на Илинденската организација за, наводно, заедно да расправаат за недоразбирањата што ги имале и така сите на куп да ги ликвидира.

Меѓутоа, тој нема лично да отиде во Горна Џумаја, туку, за да му ја завршат валканата работа, ќе ги испрати Петар Шанданов, Кирил Дрангов, војводата Панчо Михајлов, чија восочна фигура, исто така, ќе биде изложена во Музејот на револуционерната борба. Ванчо Михајлов една година подоцна ќе го ликвидира и него за да не му пречи во освојувањето на власта, а Петар Шанданов по четири години ќе стане негов најголем непријател.

Од тројцата, според него, директни виновници за смртта на Александров, ќе го остави жив само Протогеров, за да му ги потпишува смртните пресуди од име на ВМРО, бидејќи тој тогаш бил единствениот жив член на ЦК на автономистичката ВМРО.

Во таа страшна македонска Вартоломејска ноќ раководството на Илинденската организација панично ќе се обиде да избега од местото на злосторството. За време на бегството ќе биде фатен Арсение Јовков и вратен во Горна Џумаја, а Михајлов ќе дојде наредниот ден специјално од Софија за да го испрашува. Охридскиот војвода, Петар Шанданов, кој бил еден од главните егзекутори на тие крвави настани и знаел за многу чекори што ги преземал самопрогласениот лидер на ВМРО, ќе напише во своите спомени дека Михајлов го измачувал Арсение Јовков на свиреп начин за на крајот да го ликвидира.

Вториот чин на крвавата македонска драма Михајлов ќе го изрежира наредниот ден на софиските улици, кога ќе ги испрати своите терористи да ги застрелаат првите луѓе на левицата. Тој петок, 13 септември, за Димо Хаџи Димов, Славчо Ковачев и други левоориентирани македонски револуционери, навистина ќе биде црн петок. Откако по брза постапка ќе ги прогласи за интелектуални убијци на Александров и ќе испрати терористи да ги убијат.

За делото на Димо Хаџи Димов и на Арсение Јовков македонската јавност знае многу повеќе отколку за Владислав (Славчо) Ковачев, иако и тој е многу заслужен за македонското дело. Бил голем интелектуалец и едно од најистакнатите македонски имиња на Илинденската организација во Софија. Потекнува од Штипско револуционерно семејство, бил војвода и учесник во Илинденското востание. Дипломирал право во Париз, а докторирал правни науки во Брисел. По убедување бил федералист и се борел за самостојна и независна Македонија. Д-р Владо Поповски вели дека Ковачев во своите погледи во однос на македонскиот национален идентитет отишол најдалеку од сите Македонци што тогаш живееле во Софија, факт кој не можел да ги остави спокојни бугарските власти и оние македонски струи кои биле нивни заложници и нивни инструменти.

Д-р Зоран Тодоровски истакнува дека Славчо Ковачев бил еден од ретките македонски дејци кои меѓу првите по Првата светска војна во Бугарија, преку употребата на термините Македонци, македонски народ, македонско население, како и лозунгот Македонија на Македонците, всушност, ја истакнувал посебноста на македонскиот народ, заговарајќи го принципот на негово самоопределување. „Ваквото политичко промакедонско дејствување на Славчо Ковачев му пречеше на раководството на Македонскиот револуционерен комитет и на автономистичкото крило на ВМРО, како и на бугарскиот политички фактор, кои го ставија на нивната смртна листа, заедно со најистакнатите лево ориентирани македонски дејци. Врз основа на писмена смртна пресуда, потпишана од членот на ЦК на ВМРО, генералот Александар Протогеров, тој беше убиен на 13 септември 1924 година во центарот на Софија, само неколку часа пред да го убијат неговиот истомисленик Димо Хаџи Димов“, подвлекува Тодорвски.

Ковачев бил убиен пред своите деца. „Јас не знаев во што беше вината на убиениот од мене Ковачев. Верував целосно во праведноста на решенијата издавани од организацијата и сметав за свој долг да ги исполнам безусловно. Исто така, до моето затворање не знаев дека Тодор Александров е убиен. Инаку, тогаш ќе ги убиев и неговите деца“, ќе изјава неговиот егзекутор, Мирчо Кикиритков.

И Сопругата на Ковачев – Анастасија Размова била позната во Софија. Таа ја играла улогата на Цвета во првата претстава на „Македонска крвава свадба„ на Војдан Чернодрински, изведена во Софија. Кум на нивната свадба бил Борис Сарафов, а девери Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

За тоа како Михајлов ги испраќал тој ден своите терористи да ги ликвидираат најголемите македонски интелектуалци во Софија најилустративно говори искажувањето на атентаторот на Ковачев, Мирчо Кикиритков: „Ме воведоа во една голема широка соба преполна од наши другари, четници. Се отвори соседната врата до неа и се покажа Иван Михајлов. Не' поздрави и возбудено повторуваше како да говореше за самиот себеси: ’Не плашете се, Македонија е слободна‘. При секое влегување подоцна тој одвојуваше еден по еден од другарите, кои што не се враќаа. Разбравме дека нешто се случило и претстои работа за завршување. Телефонот од другата соба непрестано ѕвонеше во неговата рака. Самиот тој таа ноќ неколку пати ’одлета‘ со автомобилот. Но каде? Тоа нас не не' интересираше. Најпосле, кон 8 часот утрото дојде и на мене ред. ’Ќе го смааш ли (по штипски) Славчо Ковачев?‘ ’Каков е?‘ ’Предавник!‘ ’Се согласуваш ли?‘ ’Согласен‘. ’Бакнете се тогаш со Страхил Развиговор, тој ќе ти го покаже‘“, раскажува Кикиритков.

За ликвидациите што Михајлов ги вршел говори и едно писмо што му го испратил на Петар Шанданов, кое требало да биде уништено, но сепак Кирил Прличев го зачувал: „Ова ноќ В’ндев долу ќе го заколе Методи Алексиев (Пандов ја знае шифрата) му даде наредба. Утре вечер ќе завршиме со претставниците Гоце Манолев, Стојо Хаџов, Говедарчето и Медникаров. Таму Филипов веројатно веќе ги убил – Димитар Пенков, Бујнов. Да знаете дека со Ковачев е завршено“, му пишува Михајлов на Шанданов. Тие по четири години ќе станат најголеми непријатели и ќе ги извршат најголемите крвопролевања на софиските улици.

Атентаторот на Ковачев нема долго да остане во затвор. Заедно со Владо Черноземски, кој што истиот ден го убил Димо Хаџи Димов и со други терористи - Стефчо Каркалашев, од Богданци и Ипократ Развигоров кои извршиле други убиства избегале од затвор. Бегството го организирале луѓето на Михајлов со знаење на бугарската власт.

(Продолжува)

No comments: